Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака рускиот лидер Владимир Путин да „престане да пука“ и да се согласи на мировен договор за ставање крај на војната во Украина, еден ден откако се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на погребот на папата Франциск во Ватикан.
„Па, сакам да престане да пука, да седне и да го потпише договорот“, им рече Трамп на новинарите на 27 април кога беше прашан какви дејствија бара од Путин.
Трамп, исто така, рече дека неговата средба со Зеленски на 26 април поминала добро, додавајќи дека смета оти Зеленски е подготвен да го отстапи украинскиот полуостров Крим на Русија како отстапка - нешто што украинскиот лидер долго време вели дека никогаш нема да го направи.
„О, мислам дека да“, одговори Трамп кога беше прашан дали мисли дека Зеленски е подготвен да ја „отстапи“ територија што Русија ја окупираше во 2014 година и нелегално ја анектираше.
Средбата на Трамп со Зеленски во Ватикан на 26 април која траеше околу 15 минути, беше нивна прва откако Трамп го избрка Зеленски од Овалната соба во февруари по јавна расправија околу мировните преговори.
„Го гледам Зеленски како посмирен. Мислам дека ја разбира ситуацијата и мислам дека сака да постигнеме договор“, рече Трамп.
Видете и ова: Мировните преговори на високо ниво за Украина во Лондон, се одложениЗеленски рече дека последните разговори претставуваат „многу симболичен состанок што има потенцијал да стане историски, доколку постигнеме заеднички резултати“.
Трамп го постави завршувањето на 38-месечната војна како врвен приоритет откако ја презеде функцијата пред речиси 100 дена, повикувајќи на итен и целосен прекин на огнот, минатиот месец.
Иако Зеленски се согласи со предлогот на Трамп, Путин продолжи да преговара за деталите од прекинот на огнот со Вашингтон.
Експертите велат дека Путин ги одложува разговорите затоа што неговите сили имаат предност на бојното поле, а прекинот на огнот на сегашната линија на контакт би го оставил без целта за целосно заземање на четирите региони во источна Украина за кои Русија тврди дека ги анектираше во 2022 година: Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон.
Експертите велат дека отстапувањето територија на Русија би било политички и уставно невозможно за Зеленски.
Украинските граѓани и пратеници остро се спротивставуваат на идејата.
„Никогаш нема да го признаеме Крим како дел од Русија“, изјави за АП Олександр Мережо, пратеник од партијата на Зеленски.
Претходно истиот ден, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека договорот за ставање крај на руската инвазија на Украина е „поблиску“, иако Зеленски повика на поголем меѓународен притисок врз Кремљ по последниот бран напади по линијата на фронтот.
„Тие (Русија и Украина) генерално се поблиски отколку што беа во последните три години, но сè уште не се таму“, рече Рубио во интервју за NBC News на 27 април.
По средбата со Зеленски, Трамп упати ретка критика до Путин, осудувајќи ги континуираните напади на Русија врз Украина, во кои загинаа десетици цивили во последните две недели.
„Немаше причина Путин да испукува ракети врз цивилни области, градови и села, во последните денови. Ме тера да помислам дека можеби не сака да ја запре војната, само ме влече и дека со него мора да се постапува поинаку, преку „банкарство“ или „секундарни санкции“, напиша Трамп во објава на социјалните мрежи на 26 април.
Но, критиките на Трамп кон Путин дојдоа кратко откако тој ја даде својата најсилна изјава досега за потребата Украина да отстапи територија на Русија за да се обезбеди мировен договор.
Тој во интервју за списанието „Тајм“ објавено на 25 април изјави дека „Крим ќе остане со Русија“.
Видете и ова: На лондонските разговори пренатрупана агенда за европските, украинските и американските преговарачиРусија сака секој мировен договор да ја признае нејзината контрола врз речиси 20 проценти од Украина, вклучувајќи го и Крим.Тој, исто така, сака Украина да биде демилитаризирана и надвор од НАТО. Москва, исто така, го отфрли барањето на Киев за западни мировни сили кои ќе го следат секој договор за прекин на огнот.
Во интервју за NBC, Рубио рече дека Москва исто така ќе мора да направи отстапки, иако американската администрација досега не презентирала конкретни предлози.
Европските претставници и американските демократи се спротивставија на некои американски предлози за завршување на војната.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус на 27 април изјави дека Киев не треба да се согласи со предлозите на САД што би вклучувале отстапување на територија на Русија.
Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, изјави дека би било грешка САД да ја разгледаат можноста за признавање на окупираниот Крим како руска територија како дел од мировниот договор.
„Крим е Украина“, нагласи Калас, додавајќи дека ЕУ никогаш нема да го признае полуостровот како дел од Русија.
Чак Шумер, водечкиот американски сенатор од редовите на демократите, рече дека е загрижен дека Трамп ќе „попушти пред Путин“.
На бојното поле, Русија изврши бројни воздушни напади низ Украина на 27 април, при што, според украинските власти, загинаа најмалку четири лица.