СУПЕРХИКС својата 25-ка на современата македонска музичка сцена ја заокружија со супер концерт. Со настан кој доликува на голем бенд каков што тие се од поодамна. Бенд кој има верна армија на следбеници од повеќе генерации – некои родени кога тие започнале, та дури и многу потоа. И што е најважно кој и по толку време присутност не се штеди во потребата да испорача немерено многу енергија и двојно повеќе оптимизам од сцената. Затоа и не постои друг збор освен триумф за она што тие го сторија во Младински културен центар - Скопје, така за јубилејот испишувајќи уште една значајна страница во храбрата историја на македонскиот рокенрол.
Но, да тргнеме со ред.
Најнапред една битна констатација. Нема сомнение дека повеќе од исправна била одлуката на Петар Младеновски, Борис Минов, Дарко Попов, Симе Златков, Александар Спасовски, Бранко Илиевски, Гоце Лалковски: славеничкиот концерт СУПЕРХИКС да го стокмат во некој клуб. Во атмосфера која до усвитување ќе го подгрее љубопитството на верните следбеници. Уште повеќе тоа да биде Дансинг салата на МКЦ која, иако и досега не се има покажано како нешто гостопримлива во однос на акустиката, се чини дека сепак е единственото „културно“ место кое гарантира саглам директен контакт со публиката. Со оние кои се спремни да ги раскинат грлата ловејќи ја омилената песна и да го следат ритамот колку тој да ги фрла лево или десно. Да му се препуштат на лудилото.
И се случи тоа што се случи. Ова беше еден од ретките концерти кои на шест дена пред одржувањето беше ПРОДАДЕН и потем почна трката за карта повеќе. А на само десеттина минути пред неговиот почеток, салата и приодите до неа беа комплетно исполнети. Немаше игла каде да се фрли. Нешто на што како да сме заборавиле, а во истиот простор во годиниве наназад богами се извртеа и многу звучни па дури и „светски“ имиња.
СУПЕРХИКС перформанс го почнаа со силен атак на сите сетила. Најнапред симболично со „Ти треба некој“, па потоа следуваа ангажираната „Жал ми е за децата“, „Раде“...
И не требаше многу, па со „Не сум твој тип“, „Рампарарам“ и „Песни глупави лесни“ вулканот во гледалиштето дефинитивно зовре. Присутните нештедливо им се нафрлија на омилените хитови, а на Пеце и бандата и се разбира и на нивните бројни гости на сцената (а ги имаше дузина), не им преостануваше ништо друго туку само да ја канализираат енергијата и да уживаат во моментите на споделување на радоста. Бесценето.
Така едноставно стана неважно што во еден момент на Дарко ќе му пукне кожата на тапанот, па фронменот ќе мора со малку подолг монолог да го покрива чинот на менувањени така со ред. Се чекаше само новата песна и мотивацијата да се скокне повисоко. Да се развлече што подолго насмевката. Човек да и се препушти на примарната емоција. Да му се радува на животот во кој една по друга се редат „Пауза“, „Графити“, „Чкембе чорба“, „Другар“, „Знам дека љуби“, инспиративната верзија на класикот на МОТОРХЕД – „Ace of Spades“, „Мајмуни“, „Гол“, „Машенка“, песни чии стихови се повеќе огледало на срединава заробена од трговците на политичка магла и нивните новокомпонирани следбеници отколку репертоарна „должност“.
Ова, пак, особено беше очебијно во миговите кога бендот го јавна татнежот на химничната „На лута рана“, во која на бандата со сета своја бунтовност и се приклучи Ѓорѓи Илиоски од СМАТ, и каде она „лута ганџа“ како преубав крај на единствениот стих беше пречекано со френетичност што боли до коска, но наедно говори посилно за нас дури повеќе од стотина испишани страници текст.
И, потоа разбирливо рафално беа испорачани саркастичната „Африка“, „Не не сум јас“, „Едно лето“, така ставајќи точка на средбата која го зацврснува уверувањето дека СУПЕРХИКС, со петте студиски албуми и присуството на тројно повеќе компилации, концерти на значајни фестивали како „Егзит„, „Пепси Зигет“, „Ин мјузик“, „Таксират“, турнеи по регионот и во поголемиот дел од земјите во Европа е несомнено една од нашите значајни (суп)културни гордости.
Бенд кој не живее улулкувајќи се во ловориките за сопствената историчност, туку кој катадневно работи на желбата да биде плодотворен во дадениов простор и време. И не само во матичната средина, туку и како еден од препознатливите светски претставници на она што е именувано како ска-панк со примеси на реге, свинг, латино, џез, музика.
И, збор за активистичките пораки од славеничкиот концерт кои од своја страна и тоа како многу говорат за ставовите на ХИКСИ. Имено, како и многупати порано, тие и во оваа пригода гласно ја крикнаа пораката „Храна, а не оружје!!!“, а згора на тоа во случајов ја поддржаа и битката на лицата болни од Мултиплекс склероза. Човечки и многу на место. Како пример и за сите „заборавени“.
Конечно, како и во случајот со БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА, нема сомнеж дека и СУПЕРХИКС ќе треба да се решат атмосферата од концертните настапи да ја пренесат на носачи на звук и на слика. Оти реално нивната пројава пред публиката и сето лудило што знаат притоа да го предизвикаат се далеку над студиските ограничувања. Впрочем перфекционизмот и никогаш не бил условот за нивната опстојба. Напротив. Публиката нив ги љуби и почитува онакви какви што се – совршено несовршени. Но, моќни и искрени.