Достапни линкови

Вести

Заев-главниот фокус на владата ќе бидат економските перспективи

Архивска фотографија-премиерот Зоран Заев
Архивска фотографија-премиерот Зоран Заев

По три месеци од работењето на новата влада премиерот Зоран Заев денеска во Велес оцени дека започнале со економските мерки, наведувајќи дека до Собранието ги поднеле законите за минимална плата, за стечајците, ја вовеле дневната тарифа за струја, а институциите, како што рече веќе ги отвориле постапките за скратување за одредени процедури за намалување на трошоците.Македонија трасираше добри перспективи кон ЕУ и НАТО, тоа го препознаваат сите граѓани, но како што додаде премиерот, тоа нема да го почувствуваат веднаш.

“ Затоа главниот фокус на Владата ќе биде на економските перспективи и јас ја барам поддршката на граѓаните заедно со Владата и новите општини по локалните избори Македонија да има подобра економија и да се стави крај на сиромаштијата во земјава” рече Заев.

Тој во Велес најави дека поранешниот градоначалник Аце Коцевски ќе биде кандидат на СДСМ за градоначалник на оваа општина на локалните избори.

види ги сите денешни вести

ЕП го одобри воведувањето на Системот за влез и излез на надворешните граници на ЕУ

илустрација
илустрација

Со 572 гласа „за“, 42 „против“ и 67 „воздржани“, Европскиот парламент денеска (8 јули) го одобри постепеното воведување на Системот за влез и излез (ЕЕС) на надворешните граници на ЕУ, со што се отвора патот за старт на неговата имплементација од есен.

Според овој нов систем, граничните службеници ќе ги скенираат отпечатоците од прсти на лицата кои ја преминуваат границата за прв пат, ќе ги фотографираат и ќе ги евидентираат нивни податоци од пасошот. Овие информации ќе се чуваат во дигитална датотека, што ќе овозможи точно да се знае кој кога влегол во Шенген зоната со странски пасош и кој евентуално останува подолго од дозволените 90 дена.

Целта на системот, според ЕУ, е да се подобри безбедноста, да се забрза процесот на проверка на границите и да се намали чекањето на премините.

Постепеното воведувањето на системот ќе трае 180 дена, при што во првите 30 дена во системот ќе треба да се евидентираат најмалку 10 отсто од лицата што ја минале границата, до 90-от ден таа стапка треба да достигне најмалку 35 проценти, а до 180-от треба почне евидентирањето на сите преминување на граничните премини,

Оваа методологија на воведување на ЕЕС системот е доброволен, што значи дека земјите членки на ЕУ можат да го воведат целосно доколку сакаат уште од првиот ден.

Сега останува воведувањето на системот да го одобри уште Советот на ЕУ, по што Европската комисија треба да го одреди датумот за почеток на неговата постепена примена.

Кремљ „шокиран“ од наводното самоубиство на отпуштениот министер

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ изрази шокираност поради, како што соопштија, очигледното самоубиство на поранешниот министер за транспорт Роман Старовојт, неколку часа откако беше разрешен од функцијата од претседателот Владимир Путин.

Старовојт беше министер за транспорт една година, а претходно беше гувернер на пограничниот Курски регион, каде што Украина започна упад.

Властите соопштија дека телото на Старовојт е пронајдено во московското предградие Одинцово со прострелна рана.

„Не може да не ги шокира обичните луѓе. И секако, и нас нè шокираше“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите, според руските новински агенции.

Песков рече дека „не сака да коментира“, но додаде дека „Претседателот, секако, бил веднаш информиран“, додаде тој.

Руските медиуми шпекулираа дека Старовојт требало да биде испрашуван за корупција во Курскиот регион. Неговиот наследник беше уапсен оваа пролет за проневера на средства наменети за зајакнување на утврдувањата во регионот.

Путин го назначи Андреј Никитин за вршител на должноста министер за транспорт на Русија неколку часа по разрешувањето на Старовојт.

Никитин во вторник се обрати пред рускиот парламент, Думата, пред тој да ја ратификува одлуката на Путин. Ни Никитин, ниту претседателот на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, не го споменаа сомнителното самоубиство на Старовојт во нивните воведни говори во Думата.

Никитин рече дека „безбедноста на транспортот“ ќе биде еден од неговите приоритети бидејќи е „особено важна во моментов“ со нападите со украински беспилотни летала што предизвикуваат хаос на руските аеродроми.

Неговиот претходник беше отпуштен откако стотици летови беа откажани низ Русија минатиот викенд за време на големата офанзива со беспилотни летала на Киев.

Смртта на Старовојт се случи во време кога Русија презеде мерки против воени и некои цивилни службеници за време на украинската офанзива, при што Кремљ цврсто ја контролира владејачката класа во земјата.

Обвинение за поранешниот директор на Шутка и седум затворски полицајци

Затворот во Шуто Оризари
Затворот во Шуто Оризари

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција поднесе Обвинителен предлог против осум лица вработени во КПУ Затвор Скопје.

Врз основа на прибраните докази првообвинетиот како директор на установата и двајца полициски службеници како соизвршители сториле продолжено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“. Од нив еден полициски службеник сторил и кривично дело „Несовесно работење во службата“, за кое дело се обвинети и останатите петмина полициски службеници.

Осомничените во период од март до јули 2024, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, при вршење на нивните овластувања, при што на петмина осуденици им овозможиле погодности што согласно судските одлуки не им следувале.

Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби, што е спротивно на постапката за спроведување на лица лишени од слобода вон установа.

Постапката беше отворена во февруари годинава против десет лица од кои за две лица е донесено Решение за отфрлање поради немање на докази.

Тогаш беше соопштено дека петмина осуденици од затворот во Шуто Оризари незаконски биле привремено ослободувани по 8 до 10 часа.

Жителите на Ужице протестираат поради приведување на нивни сограѓани

Протест поради апсењето на шест демонстранти, Ужице, Србија, 7 јули 2025 година
Протест поради апсењето на шест демонстранти, Ужице, Србија, 7 јули 2025 година

На 8 јули, дел од граѓаните на Ужице се собраа пред зградата на судот во тој град во југозападна Србија, барајќи ослободување на шестемината уапсени на протестот пред два дена.

Локалните медиуми известуваат дека нивното сослушување е во тек .

Некои од нив беа приведени, како што претходно објави Министерството за внатрешни работи (МВР), под сомнение за насилно однесување и напад врз службени лица за време и по обидот на група граѓани во неделата да блокираат регионален пат.

Вечерта на 6 јули, силни полициски сили ги отстранија граѓаните што седеа на главниот пат, по што демонстрантите ја обвинија полицијата за прекумерна сила при пробивање на блокадата, за удирање на некои од насобраните и употреба на бибер спреј.

Министерството за внатрешни работи потоа објави дека околу 350 граѓани го пробиле полицискиот кордон, излегле на националниот пат и го блокирале сообраќајот, дека собраните не одговориле на полициското предупредување и наредба за евакуација и дека полицијата интервенирала подоцна.

Притворот на еден од тројцата демонстранти кои беа уапсени во Чачак под сомнение за напад врз полицајци на протест пред просториите на владејачката Српска напредна партија (СНС) во тој град во југозападна Србија беше продолжен на 30 дена.

Како што објави Бета, неговиот притвор е продолжен поради сомневање дека „ги нападнал полицајците со метален телескоп“, додека двајцата се ослободени.

Поради продолжување на притворот на тој граѓанин, неколку стотици луѓе се собраа и во понеделник вечерта пред зградата на Полициската управа во Чачак, од каде што излегоа на протестна прошетка низ градот.

После тоа, неколку стотици блокираа дел од Ибарската магистрала и го запреа сообраќајот од Чачак кон Ужице.

Министерството за внатрешни работи во вторник објави дека полицијата привела 18 лица на блокади на патиштата во Србија претходната ноќ и го проверила идентитетот на 800 граѓани.

„Во Белград, Ужице и Нови Сад беа регистрирани неколку инциденти, во кои полицијата постапи во согласност со законот“, соопшти МВР.

Блокадите низ цела Србија започнаа на повикот на студентите за граѓанска непослушност на протестот во Белград на 28 јуни, кога тие повторно побараа распишување предвремени избори, за владата да ја отстрани шаторската населба на поддржувачи на владејачката Српска напредна партија што стои меѓу Претседателството и зградите на Народното собрание повеќе од три месеци - поради што нема сообраќај во центарот на главниот град, како и ослободување на притворените студенти.

Демонстрациите и студентските блокади на факултетите во Србија траат веќе осум месеци, со кои се бара одговорност од властите на Српската напредна партија (СНС) за смртта на 16 лица при падот на настрепницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.

Сиљановска-Давкова ќе го чека новиот закон за Судски Совет, па потоа ќе предложи нов член

Претседателката на РСМ, Гордана Сиљановска-Давкова
Претседателката на РСМ, Гордана Сиљановска-Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарски прашања изјави дека се уште не предложила наследник за членот на Судскиот совет Милјазим Мустафа, чиј мандат истекува утре (9 јули), бидејќи како што вели, ја критикувала работата на овој Судски совет и според неа, лошиот закон за Судски совет, во којшто критериумите за избор се несоодветни. Вели дека ќе го почека донесувањето на новиот закон за судски совет во Собранието.

„Не, не го сторив тоа, јас ја критикував работата на овој Судски совет, една од причините за Судскиот совет и за судството, е и лошиот закон за Судски совет, во којшто критериумите за избор се несоодветни, овозможуваа политизација и партизација во Судскиот совет, говорам не само за двајцата членови, кои според Уставот јас ги предлагам, туку и за оние од Собранието, како и оние коишто се избираат од самите судии“, изјави Сиљановска-Давкова.

Потсети дека по Оценската мисија на ЕУ било заклучено дека една од најважните реформи во судството треба да биуде прво разговор со експерти по уставно и казнено право.

„Сугерирано ми е, и мислам дека е тоа во ред, да го почекам донесувањето на законот, министерот тврди дека тоа ќе оди брзо, решенијата од новиот закон се многу построги, попрецизни, појасни... Работата на советот минус еден член, нема да го оневозможи одлучувањето, бидејќи знаете дека одлуките се носат со осум члена од петнаесетте. Кога мерам јас не би сакала во последниот воз или налет по стариот закон каде што не е јасно што е тоа истакнат правник, а да не говорам и за самата постапка, таа не е конкурентна, не е компетитивна, со еден кандидат е, има решенија кои што мислам дека е добро секој нов член на Судскиот совет да ги исполни за да влезе во Судскиот совет“, потенцира Сиљановска-Давкова.

Сепак оцени дека има бројни измени во законот, коишто според неа се квалитетни.

Претседателката информира дека денеска ќе го испрати писмото до претседателот на Собранието, со образложение дека ќе го почека новиот закон.

„Денеска ќе го испратам писмото до претседателот на Собранието, бидејќи Собранието го врши изборот, со причините заради кои мисолам дека кога мерите, е подобро да го почекате донесувањето на новиот закон бидејќи по него сите други ќе се регрутираат, односно избираат, одошто на некој начин да го легитимирате и законот што жестоко сте го критикувале, ама и работата на Судскиот совет која не би сакала уште еднаш да ја оценам“, рече претседателката.

Членот на Судскиот совет, Милјазим Мустафа беше избран во Собранието на 9 јули 2019 та на предлог на поранешниот претседател Стево Пендаровски.

Седум активни пожари, еден локализиран и еден под контрола

Пожар над Блаце, 7 јули 2025 година
Пожар над Блаце, 7 јули 2025 година

Активни се вкупно седум пожари на отворено, еден е локализиран, еден е под контрола, а изгаснати се 23, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Како што информираат оттаму, активни се пожарите во општина Прилеп – с. Бешиште, општина Македонски Брод – помеѓу с. Црешнево и с. Слатин, општина Чашка – под Солунска глава, меѓу изворите на Бабуна и Бабина дупка, општина Чучер Сандево – помеѓу с. Блаце и с. Чучер Сандево, општина Шуто Оризари – Њу Стар Хотел, општина Дојран – с. Николич и општина Крива Паланка – с. Жидилово.

Локализиран е пожарот во Општина Делчево – градска депонија, а под контрола е пожарот во Општина Македонски Брод – с. Самаково (лесно запалив материјал).

Според ЦУК, изгаснати се пожарите во Сарај – с. Глумово, Петровец – с. Ржаничино, Аеродром – с. Долно Лисиче, Ѓорче Петров 1 – с. Злокоќани, Ѓорче Петров 2 , Чучер Сандево – м.в. Голиево, Центар – ул. Лазар Личеноски, Велес – с. Горно Оризари, Куманово – с. Белаковце, Старо Нагоричане 1 – с. Ругинце , Старо Нагоричане 2 – с. Ругинце , Кратово – с. Железница, Штип – с. Балвани, Долнени – с. Сарандиво, Боговиње – с. Седларце, Брвеница – с. Теново, Желино – с. Чефлик, Врапчиште – с. Неготино, Битола 1 – с. Магленце, Битола 2 – близина на болницата Плодност, Свети Николе – правец Штип – Велес, Прилеп 1 – м.в. Жабино маало и Прилеп 2 – кај фирмата Гаро-Градба.

Надлежните апелираат до граѓаните да не палат оган на отворен простор, особено во периоди на високи температури и зголемен ризик од пожари.

За справување со пожарите во летниот период, Владата овој месец најави вработување на 400 пожарникари. Тоа е предвидено во Оперативниот план за 2025 „Визија за промена“ – соопштија и од владината прес-служба и од владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

Заради превенција и подобро справување со шумските пожари, овие 400 лица ќе се вработат во општините каде што има најмногу потреба за нив, додадоа од партијата.

Европратениците ќе дебатираат за Предлог-извештајот на Вајц за земјава

Зградата на Европскиот парламент во Стразбур
Зградата на Европскиот парламент во Стразбур

Европратениците денеска (8 јули) ќе дебатираат за Предлог-извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц по извештаите на Европската комисија за земјава за 2023 и 2024 година.

„Европскиот парламент ја повторува својата целосна поддршка на континуираната и доследна посветеност на Северна Македонија за приклучување кон ЕУ и на потребните трансформативни промени што се потребни за исполнување на критериумите за пристапување, ја пофалува посветеноста на земјата на европската интеграција и ги охрабрува континуираните напори за унапредување на реформите усогласени со ЕУ и покрај предизвиците и неуспесите што го тестираа трпението и довербата на македонското општество“, се наведува во Предлог-извештајот на Вајц.

Во документот се посочува дека земјава има статус на кандидат за членство ЕУ од 2005 година, дека успешно го заврши скрининг процесот во декември 2023 година и дека аспирациите на граѓаните за приклучување кон Унијата доведоа до напредок во однос на демократијата и социо-економските реформи, но сепак процесот на пристапување и натаму за жал се соочува со одложувања од различни причини.

Исто така се наведува дека согласно своите обврски од заклучоците на Советот од јули 2022 година, земјава „треба да ги спроведе уставните измени за да може веднаш да заврши почетната фаза на пристапните преговори“, како и дека македонските власти „предложиле решенија за уставни промени кои не ги исполнуваат условите од заклучоците на Советот од јули 2022 година“.

Во точката К од документот се посочува дека Советот „не го исклучи недвосмислено поставувањето на понатамошни нови услови за започнување на пристапните преговори“, па во членот 3 европратениците го повикуваат Европскиот совет „јавно и недвосмислено да сигнализира дека Советот има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за преминување во следната фаза од преговорите за пристапување со Северна Македонија откако ќе бидат исполнети условите од неговите заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет...“.

На овој член 3 е поднесен заеднички амандман предложен од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кој се предлага бришење на делот од текстот: „целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет...“.

Во точката Л од предлог извештајот се потсетува дека „ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“, но со заеднички амандман предложен од Халицки, Ван Бремпт и Барна во име на нивните групи се предлага целосно бришење на оваа точка.

За разлика од нив, Вајц предлага останување на точката Л и додавање на нова точка Л-а која би гласела: „со оглед на тоа што прашањата за јазикот, идентитетот и културата се по природа чувствителни, особено во контексти што вклучуваат сложени историски наративи и нови независни држави“.

„(ЕП) ја поздравува посветеноста на македонскиот народ на интеграцијата во ЕУ и поддршката што тој ја покажува на овој проект две децении од почетокот на процесот; ја повикува Комисијата да направи се што е можно за да им помогне на властите на Северна Македонија да ги остварат потребните чекори пред да влезат во следната фаза на преговорите, како и понатаму во процесот на преговори, за да помогне во исполнувањето на очекувањата на граѓаните и земјата и да ги почувствуваат сите мерки од постепена интеграција во структурите на ЕУ, со што ќе се зголеми довербата во ЕУ и нејзините демократски вредности“, се наведува во Извештајот.

Во документот исто така се нотираат средствата што ги добива земјата од одделни членки на ЕУ и добрата соработка со нив, но сепак се „предупредува на зајакнување на сојузите со нелибералните режими“.

На Предлог-извештајот се поднесени вкупно 28 амандмани, меѓу кои покрај веќе споменатите, се и тие на бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од редовите на групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), кој предлага три амандмани со кои се предвидува вметнување на зборот „современ“ пред „македонски јазик и идентитет“ во точката Л и членовите 3 и 7. Покрај ова, Валчев има поднесено и амандмани за вметнување на протоколите од Договорот за добрососедство во извештајот, за „изнаоѓање заедничка наратив за заедничката историја“ и за „заштита на припадниците на бугарското малцинство во земја.

Грчки европратеници, пак, бараат вметнување на содржини за почитување на „суверенитетот, уставниот идентитет и културното наследство на постојните земји членки“ на ЕУ, запирање на „говорот на омраза кон земјите членки кои се нејзини соседи, особено Грција и Бугарија“ и осуда на „службената злоупотреба на името „Македонија“ од страна на владини претставници“ на земјава, потоа замена на „македонска“ или „македонски“ со „на Северна Македонија“ и „национално наследство“ со „државно наследство“, како и покрај Коридорот 8, наведување и на Коридорот 10 во делот за транспортната поврзаност.

Инаку, Предлог-извештајот е пропратен и со „Објаснувачка изјава“ на Вајц, кој е известувач на ЕП за земјава, во која се наведува дека со документот имам за цел да обезбеди избалансирана проценка на сложениот политички контекст во земјава, истовремено повикувајќи ги политичките засегнати страни во државата да ги унапредат реформите и да ги почитуваат минатите договори, а институциите на ЕУ и земјите членки да спречат идни билатерални блокади и на земјата да и ги обезбедат потребните гаранции и соодветната поддршка.

Гласањето по Предлог-резолуцијата на Вајц е предвидено за утрешното продолжение на овонеделната сесија на Европарламентот во Стразбур.

Трамп го пролонгира рокот за стапување во сила на царините до 1 август

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа (7 јули) потпиша извршна наредба со која се пролонгира стапувањето во сила на така наречените реципрочни американските царини до 1 август.

Новите стапки се пониски од одложените реципрочни царини што Трамп ги објави на почетокот на април - 37 проценти за Србија и 35 проценти за Босна и Херцеговина. Набрзо ги одложи тие царински давачки за 90 дена.

Трамп ги објави новите царини во писма до лидерите на земјите, во случајот со Србија до претседателот Александар Вучиќ, а во случајот со БиХ до актуелната претседателка на претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ.

Овие писма се исти, освен што се разликуваат во царинската стапка што ја воведуваат поединечните земји.

Трамп го започнува писмото со наведување дека е „почестен“ што испраќа писмо кое ја покажува силата и посветеноста на трговските односи меѓу САД и дадената земја и „фактот дека САД се согласиле да продолжат да работат“ со таа земја, и покрај, како што наведува, „значајниот трговски дефицит“ на САД со таа земја.

Тој понатаму го повикува лидерот на земјата да учествува во „извонредната американска економија, пазарот што е убедливо број еден во светот“.

Трамп додава дека неговата администрација заклучила дека САД мора „да ги прекинат долгорочните и многу постојани трговски дефицити предизвикани од нецарински, политички и трговски бариери“ што ги имаат тие земји, како што се во случајот, БиХ и Србија.

Американскиот претседател вели дека наведената царинска стапка - 30 проценти за БиХ и 35 проценти за Србија - е далеку помала од она што е потребно за елиминирање на нееднаквоста и трговскиот дефицит.

Тој истакнува дека нема да има царина ако одредена земја или компании од неа одлучат да произведуваат во САД.

Трамп, исто така, се закани дека ќе ги зголеми царините доколку земјите одлучат да возвратат со воведување дополнителни царини на американскиот увоз.

„Ако од која било причина одлучите да ги зголемите вашите царини, тогаш без оглед на бројот што ќе одлучите да го зголемите, тој ќе биде додаден на 35-те проценти што ги наплаќаме“, рече Трамп во писмо до Вучиќ.

Во понеделник, Трамп објави нови царински стапки за голем број земји на неговата мрежа „ Truth Social“.

Тој најави царини од 25 проценти за Јапонија, Јужна Кореја, Малезија и Казахстан, 30 проценти за Јужна Африка, 32 проценти за Индонезија, 35 проценти за Бангладеш, 36 проценти за Камбоџа и Тајланд и 40 проценти за Лаос и Мјанмар.

Трамп вели дека САД ќе продолжат да испорачуваат оружје за Украина

Систем за воздушна одбрана „Патриот“ инсталиран во воениот центар за Украина на аеродромот Жешов-Јасионка во Јасионка, Полска
Систем за воздушна одбрана „Патриот“ инсталиран во воениот центар за Украина на аеродромот Жешов-Јасионка во Јасионка, Полска

Американскиот претседател Доналд Трамп на 7 јули изјави дека Соединетите Држави ќе испратат повеќе оружје во Украина за да ѝ помогнат на земјата разурната од војна да се одбрани од руските напади.

„Ќе испратиме уште оружје. Мораме. Тие мора да бидат способни да се одбранат. Сега се погодени многу силно“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.

САД ќе испратат првенствено одбранбено оружје, додаде тој, зборувајќи на почетокот на вечерата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Коментарите изгледаат како пресврт на најавата на Пентагон минатата недела дека ќе се воздржи од испорака на некои ракети за воздушна одбрана, прецизно водена артилерија и друго оружје поради загриженоста дека американските залихи се намалиле премногу.

Украина бара од Вашингтон да ѝ продаде повеќе ракети и системи „Патриот“ што ги смета за клучни за одбрана на своите градови од она што стана речиси редовни ноќни руски воздушни напади, додека војската на Москва се обидува да ја совлада воздушната одбрана на Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно се осврна на потребата од повеќе единици за воздушна одбрана „Патриот“ во своето вечерно видео обраќање на 7 јули.

„Работиме, особено, со американската страна на релевантните одлуки во врска со системите „Патриот“ и ракетите за нив“, рече тој.

По повикот со Трамп на 4 јули, Зеленски рече дека се согласил да работи на зголемување на способноста на Киев да „го брани небото“ додека руските напади ескалираа. Тој рече дека разговарал со Трамп за заедничко производство на одбрана, набавки и инвестиции.

Трамп рече дека на Украина ќе ѝ бидат потребни ракети „Патриот“ за да се одбрани, но во изјавата од 7 јули, не ги спомена конкретно.

Трамп рече дека е решен да го прекине конфликтот и повторно ја изрази растечката фрустрација од рускиот претседател Владимир Путин.

„Воопшто не сум задоволен од претседателот Путин“, рече Трамп.

Тој се закани дека ќе воведе нови санкции против руската нафтена индустрија за да се обиде да го поттикне Путин на мировни преговори, но досега се воздржа.

Сепак, сенаторот Линдзи Греам (републиканец од Јужна Каролина) минатата недела изјави дека Трамп му дал зелено светло да го протурка законот со кој се бара висока царина за стоки увезени од земји како Кина и Индија кои продолжуваат да купуваат руска нафта.

Зеленски на 7 јули објави планови за проширување на производството на беспилотни летала со сојузниците за повоениот период.

„Работиме со партнерите за да обезбедиме дека производството во нивните земји работи со полн капацитет - и за нашата заедничка одбрана денес и за арсеналите на партнерите по војната“, рече Зеленски во своето вечерно видео.

Киев соработува со сите лидери и земји кои можат да помогнат преку инвестиции, компоненти или производство, вели Зеленски.

„Чекор по чекор, го затвораме финансискиот јаз за производство на беспилотни летала и беспилотни летала-пресретнувачи и ги пополнуваме украинските производствени линии со специфични нарачки“, информираше украинскиот претседател.

Украина се брани од целосна руска инвазија што започна во февруари 2022 година. Руските напади врз Украина што траеја до раните часови на 7 јули убија најмалку 11 цивили, а повредија повеќе од 80 други, вклучувајќи седум деца, соопштија официјални лица.

Поранешниот руски министер за транспорт пронајден мртов неколку часа по неговoто сменување

Роман Старовојт
Роман Старовојт

Поранешниот руски министер за транспорт Роман Старовојт беше пронајден мртов во својот автомобил со прострелна рана, потврдија истражителите само неколку часа откако претседателот Владимир Путин ненадејно го замени среде бранот украински напади со беспилотни летала што го нарушија воздушниот сообраќај и открија ранливости длабоко на руска територија.

Портпаролката на Рускиот истражен комитет, Светлана Петренко, изјави во понеделник дека телото на Старовојт е пронајдено во неговото лично возило во Одинцовскиот округ во Московскиот регион.

„Околностите за смртта на Роман Старовојт се утврдуваат. Примарната теорија е самоубиство“, рече Петренко.

Претходно изтурината, Путин го разреши Старовојт без објаснување по помалку од една година на местото министер за транспорт.

Во брзата реконструкција на владата по разрешувањето на Старовојт, Путин го назначи Андреј Никитин, заменик-министер за транспорт и поранешен гувернер на Новгородската област, за вршител на должноста министер.

Иако руските власти не го поврзаа разрешувањето на Старовојт со кризата во воздушниот сообраќај, некои аналитичари забележуваат дека времето покренува прашања за веројатно барање жртвено јагне во услови на интензивирање на воените и логистичките предизвици.

Локалните медиуми имаа спротивставени извештаи за времето на смртта на Старовојт, како и за тоа каде се пронајдени телото и пиштолот.

Рускиот истражен комитет, кој истражува сериозни кривични дела, објави дека започнал истрага што „ги утврдува околностите на смртта на Роман Старовојт“.

Руското Министерство за транспорт во неделата соопшти дека околу 400 летови биле откажани низ целата земја до раните вечерни часови.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG