Испрашувани и заплашувани, украинските цивили бегаат од руска окупација

илустрација

Неодамна една осумнаесетгодишна Украинка за Радио Слободна Европа раскажа како била испрашувана од руски безбедносни службеници додека се обидувала да ја напушти Украина окупирана од Русија.

„Зошто не сакаш да се омажиш за руски војник?“, ја прашале.

Во разговор за украинскиот сервис на РСЕ, младата жена одлучи да остане анонимна бидејќи сè уште има роднини во областите под руска контрола.

Нејзиното сведоштво се совпаѓа со она на другите што даваат слика за тешките патувања, заканите и заплашувањата со кои се соочуваат украинските цивили, доколку одлучат да ги напуштат своите домови во градовите и селата заземени од руските сили.

Заедно со нејзината мајка, таа возеше низ окупираниот Мариупол, Русија и Белорусија.

Средбата со руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) беше најлошиот момент.

„Кога отидовме на граничната контрола, веднаш нè одведоа на испрашување. Нè испрашуваа многу долго“, раскажува таа.

Освен што ја малтретирале за нејзините изгледи за брак, луѓето од ФСБ ѝ се заканувале и на нејзината мајка, велејќи ѝ:

„Нема да се вратиш. Ќе ги оставиш сите роднини што се тука, нема да можеш да ги контактираш, а твоите роднини ќе имаат проблеми.“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Раселени Украинци: сѐ уште не можат да си одат дома

Волонтерската организација наречена „Човештво“ им помогнала на двете жени да заминат.

Коосновачот на групата, Стефан Воронцов, вели дека барањата за заминување се зголемуваат.

Ова може да биде поврзано со потезите на Русија за заострување на контролата во областите што ги окупирала по нејзината инвазија во 2022 година.

На 20 март, рускиот претседател Владимир Путин издаде декрет според кој украинските граѓани морале да го „легализираат“ својот имиграциски статус или да ја напуштат Русија до 10 септември. Од руските окупациски власти во Украина се очекува да ги применат овие правила за Украинците што живеат таму во своите домови.

Со други зборови, Украинците се соочуваат со избор: да добијат руски пасош, да се регистрираат како имигранти или да си заминат.

„Ова е протерување на украинскиот народ од нашите територии, од украинските територии. Ова е тоа што се случува сега“, вели Вотонцов.

Околу една третина од оние што заминуваат се млади луѓе.

„Луѓето не сакаат да останат таму. Таму нема иднина за децата. Нула“, рече тој, додавајќи дека луѓето живеат „во постојан стрес“ веќе три години.

Радио Слободна Европа разговараше и со жена која избегала од руско окупирана област во регионот Херсон, во јужна Украина.

Таа исто така одлучи да остане анонимна.

„На почетокот верувавме дека окупацијата наскоро ќе заврши“, вели таа.

Подоцна, луѓето што избегале почнаа да се враќаат, бидејќи животот во областите под контрола на владата бил тежок.

„Едноставно ја прифативме ситуацијата“.

Но, потоа, нејзините чувства се промениле.

„Кога се приближуваше третата годишнина од целосната инвазија, сфативме дека ќе трае долго време. Почнаа да повикуваат тинејџери за воена регистрација. Се грижев за моите деца и конечно решив да заминам“, рече таа.

Видете и ова: Избришани украински градови во руското самопрогласено „ослободување“

Нејзиното патување ја однело низ логор за филтрирање во окупираниот Крим.

Руските безбедносни сили ги проверувале нејзините телефони и ја испрашувале подолги периоди, особено околу тоа дали има познаници во украинските вооружени сили.

Воронцов вели дека стравот од филтрациските кампови е фактор што ги одвраќа луѓето од обидот да заминат.

„Понекогаш луѓето исчезнуваат, понекогаш се враќаат назад. Затоа е толку тешко всушност да се одлучи да се напушти окупираната територија“, смета Воронцов.

„Секогаш постои ризик дека нешто ќе тргне наопаку за време на филтрацијата. Руските безбедносни сили може да се закачат на емоционална реакција - тие користат психолошки притисок. Ако некој почне да покажува емоции што би можеле да предизвикаат сомневање, тие ќе го забележат тоа и ќе продолжат да притискаат на таа точка“, вели Воронцов и додава:

„Понекогаш, стравот и очајот можат да ги наведат луѓето да кажат премногу или да ја преземат вината за нешто што не го направиле. Тогаш луѓето почнуваат да исчезнуваат или се враќаат на окупираната територија“.