Зеленски бара Русија да ги врати депортираните украински деца

Колаж од слики што ја прикажуваат милитаризацијата на украинските деца на териториите окупирани од Русија во Украина

На шеснаесетгодишна возраст, Владислав Руденко бил заробен од руските сили и држен девет месеци во детски кампови во Крим и Херсон, окупирани од Русија.

За разлика од околу 20 000 други млади украински граѓани, Руденко беше спасен од невладината организација „Спаси ја Украина“ и по девет месеци заробеништво, вратен на територија контролирана од Украина.

Претседателот Володимир Зеленски и други украински претставници велат дека сега се фокусирани на судбината на илјадници украински деца кои остануваат во руските окупираните области или во она што Москва го нарекува „центри за рехабилитација“.

„Овој злостор мора темелно да се истражи, а одговорните мора да бидат повикани на одговорност“, рече министерот за надворешни работи Андриј Сибиха за време на викендот, на почетокот на кампањата „За децата не се преговара“(ChildrenAreNonNegotiable).

„Праведен и траен мир бара враќање на сите тие украински деца дома“, порача Сибиха.

Американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи завршувањето на најдолгиот конфликт во Европа од Втората светска војна за свој врвен приоритет на надворешната политика, откако ја презеде функцијата пред три месеци.

Иако разговорите се движеа помеѓу неколку спорни прашања, украинските официјални лица ја задржаа репатријацијата на сите оние што се земени од Украина како главна тема на разговор.

Украинските власти ја обвинија Москва за оркестрирање на она што некои групи го нарекоа „системска депортација“ на деца од Украина во делови од земјата контролирани од Русија или дури и подалеку до дестинации во Русија и нејзиниот сојузник, Белорусија.

Видете и ова: Како Русија ги подготвува децата во окупираните делови од Украина за војна против сопствената земја

Доказите собрани минатата година од белорускиот сервис на РСЕ и Шеми-истражувачката единица на украинскиот сервис на РСЕ, покажуваат дека камповите биле користени за да се научат младите Украинци да се идентификуваат со концептите промовирани и од Москва и од Минск.

Ова следеше по студијата од ноември 2023 година на Лабораторијата за хуманитарни истражувања на Училиштето за јавно здравје на Јеил, која откри дека патувањата на украински ученици во Белорусија со придружба биле координирани од Белорусија и Русија како дел од таканаречената Заедничка држава на двете земји.

Студијата наведува дека процесот вклучува „превоспитување“, кое се дефинира како „промовирање на културни, историски, социјални и патриотски пораки или идеи што им служат на политичките интереси“ на двата режима.

Според истиот извештај, воената обука, вклучувајќи ги и војниците на Министерството за внатрешни работи, се одвивала со „најмалку шест групи деца“.

Видете и ова: Незаконски трансфер: одземените украински деца во рускиот систем на посвојување

Порано овој месец, Руденко за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа изјави дека во времето додека бил заробен од руските власти, неговата дневна рутина имала очигледна насока.

„Се будевме со руската химна, го кревавме знамето, правевме вежби. По појадокот, ни раскажаа што се случило во Русија преку ноќ. Буквално. Потоа гледавме руски филмови“, рече Руденко сеќавајќи се на времето поминато во логорите.

Според Лабораторијата за хуманитарни истражувања на Јеил, повеќе од 8400 деца од Украина се систематски преместени во најмалку 57 објекти: 13 објекти во Белорусија и 43 објекти во Русија и териториите окупирани од Русија.

Според официјалниот украински владин портал childrensofwar.gov.ua, многу поголем број или околу 20 000 биле земени, а само 1300 деца биле успешно вратени.

„Го потсетуваме светот дека без враќање на децата киднапирани од Русија, војната не може да се смета за завршена“, се вели во соопштението објавено од канцеларијата на Зеленски за време на Велигденските празници.

Видете и ова: Украински тинејџер по депортацијата во Русија, вратен во Украина: Духот не ни е скршен

Вашингтон го поддржа Киев во врска со репатријацијата на децата, велејќи минатиот месец дека останува посветен на поддршката на размена на воени заробеници, ослободување на цивилни притвореници и враќање на насилно раселени украински деца.

Сепак, украинските власти се загрижени дека неодамнешните потези за намалување на буџетот од страна на администрацијата на Трамп би можеле значително да ги попречат истрагите за тоа каде се преместени децата и напорите за олеснување на нивното враќање.

Во меѓувреме, Каролина Хирд, заменик-водач на тимот и аналитичар во Институтот за проучување на војната, американска непрофитна истражувачка група, предупреди дека украинските тинејџери принудени да прифатат руско државјанство би можеле да се соочат со регрутација во руската армија и би можеле да бидат принудени да се борат против сопствениот народ, што претставува кршење на меѓународното право.

„Преговорите и прекинот на непријателствата, без оглед на депортираните деца ќе ѝ дадат на Русија моќ да продолжи да ги извршува овие злосторства со апсолутна неказнивост“, заклучува Хирд.