Вести
Реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од Груевски

Републичкиот штаб за реформи во ВМРО-ДПМНЕ вечерва упати порака до лидерот на партијата Никола Груевски да поднесе оставка и да овозможи демократски процес во партијата и одржување демократски конгрес на кој членовите слободно ќе го изберат својот нов лидер.
Александар Михајловски од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ упати и порака до СДСМ да се воздржи и вистински да ја практикува демократијата без реваншизам кон членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Времето на груевизмот во ВМРО-ДПМНЕ и во Република Македонија заврши“, истакна Михајловски, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ претрпе значителен пораз на изборите.
види ги сите денешни вести
Петти ден блокади низ цела Србија, полицијата на улиците

Утрото на 4 јули започнаа првите протестни блокади на раскрсници во Белград, Нови Сад, Ниш и други градови во Србија.
Полицијата со опрема за растерување на демонстрациите, исто така, одговори, отстранувајќи ги демонстрантите од улиците.
Студентите во блокадата еден ден претходно повикаа на „тотална блокада на Србија поради полициска бруталност“.
Повикот следеше по полициските акции за време на кои речиси 80 студенти и антивладини демонстранти беа уапсени во неколку градови во ноќта помеѓу 2 и 3 јули.
Граѓаните и студентите кои од седум часот наутро ја блокираа раскрсницата кај Правниот факултет во центарот на Белград, се засолнаа од патот кога пристигнаа полициските кордони.
Демонстрантите се повлекоа сами на околните тротоари, и немаше инциденти.
Откако полицијата дошла и ги отстранила металните огради и контејнерите од коловозот, граѓаните се преместиле на друга локација и продолжиле со блокадата, информира репортерот на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Слично нешто се случува и во други делови од Белград, каде што демонстрантите поставуваат контејнери на улиците, а потоа силни полициски сили ги отстрануваат блокадите.
Голем број полицајци во полна опрема се присутни на Плоштадот на Републиката за да ги растурат демонстрациите. Исто така, има пет полициски возила, јавува репортерот на РСЕ.
Студентите на Факултетот за драмски уметности објавија на Инстаграм дека нивниот колега е уапсен пред тој факултет во Нов Белград.
Неколку раскрсници се блокирани во Земун.
Според репортерот на РСЕ, имало мали вербални конфликти меѓу собраните демонстранти и граѓаните кои се спротивставуваат на блокадите, но немало поголеми инциденти.
Протестните блокади на патиштата започнаа утрово и во Нови Сад и Ниш.
Во овие градови се присутни и силни полициски сили, кои ги следат демонстрантите и ги отстрануваат блокадите.
Студентите во блокадата, нивните професори, опозицијата и дел од јавноста ја обвинија полицијата за прекумерна употреба на сила при кршењето на блокадите барајќи предвремени избори.
Министерството за внатрешни работи „ги предупреди сите оние кои имаат намера да организираат нелегални блокади дека полицијата, во согласност со законот и своите должности и овластувања, дека ќе ги преземе сите потребни мерки за заштита на јавниот ред и мир“.
Во соопштението објавено навечер на 3 јули, се наведува дека „против сите што ќе го прекршат законот ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави“.
Блокадите на протестите во градовите низ Србија започнаа откако студентите повикаа на граѓанска непослушност по протестите во Белград на 28 јуни.
Мнозинството студенти побараа предвремени избори во мај, откако организираа големи демонстрации и блокади на факултетите низ целата земја, барајќи одговорност од властите за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Русија истрела 539 дронови и 11 балистички и крстосувачки ракети кон Украина

Русија истрелала рекордни 539 дронови и 11 балистички и крстосувачки ракети кон Украина во текот на ноќта, соопштија денеска (4 јули) украинските воздухопловни сили.
Украинската војска соопшти дека нејзините единици за воздушна одбрана собориле вкупно 270 руски дронови во текот на ноќта.
Други 208 руски дронови биле или пренасочени со електронско војување или биле симулатори на дронови без боеви глави.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, во објава на „Х“ нагласи дека на Москва мора да ѝ се наметнат најстрогите санкции без одлагање.
„Доста е чекање! Путин јасно го покажува своето целосно непочитување кон САД и сите што повикаа на крај на војната. На Москва мора да ѝ се наметнат најстрогите санкции без одлагање. На Украина мора да ѝ се обезбедат сите потребни средства за да се одбрани. Погрешните одлуки можат само да го охрабрат агресорот да го ескалира теророт. Секој криминален режим во светот сега внимателно ги следи постапките и одговорите на Путин на нив. Ако се извлече со сето ова, сите ќе добијат многу јасна порака. Престанете да чекате мир. Дејствувајте за да постигнете мир. Мир преку сила“, напиша Сибиха на платформата „Х“.
Во меѓувреме рускиот претседател Владимир Путин му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп, во телефонски разговор, дека Москва нема да се откаже од своите цели во Украина, додека последната надеж за прекин на огнот во војната што трае повеќе од 40 месеци се распаѓа.
Русија има за цел да ја освои Украина и повторно да ја стави независната држава под своја контрола. Таа ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.
Стартува системот One Stop на граничниот премин со Србија

На граничниот премин со Србија „Табановце-Прешево“ денеска (4 јули) ќе биде пуштен во употреба системот One Stop за заедничка интегрирана контрола.
На официјалниот старт на One Stop системот ќе присуствуваат министрите за внатрешни работи на Македонија и на Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ.
Воведувањето на овој систем, како што изјави неодамна министерот Тошковски, ќе овозможи многу побрз проток на граѓани на „Табановце-Прешево“, кој моментално е најфреквентниот граничен премин во државава.
Новиот начин на контрола треба да го олесни метежот на границите, особено во летниот период на зголемени патувања.
One Stop системот веќе е воспоставен со Косово на премините Блаце и Јажинце, а во тек се разговори и со Албанија за воведување на два гранични премина, додека со Бугарија и Грција, како членки на ЕУ и на Шенген-зоната, ќе има само организациски подобрувања.
Путин му кажал на Трамп дека нема да се откаже од целите во Украина, соопшти Кремљ

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на американскиот претседател Доналд Трамп, во телефонски разговор, дека Москва нема да се откаже од своите цели во Украина, додека последната надеж за прекин на огнот во војната што трае повеќе од 40 месеци се распаѓа.
Путин му рекол на Трамп дека „Русија ќе ги оствари своите цели“ во Украина и дека „нема да се откаже“ од нив, според советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, кој зборуваше со новинарите по разговорот на 3 јули. Русија има за цел да ја освои Украина и повторно да ја стави независната држава под своја контрола.
Разговорот, кој траел околу еден час, бил шестиот меѓу двајцата лидери откако Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари. Белата куќа сè уште нема дадено коментар за разговорот.
Трамп ја постави како врвен приоритет во надворешната политика ставањето крај на војната во Украина, започнувајќи интензивна дипломатска офанзива со Киев и Москва само неколку недели по преземањето на претседателската функција.
Сепак, напорите, кои вклучуваа и барање за 30-дневен прекин на огнот, пропаднаа поради непопустливоста на Кремљ.
Путин верува дека ја добива војната и затоа во моментов има мала мотивација за преговори, велат експерти. Руските сили продолжуваат со напредокот на бојното поле во источна Украина, иако по цена на огромни човечки жртви и материјални трошоци.
Во нивното најзначајно напредување оваа година, руските сили минатиот месец ги здружија територијалните добивки со најжестоките воздушни напади од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година.
Украина повторно апелираше до Западот, особено до Соединетите Држави, да испрати повеќе оружје и да воведе построги санкции против Русија, со цел да се принуди Москва да седне на преговарачка маса.
Откако ја презеде функцијата, Трамп нема одобрено ниту една нова испорака на оружје за Украина, ниту пак вовел нови санкции против Русија. Тој возврати дека воведувањето санкции би ги попречило мировните преговори.
Претходно оваа недела, портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, изјави дека САД запираат дел од воената помош одобрена од претходниот претседател Џо Бајден, бидејќи земјата има намалени резерви.
Ушаков тврдеше дека ова прашање не било спомнато за време на повикот меѓу Трамп и Путин. Тој додаде дека Путин му рекол на Трамп дека Русија сè уште е заинтересирана за „преговарачко решение“ за војната.
Оваа година, руски и украински претставници се сретнаа за првпат од почетокот на војната, но постигнале мал напредок, бидејќи двете страни сè уште се далеку една од друга во ставовите.
Кремљ бара Украина да се откаже од дел од својата територија, да се демилитаризира и да се одрече од аспирациите за членство во НАТО — барања што ги надминуваат украинските „црвени линии“.
Експертите велат дека Путин продолжува да ја истакнува својата подготвеност за мировни преговори со цел да му угоди на Трамп, кој вложил многу во обидите да постигне договор.
По полициската акција продолжуваат протестните блокади во Белград

Протестните блокади на сообраќајниците во Белград продолжија по полициската акција во која вечерта претходно на повеќе локации во главниот град и во Нови Сад беа уапсени речиси 80 лица.
Демонстрантите на 3 јули ја блокираа Автокоманда, еден од најголемите кружни текови во Белград.
„Ни ги тепаат децата, ги ловат како зајаци, по улици, по влезови. Четворица студенти завршија на Воено-медицинската академија“, се наведува на Инстаграм од страна на неформалното здружение на граѓани од Вождовац, кое заедно со студентите повика на блокада на Автокоманда.
Демонстрантите ја блокираа и крстосницата кај Авијацискиот плоштад во белградската населба Земун.
Собирите продолжија и пред зградата на Ректоратот на Универзитетот во Нови Сад.
Ректорот на Белградскиот универзитет, Владaн Ѓокиќ, од протестот ја повика власта да се „воздржи од брутални напади врз студентите и граѓаните“.
„Синоќа студентите на ова место примија тешки удари од припадници на јавниот ред и мир. Ударите беа насочени кон автономијата на универзитетот и животите на оние што беа тука“, изјави Ѓокиќ.
Собраните пред Правниот факултет ги поздравија адвокатите кои понудија бесплатна правна помош за студентите и граѓаните.
„Синоќа прагот на репресијата беше подигнат. Тука се собраа повеќе од сто адвокати како дел од ветувањето дека ќе бидеме и пред и зад студентите кога тоа ќе биде потребно – а мислам дека сега навистина е потребно“, изјави за Радио Слободна Европа адвокатот Виктор Гостилјац.
На собирот пред Правниот факултет им се приклучија и демонстранти кои претходно ги имаа блокирано сообраќајниците во други делови на градот.
Во Нови Сад приведен пратеник на Собранието на Војводина
Во Нови Сад, студентите и граѓаните се собраа пред зградата на Ректоратот, а потоа блокираа два моста во градот.
За време на блокадите беше приведен опозицискиот пратеник во Собранието на Војводина, Радивоје Јововиќ.
По сослушувањето, му беше одреден полициски притвор од 24 часа поради нарушување на јавниот ред и мир.
Во Ниш демонстрантите преминуваа преку пешачки премини на кружен тек, а потоа тргнаа во протестна прошетка.
Поради полициските акции во Белград изминатата ноќ, демонстранти излегоа на улиците и во Ваљево, Ужице, Суботица, Крагуевац, Чачак, Шабац и други градови.
Полицијата ги отфрла обвинувањата
Полицијата ги отфрли обвинувањата за прекумерна употреба на сила, наведувајќи дека „од страна на учесниците во блокадите биле повредени четворица полициски службеници и оштетено едно возило на МВР“.
„Полицијата беше максимално толерантна во сите овие месеци зад нас. Во изминатите денови, и јас и моите соработници повеќепати соопштивме дека нема да дозволиме нарушување на јавниот ред и мир. Апсолутно нема да дозволиме напад врз припадници на полицијата,“ изјави за Радио телевизија Србија директорот на полицијата, Драган Васиљевиќ.
Блокадите во градовите ширум Србија започнаа откако студентите повикаа на граѓанска непослушност по митингот одржан на 28 јуни во Белград.
Најголем дел од студентите уште во мај побараа нови избори, откако организираа масовни демонстрации и блокади на факултети низ целата земја, барајќи одговорност од властите за загинувањето на 16 лица при уривање на покривната конструкција на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Зеленски најави заедничко производство на дронови со САД среде извештаи за прекин на испораките на оружје

Претседателот на Украина објави историски договор со американска компанија основана од поранешен извршен директор на Google за заедничко производство на дронови, вклучително и пресретнувачи, додека Киев се обидува да ја зајакне својата одбрана во услови на сè поинтензивни руски воздушни напади и намалена поддршка од администрацијата на Трамп.
„Потпишан е договор со силната американска компанија Swift Beat,“ објави Володимир Зеленски на својот официјален канал на Telegram на 3 јули, при почетокот на неговата посета на Данска. „Станува збор за стотици илјади дронови уште оваа година и можноста за значително зголемување на производството следната година.“
Swift Beat е основана од поранешниот извршен директор на Google, Ерик Шмит, кој учествуваше во церемонијата на потпишување заедно со Зеленски и министерот за одбрана Рустем Умеров.
Компанијата, според кабинетот на Зеленски, веќе има значително присуство во Украина, специјализирана е за дронови базирани на вештачка интелигенција и веќе соработувала со украински инженери и воени претставници.
Компанијата засега не даде коментар.
Оваа најава доаѓа во момент кога Financial Times објави дека Зеленски треба да оствари телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп на 4 јули, на кој се очекува да се разговара за наводното запирање на одредени клучни испораки на оружје од страна на Вашингтон.
Извори запознаени со ситуацијата за весникот изјавиле дека паузата ги засега противвоздушните ракети „Патриот“, преносливите ракетни системи „Стингер“, прецизни артилериски гранати, повеќе од 100 ракети „Хелфајр“ и ракети воздух-воздух од серијата „АИМ“.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин и Трамп исто така требаше да имаат телефонски разговор на 3 јули, нивниот прв јавно објавен разговор по повеќе од две недели.
Министерството за одбрана на Украина соопшти дека не добило официјално известување од Вашингтон за какви било промени во воената помош, но потврди дека побарало телефонски разговор со американските партнери „за појаснување на деталите.“
Киев го повикал вршителот на должноста амбасадор на САД во Украина, Џон Хинкел, на 2 јули за да изрази загриженост во врска со паузата.
Европските сојузници реагираа со вознемиреност.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека Украина „не може да опстане без поддршка од партнерите на краток рок“ и повика на „умерен но цврст“ пристап за одржување на помошта. Министерот за одбрана на Полска, Владислав Косинијак-Камиш, ја нарече одлуката на Вашингтон „жална“ и нагласи дека поддршката за Украина е „во национален интерес на Полска.“
Кремљ, пак, ги поздрави извештаите.
„Колку помалку оружје се испраќа во Украина, толку побрзо ќе заврши специјалната воена операција,“ изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 2 јули, повторувајќи ја одамна утврдената позиција на Москва.
Посетата на Зеленски на Данска ќе вклучува понатамошни разговори за заедничко производство на одбранбена опрема и други мерки за зајакнување на способноста на Украина да се спротивстави на руските напади.
„Ова е сериозен удар за Украина, за Европа и за НАТО, доколку САД ја намалат поддршката за Киев,“ изјави данската премиерка Мете Фредериксен.
„Не гледам никаков знак дека Путин сака мир, и не верувам ниту за момент дека има намера да застане со Украина,“ нагласи таа.
Ниту Белата куќа, ниту кабинетот на Зеленски формално го потврдија времето на разговорот со Трамп, кој според FT може и да се промени.
Најмногу боледувања во полицијата, царината, одбраната и на клиниките

Вработени во јавниот сектор одат на боледување за да го избегнат зголемениот обем на работа, а дел од нив работат и на друго место бидејќи платата им е ниска. Ова денеска (3 јули) го обелодени директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Тој рече дека двојно се зголемени контролите од кои ќе произлезат предлози за тоа како да се подобри системот на боледување.
„Зголемените контроли произлегуваат од тоа што во институции од јавниот сектор има значаен број на вработени кои се на боледување. Во здравството имаме клиники каде што има 20 проценти од вработените на боледување. Имаме посебен проблем со боледувања во полиција, царина и одбрана. Во основа, веќе физички не можеме да одговориме на сите барања за контрола на боледувањата“, изјави Клековски на денешниот брифинг со новинарите.
Тој рече дека често во случува во институциите при зголемен обем на работа, дел од персоналот да извади боледување за да ги избегне зголемените обврски земе боледување.
„Кога тие ќе земат, се поттикнуваат и другите да најдат начин да ги одбегнат зголемените оптеретувања“, додаде Клековски.
Според него, дополнителен „мотив“ за оваа ситуација е тоа што повеќето колективни договори предвидуваат целосно обештетување во случај на боледување.
„Во однос на приходите тоа прави да е сеедно дали сте или не сте на работа. Некаде платите се толку ниски што некои луѓе работат втори работи и земаат боледување за да ги вршат вторите работи. Има луѓе што возат камиони и тука не зборувам само за здравство“, посочи првиот човек на ФЗО.
Во однос на генералната слика со боледувањата, тој рече дека годишно има околу 17.000 боледувања поради болест, а речиси 10.000 „им припаѓаат“ на основа на породилни отсуства. Скоро половина од боледувањата се издаваат врз основа на болести поврзани со ‘рбетниот столб.
„На било кој што има над 50 години да му го снимите ‘рбетот ќе изгледа дека има лумбаго или спондилоза. Станува крајно субјективно дали треба да оди на работа или да не оди“, истакна Клековски.
Повеќе осигуреници одошто жители
На денешниот брифинг тој информираше и дека Фондот иницирал од Владата да ги преиспита критериумите и начинот на пријавување за здравствено осигурување. Оваа иницијатива следува откако е увидено дека во државата има повеќе здравствени осигуреници одошто вкупно население или во бројки, над еден милион и 820.000 осигуреници.
„Мислам дека најмногу станува збор за македонски граѓани кои живеат во странство, но не се одјавиле. Исто така, голем дел од луѓето кои не се осигурени по плата може самостојно да остваруваат приходи и да користат други основи, а не придонеси од плата. Не исклучувам дека има и лажни осигуреници“, истакна Клековски.
А додека популацијата опаѓа, расте бројот на издадени рецепти.
Правејќи пресек на последната година од работењето на Фондот, Клековски наведе дека се бележи зголемен број на издадени рецепти, за што ќе има контроли и во овој дел. Директорот на ФЗО најави и дека постепено ќе се спроведува електронското издавање на рецептите, кое почна во ковид пандемијата, но како што рече, останало недовршено.
„Една од измените е дека во моментот на потпишување на рецептот од страна на матичниот доктор тој е веќе издаден документ и медицински и финансиски. Со тоа, докторот потврдува дека човекот има здравствено осигурување и нема потреба во аптеките да се вршат контроли. При контролите во аптеките се утврдило дека во моментот на подигнување на лекот, лицето немало здравствено осигурување и ние не им ги исплаќаме тие средства. Сега кога матичниот лекар ќе го издаде рецептот, тоа е веќе гаранција за плаќање и ја олеснува состојбата на аптеките, а рецептот веќе ќе биде проверен по сите основи“, истакна Клековски.
Македонски јазик и идентитет на чекор да бидат избришани од извештајот на ЕП, за Мицкоски потегот е „талибански“

Трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – ЕПП, Социјалисти и социјалдемократи и Обнови ја Европа се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија, објави денеска (3 јули) бугарската агенција БГНЕС.
Трите политички групи во ЕП, наместо да се додаде амандман со додавката „модерен“ пред македонски јазик, тие предлагаат да се тргнат деловите со македонскиот јазик и идентитет.
Сега се очекува мнозинството во парламентот во Стразбур да ги поддржи нивните амандмани на извештајот на гласањето кое треба да се одржи следната недела, на 7 јули.
Премиерот Христијан Мицкоски ја потврди оваа информација и истакна дека ова покажува дека проблемот не е само внесувањето на само неколку стотини Бугари во Уставот, туку дека е многу подлабок.
„На талибански начин се брише македонскиот идентитет и македонскиот јазик од Извештајот во Европа. За нас подеднакво лошо е и тоа што се брише од Извештајот македонски идентитет и македонски јазик, исто како и да стоеше „модерен“, буквално е подеднакво лошо. Но она што е важно е да се напомене дека оној мал чекор кога помина на Комитетот за надворешни работи и македонски јазик и македонски идентитет, ќе остане во колективната меморија, дека за прпват некогаш помина македонски идентитет и македонски јазик, во главниот град на ЕУ, Брисел, во седиштето на европската демократија, ЕП“, рече премиерот Мицкоски.
Нагласи дека тие (како владејачка партија) предупредувале на ваквиот инженеринг и дека тоа ќе продолжи да се случува.
„И сега сите тие коишто манипулираа во минатото, сите оние коишто не убедуваа дека само да го смениме Уставот и готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани да им се извинат. И не само пред македонските граѓани, туку и пред вистинските добронамерници, коишто доаѓаат и надвор од Македонија и политичари и личности кога им велеа дека само ова да се реши и завршена е работата, дека не ја говореа вистината или појма немаа од водење политика“, истакна Мицкоски.
Инаку Комисијата за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) го усвои извештајот за Северна Македонија кој што беше подготвен од известувачот, австрискиот европратеник Томас Вајц.
Извештајот првично требаше да биде гласан на 4 јуни, но, беше одложен поради интензивни политички притисоци оод бугарските европратеници.
На две места во извештајот, директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“, што ги предизвика реакциите на бугарските и македонските политичари.
Во членот 2 од извештајот, подготвен од Вајц, се наведува дека „Европскиот парламент го повикува Европскиот совет да и даде јавна и недвосмислена поддршка на Северна Македонија дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за влез во следната фаза од преговорите за пристапување по исполнувањето на условите од неговите Заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет".
Во истиот член, со усвоениот амандман на 24 јуни, се наведува:
„Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на нацијата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјите и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации".
Во расправата од 24 јуни, европратеникот Михаел Галер од групата на народните партии - ЕПП, во чие европско семејство е и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, предложи усен амандман кој се однесува на македонскиот јазик и идентитет со додавање на зборот "модерен" на четири места, за да гласи "модерен македонски јазик и идентитет".
Барањето за усен амандман не се стави на гласање бидејќи против тоа беа шест членови, еден повеќе од потребното за предлогот да се гласа.
Претставниците на власта во неколку наврати изразија загриженост за "проблематичните амандмани" во извештајот. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче ја повика власта заеднички да лобираат во Европарламентот за да не се изгласа придавката „модерен“ за јазикот и идентитетот во извештајот за напредокот на Северна Македонија.
Европратениците ќе гласаат за недоверба на Комисијата на Фон дер Лајен на 10 јули

Следниот четврток (10 јули)Европската комисија на Урсула фон дер Лајен ќе се соочи со гласање за недоверба во Европскиот парламент, откако предлогот поднесен од романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа ги помина потребните парламентарни процедури, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што соопшти претседателката на Европарламентот Роберта Мецола дебатата по предлогот на Пипереа ќе се одржи в понеделник (7 јули) на стартот на јулската парламентарна сесија предвидена за следната недела во Стразбур, по што по неа европратениците ќе се изјаснат в четврток.
Мецола изјави дека иницијативата ги исполнува сите услови предвидени со член 131 од Деловникот на Европарламентот и таа ќе се најде на дневниот ред на заседанието закажано за од 7 до 10 јули.
Иницијативата на Пипереа, кој доаѓа од редовите на романската националистичка Алијанса за Унија на Романците (АУР), беше покрената минатиот четврток и „собра 79 потписи“, што е над потребниот праг од поддршка од најмалку 72 европратеници за покренување парламентарна иницијатива.
Во иницијативата на Пипереа, Комисијата се критикува за „недостиг на транспарентност“, а во документот се споменува и аферата „Фајзергејт“ поврзана со обвинувања против Фон дер Лајен за злоупотреба на должноста при договарањето на набавки на вакцини во време на Ковид кризата.
Веројатноста дека иницијативата ќе добие поддршка од потребното мнозинство на членовите на Европскиот парламент е многу мала, од причина што ниту една од пратеничките групи официјално не застана зад предлогот на романскиот европратеник.
За да биде поддржана, за иницијативата мора да се изјаснат најмалку две третини од пратениците што учествувале во гласањето, како и таа да биде поддржана од над половина од вкупниот број членови во Европскиот парламент.
Претседателот на ЕПП, Манфред Вебер уште минатата недела изјави дека пратеничката групата на неговата партија „едногласно ќе се изјасни“ против иницијативата на Пипера. Самата Фон дер Лајен и половина од членовите на Еврокомисијата се од редовите на ЕПП.
Претседателката на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Ираче Гарсија, исто така најави дека социјалдемократските европратеници нема да гласаат за недоверба на Европската комисија.
Од предлогот се оградија и Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), чиј член е Пипереа.
Иако, во ЕП преовладува мислењето дека иницијативата ќе доживее неуспех, сепак се оценува дека покрај од пратеници од редовите на екстремната десницата и екстремната левица, таа би можела да биде поддржана и од членови на СД, либералите и зелените, кои сметаат дека Фон дер Лајен „свртува в десно“ и кокетира со десничарските партии.
Досега до Европскиот парламент во пет наврати биле поднесувани иницијативи за изгласување недоверба на Еврокомисијата, но ниту една од нив не добила поддршка од мнозинството европратеници.
Поради штрајк на француските контролори на летање, Рајанер откажа 170 летови

Повеќе од 30 000 патници се погодени откако нискобуџетната авиокомпанија Рајанер соопшти дека е принудена да откаже повеќе од 170 летови поради штрајк на француските контролори на летање.
Ирскиот превозник соопшти дека откажувањата денеска и утре (3 и 4 јули) ќе влијаат на летовите до и од Франција, како и на летовите над земјата до дестинации како што се Велика Британија, Грција, Шпанија и Ирска.
Извршниот директор на Рајанер, Мајкл О’Лири, повторно упати повик до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да преземе „итни мерки“ за реформирање на услугите за контрола на летање (ATC) на Европската Унија во услови на нарушувањата, кои доаѓаат на почетокот на европските летни одмори.
„Повторно, европските семејства се заложници на штрајкот на француските контролори на летање Не е прифатливо прелетувањата над францускиот воздушен простор на пат кон нивната дестинација да бидат откажани/одложени како резултат на уште еден штрајк на француската контрола на летање“, изјави О’Лири.
Тој истакна дека тоа е „крајно неправедно кон патниците и семејствата од ЕУ кои одат на одмор.“
Рајанер долго време се залага за ремонт на системот за контрола на летање низ Европа.
Компанијата бара ЕУ да обезбеди целосно екипирање на услугите за контрола на летање за првиот бран дневни полетувања, како и да ги заштити прелетувањата за време на националните штрајкови на контролите на летање.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете