Додека глобално, стотици илјади луѓе од технолошките гиганти останаа без работа, и македонскиот пазар бележи намалување на огласите и за пракса и за вработување во ИТ секторот. Сепак, информатичката технологија останува најпривлечна за студирање.
Само на ФИНКИ и ФЕИТ, во првиот усписен рок за студенти во прва година можеа да се запишат 1600 студенти и години наназад, оваа бројка секогаш се пополнува. Но вртоглавиот развој на технологијата за две децении целосно ги смени условите за работа.
„Кога јас се вработив како програмер, парите кои ги заработував не ми беа доволни ниту за да си ја платам киријата. Тогаш платите на програмерите беа мизерни и на некои им доцнеа и по неколку месеци. На пазарот имаше многу малку компании кои нудеа вработување. Но, развојот на технологиите, целосно ја промени ИТ индустријата“, раскажува за Радио Слободна Европа, програмерот Андон. Ц.
Во ИТ индустријата почнал да работи во 2004 за време на студиите во трета година на тогашниот Институт за информатика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Оттогаш промените се радикални.
„Сега секој проект е со различна технологија, за разлика од порано кога немаше диференцијација меѓу програмерите. Ние ќе научевме една технологија и теравме со тоа, но потоа се надградувавме“, додава Андон.
Најголем раст за време на ковид пандемијата
Појавата на коронавирусот го „заклучи“ светот, но сепак не го запре функционирањето на ИТ индустријата, вели соговорникот на РСЕ, кој раскажува дека за разлика од другите професии, работата на програмерите само се преселила дома без да затаи.
И тука настанува пресвртот.
Програмерот кој го контактираше Радио Слободна Европа, вели дека ИТ секторот за инвеститорите на глобално ниво бил на некој начин, посигурна варијанта за инвестиции. Така, тие почнуваат да ги вложуваат своите средства во вакви проекти. Посочува дека платите почнале да растат по 2006 година, но најголемиот раст се случил токму за време на пандемијата.
До квалитетни тимови сѐ потешко
Правејќи споредба со периодот на неговите професионални почетоци, заклучува дека сега иако има повеќе фирми, тие тешко формираат квалитетни тимови поради презаситеност на пазарот.
Во меѓувреме, додека расте интересот на факултетите од оваа област, сѐ повеќе кадри излегуваат и од приватните академии. Големата конкуренција го промени и пазарот каде ИТ компаниите сега бараат квалитет наместо квантитет без да има десетици луѓе „на клупа“ во случај да затребаат.
Ваквата слика, во изјава за Радио Слободна Европа, ја доближува Дамјан Дано, основачот на порталот за информатичка технологија IT.mk.
„Побарувачката за ИТ и инженерски кадар нема да исчезне. Она низ што поминува ИТ индустријата во моментов не би го класифицирал како нејзин пад туку адаптација и стабилизација, бидејќи реално после пандемијата се претера со многу работи кои значајно влијаеја на продуктивноста во самите компании. Парадоксот на муабетов е што ако гледаме статистички, македонската ИТ индустрија дури има раст од 10% по приход и 3% раст по број на вработени според податоците од 2024-та“, вели Дано, кој пред 18 години ја основал компанијата IWM Network, а од лани и оперативниот систем Aqtos.com.
Изгледи за турбуленции, но оптимизам за стабилизација
Ескалацијата на ИТ индустријата во текот на ковид пандемијата, според него е несоодветна, а достигнувањето на врвот во овој сектор го засилил и трендот на реквалификација на кадрите.
Но, според него, важно е младите да се охрабрат и да експериментираат и со свои продукти и стартапи, а не само да целат на корпоративно вработување. Дано е оптимист дека во секторот ќе има поголема стабилизација и покрај, како што вели, локалните турбуленции и периоди на несигурност.
„Меѓутоа, долгорочно технологијата е неизбежен дел од секојдневниот живот и ИТ луѓето ќе бидат клучни. Развојот на самата технологија и вештачката интелигенција (ВИ) бара и поголема адаптација и излегување од комфор зоната, нешто што ќе мора идниот ИТ кадар добро да го владее“, додава Дано.
Потреба од осовременување на наставните програми
Потребата од усогласувањето на образованието со потребите на ИТ секторот, ја нагласува и адвокатот Јован Најденовски, кој е правен советник и консултант на компаниите од овој сектор. Тој за РСЕ, вели дека оваа индустрија бележи пад на новите вработувања кој планетарно почнал во 2023 година, а кај нас е најизразен годинава.
„Општ е впечатокот дека формалното образование значително, а неформалното нешто помалку, не ги проследија и не реагираа на ИТ доктринарните и технолошките промени кои ги ‘изместија’ пазарните потреби на ИТ индустријата во процесот на трудот. Секако, потфрлија и многу од скапо платените оддели за човечки ресурси во ИТ друштвата во согледувањето на пазарните трудови трендови, ‘трупајќи на клупа’ кадри за платформи и технологии кои заминуваа во историјата“, посочува Најденовски.
Вели дека на македонскиот пазар веќе има недостиг, а ќе има и уште повеќе, на квалификувани кадри особено за вештачка интелигенција (ВИ), компјутерска безбедност и зелени технологии.
Оттука, ќе ни требаат високо подготвени кадри кои со дообука би станале способни, практично да се носат со предизвиците во индустријата кои како што вели тој, веќе галопираат.
„Формалното македонско ИТ образование мора итно да ги осовремени наставните програми во насока на производство на овие кадри, а неформалното образование веќе го држи трендот и на македонскиот пазар ги нуди референтните обуки и светски признати сертификати“, порачува адвокатот.
Искуството покажува дека иако студентите имаат солидна теоретска основа, компаниите често мораат да инвестираат во дополнителна обука, за да ги прилагодат новите кадри на реални проекти.
Квалитетните кадри се „продаваат“ надвор
Од друга страна пак, дел од квалитетниот човечки капитал не останува во земјава, а тоа е и еден од најголемите ризици за локалниот пазар на трудот во ИТ.
„Ако идните ИТ професионалци не гледаат можност за интегрирано современо образование согласно сегашните и идни трендови истото ќе го сторат надвор и многу логично таму ќе се обидат и да се продадат“, порачува адвокатот.
Младите ИТ кадри ја напуштаат земјава, не ставајќи ги финансиските услови секогаш во преден план. Општиот социјален амбиент за живеење, но и семејното планирање се само дел од факторите поради кои професионалците заминуваат.
„Кога ви заминуваат луѓе кои во Македонија живеат во финансиска благосостојба, значи имате сериозен проблем“, додава Најденовски.
Ваков е впечатокот и на скопјанецот Давид. Б кој има фирма за сервис на компјутери и телекомуникациска опрема. Многу од неговите колеги со кои претходно заедно работеле во ИТ секторот за странски фирми, решиле да заминат во странство, додека тој сѐ потешко наоѓа квалитетни кадри.
ВИ ја прави конкуренцијата нелојална
Имав проблем да најдам квалификувани вработени, бидејќи наидував на луѓе кои кажуваат од старт „јас ќе работам два месеца, а потоа ќе си одам“. Дури и да знаат генерално како се работи, ним им треба тренинг и специјализација во вид на курсеви кои се полагаат приватно за да бидат во тек. Го „билдаат“ своето CV, за на крај да отидат во трета фирма – вели тој за Радио Слободна Европа.
Без да заврши формално образование, но едуцирајќи се преку курсеви, во ИТ секторот се вклучил и штипјанецот Климент. А.
Вели дека има конкуренција, чија нелојалност станува сѐ поголема поради употребата на вештачката интелигенција, па поради тоа, знаењето и искуството се клучни.
-Тие нудат услуги за ниска цена а слаб квалитет или работат целосно аматерски без следење на основи правила. Има фирми кои го препознаваат квалитетот но има и неискусни фирми на кои им одговара ниската цена и квалитет или пак, ќе „замижат" – додава Климент кој работи на проекти со дизајн, веб дизајн и видео продукција, каде што програмирањето е делумно вклучено.
Сепак, студентот Синиша. С. Смета дека гранките кои се занимаваат со дизајн бргу би можеле да бидат заменети од вештачката интелигенција. За Радио Слободна Европа, тој вели дека таа нема да ги намали работните места, но сепак ќе мора некој да ја контролира.
Синиша, кој наскоро ќе ја почне втората година од студиите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје, вели дека и поголемите компании даваат можност за вработување уште во текот на студиите, но треба да имаш проект со кој ќе го покажеш своето знаење.
Иако неговиот обид да најде соодветна работа уште сега, бил неуспешен, тој вели дека и понатаму ќе се обидува да се вработи во некоја од ИТ компаниите за да може да биде во тек со технолошките промени.
„Ако почнеш порано да го одиш патот, потоа ќе ти е полесно. Друго е кога ќе влезеш во тој професионален свет на 20 години, потоа ќе ти биде полесно да напредуваш“, истакнува Синиша кој основите на информатиката веќе добро ги знае од средношколските денови кои ги поминал во Математичко-информатичка гимназија во Скопје каде се образуваат талентирани ученици од оваа област.
Иако во последните две години, глобално стотици илјади луѓе од технолошките гиганти остануваат без работа, оптимизмот за стабилизација го зголемува интересот за студирање во оваа област кај младите во Северна Македонија.
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ и Факултетот за електротехника и информациски технологии-ФЕИТ се меѓу осумте факултети на кои, во првиот уписен рок во август, имаше најмногу слободни места за упис на УКИМ.
Според бројот на слободни места, на осмото место за упис се најде и Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.