Достапни линкови

Украинска делегација ќе оди во Лондон на преговори за прекин на огнот


Украинскиот претседател Володомир Зеленски и британскиот премиер Кит Сатрмер, 1 март 2025 година
Украинскиот претседател Володомир Зеленски и британскиот премиер Кит Сатрмер, 1 март 2025 година

Сојузниците на Украина утре (23 април) ќе се сретнат во Лондон на разговори за прекин на огнот, изјави за АФП висок функционер од Киев, додека САД и европските сојузници се залагаат за крај на војната, по повеќе од три години од руската инвазија.

Изворот, кој зборуваше под услов да остане анонимен, не кажа кој од Украина ќе присуствува на средбата што претставува продолжение на разговорите во Париз минатата недела каде што американскиот државен секретар Марко Рубио го презентираше планот на Вашингтон за завршување на војната.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги притиска сите страни да прифатат прекин на огнот, но засега не успеа да извлече никакви големи отстапки од Кремљ и покрај повторените преговори и краткото примирје објавено од рускиот претседател Владимир Путин за Велигден.

САД и Европа побрзаа да ѝ помогнат на Украина кога Русија изврши инвазија во февруари 2022 година, обезбедувајќи оружје и финансии за да ѝ помогнат да се одбрани од московската армија.

Но, Трамп долго време се спротивставуваше на таа поддршка, а накратко го прекина и споделувањето разузнавачки информации и снабдувањето со оружје на Киев.

Тој се залага за спогодба за која многумина во Украина стравуваат дека би можела да ја награди руската агресија.

Франција и Велика Британија се обидоа да ја обединат Европа да ја зголеми својата поддршка за Украина откако Трамп се врати во Белата куќа.

Тие ги предводат напорите за составување „коалиција на оние што се подготвени да испратат војници во Украина за да спроведат какво било идно примирје“.

Се чини дека разговорите доаѓаат откако рускиот претседател Владимир Путин фрли сомнеж врз предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за запирање на воздушните напади врз цивилната инфраструктура.

Путин го обвини Киев дека користи цивилни објекти за воени цели, но ја остави отворена можноста за билатерални разговори со Киев за да се разговара за идејата.

Двете страни објавија намалување на борбите за време на велигденското примирје, во кое, според Зеленски, немаше воздушни предупредувања за претстојните руски напади.

Киев и неговите сојузници го обвинија Путин дека го користи примирјето како пропагандна вежба и велат дека Кремљ нема вистинска желба да ја запре инвазијата.

Во меѓувреме, Военото воздухопловство на вооружените сили на Украина соопшти дека во текот на ноќта Русија лансирала 54 беспилотни летала, од кои 38 биле соборени, додека останатите 16 не стигнале до целите. Нападнати биле регионите на Одеса и Киев.

Се наведува дека нападот од воздух е одбиен со помош на авијација, противвоздушни ракетни единици, опрема за електронско војување и мобилни огнени групи на украинската одбрана.

XS
SM
MD
LG