Достапни линкови

Книжарницата на тркала – акција на „Антолог“ за достапност на книгата


Книжарницата на тркала на „Антолог“ на Плоштад Македонија во Скопје
Книжарницата на тркала на „Антолог“ на Плоштад Македонија во Скопје

Замислена како сосема нов и иновативен концепт чија цел би била да ја подигне на друго ниво достапноста на книгите и културата на купување книги посебно во време на пандемија, Книжарницата на тркала на книгоиздателството „Антолог“ за кратко време ја освои читателската публика во земјава.

„Одамна размислувавме за можноста што повеќе да ги доближиме книгите до нашите читатели што секојдневно нè следат и нè поддржуваат, особено во оние места каде што за жал бројот на книжарниците и достапноста на книгите се на многу ниско ниво. Оваа нова и иновативна книжарница на тркала е следната приказна што ја испишуваме и на која сме особено горди. Атрактивната книжарница ќе патува низ целата земја за да биде што поблиску до книгољупците, задржувајќи го сепак оригиналниот уметнички концепт по кој како бренд сме препознатливи. Покрај богатиот асортиман на домашна и преводна литература за сите возрасти, идејата е и да прерасне во атракција што ќе обединува книжевни настани, промоции, средби и гостувања на автори“.

Ова ќе го запишат во својата порака до читателите иу воопшто до културната јавност од издавачката куќа „Антолог“ , некаде на средината на март годинава, при промовирањето на својот нов проект Книжарница на тркала. И, се разбира авантурата ќе ја започнат од Плоштадот Македонија во Скопје, за потем да скокнат и до Куманово, Велес... и својски да почнат да работат на посетите на другите поголеми градови во Македонија. И, да испишуваат нови редови за својата штоттуку почната издавачка авантура. „Бидејќи во животот секој ред е важен – со храбри нови зборови, да создаваме прекрасни нови светови!“, како што знаат ка кажат од „Антолог“.

А, за ваквиот исчекор одговори побаравме од Кристина Дукоска од Книжевниот центар на „Антолог“

Дукоска, по нешто повеќе од дваесеттина дена од промовирањето на Книжарницата на тркала како нова и свежа идеја за приближување на книгата до читателот, кои се првичните сознанија што ги имате во „Антолог“?

Првичните сознанија се дека луѓето се гладни за книжевност, гладни за културни настани и новитети, особено луѓето од другите делови на Македонија, од кои секојдневно добиваме пораки и покани да ги посетиме. Перцепцијата во главниот град е исто така одлична, но тука и бројот на книжарниците и интензитетот на организација на книжевни и културни настани се колку-толку солидни, па очекувано е дека оваа идеја носи радости пред сè во оние средини каде што ги нема во толку голем број. Кога размислувавме за концептот на создавање на оваа Книжарница на тркала, приоритет ни беа токму читателите, нивните желби и интереси, па нејзината главна цел е секако достапноста на книгите и културата на купување книги да се подигнат на едно друго ниво.

Писателот и македонски кандидат за наградата „Балканика“ - Владимир Јанковски пред Книжарницата на тркала во Градски парк Скопје

Иако сè уште не сме посетиле многу локации, првичните реакции се многу позитивни, како оние што ги читаме по објавите на друштвените мрежи така и при личните средби, луѓето поминуваат покрај Книжарницата на тркала и буквално ни аплаудираат за иницијативата. Изборот на насловите достапни во книжарницата е еден интересен сплет од нашите најактуелни наслови, фикција и нефикција, преводи и домашни автори, книги за возрасни и книги за деца. На првиот викенд во Градскиот парк во Скопје најголем интерес имаше токму за литературата за деца, но и за домашните автори, од кои дел и беа присутни, па читателите имаа ексклузивна можност да добијат и потпишан примерок од нивните книги. Во Куманово пак, каде што гостувавме на 1 април, најмногу се интересираа за најновите трилери и популарната психологија. Слично беше и во Велес каде бевме во петокот на 9 април, а паралелно започнавме да работиме на гостувања во Делчево, Валандово, Кочани итн.

Колку има простор за развивање на поширокиот концепт за делување на Книжарницата како еден подвижен Културен центар во времево на пандемија и животни премрежиња? Кој е вашиот следен исчекор?

Актуелната ситуација секако е голем предизвик, особено затоа што некогаш буквално до последен момент не знаеме дали ќе бидеме присутни некаде и дали ќе организираме некаков настан бидејќи ги очекуваме новите мерки што ќе бидат воведени. Сепак, и за нас здравјето е најважно и приоритетно, така што секако дека ќе се придржуваме до сите протоколи за заштита. Самата појава на оваа патувачка книжарница неслучајно е токму во ова време бидејќи сме свесни дека луѓето повеќе читаат кога се дома, од друга страна пак саемите на книги и другите книжевни настани се откажани и читателите што не се од Скопје немаат голем избор на книжарници, па ние го правиме токму тоа – ги доближуваме книгите до нив, им ги носиме на места каде што ќе им бидат лесно достапни, во непосредна близина на нивното место на живеење. Една од идеите на подвижната книжарница, меѓу другото, е да биде своевиден центар на културни настани, но секако дека кога ќе ги организираме тие настани, секогаш ќе ги земаме предвид здравјето и заштитата на нашите сограѓани.

Кристина Дукоска од Книжевен центар „Антолог“

Со што ќе ги изненадите љубителите на книгата оваа пролет? Конечно, се чита ли кај нас во земјава и за што постои најголем интерес?

Последниве години се забележува една позитивна тенденција на враќање на читањето во мода, а тоа е особено изразено последнава година, што воопшто не е чудно затоа што книжевните светови секогаш нуделе можност за бегство од реалноста кога таа е премногу тешка за живеење. Кај нас има најголем интерес за современата светска фикција, но сè повеќе и домашните автори си го наоѓаат своето место на полиците на нашите читатели, а нè радува и тоа што во последно време имаме и голем број читатели од најмала возраст. Од она што ќе го понудиме во претстојниот превод би сакала да ја издвојам многу влијателната книга „Потекло“ од Саша Станишиќ, автор со босанско-српско потекло, кој пишува на германски јазик и кој за оваа книга ја доби најзначајната книжевна награда во Германија во 2019 година; потоа имаме една убава вест за сите љубители на турскиот трилер-мајстор Ахмет Умит, со кого ја продолжуваме соработката и наскоро во наше издание ќе излезе неговиот роман „Крикот на ластовицата“; за оние што преферираат малку поинаква литература би го најавила рускиот духовен роман „Остров“ од авторот Димитриј Орехов со православно-филозофска содржина; ќе следуваат нови книги и од оние автори со кои веќе подолго соработуваме и по кои сме препознатливи, како Фредрик Бакман, Софија Лундберј, Лејла Слимани, Олга Токарчук, Сјон, но и многу нови автори што се ѕвезди на светската книжевна сцена, а допрва ќе ги пласираме на македонскиот пазар, од кои би го издвоила Андерс Рослунд.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG