Собранието го ратификуваше договорот со Британија, во кој се предвидува инвестиција во инфраструктурни објекти, како болнивите во Штип, Кичево и Тетово. Дали ке градат британски фирми?
Во основа станува збор за доградба на Клиничката болница во Штип, изградба во Кичево и реконструкција на Клиничката болница во Тетово. Постапката за градба за сите три ќе биде со компетитивен конкурс, односно, ќе може да се пријават повеќе фирми и ке се избере најповолната понуда. Дали ке биде британска или европска, не би можел во овој момент да кажам, бидејќи сепак ќе биде процесот конкурентен, компетитивен.
Значи нема таков услов во договорот ?
Нема име на фирма во договорот. Не во моментот. Секако и кредитот и договорот за градба се предмет на натамошно договарање на деталите.
Дали се планира да се подобрат условите во болницата во Кочани, каде што во моментов се лекуваат околу 40 од повредените во трагичната несреќа? Веќе се собираат донации за овие повредени и граѓанските организации алармираат дека условите таму не се погодни.
Во основа, болницата во Кочани функционира во најголем дел од својот капацитет. Прокиснувањето и проблематичните делови, да кажеме, не се деловите кај што се третират пациенти воопшто.
Во однос на тетманот, сите третмани што се од пообемна природа ги врши и организира Клиниката за пластична хирургија. Дали се тоа оперативни зафрати, дали е тоа третман со збогатена плазма, дали се други тетмани, се надлежност на Kлиниката за пластична хирургија. Ние кога го направивме протоколот за враќање на повредените од странство, во ниеден момент не рековме дека болните ке бидат третирани во Кочани. Беше јасно кажано дека ке бидат третирани во болницата од која се испратени во странство. Значи, Градската Општа Болница 8 септември, Хируршката болница „Свети Наум“ и Клиничкиот центар, односно Клиниката за пластична хирургија. Тоа што се третира во Кочанската болница е физикална терапија и преврски. И за преврските, повторно, доаѓа тим од Клиниката за пластична хирургија. Значи, мислам дека е направено максимално во здравствениот дел за згрижување на пациентите. Ако има проблеми, тие се решават во од и ќе ги решаваме во од.
Но што со алармите кои ги слушаме од Кочани и донациите кои се собираат, тие укажуваат на некои современи помагала, ракавици?
Ракавиците, мерките ги прават стручњаци од Бугарија и се нарачaни за сите. Силиконските гелови, има доволни количини во болницата во Кочани. Станува збор за нерегистрирани лекови во Македонија, така да се работи и на нивен интервентен увоз. Мислам дека малку поодмерено и смирено треба да се толкуват информациите, посебно од други што не се доктори. Бидејќи станува збор за здравствена тема, каде што докторите го имат последниот збор.
Има обвинение за злоупотребите на Клиника на Онкологија, но во меѓувреме повторно има периоди кога нема лекови за овие најтешко болни?
Клиниката за онкологија доби историски голем буџет, два пати поголем и финансиите повеќе не можат да бидат проблем. Пред неколку месеци, при транзитот од една година во друга година, се случи привремен прекин, меѓутоа тој беше надминат со итна набавка на лекови.
Оно што сега во моментот се случува како недостаток на лекови е исклучиво заради дистрибутерски дефект, односно каде што дистрибутерите не можат да го испорачаат лекот. Значи, ние не сме изолирани, независен сад, ако е прекинато производството во содветната фабрика и го нема достапен лекот, најчесто се обидува да се позајми лекот од каде го има на залиха, меѓутоа некогаш го нема никаде така да се случуваат превремени дефектури. Во моментот нема ни еден лек кој недостасува, а за кој нема замена, бидејќи во основа клиниката се труди да пациентите бидат покриени цело време.
Очигледно, лековите и натаму тешко стигнуваат до пациентите.
Не би можел да се согласам. Значи, ова година обезбедени се лекови за сите пациенти со цистична фиброза. Утре ке презентираме за мултипла склероза се обезбедени рекордни средства и ке бидат покриени сите пациенти со мултипла склероза, на клиниката за гастро исто така покриени се многу поголеми количини.
Има недостаток на клиниката за кожни болести, за тешки случаи на псоријаза. На хематологија има комплетна покриеност, дефектурите што се случуваат на онкологија, има замени за тие лекови. Стегањето на процесот значи дека нема сите пациенти да добијат лек, не зашто нема лек, току затоа што тој лек не одговара на нивниот стадиум на болест.
Зошто за дијабетичарите се уште се увезува терапија која на Западот одамна е исфрлена од употреба?
Одговорно тврдам дека инсулини се набавуваат од глобални светски производители дека нема шанса да има неквалитетен производ ако е производот од нова Нордиск. Друго е очекувањето кој се треба да биде третиран со други скапи терапии.
Овде мора во еден момент да кажеме сите групи очекуваат светска нова терапија, меѓутоа Македонија во ништо не е во врвот на светските ранг листи. Со БДП на 80 место пер капита, во повеќето други критериуми меѓу 60 и 80 место. Со десетина долари или евра придонеси здравствени, не можете да очекувате здравство како што има во Шведска и лековите што се достапни во Шведска.
Второ прашање, и да има барање кон фондот, Фондот мора да има некаков концепт на еднаквост. Значи, Фондот не може да донесе најмодерна терапија за една демографска група, една група пациенти, а друга група пациенти да остане заборавена само зашто нема здружение на пациенти кои ќе ги застапува интересите.
Една од најзагрозените групи на пациенти за кои никој не говори се болните со психијатриски дијагнози. Таму не збориме за најсовремена терапија, таму терапијата е 50 години стара и 30 години ништо не е направено, а не сакате да знаете во какви нечовечки услови функционираат најголем дел од нашите психијатриски установи, посебно надвор од клиничките центри.
Меѓутоа, пациентите одат тогаш на црниот пазар.
За онкологија одговорно тврдам дека црниот пазар во Македонија е сузбиен. Криминалниот случај во онкологијабеше со продажба на лекови надвор од земјата. Одговорно тврдам дека во Македонија никој не платил за тоа.
На Балканот постои црн пазар за скапи лекови и сите заедно мораме да работиме на сузбивање на тој пазар со зголемени количини на достатни лекови. Сите пациенти што имат медицински индикации мора да добијат содветен лек подеднакво, а властите, како што покажува и случајот со онкологија, да демонстрираат дека се спремни да го сузбиваат тој криминал.
Ова е прв пат во Македонија да има процес во здравството за ваков тип на криминал, бидејќи сите случаи на одредени кривични дела во здравството биле или за индивидуално мито, или за груби лекарски грешки. Немаме горна линија за вакво кривично дело и мислам дека е порака до целото здравство дека доколку има такви криминални дела, тие мора да престанат, ќе бидат гонети.
Неказнивоста во здравството е заради присутниот страв од гонење на лекари. Мислам дека тоа е културошки присутно.
Едно од ветување на оваа влада, на здравствените власти, беше вработување на 500 специјализанти.
Кога збориме за првата група 300 специјализанти тука морам да предупредам дека има одредена мерка на популизам во оваа акција. Зошто го велам тоа? Ние потребните специјализации мораме да ги испланираме - трансфузолози, патолози, судски медицинари, хематолози, онколози, анестозолози да не набројувам. А имаме доволно кардиолози, гинеколози, некои други специјалности, субспецијалности.
Државата треба да презема одговорност исклучиво за тоа што е потреба на јавниот сектор. Секој што ќе се одлучи за приватна специјализација, што е познато дека имаме вишок на кадар, си го презема ризикот приватно и не може да очекува понатаму вработување во другите болници.
Кога дојдовте на функција кажавте дека се откриени огромни финансиски злоупотреби на одредени клиники во Скопје, потоа не слушнавме ништо за тоа.
Сите случаи што ги затекнавме и кои не се тајна, тие работи ги има во нашите извештаи што ги испракаме во Министерство за Здравство, Министерство за Финансии и во Државен Завод за ревизија. Ги поднесуваме во МВР, неколку од нив беа комплетирани од страна на МВР и испратени во јавното обвинителство.
Таму има и многу јасни случаи кај што не треба вештачање во странство и не треба, не знам каков истражителски напор. Ние апелираме постојано кон Обвинителството да постапи по тие кривични пријави и сега топката е во дворот на Обвинителството. За мене значи многу што Обвинителството се одважи да тргне со случајот за Онкологија и се надевам дека го има добро подготвено, зошто успехот на тоа обвинение е од битно значење за иднината на здравството во Македонија.