Достапни линкови

Ја напаѓаат Македонија за да собираат поени во Србија


Првата средба на премиерот Заев со српскиот претседател Вучиќ во 2017 година
Првата средба на премиерот Заев со српскиот претседател Вучиќ во 2017 година

Изјавата на српскиот министер Александар Вулин дека Скопје е шпионски центар против Вучиќ, според експертите, е политичка изјава која се надоврзува на реториката на српската власт која ја напаѓа Македонија за да собира поени на домашна сцена, не грижејќи се што така ги урива билатерланите односи

Изјавата на српскиот министер за одбрана Александар Вулин дека „Скопје станало центар на разузнавачки активности насочени против актуелната власт во Србија“, ја разбранува јавноста и се надоврза на ваквата реторика која последните неколку месеци доаѓа и од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој често како негативен пример покажува македонски политички искуства од последните две години.

Изјавата на Вулин дојде по средбата на лидерот на српската опозиција Драган Ѓилас со македонскиот премиер Зоран Заев, на која лидерот на „Сојузот за Србија“ го запознал Заев со неколкумесечните протести против претседателот Александар Вучиќ и српската Влада.

„Скопје стана она што некогаш беше Будимпешта, центар на разузнавачките активности против Србија. Стана простор каде што се обезбедува финансирање и поддршка на шпионите од целиот регион. Скопје стана простор од кој доаѓаат и ќе доаѓаат нападите врз Србија и претседателот Вучиќ“, рече Вулин во изјава за српскиот провладин весник „Вечерни новости“.

Македонија нема интерес да биде анти-српски разузнавачки центар

Ова го негираше министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која во изјава за „Независен весник”, а на прашање за разузнавачки активности во нејзиниот кабинет и во армискиот Генералштаб, рече дека по добивањето влезница за членство во НАТО, ние самите сме побарале од меѓународните партнери да ни помогнат во спроведување на ветинг-процедурата врз вработените.

Дека Скопје станало центар за разузнавачки активности против Вучиќ разубедува и поранешниот македонски министер за внатрешни работи и поранешен долгогодишен функционер во македонските безбедносни служби, Павле Трајанов. Тој вели дека во Македонија има засилени активности на странски разузнавачи, но нивното дејствување првенствено е поврзано со македонско-грчките преговори и со македонското членство во НАТО и ЕУ, а не во насока на уривање на власта на српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Тие служби немаат интерес тоа да го прават од Македонија кога можат да го прават од Србија, од Белград, од Ниш, од Нови Сад... Србија не може да ги запре тие странски активности таму, бидејќи знаеме како функционираат, и затоа тие немаат потреба да делуваат од Македонија. Нашата држава, пак, нема ни капацитет, а особено нема интерес да биде центар на вакви дејствувања“, вели Трајанов за РСЕ.

Паушални политички изјави за домашна употреба

Ставањето на Македонија во негативна конотација последниве речиси две години е карактеристично и во изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој во неколку наврати изјавуваше дека тој „немало да направи грешка како Заев“, дека Србија „немало да дозволи да ѝ се мешаат во внатрешните работи како Македонија“, дека тој „немало да се излетува со референдум како Заев“. Продолжение и поддршка на таа реторика често се изјавите токму на шефот на српската одбрана Вулин, кој и во овј последен случај рече дека „цврстиот став на претседателот Вучиќ, дека Србија нема да ја прифати власта на амбасадорите го доведоа да биде постојано изложен на нападите на службите“.

„Нема да си играм како во Македонија со консултативен референдум. Народот вели дека е ‘против’, а вие во Собранието сепак гласате ‘за’. Начинот на кој тоа е изведено, јас никогаш не би го направил“, беше една од десетината изјави на српскиот претседател Александар Вучиќ, во кои тој посочуваше „негативни“ примери од Македонија.

Според аналитичарите, ваквите изјави на дел од српските политичари се последица од заладувањето на односите меѓу двете земји, што почна по промената на власта во Македонија, односно по заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ, сестринската партија на партијата на Вучиќ, кој во повеќе наврати минатите години индиректно го критукуваше и начинот на доаѓање на власт на Заев и Преспанскиот договор, а од поновите недоразбирања беше и српската улога во бегството на Груевски. Тие изјави, велат експерти, се само за собирање поени на српската политичка сцена.

Павле Трајанов смета дека таквите изјави што доаѓаат од северниот сосед, особено оваа последната на министерот Вулин, се паушални и се даваат за политички цели во Србија.

„Тие долго време го поддржуваа ВМРО-ДПМНЕ, aма сега во Македонија на власт е друга партија. Токму тука јас ги гледам причините за вакви изјави, да имаат за нешто 'да се фатат' и сето тоа за внатрешна употреба во Србија“, вели Трајанов и додава дека сето ова што го прават претседателот Вучиќ и дел од неговите министри не оди воопшто во прилог на македонско-српските односи кои, особено во економијата, добро се развиваат, а и односите на двата народа се на добро ниво.

XS
SM
MD
LG