Скопјанецот, 37 годишниот Љупчо Бојчевски, единствениот затвореник во Северна Македонија кој е осуден за „Учество во странска војска“ затоа што се борел на руска страна во војната во Украина. Тој се кае за тоа што го сторил, како што пишува во пресудата на Кривичниот суд и се согласи за Радио Слободна Европа да раскаже низ што поминал.
Во првите моменти во затворот „Идризово“, соговорникот на РСЕ изгледаше рамнодушно – со прекрстени раце и лице без израз. Тој е осуден на четири години затвор затоа што македонските власти откриле дека три месеци се борел на боиштата во Украина на страната на Русија.
Законот што го инкриминира делото „учество во странска војска“ е воведен во септември 2014 година за да се спречи заминување на државјани во конфликти на Блискиот Исток. До сега во Македонија имало пресуди само за приклучување кон формации како ИСИС. Овој случај е прв поврзан со војната во Украина која почна со руската инвазија во 2022.
Соговорникот на РСЕ е првиот кој е осуден бидејќи бил војник во руско – украинскиот конфликт.
Властите не и дадоа на РСЕ точни податоци за тоа колку државјани на Северна Македонија учествувале или учествуваат во оваа војна. РСЕ дојде до информации за уште еден потврден случај, но тој не завршил со затворска, туку со условна осуда.
Државните институции негираат дека има организирано регрутирање на Македонци на овие боишта, сметаат дека се работи за индивидуални случаи кои стигнале таму со странска помош обезбедена преку интернет.
Уште на почетокот на конфликтот Северна Македонија го оцени рускиот напад како „директен напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“. Ги поддржа и меѓународните санкции и осуди кон Русија.
Пат до Мариупол
Скопјанецот, 37 годишниот Љупчо Бојчевски е осуден со правосилна осуда на 13 мај 2025 година. И во неа пишува, а и тој самиот за РСЕ сведочеше, дека бил регрутиран преку затворена група на руската апликација „Телеграм“, од странски државјани, поточно Руси.
Во пресудата пишува и дека изјавил дека „се чувствува виновен, односно го признава кривичното дело кое му се става на товар со поднесеното обвинение, дека истото го сторил на начин, време и место, како што е опишано во обвинителниот акт и изрази искрено каење за стореното“.
„Одамна следев што се случува таму, пратев на интернет и на Телеграм бидејќи има повеќе канали преку кои можеш да аплицираш. Пишете само Донбас и милион ќе излезат такви канали. Аплицирав уште во 2021 година и после две години ми ѕвони телефонот кога гледам некој руски број. И ми вика сакаш да дојдеш да работиш за руското министерство и прифатив“, вели Бојчевски.
Патот на Бојчевски до Мариупол каде учествувал во војната бил од Скопје до Белград со автобус, од таму со авион до Истанбул, па од таму до Москва. Според она што го пишува во судскиот предмет, во кој РСЕ имаше увид, од Северна Македонија излегол на 18 септември 2023 година, а веќе по пет дена го потпишал договорот за да биде војник.
Тој пак сведочи дека целата организација од купување на билети па се сместување во хотел и трансфер до Мариупол била на регрутерот, извесен „Муса“.
„Тој е Русин и многу страшен Русин. Тој е од Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ). Тој беше страв и трепет. Таму сум видел чуда да прави. Ни полиција му можела нешто, ни армија, никој. Ние кога отидовме таму без документи, од Москва до Мариупол не спровел низ места што да не ти се верува. Какви ти знам чек поинт има, контроли, триста. И сегде сме поминале без документи “, вели Бојчевски.
РСЕ не можеше да го провери тврдењето на Бојчевски за постоењето на човекот кој наводно го спровел од Москва до Мариупол.
Во судскиот предмет во Кривичниот суд во кој РСЕ имаше увид ја има и визата на Бојчевски за влез во Русија, но која не ни беше дозволено да се фотографира или копира. Се работи за електронска виза која Русија ја воведе во 2023 година за да „ им го олесни влезот“ на граѓани од 50 држави.
Бојчевски на патот до боиштата не бил сам
На патот до боиштето Бојчевски не бил сам. Заедно со него бил и негов другар, скопјанецот Тони Шегмановски.
Во судскиот предмет, 57 фотографии биле користени како докази, а се извадени од телефонот на Бојчевски и на една од нив во описот се вели дека се гледа Шегмановски како е повреден, а над него стојат две лица со фантомки.
Бојчевски за РСЕ вели дека еден од тие лица е тој. Повредата на Шегмановски вели дека не била сериозна по неговиот живот.
„Шрапнел го погоди во главата. Смешно е и не е, ама тој не носеше шлем бидејќи тој со кој го задолжија му беше голем“, вели Бојчевски.
Пресуда за Шегмановски нема, бидејќи тој е мртов.
Не загинал на боиштата, туку е пронајден по неговото враќање во напуштена куќа во скопската населба Аеродром. Настанот е заведен во полицискиот билтен од 10 јануари 2024 година, а во одговор од обвинителството се вели дека не се работи за насилна смрт. Не откриваат детали од обдукцијата.
Токму по неговата „мистериозна“ смрт, во неговите лични предмети и телефонот биле пронајдени податоци и сомнежи и за Бојчевски по што почнала истрагата.
Забрзана обука и веднаш на фронт
Клучен доказ бил договорот кој бил пронајден при претресот во домот на Љупчо Бојчевски со „Министерството за внатрешни работи“ на самопрогласената „Доњецка Народна Република“ склучен за отслужување на воена служба на една година почнувајќи од 23 септември 2023 година со пробен период од три месеци. Во него пишува дека од една страна „Министерството на Доњецката Народна Република е застапувана од полковник Турчин Владимир Сергеј, а од друга војник Љупчо Бојчевски“.
Според она што го пишува во договорот Бојчевски требало да биде обучуван за помошник стрелач на минофрлач.
Се борел на руската страна од како што вели лични убедувања „за братскиот народ“. Тој тврди и дека месечно требало да добива 3.000 евра, иако договорот не содржи износ.
„Бев на забрзана обука и веднаш не испратија на фронт“, вели тој.
Аплицирал за „Вагнер“ завршил во „Каскад“
Во домот на Бојчевски биле пронајдени предмети како и маскирна капа, со ознаки на формацијата КАСКАД, и под него „Група Китаец“.
Според јавно достапни податоци „Каскад“ е руска оперативно-борбена тактичка формација на областа Донецк која е под руска окупација.
Китаец пак е „прекар“ на водачот на групата на која припаѓал Бојчевски.
Тој самиот потврдува дека таму бил распореден, иако првично аплицирал за „Вагнер“.
Заедно со Шегмановски биле единствените Македонци. Според неговото тврдење не сакале да примаат други борци од Северна Македонија.
„Бевме ротирани на различни задачи, не цело време на фронт. Непријатно е да кажувам во јавност што се сум гледал. Сум видел колеги психопати што прават. Стварно лоши ѕверства, дури непотребни работи“, вели Бојчевски.
И покрај тоа што договорот бил на една година, сепак двајцата Македонци биле таму само три месеци. Неговиот договор бил раскинат после неколку лекарски прегледи по кои било утврдено дека страда од тромбоза на нозе и зголемени лимфни јазли на препони.
Договорот му бил раскинат на 23 декември 2023 година. Назад во Северна Македонија се вратил заедно со својот пријател Шегмановски.
Втор случај – условна осуда
Освен Бојчевски, уште еден македонски државјанин добил условна казна за обид да учествува во војната на страната на Русија. Се работи за млад човек од Кавадарци кој работел привремено во Хрватска. Тој заминал во Русија, но по неколку денови се вратил и побарал помош од македонското Министерство за надворешни работи (МНР).
Судот потврдил спогодба со обвинителството и му изрекол условна двегодишна затворска казна.
РСЕ контактираше и со неговиот адвокат, но тој не сакаше јавно да зборува. Од извори во истрагата РСЕ дозна дека момчето сведочело дека било изманипулирано и дека мислело дека ќе оди да работи на платформа. Кога видело за што станува збор веднаш побарало помош од македонското Министерство за надворешни работи кое учествувало во трансферот до Северна Македонија. Кога слетал на скопскиот аеродром бил пречекан од полицијата и приведен.
Од Министерството потврдија дека по барање на семејството, посредувало за враќање на еден македонски државјанин.
Уште при почетокот на руската инвазија на Украина македонското МНР предупреди дека учеството во војна во странство на било која страна е казниво дело, и повика македонските граѓани да не се впуштаат во тоа.
Има ли организирано регрутирање?
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција велат дека немаат ниту еден предмет за организатори кои регрутирале борци за војната во Украина.
„Станува збор за меѓународен криминал и регрутацијата се врши по пат на социјални мрежи и апликации. Затоа, за какво било сознание е потребна меѓународна правна помош и постапување на соодветни институции во други држави или меѓународни организации во чија надлежност е гонење на ваков вид на криминал“, велат од Обвинителството за РСЕ.
Три и пол години по руската инвазија, координаторот на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Павле Трајанов признава дека имало интерес кај поединци, дури и од специјалната единица на македонската армија „Волци“, но тврди дека никој организирано не заминал.
„Немаме ние информации, ниту пак друг некој ни дал информација од странство дека има македонски борци. Сепак состојбата ја следиме, соработуваме со Европска Унија, со балканските држави“, вели Трајанов.
Од македонското Министерство за внатрешни работи, поточно од Бирото за јавна безбедност (БЈБ) кое е надлежно за дела поврзани со тероризам и повратниците од боиштата за Радио Слободна Европа велат дека до овој момент не е откриен организиран начин на регрутирање и заминување на боиштата во Украина. Според БЈБ досега се откриени два случаи, ама според БЈБ се работи за изолирани и поединечни.
„Во нив преку социјалните мрежи учесниците самите ги договoрале околностите и условите за нивното заминување во погоренаведените дестинации“, се вели во одговорот од БЈБ за РСЕ.
Министерството за надворешни работи и трговија после еден месец чекање на прашања на РСЕ за тоа дали има какви било податоци за Македонци кои учествуваат во оваа војна, само кусо одговори дека нема никакви податоци.