По вообичаеното седум годишно потполно игнорирање од Министерството за култура, „Прилеп џез викенд“ за своето осмо издание не доби ниту денар, ниту некакво навремено и логично појаснување за таквиот потег и од локалната самоуправа. Сепак, во градот под Маркови кули, за жал со дво неделно задоцнување, наместо во последниот викенд од август како по традиција сега веќе во средината на септември, благодарение на иницијативноста на учесниците во програмата, главно врвни македонски музичари и луѓе од бизнисот, а посебно на сонот и упорноста на групата ентузијасти собрани околу Здружението ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, фестивал ќе има. Разбирливо без префиксот „Интернационален“, кој во случајов е оставен за некои идни подобри и по разумни времиња, но сепак ќе го биде.
И, тоа не било каков, туку онаков на каков што навикнале прилепчани и гостите во оваа пригода. Со сите нишани, но само со една додавка – годинава прв пат во кратката и слатка историја на случувањето, поради ваквиот след на настаните, „заборавот“ од страна на институциите кои треба го чувствуваат пулсот на граѓаните и се разбира соодветно да реагираат на интересот на оние што плаќаат данок, џез викендот се сели во Кино Мис Стон и за трите концерти вечери оние вообичаени над 700 - 800 редовни посетители ( или ајде ако сакате половината од нив) ќе мора да издвојат цели 400 денари за што дополнително ќе добијат примерок од историската двојна це-де компилација на која се документирани снимките избрани од артистите кои досега настапиле на отворената сцена во Домот на културата „Марко Цепенков“. А, само да потсетиме мисијата на Фестивалот си останува и натаму иста: поддршка на домашната џез продукција, негување на добриот музички вкус и создавање на нова џез публика, посебно меѓу младите луѓе.
Дориан Јоановиќ
Инаку, осмиот „Прилеп џез викенд“ ќе започне филмски. Со проекција на одличниот документарец од 1997 година посветен на една од највлијателните светски издавачки куќи BLUE NOTE ( инаку дом на великани како Мајлс Дејвис, Џон Колтрејн, Херби Хенкок, Телониус Монк...) во режија на Јулијан Бенедикт и Андреас Морел, а добиен благодарение на остварената соработка со „Скопје синема сити“. Веднаш потоа, публиката ќе има можност да го проследи новиот проект на Дориан Јовановиќ, музичарот чие име е нераскинливо врзано за СТРИНГ ФОРСИС, ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ... и за СЕТ, КАЛДРМА, ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ ОРКЕСТАР... Тој во оваа пригода посегајќи по утот, инструментот во чии тајни и можности долги години се обидува да проникне, ќе настапи со перкусионистот Филип Крстевски и басистот Зоран Павловски.
Вториот ден на фестивалот обединува квалитетни изведувачи со големо искуство, кои своето музичко знаење го стекнале во земјава и странство. Тоа се незаобиколниот инструменталист, композитор, аранжер и професор Тони Китановски ( овде придружуван од тапанарот Виктор Филиповски и басистот Оливер Јосифовски) и џез ансамблот КУКУРЕК, чии членови ( читај алт саксафонистот Кирил Кузманов, Трајче Велков на труба, пијанистот Гордан Спасовски, Кирил Туфекчиевски на бас и погоре споменатиот Филиповски) се едни од најквалитетните и најмоќни македонски џез музичари од помладата генерација.
КУКУРЕК
Финалната вечер е резервирана за квартетот на извонредниот гитарист Џоле Грујовски кој ќе настапи придружуван од басистот Јосифовски, Филип Димишковски на пијано и Александар Ванчовски на тапани, и КАБАДАЈАС во основната трио формација ( Џоле Максимовски – бас, Дино Милосављевиќ – тапани и Зоран Костадиновски – гитара), која креира мешавина од традиционални ритми со длабоко понирање во сферите на џез фузиите.
- Од Министерство за култура традиционално секоја година добиваме „корпа“, а годинава за жал не добивме подршка ни од локалнава самоуправа. Досега континуитет си имаше од Општината, дури Џез викендот и годинава беше ставен во нивната Програма за култура. Меѓутоа дали се работи за некои нивни приоритети нивни во одвивањето на Програмата или за трошење на средства, не би знаел. Ја немаме информацијата. Не сум ја добил сеуште, вели Гоце Бојкоски од Здружението ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ.
Тој и со дополна дека за жал Министерството за култура не „успеало“ или можеби не сакало да го забележи квалитетот на Фестивалот сите овие години. Смета дека покрај Скопскиот џез фестивал, „Прилеп џез викенд“ е единствениот кој успеа да изгради континуитет и да се стекне со голем број на публика. Дека е неколку скалила погоре од Тетовскиот џез фестивал и Кумановскиот џез фестивал кои редовно се на листата на манифестациите кои имаат завидна помош од државата. И, во моментите, како што вели, кога имале готова интернационална програма која требало да го заокружи растот, по таквиот след на настаните ( без денар помош) речиси и да се размислувале да сторат пауза и да видарт што понатаму. Но, на иницијатива на македонските џез музичари, луѓето кои работат со озвучување и бинска опрема, други драги пријатели кои едноставно сметале дека не смее да има дупка во одот на манифестацијата, тие како организатори се решиле да продолжат понатаму.
- Не би рекол дека инаетот ќе не води натаму во развивањето на оваа приказна. Упорноста е во прашање. Од тоа што институциите не множат со нула нема да зависи ниту квалитетот, ниту иднината на Фестивалот. Сега, уште со време, ќе се ангажираме да најдеме спонзори и така да не се потпираме на нив. Одиме натаму. Тоа од нас го бараат и граѓаните на Прилеп кои во последниве 20 дена масовно се јавуваат за да видат што се случува и дали ќе го има Фестивалот. Има реакции. Тие го засакаа овој бренд, а наша обврска е да не отстапиме од основната идеја што не води сите овие години. Затоа како засебна институција „Прилеп џез викенд“ ние продолжуваме натаму независно дали тоа му се допаѓа или не некому, смета Бојкоски.