Поранешната градска депонија Вардариште утринава повторно гори, а жителите на скопските населби Аеродром и Ново Лисиче алармираа дека се разбудиле во густи облаци чад и задушлива миризба што им навлегува во домовите.
Граѓаните повторно реагираат во очај и страв за здравјето и покрај тоа што правосудните органи рекоа дека веќе гонат тројца осомничени за претходниот пожар на 31 август.
Но, ниту притворот што го бара Обвинителството, ниту протестите на жителите, не спречија оваа депонија повторно да се запали и да ја загадува животната средина на Скопје.
Граѓаните на Аеродром и Ново Лисиче секој ден оваа недела ја блокираа раскрсницата „АСНОМ“ – „Србија“, а за денеска (5 септември) е најавен нов протест.
Протест на жителите на скопската населба Аеродром и Ново Лисиче поради загадувањето од пВардариште. 03.09.2025
Но, отпадот на оваа локација загадува со години и не само воздухот, туку и почвата и подземните води, а активистите велат дека загадувањето е многу сериозно и треба да се реши итно.
„Чадот и огновите во депонијата на кои граѓаните реагираат се видливи, но многу поопасно е тоа што не се гледа со голо око и за кое никој не зборува. Таа депонија загадува преку исцедоци на вода, се создава метан од тој отпад што скапува таму со години и мора да се реагира веднаш“, вели за РСЕ Дејан Димитровски од граѓанското здружение „Зелените од Гази Баба“.
Тој е 50-годишен жител на Гази Баба и поранешен советник во оваа скопска општина, кој посочува дека иако депонијата е лоцирана на територијата на Гази Баба, надлежноста за неа ја има Град Скопје.
Крематориум за кабли
Сведочењата на активистите и жителите на Гази Баба се дека пожарите се случуваат поради тоа што одредени лица и бизниси заработуваат од палење на отпад кој содржи бакар кој потоа го продаваат.
За да го извадат бакарот, претежно од кабли, тие ги палат каблите, а огнот потоа се проширува и на останатиот отпад во депонијата.
„Ние долго време сме таму на таа депонија. Јас два пати сум таму физички напаѓан и буквално имав спасено жива глава“, вели Димитровски.
Проблем според него е и тоа што граѓани таму фрлаат секаков вид отпад, главно градежен шут, но и одредени фирми кои отстрануваат отпад за да не плаќаат во Дрисла – единствената легална депонија во земјава која исполнува некакви стандарди.
Вардариште е поранешна градска депонија на Скопје, лоцирана на левиот брег на реката Вардар, веднаш под индустрискиот комплекс „Металски завод Тито“, на околу седум километри од центарот на градот.
Иако е затворена пред три децении, локацијата и денес претставува сериозен еколошки ризик.
За санација на просторот е изработена физибилити студија уште во 2014 година од Град Скопје.
Според документот, на површина од 25 хектари биле разгледувани повеќе идеи за трансформација на просторот – парк, мини голф, терени за пеинтбол и расадник со рози.
Намерата била Вардариште да прерасне во спортско-рекреативна зона што ќе им служи на граѓаните, наместо во извор на загадување.
Санацијата, според проценките, би чинела најмалку 40 милиони евра и би траела околу 26 месеци, иако активистите се скептични дека за толку краток временски период би можело да се изведе такво нешто.
Пожар на Вардариште. 05.09.2025.
Но, за да може Град Скопје да донесе изведбен проект за санација на Вардариште, потребно е прво Општина Гази Баба да донесе два детални урбанистички планови (ДУП).
Со години се чека на два ДУП-а во Гази Баба
Активистите на граѓанската организација „О2 иницијатива“ велат дека Општина Гази Баба „сите изминати години и децении го кочеше процесот со неносење на ДУПовите за Вардариште, иако се крајно едноставни и лесни за изработка“.
„Овие два ДУПа се ставени дури во февруари годинава во Годишната програма за финансирање и изработка на урбанистички планови за 2025 година на Владата. Изработката ја врши Агенцијата за планирање на просторот. Сега ќе чекаме Агенцијтаа да ги изработи, па потоа да се изгласаат од страна на Советот на Гази Баба“, наведуваат од „О2 Иницијатива“.
Побаравме одговор од Општина Гази Баба зошто со години не се донесени деталните урбанистички планови за Вардариште, иако тие се клучен предуслов за почеток на санацијата на поранешната депонија.
Оттаму ни одговорија дека општината донела ДУП за едниот блок, а дека за останатите два блокови на почетокот на годината доставила барање до Министерството за транспорт и врски за нивна изработка, на што добила позитивен одговор, а ДУПовите биле ставени во програмата за изработка во оваа година.
„Веднаш штом ги добиеме изготвени од Министерството плановите, ние веднаш истиот ден на седница на Советот на општина Гази Баба ќе ги донесеме“, се вели во одговорот.
Пожар во депонијата „Вардариште“ 08.08.2024.
И додека се чека општината да ги донесе ДУПовите, освен палење на депонијата, фирмите и граѓани кои иструраат отпад, се прави и претовар и депонирање на отпад од страна на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
ЈП Комунална хигиена до објавувањето на текстот не ни даде одговар зошто ја користат локацијата за претовар и отстранување на отпад, иако таа не исполнува никакви услови и стандарди и имајќи го предвид ризикот од загадување и близината до реката Вадрар.
Димитровски вели дека со години реагираат до надлежните за загадувањето од депонијата. Барале да се стават рампи и камери, но ништо од тоа не е реализирано, вели тој.
„Кога требаат ДУП-ови за згради се вадат за 5 минути, а овие не им се интересни веројатно бидејќи нема станови“, вели Димитровски.
Иако Вардариште официјално е затворено веќе со години, депонијата која и денес не е затворена за внесување на отпад и спаѓа во Класа III, според постоечката физибилити студија од 2014 година.
Локацијата, според овој документ, е на подрачје со потенцијални подземни води со добар капацитет, но со нарушен квалитет поради долгогодишното складирање отпад.
Пожар во депонијата „Вардариште“, 11.09.2023.
Анализите на исцедокот покажале присуство на тешки метали – најмногу никел и хром над дозволените граници, што претставува трајна опасност за животната средина.
Но, иако физибилити студијата од 2014 година предвидува Вардариште да се претвори во зелена оаза со паркови и голф терени, само две години подоцна со Регионалниот план за управување со отпад просторот е замислен поинаку – како претоварна станица за отпад од повеќе општини, велат од О2 Иницијатива.
Проблемот, велат од граѓнаската организација, е што Вардариште со години функционира како таква претоварна станица, иако не ги исполнува ниту основните стандарди за претоварни локации – нема систем за собирање исцедок, заштитни огради, мерни уреди или контролиран рок за чување на отпадот, а дополнителен ризик според нив претставува и близината до реката Вардар, која знае да се излее.