Достапни линкови

Вести

Трамп ги тужи Мардок и „Волстрит џурнал“ поради текстот за Епштајн, бара 10 милијарди долари отштета

Доналд Трамп, претседател на Соединетите Американски Држави (САД)
Доналд Трамп, претседател на Соединетите Американски Држави (САД)

Доналд Трамп, претседателот на Соединетите Американски Држави(САД), поднесе тужба за клевета вредна 10 милијарди долари против издавачот на „Волстрит џурнал“(WSJ) и против новинари поради текст за збирка писма дадени на сексуалниот престапник Џефри Епштајн за неговиот 50-ти роденден во 2003 година, вклучувајќи белешка со потписот на Трамп и цртеж од гола жена.

Трамп категорично негира дека е автор на пораката.

Тужбата е поднесена против „Дау Џонс“, матичната компанија на „Волстрит џурнал“, нејзиниот сопственик, Руперт Мардок и двајца новинари на весникот.

Според судскиот поднесок поднесен во федералниот суд во Јужна Флорида, Трамп тужи за клевета, напад и навреда. Копија од тужбата не е прикачена на судскиот досие.

„Волстрит џурнал“ објави дека писмото, на кое пишувало името на Трамп, содржело неколку реда текст врамени со контура на гола жена, која изгледала како рачно нацртана со дебел маркер.

Весникот наведува дека писмото завршува со „Среќен роденден - и нека секој ден биде уште една прекрасна тајна“ и дека е потпишано со „Доналд“.

Трамп се закани дека ќе тужи речиси веднаш по објавувањето на статијата, напишана од новинарите на „Волстрит џурнал“, Кади Сафдар и Џо Палацоло.

„Волстрит џурнал“ и Руперт Мардок беа лично предупредени директно од претседателот Доналд Трамп дека наводното писмо што го објавиле - наводното писмо на Трамп до Епштајн - е лажно и дека ако го објават, ќе бидат тужени“, објави Трамп на својата социјална мрежа.

Милијардерот Џефри Епштајн се самоуби во затвор во август 2019 година, откако беше обвинет за сексуално злоставување малолетници.

Загинаа 26 лица во израелски напади, според цивилната одбрана на Газа

Газа - деца чекаат храна и вода на дистрибутивен пункт во Нусејрат, во централниот дел од Појасот Газа, 11 јуни 2025 година.
Газа - деца чекаат храна и вода на дистрибутивен пункт во Нусејрат, во централниот дел од Појасот Газа, 11 јуни 2025 година.

Загинаа 26 лица, а повеќе од 100 се повредени во израелски напади во близина на два хуманитарни центри на југот од палестинската територија, соопшти Агенцијата за цивилна одбрана на Газа, јави агенцијата АФП.

Портпаролот на агенцијата, Махмуд Басал, изјави за АФП дека 22 лица биле убиени во близина на локација југозападно од Кан Јунис а четворица во близина на друг центар северозападно од Рафа, поради „израелското пукање“.

Еден очевидец рече дека се упатил кон областа Ал-Тина во Кан Јунис пред зори со петмина негови роднини за да се обиде да купи храна кога „израелските војници“ почнале да пукаат.

„Моите роднини и јас не можевме да купиме ништо“, изјави за АФП 37-годишниот Абдул Азиз Абед. „Секој ден одам таму и сè што добиваме се куршуми и исцрпеност наместо храна“.

Израелската војска соопшти дека ги испитува тврдењата кога била контактирана од АФП.

Војната во Газа, предизвикана од смртоносниот напад на милитантната група Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, создаде тешки хуманитарни услови за локалното население.

Повеќе од два милиони луѓе кои живеат на густо населената крајбрежна територија се соочуваат со сериозен недостиг на храна и други основни производи, а лекарите пријавија пораст на акутна неухранетост.

Агенцијата за цивилна одбрана објави дека девет лица биле застрелани и убиени во близина на истата точка за помош во областа Ал-Шакуш северозападно од Рафа на 18 јули.

Обединетите нации (ОН) соопштија дека регистрирале 875 убиени лица во Газа додека се обидувале да добијат храна.


Нормализирано е водоснабдувањето во болницата „Козле“

Илустрација
Илустрација

Водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле е целосно нормализирано.

Хоспитализацијата на пациентите продолжува непречено, а здравствената установа функционира во целосен капацитет – информораше попладнево Министерството за здравство.

Претходно денеска, МЗ соопшти дека поради прекин во водоснабдувањето во болницата во Козле, веднаш е побарано од Универзитетска клиника за детски болести и Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби времено да ги згрижат пациентите кои ќе имаат потреба од хоспитализација, додека во Козле ќе продолжи третманот на пациенти во дневна болница и амбулантските прегледи.

Каја Шукова е кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје

Каја Шукова, архива
Каја Шукова, архива

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска (18 јули) на прес-конференција објави уште еден дел од кандидатите за локалните избори, по состанокот на Извршниот одбор на партијата, којшто заседавал денеска.

За кандидат за градоначалник на Скопје ја најави потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.

-За кандидат за Општина Битола - претседателот на Општинската организација Методија Куновски, во Валандово актуелниот градоначалник Перо Костадинов, во Виница претседателот на Општинската организација Гоце Милевски, во Зрновци претседателот на ОО Ванчо Митев, во Кавадарци регионалниот партиски координатор Виктор Велевски, рече Филипче на прес-конференцијата.

Тој истакна дека за Општина Карпош кандидатка за градоначалник ќе биде
д-р Маја Мојсова Миовска, поранешна директорка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), додека на Општина Кисела Вода Горан Трајковски, кој е поранешен директор на Државен пазарен инспекторат.

-Во Општина Маврово Ростуше кандидат ќе биде Анес Ахмети, во Општина Ново село Петар Спасов, во Петровец Елизабета Зелениковска, во Прилеп претседателката на ОО Петра Лукаровска, во Радовиш партискиот претседател Ристо Спасов, во Свети Николе Дејан Гичев, во Општина Чашка актуелниот градоначалник Горан Стојановски, во Општина Брвеница Светлана Митревска Анџелковска, информираше Филипче.

Oдговарајќи на новинарско прашање дали коалицираат со ДУИ и Левица за локалните избори, опозицискиот лидер нагласи дека активно разговараат и оти за секоја општина ќе имаат посебна стратегија.

„Нашата партиска стратегија е јасна – консолидација на секое ниво, широк инклузивен процес во избор на нашите најдобри кандидати коишто имаат и легитимитет и кредибилитет да излезат пред граѓаните да ја побараат довербата. Тие кандидати заклучно со овие денеска објавени, практично се избрани во еден процес со многу широк консензус“, рече Филипче.

По неговата прес конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше преку писмено соопштение:

СДС тонат сѐ подлабоко во својот бунар без дно, сите кандидати или им се претседатели на општински организации кои мораат да излезат и да изгубат во своите општини или пак поранешни кадри на Заев. Со ова дефинитивно се потврдува дека СДС немаат кадри, ниту пак некој сака да им се нафати да изгуби. Во Скопје ќе одат со кадар на Заев, поранешната министерка за животна средина Каја Шукова.

Истата Каја Шукова ќе им ветува на Скопјани чист воздух и чиста околина, а додека беше министерка за животна средина со прст не мрдна за подобрување на аерозагадувањето, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Локалните избори ќе се одржат во октомври 2025 година.

Судот одреди обештетување за семејствата на настраданите во Нови Сад

Железничката станица во Нови Сад шест месеци по несреќата / Април 2025
Железничката станица во Нови Сад шест месеци по несреќата / Април 2025

Вишиот суд во Нови Сад денеска (18 јули) соопшти дека донел пресуда со која државното претпријатие „Инфраструктура железница Србија“ и државата Србија се обврзуваат да им исплатат надомест на штета за претрпена душевна болка на четири лица поради смртта на нивни блиски.

Радио-телевизија Србија (РТС) објави дека се работи за членови на фамилиите на загинатите при падот на настрешницата.

Во соопштението се наведува дека на тужителите Б.Р., Б.П. и И.Р. треба да им се исплатат по 5.000.000 динари (околу 42.600 евра), а на тужителката М.Р. износ од 4.500.000 динари (околу 38.400 евра) со законска казнена камата.

Против оваа пресуда е дозволена жалба до Апелациониот суд во Нови Сад.

При уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1. ноември 2024 година, загинаа 16 луѓе. Настрешницата падна четири месеци по свеченото отворање на зградата по тригодишна реконструкција.

Оваа трагедија доведе до повеќемесечни протести и блокади на факултетите во Србија, на кои се бара одговорност од властите за несреќата.

И „Козле“ остана без вода, децата привремено згрижени на други клиники

Детската болница „Козле“ во Скопје / Архива
Детската болница „Козле“ во Скопје / Архива

Поради проблем со водоснабдувањето, децата кои имаат потреба за хоспитализација на Клиниката за белодробни заболувања во Козле, ќе се препраќаат кон Клиниката за детски болести и Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Министерството за здравство денеска (18 јули) соопшти дека во Козле ќе продолжи само третманот на пациенти во дневна болница и амбулантските прегледи.

По нормализирање на водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата ‘Козле’, непречено ќе продолжи хоспитализацијата на пациентите во оваа јавна здравствена установа - велат од Министерството за здравство.

Директорката на болницата, Катерина Бошкова вчера за дел од медиумите изјави дека функционираат со цистерни со техничка вода донесена од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

„Невозможно е да се лекуваат болнички пациенти без вода“, додаде д-р Бошкова.

ЈП „Водовод и канализација“-Скопје во врска со прекинот на водоснабдувањето на Детската болница Козле попладнево информираше дека при нивниот извршен увид констатирале оти причината за прекинот не е во нивна надлежност.

Во денешното писмено соопштение, од ова јавно претпријатие посочуваат дека станува збор за дефект на водоводната инсталација која е во сопственост на болницата.

За наведеното, известени се надлежните во болницата и тие треба да го санираат дефектот на внатрешната водоводна инсталација, велат од скопски Водовод.

Од јавното претпријатие посочуваат дека и покрај нивните апели, во текот на увидот констатирале дека болницата Козле нерационално ја користи водата за пиење, со полевање на парковската површина во склоп на болницата.

Од утре уште повисоки температури, здравствените власти со препораки за заштита на здравјето на населението

Скопје / Јули 2025
Скопје / Јули 2025

Во периодот од 20 до 24 јули 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат и до 41°C – информираше денеска (18 јули) Министерството за здравство, повикувајќи се на најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

По тој повод, Министерството апелира да се почитуваат општите препораки за заштита на населението од високи температури.

Меѓу нив, се вбројува препораката за престој во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

-Внесувајте доволно течности, избегнувајќи алкохол и засладени пијалоци. Носете лесна, светла облека и користете заштита за глава и очи. Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот – советуваат здравствените власти.

Во денешното соопштение се наведува дека особено чувствителни на високи температури се децата, бремените жени, старите лица и лицата со хронични заболувања.

-Во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш побарајте медицинска помош, велат од Министерството за здравство.

Оттаму препорачуваат активностите на отворено во најтоплиот дел од денот да се одложат, а на работното место и во домот да се обезбедат микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C).

УХМР претходно информираше дека под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност.

Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени Целзиусови, на повеќе места ќе надминува 35 степени, а наместа ќе биде и над 40 степени Целзиусови - велат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Продолжен притворот на обвинетите за пожарот во дискотеката во Кочани

Протест во Кочани / Март 2025
Протест во Кочани / Март 2025

Кривичниот суд денеска (18 јули) соопшти дека е продолжен притворот на обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Воедно, оттаму информираат дека обвинителниот акт е веќе доставен до сите обвинети и нивните адвокати. Откако ќе го примат, започнува рок од осум дена за приговор. По истекот на тој рок, судечкиот совет ќе заседава и ќе ја извести јавноста за следните чекори.

Судот, исто така, потврди дека Основното јавно обвинителство Скопје ќе го води понатамошниот дел од постапката.

-Кривичниот совет при овој суд постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство – Кочани за продолжување на мерките за обезбедување присуство на обвинетите, на обвинетите Д.Ј. од Кочани, Т.Ј. од Кочани, Џ.К. од Скопје и Б.Х. од Скопје им ја продолжи мерката притвор. Додека на обвинетите М.С., О.Г., Љ.П., И.Г., М.Г., С.Д., сите од Кочани, потоа Ј.Ј. и Љ.Г. од Скопје како и Б.М и Ш.Х., од Тетово и Е.М. од Виница им се продолжи мерката куќен притвор - стои во соопштението од Кривичен.

Во однос на конкретниот обвинителен акт КООА 155/25, оттаму информираат дека на 02.07.2025 година во попладневните часови списите на предметот биле доставени до судот, заедно со целокупниот доказен материјал меѓу кој вештачења, медицинска документација, како и техничка опрема одземена во текот на истрагата.

Потоа, предметот и сите предлози се завеле во АКМИС системот, а во наредниот ден актот е распределен на совет за оценка на истиот.

-При увидот во списите на предметот, утврдено е дека три обвинети правни лица немаат законски претставник во постапката, по што судот определи претставници по службена должност – велат од Кривичен.

Оттаму посочуваат дека дополнително на 08.07.2025 од страна на Јавниот обвинител било доставено доуредување на обвинителниот акт од 01.07.2025 година, кое се однесувало на генералиите и личните податоци на обвинетите.

Откако беа исполнети сите услови, советот издаде наредба за достава на обвинителниот акт со споменатото до уредување, заедно со листа на докази до сите обвинети, нивните бранители и претставниците на обвинетите правни лица поставени по службена должност.

Кога истиот ќе биде примен од странките, ќе започне да тече рокот од 8 дена за приговор, а по приемот на сите приговори и истек на Законски утврдениот рок, советот ќе заседава и ќе известува, велат од Кривичен.

Исто така, судот ја информира јавноста дека во текот на вчерашниот ден, 17.07.2025 година, во овој суд е доставено решение на Јавното обвинителство на Република С. Македонија РО бр. 367/25 од 15.07.2025 година со кое за месно и стварно надлежно обвинителство за постапување по конкретниот обвинител акт се определува Основно јавно обвинителство Скопје.

Оттаму апелираат да се почитуваат правата на сите засегнати како и законските рокови.

Согласно обвинителниот акт, на 34 физички и три правни лица обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ им се ставаат на товар - тешки дела против општата сигурност.

Помеѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Поради немање доволно докази, постапката се запира за 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри.

Во пожарот што се случи на 16 март, годинава животот го загубија 62 лица помеѓу кои шест деца, а над 200 беа повредени.

Случај „Адитив“: Претседателката на ДКСК обвинета за одавање службена тајна

Јавно обвинителство / архивска фотографија
Јавно обвинителство / архивска фотографија

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која се сомничи дека во периодот од мај до декември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ му сторила достапни податоци кои се сметаат за службена тајна.

Воедно, на Димитровска ѝ се става на товар и дека незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации.

-Како службено лице – претседател на ДКСК, од мај до декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна – стои во денешното соопштение од Обвинителството.

Според соопштението, Димитровска прекусвојот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот „Адитив“, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство.

- Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК - велат од Обвинителство.

На Димитровска ѝ се става на товар и дека незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации, откако преку службениот телефон му испратила пристапни податоци на ревизор во Државниот завод за ревизија, кој во нејзино име го положил тестот за безбедносна обука.

-На истата обвинета ѝ се става на товар и дека со цел да добие Сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Viber на третообвинетиот – ревизор во ДЗР, му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, велат од Обвинителството.

Оттаму посочуваат и дека третообвинетиот од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации.

Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна, појаснуваат од ОЈО.

Во обвинителен акт поднесен до Основен Кривичен суд, веќе обвинето во предметот „Адитив“, сега се товари и за кривични дела Злосторничко здружување, за помагање при Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.

-Обвинетиот, како член на група, вработен во едно од обвинетите правни лица, од месец јули 2022 до октомври 2024, со умисла извршил две или повеќе временски поврзани дејствија и искористувајќи ист траен однос и исти прилики и околности, на управителките на обвинети правни лица во предметот „Адитив“ им ставил на располагање средства и ги отстранил пречките за кривичното дело – информираше Обвинителството денеска (18 јули).

Во соопштението се додава дека на овој начин, тој им помогнал свесно да ги повредат прописите и да ги изиграат постапките за доделување на договорите за јавни набавки.

Обвинителството појаснува дека во периодот од месец август 2023 до ноември 2024 година, обвинетиот на сопствената денарска сметка уплатил парични средства во вкупен износ од 408.300 денари.

Покрај ова, од правното лице во коешто бил вработен во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања во вкупен износ од 1.963.800 денари.

Иако знаел дека средствата правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство, со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек, ги пуштил во оптек и ги подигнувал во готово, со што ги исполнил битијата на кривичните дела кои сега дополнително му се ставаат на товар, велат оттаму.

Покрај Димитровска, обвинителството поднесе обвинителен предлог и против уште две лица. Меѓу нив е и раководителка на сектор во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје, која во септември 2024 година, исто така, на неповикано лице му доставила податоци што се сметаат за службена тајна.

-Во обвинителниот предлог првообвинетата е службено лице – Раководител на сектор во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје која од јули до ноември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“, на друг начин му сторила достапни податоци што претставуваат службена тајна и се однесуваат на севкупното работење на правното лице.

Дополнително, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈОГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата што се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од Известувањето иако сите податоци, документи, известувања и извештаи согласно закон се сметаат за службена тајна и нивно откривање може да има штетни последици за започнатата постапка.

Истражната постапка беше отворена кон крајот на април како резултат на екстрахираните електронски докази во рамките на предметот „Адитив“ кој е веќе започнат и се суди во дигиталната судница во Идризово.

Онколози од Скопје почнаа со прегледи во Битола

Архива, илустративна фотографија
Архива, илустративна фотографија

Доктори од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија почнаа да прават консултативни прегледи во одделот за онкологија во Клиничката болница во Битола на барање на таа јавна здравствена установи.

Идната недела такви прегледи ќе прават и во Клиничката болница во Тетово - изјави директорот на УК за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски.

„Еден колега веќе отиде, а една колешка е отидена денеска. Планираме и следниот петок да оди уште една колешка од различни патологии. Во прво време тие одат за консултативни прегледи. Покрај Клиничката болница во Битола, има барање и од Клиничката болница во Тетово, каде доктори ќе одат идната недела. Тие се таму еден или два дена“, рече д-р Стојковски.

Тој најави дека пациентите ќе бидат навремено информирани за тоа кои доктори ќе одат и која патологија ќе ја покриваат, па наместо да доаѓаат во Скопје ќе можат со нив да се консултираат во местото на живеење.

Посочи дека во прво време тоа ќе биде во форма на консултативни прегледи, а потоа зависно од инфраструктурата и можностите на клиничките болници во Битола и Тетово, ќе почне да се аплицира и некоја специфична онколошка терапија.

„Се планира и други болници да бидат опфатени, уште разговараме, бидејќи некои од нив немаат соодветна инфраструктура. За да доаѓа некој специјалист од Скопје треба да има и соодветна инфраструктура во смисла на дневна болници, просторија за прегледи...“, додаде д-р Стојковски.

Прашан кога онколошките пациенти ќе можат да ја подигнуваат терапијата во аптека во местото на живеење, рече дека за хроничната таблетарна терапија која ја користат пациентите со хормонски зависен канцер на дојка, идната недела или неделата по неа, на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување треба да се усвои одлука, потоа се објавува во соодветни правилници, по што пациентите ќе можат да ја подигнуваат во аптеките.

„Со извештај од специјалист онколог, матичниот лекар пишува рецепт и пациентот ќе моќе да ја подигне терапијата во аптека. Работиме и на протоколите за апликација на терапија во другите центри што ќе бидат дисперзирани и се надевам дека и нив ќе ги завршиме“, појасни д-р Стојковски.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG