Програмата за семејни хипотеки на руската влада почна да нуди субвенционирани кредити за руски граѓани кои сакаат да купат имот во украински градови, вклучувајќи и некои кои се под контрола на Киев.
Некои од украинските градови на листата, како што се Мелитопол и Приморск, остануваат под руска окупација, додека други како што се Херсон, Берислав и Снихуривка се вклучени во програмата и покрај тоа што се повторно освоени од украинските сили.
Dom.rf е финансиската институција што ја управува програмата. Таа ги нуди овие хипотеки на семејства со деца под 7 години од 1 април.
Во градовите што сѐ уште се под украинска контрола, секојдневниот живот продолжува и покрај заканата од напади.
Краматорск, административниот центар на регионот Донецк беше повторно освоен од украинските сили во летото 2014 година, за време на раните фази од конфликтот во источна Украина.
Денес, тој е дом на околу 60 000 луѓе.
„Ако некој го купи мојот стан или куќа, ќе му ги скршев рацете и нозете. Како поинаку би можел да реагирам?“ вели Микола, 55-годишен наставник кој живее во близина.
„Замислете некој да ви го купи домот без ваше знаење - како би се чувствувале?!“
„Политички маневар“
Иако повеќето училишта во Краматорск беа уништени од ракетни напади, а часовите сега се одржуваат преку интернет, болниците, продавниците и другите основни услуги остануваат оперативни, јавуваат новинарите на Радио Слободна Европа на терен.
„Верувам дека Русија го прави ова да изврши психолошки притисок врз Украинците и да го дестабилизира нашето општество“, убеден е Микола.
Русија тврди дека украинските региони Херсон, Запорожје, Донецк, Луганск и Крим се дел од Руската Федерација - тврдење кое е широко отфрлено од меѓународната заедница.
Рускиот економски коментатор Николај Кулбака за РСЕ изјави дека иницијативата за хипотеки е политички, а не економски мотивирана.
„Не очекувам голем обем на купувања во рамките на оваа програма. Ова е првенствено политички маневар насочен кон прикажување на овие области како дел од нормалниот руски живот“, вели Кулбака.
„Длабока лутина“
Херсон, уште еден украински град наведен во програмата, беше првиот голем украински урбан центар што падна во рацете на руските сили кратко откако Москва ја започна целосната инвазија во февруари 2022 година, пред да биде повторно освоен од Киев осум месеци подоцна.
Денес, 49-годишниот Володимир Молчанов живее во Херсон со своите родители откако неговиот стан во градот беше уништен. Неговата сопруга и син се преселија во Одеса.
„Чувствувам длабока лутина. Во исто време, разбирам дека ова е пропаганда - еден вид тактика на ширење дезинформација наменета да сигнализира сила во тековните преговори зад сцената со Соединетите Држави“, вели Молчанов.
Иако Мариупол е под руска контрола, тој не е вклучен во иницијативата за хипотеки. Во април 2023 година, украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека над 90 проценти од пристаништето на Црното Море е уништено.
Според рускиот весник „Новаја Газета“, оваа владина хипотекарна програма нуди кредити со каматна стапка од 6 проценти или речиси пет пати поевтино од моменталниот пазарен просек во Русија.
Нема официјални податоци за тоа колку руски граѓани аплицирале за хипотека или купиле имот во Украина во рамките на оваа програма.
На 20 март, рускиот медиум RBK контактираше со Dom.rf за коментар, но не доби одговор.
Веб-страницата на Dom.rf не кажува јасно како Русија ќе им ги распредели купените станови во градовите контролирани од Киев на своите граѓани.
Вкупниот број на руски граѓани кои се преселиле во окупираните украински градови од 2014 година, исто така, останува нејасен.
Сепак, според Канцеларијата на украинскиот претседателски претставник во Автономната Република Крим, приближно 1 милион Руси се населиле само на Крим, откако тој беше нелегално анектиран од Москва пред повеќе од 11 години.