Достапни линкови

Вести

Муртезани: Пристапните преговори да се заштитат од билатерални условувања

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани на средбата во Берлин со неговиот германски колега Гинтер Крихбаум
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани на средбата во Берлин со неговиот германски колега Гинтер Крихбаум

Процесот на проширување треба да остане заштитен од билатерални блокади и неопходно е воспоставување ефективни европски механизми за воведување и мониторинг на европските стандарди и експертиза, особено во доменот на историските и билатерални прашања, со цел да се обезбеди правичност и предвидливост на патот кон членството, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани на средбата во Берлин со неговиот германски колега Гинтер Крихбаум.

Според соопштението на Министерството за европски прашања, Муретезани на средбата изразил благодарност за континуираната германска поддршка, особено за принципиелниот пристап на Берлин одвојувањето на билатералните прашања од пристапниот процес, како што беше потврдено и за време на германското претседателство со Советот на ЕУ во 2020 година.

„Во фокусот на разговорите биле и прашањата поврзани со евроинтегративниот процес при што заеднички беше констатирано дека трансформативната моќ на европската интеграција може да се реализира единствено преку пристап базиран на заслуги, кој ќе овозможи јасна и опиплива перспектива за граѓаните на земјите-кандидати“, стои во соопштението на Министерството.

Според Муртезани европскиот проект не може да биде целосен без интеграцијата на Западниот Балкан и дека реформите се услов без кој не може да се напредува, но и дека Унијата мора паралелно да обезбеди сопствена институционална подготвеност за проширување.

Муртезани и Крихбаум разговарале и за актуелната Реформска агенда на Северна Македонија и за улогата на германските институции во евроинтегративниот процес преку поддршка на структурните реформи, јакнењето на владеењето на правото и доброто управување, како и преку реализација на бројни Твининг и Таекс проекти каде Германија често е водечки партнер.

Соговорниците размениле мислења за понатамошно унапредување на регионалната соработка преку Берлинскиот процес, кој претставува клучна платформа за зајакнување на добрососедството, економската интеграција и мобилноста во Западен Балкан, како и за реализација на Зелениот договор и Заедничкиот регионален пазар.

Македонските преговори за членство во ЕУ не започнаа со отворањето на кластерот фундаментални вредности, поради неисполнување на условот за уставни измени со кои бугарското малцинство треба да биде вметнето во Преамбулата.

Инаку македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава.

Софија во 2022 го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав.

Братот на затворениот новинар на Радио Слободна Европа, Ихар Лосик, побегна од Белорусија по судењето

Микита Лосик по бегството од Белорусија.
Микита Лосик по бегството од Белорусија.

Микита Лосик, помладиот брат на затворениот новинар на Радио Слободна Европа/Радио Либерти (РСЕ/РЛ), Ихар Лосик, избега од Белорусија откако беше осуден на три години затвор за „екстремистички активности“ поради испраќање фотографии од руска воена опрема до Телеграм каналот „Беларуски Хаџун“.

25-годишниот софтверски инженер неодамна беше евакуиран на безбедно место од Фондацијата БајСол, организација која ги поддржува белоруските политички затвореници и дисиденти. Деталите за преселбата не беа откриени.

„Бев навреден“, изјави Микита за РСЕ/РЛ, осврнувајќи се на денот во февруари 2023 година кога бил сведок на конвој од руски тенкови и возила за воздушна одбрана обележани со провоените симболи „Z“ и „V“ како минуваат низ источниот град Орша, каде што работел во фабрика за машински алати.

„Ни кажаа дека Белорусија е мирна земја, но тука ние помагавме во воените напори на Русија на сред бел ден. Морав да дејствувам“, додаде тој.

Лосик рече дека направил неколку фотографии и ги доставил до „Белоруски Хаџун“, популарен онлајн канал за следење кој известува за воените активности низ Белорусија.
Повеќе од две години подоцна, на 9 април 2025 година, животот на Микита нагло се промени.

Во 6 часот наутро, осум вооружени мажи со маски упаднаа во неговата соба во студентскиот дом во Орша.

„Го приковаа мојот цимер на земја. Првото нешто што ми падна на памет беше дека помислив дека бараат криминалец или нешто слично. Потоа ме натераа и мене да се спуштам“, се присети Микита.

Потоа еден полицаец во цивилка му покажа пораки од Телеграм што одамна ги избришал.

Микита беше врзана со лисици и однесен во полициска станица на испрашување.

„Еден од нив се потсмеваше: „Сакаш да бидеш во следната ќелија со твојот брат?“ Се пошегував: „Секако, помина доста време откако се видовме.“ Не ја ценеа шегата,“ рече Микита.

Тој брат е Ихар Лосик, добро познат блогер и новинар од Белорускиот сервис на РСЕ, кој беше осуден во 2021 година на 15 години затвор во затворено судење кое беше широко осудено од групите за човекови права.

Микита беше задржан во притвор, каде што ги опиша условите како „брутални“.

„Не ме тепаа, но вербалната злоупотреба беше постојана“, рече Лосик.

Неговиот брат, Ихар Лосик, останува во затвор, откако веќе отслужи повеќе од пет години. Тој е една од најистакнатите жртви на сеопфатното репресирање на белорускиот режим против неистомислениците по спорните претседателски избори во 2020 година.

За Ихар Лосик не се слушнало речиси две години, освен краткото појавување во јануарско пропагандно емитување. Неговата судбина останува непозната.

Приказната на Микита Лосик е дел од поголема кампања на репресија во Белорусија, каде што стотици се уапсени за доставување информации до Белоруски Хаџун, за давање донации за опозициски каузи, па дури и за критички коментари на социјалните медиуми.

Тој за РСЕ сведочи дека во притворот се сретнал со бројни политички затвореници од инженери, студенти, обични граѓани, до многумина кои биле осудени „само за испраќање пари или објавување емотикони“.

Иако сега е слободен, Микита знае дека неговата безбедност останува несигурна. Но, тој стои зад својата одлука.

„Не можев да се преправам дека не гледам што се случува. Не можев да молчам додека нашата земја се користеше за водење војна“, рече тој.

Лукашенко, кој го освои седмиот мандат на спорните избори во јануари 2025 година, продолжува да владее со железна тупаница. Изборите беа широко осудени како лажни од западните влади и опозициските групи.

Од 1 јули, групата за човекови права „Вјасна“ (Пролет) објави дека 1.175 лица сè уште се сметаат за политички затвореници во Белорусија.

Границата меѓу Тајланд и Камбоџа затворена поради немири

Илустрација, амбасадата на Камбоџа
Илустрација, амбасадата на Камбоџа

Најмалку 11 цивили и еден војник се убиени во најновата ескалација на насилството на границата со Камбоџа, изјави министерот за здравство на Тајланд.

Камбоџа е обвинета за испукување ракети врз тајландско село, додека Тајланд изврши воздушни напади врз камбоџански воени цели со борбени авиони Ф-16.

„Користевме воздушна сила против воени цели како што беше планирано“, соопшти портпаролот на тајландската војска.

Границата меѓу двете земји е затворена, Камбоџа ги повика своите граѓани да го напуштат Тајланд, а земјите се обвинуваат меѓусебно за започнување на конфликтот.

Малезискиот премиер Анвар Ибрахим во четврток ги повика Тајланд и Камбоџа да „се повлечат“ по смртоносните гранични судири меѓу двата соседа од Југоисточна Азија.

„Најмалку што можеме да очекуваме е да се повлечат и, се надеваме, да се обидат да влезат во преговори“, изјави Анвар, чија земја моментално претседава со Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН).

Конфликтот се случи откако Тајланд го отповика својот амбасадор во Камбоџа еден ден претходно и изјави дека ќе го протера камбоџанскиот претставник во Бангкок. Претходно тајландски војник ја загуби ногата од мина за која Бангкок вели дека неодамна била поставена во спорната погранична област.

Камбоџа има бројни мини останати од граѓанската војна пред неколку децении, но Тајланд тврди дека неодамна се поставени мини во пограничната област, за што Камбоџа тврди дека се неосновани обвинувања.

Повеќе од еден век, Тајланд и Камбоџа го оспоруваат суверенитетот над разни необележани точки долж нивната копнена граница од 817 километри, што доведе до судири и најмалку десетина смртни случаи во текот на годините.

Тензиите повторно се разгореа во мај по убиството на камбоџански војник за време на кратка размена на оган, ескалирајќи во целосна дипломатска криза, а сега доведе до вооружени судири.

Авион со 50 патници се урна во источна Русија

Архивска фотографија, авион „Антонов Ан-24“ кој припаѓа на авиопревозникот „ЈуТеар“, аеродром Ханти-Мансијск,
Архивска фотографија, авион „Антонов Ан-24“ кој припаѓа на авиопревозникот „ЈуТеар“, аеродром Ханти-Мансијск,

Патнички авион „Антонов Ан-24“ се урна во далечниот исток на Русија, при што загинаа сите 49 лица во него, соопштија руските служби за итни случаи.

Запалениот труп на авионот од советската ера, стар речиси 50 години, бил забележан од хеликоптер, а спасувачките служби се на местото на настанот.

Авионот, управуван од сибирската авиокомпанија „Ангара“, претходно исчезнал од радарот додека се приближувал кон својата дестинација Тинди, град во регионот Амур што се граничи со Кина.

Регионалниот гувернер Василиј Орлов изјави дека, според прелиминарните податоци, во авионот имало 43 патници, меѓу кои пет деца, и шест членови на екипажот. Властите најавија истрага за несреќата.

update

Зеленски предложи нов антикорупциски закон по бурните реакции за претходниот

Демонстранти во Киев против новиот антикорупциски закон
Демонстранти во Киев против новиот антикорупциски закон

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи нов антикорупциски закон откако претходниот закон со кој се ограничува независноста на две антикорупциски агенции ги привлече демонстрантите на улиците во градовите низ целата земја и предизвика строги предупредувања од европските престолнини за укинување на законодавството, кое е клучно за водењето војна против Русија.

„Тукушто го одобрив текстот на нацрт-законот што гарантира вистинско зајакнување на системот за спроведување на законот во Украина, независност на агенциите за борба против корупцијата и сигурна заштита на системот за спроведување на законот од какво било руско влијание или мешање“, напиша Зеленски на социјалната платформа Х порано позната како Твитер.

Тој посочи дека новото законско решение кое ќе го достави денеска ( 24 јули) е добро избалансиран.

„Најважно од сè, вклучува вистински алатки, исклучува какви било руски врски и ја поддржува независноста на антикорупциските агенции. Важно е да ја зачувуваме независноста. Важно е да го почитуваме ставот на сите Украинци и да им бидеме благодарни на сите што стојат со Украина“, додаде Зеленски.

Претходно Зеленски изјави дека претходното решение со кое беа ставени агенциите под контрола на Генералниот обвинител, кого го назначува претседателот, било направено за да се ослободат од наводното руско влијание.

Работата на независните агенции се смета за суштинска за евроинтегративниот пат на Киев.

Зеленски по синоќешните протести изјави дека го слушнал гласот на демонстрантите и дека ќе предложи до украинското Собрание ( Врховна Рада) нов закон кој му даде сила на системот за спроведување на законот.

„Нема да има руско влијание или мешање во активностите на агенциите за спроведување на законот и, што е многу важно, сите норми за независност на антикорупциските институции ќе бидат на сила“,изјави Зеленски.

ЕУ го поздрави ветувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски да предложи нов закон за независност на агенциите за борба против корупцијата и рече дека Киев мора да одговори на загриженоста од Брисел.

„Видовме дека украинската влада презеде мерки“, изјави портпаролот на ЕУ, Стефан де Кирсмаекер на 24 јули.

За веќе усвоената верзија на законот, против која протестираа демонстрантите, претставниците на антикорупциските агенции посочија дека може значително да ја ограничи нивната независност и потребни се „јасни и недвосмислени чекори“ за да се вратат заштитните мерки против владино мешање што претходно им беа гарантирани.

Европската Унија ја нарече одлуката за усвојување на оригиналниот закон „сериозен чекор назад“, додека другите противници на законот изразија загриженост дека тој претставува пресврт по една деценија демократизација.

Германија изјави дека законската промена „го попречува патот на Украина кон ЕУ“, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побара од Зеленски да ги објасни измените на законот за антикорупциските агенции, изразувајќи силна загриженост за нивните потенцијални последици.

„Претседателката фон дер Лајен ги изрази своите силни загрижености за последиците од измените и побара објаснувања од украинската влада“, изјави портпаролот на ЕУ, Гијом Мерсие.

И покрај масовните воздушни напади врз главниот град во последните денови, стотици Украинци протестираа во центарот на Киев, барајќи Зеленски да стави вето на законот, велејќи дека е донесен набрзина и дека ќе ѝ дозволи на владата да се меша во случаи на корупција од висок профил.

САД ќе и продаде на Украина оружје вредно 322 милиони долари

Американски пакет воена помош за Украина
Американски пакет воена помош за Украина

САД одобри продажба на оружје во вредност од 322 милиони долари за зајакнување на воздушната одбрана на Украина и нејзините оклопни борбени возила на 23 јуни.

Продажбата на опрема и поддршка за воздушна одбрана HAWK ќе чини до 172 милиони долари, додека опремата и услугите за пешадиско борбено возило Бредли ќе чинат вкупно до 150 милиони долари. Ова го соопшти Агенцијата за соработка во одбраната и безбедноста на САД (DSCA).

Предложената продажба на опрема HAWK „ќе ја подобри способноста на Украина да се справи со сегашните и идните закани со дополнително опремување за спроведување мисии за самоодбрана и регионални безбедносни мисии со посилен капацитет за воздушна одбрана“, се вели во соопштението на Агенцијата.

И опремата и услугите ќе помогнат во задоволувањето на „итната потреба на Украина за зајакнување на локалните капацитети за одржување за одржување високи оперативни стапки за возила и системи за оружје обезбедени од САД“, се вели во соопштението.

Стејт департментот ги одобри можните продажби, а Агенцијата го достави потребното известување до Конгресот на САД, кој сè уште треба да ги потпише трансакциите.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 14 јули на состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека планира да ѝ обезбеди на Украина оружје во вредност од „милијарди долари“ што НАТО ќе го купи.

Во меѓувреме Трамп ѝ даде на Русија 50 дена да се согласи на прекин на огнот пред да се закани дека ќе воведе економски казни за земјите што тргуваат со Русија, а кои би можеле да ја натераат Москва да седне на преговарачка маса.

Одобрувањето на потенцијалната продажба на оружје доаѓа откако Пентагон нареди пауза на другите испораки на оружје за Украина за да може да ги процени своите залихи на оружје, дури и кога Киев се соочи со тешки руски ракетни и беспилотни летала што продолжија доцна на 23 јули.

Руските сили го нападнаа црноморското пристаниште Одеса, предизвикувајќи неколку пожари во станбени и други згради. Во меѓувреме, украинските беспилотни летала ги погодија јужните руски области, при што загина едно лице, беше повредено друго и беше погодено складиште за нафта.

Претходно на 23 јули, Русија и Украина се согласија за уште една размена на затвореници за време на преговорите во Турција.

Кратката сесија не резултираше со никаков напредок во однос на условите за прекин на огнот, ниту со евентуален состанок на лидерите на Украина и Русија.

„Имаме напредок на хуманитарниот пат, без напредок во однос на прекинот на непријателствата“, изјави главниот украински делегат Рустем Умеров по разговорите.

Украина предложи состанок пред крајот на август меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, рече Умеров. Русија би можела „јасно да го демонстрира својот конструктивен пристап“ со тоа што ќе се согласи со предлогот, додаде тој.

Рускиот главен преговарач Владимир Медински го повтори повикот на Москва за серија кратки прекини на огнот од 24-48 часа за да се овозможи преземање на телата. Украина вели дека сака итен и многу подолг прекин на огнот.

Велика Британија воведе санкции против криумчарите на луѓе

Илустрација
Илустрација

Велика Британија воведе санкции против озлогласените банди вклучени во криумчарење луѓе и против нивните помагачи, објави Министерството за надворешни работи на Велика Британија.
Акцијата е дел од кампањата на британската влада за заштита на своите граници и намалување на нерегуларната миграција.

Меѓу санкционираните се членови на црногорските криминални групи - шкаљарски и кавачки клан, како и шверцери од Србија, Северна Африка и Блискиот Исток.

Санкциите опфаќаат замрзнување сметки, забрана на граѓани и компании од Велика Британија да работат со средствата на тие лица, да им обезбедат средства или ресурси, како и забрана за нивен влез и престој во Обединетото Кралство.

Санкциите се насочени кон 25 лица и субјекти вклучени во шверц - од добавувачи на бродови, до неформални „носачи“ на пари до Блискиот Исток, до водачи на криминални групи од Балканот и Северна Африка, соопшти Британската амбасада во Подгорица.

Санкциите стапуваат на сила веднаш и се први во светот што ја погодуваат нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал.

Режимот на санкции му дава овластување на Министерството за надворешни работи на Велика Британија да воведува санкции врз финансиерите и компаниите што овозможуваат шверцерски активности.

Герапетритис: Атина го поддржува Скопје на европскиот пат, важна е целосна имплементација на договорот од Преспа

Грција - Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи на Северна Македонија (лево) и Јоргос Герапетритис, министер за надворешни работи на Грција(десно), Атина, 23.07.2025 година.
Грција - Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи на Северна Македонија (лево) и Јоргос Герапетритис, министер за надворешни работи на Грција(десно), Атина, 23.07.2025 година.

„Длабоко верувам во потенцијалот на нашите односи. Во силата на дипломатијата заснована на почит и во нашата заедничка способност да изградиме иднина што ќе биде функционална. Не само денес, туку и за генерациите што доаѓаат“, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по средбата со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис во Атина и порача дека „меѓусебното почитување е основата врз која се гради трајна соработка“.

На средбата на шефовите на двете дипломатии во фокусот беа билатералните односи, соработката во повеќе области и европската перспектива на регионот.

Герапетритис потсети на поддршката на Грција за членството на Северна Македонија во НАТО во 2020 година и изрази желба за унапредување на соработката во рамките на Алијансата.

Тој се осврна и на Солунската агенда од 2003 година за забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, при тоа уште еднаш изразувајќи ја грчката поддршка за ЕУ перспективата на нашата земја и на регионот.

„Сакам повторно да ја истакнам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија по европскиот пат, врз основа на утврдените услови и начелото на сопствени заслуги, со особено внимание на основните критериуми. Во овој контекст, дозволете ми да ја подвлечам крајната важност од целосна, доследна и со добра волја имплементација на договорот од Преспа, вклучително и ерга омнес употребата на уставното име на државата“, рече Герапетритис.

Муцунски во обраќањето рече дека на средбата била истакната важноста на меѓународното јавно право и обврските што двете земји ги имаат преземено и во тој контекст наведе дека меѓусебната почит е основа за градење на трајна соработка и оти длабоко и искрено верува во „нашите односи и во силата на дипломатијата засновани на почит“.

„Изразив благодарност за доследната поддршка што Грција ја дава за нашиот европски пат и за нејзината постојана улога како застапник на европската иднина на Западен Балкан. Тоа партнерство не само што го цениме, го гледаме како суштинско“, рече Муцунски.

Тој рече дека со грчкиот колега се осврнале и на „напредокот што носи реални резултати за нашите граѓани“. Тоа се инвестиции, трговија, инфраструктура, енергија, при што разговарале и за проекти како што се Коридорот 10 и интерконекторот за гас.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти и дека Муцунски изразил искрена благодарност за солидарноста што Грција ја покажа за време на трагедијата во Кочани на 16 март при што загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени, како и при неодамнешните итни состојби во близина на Дојран.

Министерот оценил дека тоа не се само гестови на помош – туку вистински дела на пријателство, соопшти МНР.

Ова беше прва работна посета на македонскиот шеф на дипломатијата на Атина.

Претходно, Герапетритис и Муцунски се сретнаа и на почетокот на април годинава на маргините на „Делфи економскиот форум“ во Грција.

Северна Македонија и Грција, имаа речиси тридецински спор околу старото уставно име на државата – Република Македонија, кој беше надминат со потпишување на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018 година кога со двете држави раководеа владите предводени од тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас.

По шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, уставното име на Северна Македонија се врати во фокусот на надворешната политика на земјава откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните и претседателските избори на 8 мај 2024 година.

По изборите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и сегашен премиер, Христијан Мицкоски, најави дека ќе го следи патот на новата претседателка на државата, Гордана Сиљановска Давкова, која во својата заклетва го користеше само името „Македонија“ и јасно порача дека не се откажува од тоа во јавните настапи бидејќи е нејзино лично право на самоопределување.

Преспанскиот договор го потпишаа поранешните влади во Северна Македонија и Грција предводени од тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас. Потписите ги ставија ексминистрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. Откако државата го реши речиси тридеценискиот спор околу името, официјална Атина го тргна ветото на евроатлантскиот пат на земјата. Државата го промени уставното име додавајќи ја придавката „Северна“ и стана членка на НАТО во 2020, но истата година вето за отпочнување преговори со ЕУ стави Бугарија.

Потоа, договор беше постигнат во 2022 година со усвојување на т.н. „француски предлог“ со кој се предвиде Скопје да ги продолжи евроинтеграциите откако во преамбулата од Уставот ќе ја вметне и бугарската заедница.

Уставните измени не се случија, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции дека нема да има нови условувања во иднина од бугарска страна и нема да се оспорува македонскиот идентитет и јазик.

Повеќе од 100 организации бараат итно да се стави крај на гладот во Газа

Газа, 22 јули 2025 година
Газа, 22 јули 2025 година

Повеќе од 100 хуманитарни организации и организации за човекови права ги повикаа владите итно да дејствуваат за да го спречат ширењето на гладот во Газа.

Тие, исто така, побараа итен и траен прекин на огнот, како и отстранување на сите пречки за дистрибуција на хуманитарна помош.

Во соопштението, потпишано од 111 организации, вклучувајќи ги „Мерсу корпс“ (Mercy Corps), Норвешкиот совет за бегалци и „Рефјуџис интернешнал“ (Refugees International), се предупредува дека гладот во Газа се шири со брзо темпо, додека клучната помош - како што се храна, вода и лекови - останува блокирана на границата бидејќи на хуманитарните организации им е забрането да работат.

„Додека израелската влада ги држи луѓето од Газа под опсада и продолжува да ги изгладнува, хуманитарните работници им се придружуваат во редовите за храна, ризикувајќи да бидат погодени. Залихите се целосно исцрпени. Затворањата и одложувањата предизвикани од целосната опсада на израелската влада создадоа хаос, глад и смрт“, велат организациите.

Тие ги повикаа владите веднаш да ги отстранат сите бирократски и административни пречки што го блокираат доставувањето помош, да ги отворат сите копнени премини кон Газа, да обезбедат ање помошта да стигне до сите луѓе на кои им е потребна, без бариери, да се отфрли воената контрола врз дистрибуцијата на помошта и да се врати хуманитарната помош под водство на ОН, врз основа на меѓународните принципи на хуманитарна акција.

„Државите мора да преземат конкретни мерки - како што е запирање на снабдувањето со оружје и муниција - со цел да се стави крај на опсадата“, се вели во соопштението.

Израел, кој ги контролира сите приливи на помош во Газа, негира одговорност за недостигот од храна.

Повеќе од 800 луѓе се убиени во последните недели обидувајќи се да добијат храна. Повеќето, наводно, биле убиени од израелски војници распоредени во близина на центрите за дистрибуција на помош управувани од Хуманитарната фондација Газа.

Фондацијата, која е поддржана од Соединетите Американски Држави, е критикувана од хуманитарни организации, вклучувајќи ги и Обединетите нации, поради наводен недостаток на неутралност.

Според властите во Газа, Израел досега убил околу 60.000 Палестинци во енклавата.

Собрание: Гаши е во стабилна здравствена состојба

Северна Македонија - Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
Северна Македонија - Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Стабилна е здравствената состојба на претседателот на Собранието, Африм Гаши, информира собраниската прес-служба откако Гаши синоќа бил хоспитализиран на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје поради болки во стомакот.

„Во моментов се вршат детални лекарски прегледи. Сите понатамошни информации ќе бидат навремено доставени до јавноста од надлежните институции“, соопштија од Собранието.

Оттаму нема детали како ќе работи законодавниот дом и дали се откажани некои од активностите на претседателот на Собранието.

Претходно, директорот на Клиниката, доктор Огнен Костовски, во изјава за „360 степени“ потврди дека претседателот на Собранието е примен во болница со преплет на цревата. Во моментов, како што кажа оттаму, пациентот е подобар, прима лекови и засега не се планира хируршка интервенција.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG