Достапни линкови

Вести

Материјално згрижување на вкупно 7.840 стечајци, ветува Владата

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски

Со најновите законски измени, што Владата ги усвоила на вчерашната седница, уште 1.600 стечајци ќе добијат материјално обезбедување, информираше денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Според него, со Законот ќе бидат опфатени вкупно 7.840 лица од оваа категорија граѓани, а до овој момент 6.240 се материјално обезбедени.

„Во два наврата донесовме Закон за конечно решавање на децениските проблеми на стечајците. Со вчерашната одлука на Владата се овозможува дополнително обезбедување на 1.600 невработени лица од оваа категорија наши сограѓани. Тие со децении имаат проблем да се социјализираат по она што се случи во минатото. Конечната бројка на стечајни работници што ќе бидат згрижени ќе изнесува 7.840“, изјави Бошњаковски.

види ги сите денешни вести

ЕУ ги одложува одмаздничките царини кон САД со надеж за договор до 1 август

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, 9 јули 2025 година
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, 9 јули 2025 година

Европската Унија ќе ги суспендира одмаздничките царини за американските стоки што требаше да стапат на сила во понеделник (14 јули), со надеж дека ќе се постигне трговски договор со администрацијата на Доналд Трамп до крајот на месецот, јави агенцијата АП.

„Сега е време за преговори“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред новинарите во Брисел денеска (13 јули), откако Трамп испрати писмо со кое најавува нови тарифи од 30 проценти за стоките од ЕУ и Мексико, почнувајќи од 1 август.

ЕУ, најголемиот трговски партнер на Америка и најголемиот трговски блок во светот, требаше да воведе „контрамерки“ на полноќ по бриселско време во понеделник. ЕУ преговара за трговски договори во име на своите 27 членки.

Фон дер Лајен рече дека контрамерките ќе бидат одложени до 1 август и дека писмото на Трамп покажува дека има време до 1 август за преговори. Европските лидери ги повикаа Трамп и фон дер Лајен да дадат повеќе време за преговори.

„Секогаш сме биле јасни дека претпочитаме решение по пат на преговори“, рече таа, но додаде дека доколку не е можен договор, ЕУ ќе продолжи да подготвува контрамерки за да биде целосно подготвена.

Стоејќи до индонезискиот претседател Прабово Субианто, фон дер Лајен рече дека трговските тензии со САД ја покажуваат важноста на „диверзификацијата на нашите трговски односи“.

Трамп рече дека неговите царини ќе ги постават темелите за оживување на американската економија, за која вели дека со децении била ограбувана од други земји. Во своето писмо до Европската Унија, Трамп рече дека трговскиот дефицит на САД е закана за националната безбедност.

Трговските партнери на САД се соочуваат со месеци неизвесност и повремени закани од Трамп за воведување царини, со повремено продолжување или менување на рокови.

Вредноста на трговијата меѓу ЕУ и САД со стоки и услуги изнесуваше 1,7 трилиони евра во 2024 година, или во просек 4,6 милијарди евра дневно, според податоците од агенцијата за статистика на ЕУ, Евростат. Најголемиот извоз на европските земји во САД, по вредност, вклучува фармацевтски производи, автомобили, авиони, хемикалии, медицински помагала, вино и жестоки пијалаци.

Министрите за трговија од земјите на ЕУ треба да се состанат во понеделник за да разговараат за трговските односи со САД, како и со Кина.

Економскиот советник на Белата куќа, Кевин Хасет, како што пренесува Ројтерс, денеска изјави дека Трамп видел некои понуди за трговски договори, но дека смета дека тие мора да бидат подобри, додавајќи дека американскиот претседател ќе продолжи да се заканува со царини за Мексико, Европската Унија и други земји доколку нивните понуди не се подобрат.

„Па, овие царини се реални ако претседателот не добие договор за кој смета дека е доволно добар“, изјави Хасет за телевизијата ABC доавајќи: „Но, знаете, разговорите се во тек и ќе видиме каде ќе се смири ситуацијата“.

Најмалку 30 убиени во израелските напади во Газа, според палестинските власти

Чад од централниот дел на Појасот Газа по израелскиот напад, 13 јули 2025 година.
Чад од централниот дел на Појасот Газа по израелскиот напад, 13 јули 2025 година.

Израелските воздушни напади во Појасот Газа денеска (13 јули) убиле најмалку 30 лица, вклучувајќи шест деца на пункт за вода, јави АП. Со ова бројот на палестински жртви надмина 58.000 по 21 месец војна, соопштија здравствените претставници во Газа, која е под контрола на Хамас, кого САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација.

Израел и Хамас не постигнаа никаков напредок во индиректните разговори насочени кон прекин на војната и ослободување на дел од израелските заложници. Главната точка на спорот е прашањето за распоредување на израелски трупи за време на примирјето.

Израел вели дека ќе ја заврши војната само кога Хамас ќе се предаде, ќе се разоружа и ќе оди во егзил, што радикалната палестинска група одби да го стори. Хамас вели дека е подготвен да ги ослободи сите 50 преостанати заложници, од кои околу 20 се наводно живи, во замена за крај на војната и целосно повлекување на израелските сили.

Во централниот дел на Појасот Газа, службениците во болницата Ал-Авда изјавија дека примиле 10 тела по израелскиот напад врз пункт за собирање вода во блискиот Нусејрат. Шест деца се меѓу загинатите.

Рамадан Насар, сведок кој живее во областа, изјави за АП дека околу 20 деца и 14 возрасни чекале ред за вода. Тој рече дека Палестинците мора да пешачат околу два километри за да добијат вода од областа.

Израелската војска соопшти дека ги таргетирала милитантите, но дека техничка грешка предизвикала ракетата да падне „десетици метри под целта“.

Дополнително, локалните здравствени претставници изјавија дека израелски напад погодил група цивили кои шетале по улица во градот Газа попладнево, при што загинале 11 лица, а околу 30 биле ранети.

Во централниот град Заваиди, израелски напад врз куќа уби девет лица, меѓу кои две жени и три деца, соопштија претставници на болницата Ал-Акса.

Израелската војска соопшти дека не е запознаена со нападот врз куќата, но соопшти дека во последните 24 часа биле погодени повеќе од 150 цели, вклучувајќи складишта со оружје, ракетни фрлачи и снајперски позиции. Израел го обвинува Хамас за цивилните жртви бидејќи милитантната група дејствува од населени области.

Министерството за здравство на Појасот Газа вели дека жените и децата сочинуваат повеќе од половина од повеќе од 58.000 смртни случаи во војната. Министерството контролирано од Хамас не прави разлика помеѓу цивили и борци. ОН и другите меѓународни организации ги сметаат овие бројки за најсигурна статистика за жртвите во војната.

Војната започна со упад на Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога, според израелските бројки, околу 1.200 луѓе беа убиени, а 251 лице беше киднапирано.

update

По 11 години пуштени првите 20 километри од автопатот Кичево - Охрид

Првите 20 километри од автопатот Кичево - Охрид се пуштени во употреба, 13.7.2025
Првите 20 километри од автопатот Кичево - Охрид се пуштени во употреба, 13.7.2025

Првите 20 километри од автопатот Кичево - Охрид, на потегот од Врбјани до Ботун, од денеска (13 јули) се пуштени во употреба.

За власта, ова е показател за, како што велат, разликата меѓу неа и политичките опоненти.

„Само една година откако ја преземавме одговорноста да ја водиме државата успеавме да го откочиме еден од најголемите и најзаглавените инфраструктурни проекти во Македонија. Проект кој со години стоеше како симбол на застој, срамна слика за држава што тапка во место, а денес е симбол на новото време“, рече премиерот Христијан Мицкоски кој присуствуваше на пуштањето во употреба.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, пак, рече дека за многу скоро време ќе биде завршен и вториот дел, а до крајот на идната година и целиот автопат.

Од опозициската СДСМ реагираа дека во 2018 и 2019 година, по комплетно репроектирање, продолжиле со работа и до 2024 година, како што велат, автопатот го предале 83% завршен.

„Кога СДСМ го презеде проектот во 2017 година, на терен затекнавме само околу 30% прогрес на работите, нерешена експропријација, свлечишта на косините, без изработени клучки и со куп сериозни проблеми“, велат од СДСМ.

Тие сметаат дека автопатот не е заслуга на ВМРО-ДПМНЕ, туку дека СДСМ го спасиле проектот од целосен колапс.

Автопатот Кичево-Охрид на Коридорот 8 почна да се гради во февруари 2014 година.

Тогаш беше најавен како најголема инфраструктурна инвестиција во изминатиот половина век, која ќе придонесе за побрз економски и туристички развој.

Собранието во октомври 2013 донесе посебен закон за овој проект и за изградба на автопатот Скопје – Свети Николе – Штип. Неколку месеци подоцна, во февруари 2014, тогашниот премиер Никола Груевски, кој ја предводеше владата на ВМРО-ДПМНЕ, фрли „прва лопата“ за старт на изградбата на овој автопат.

Вредноста на автопатот со вкупна должина од 57 километри, кој го изведува кинеската компанија „Синохидро“, првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколку анекси на Договорот и продолжувања на роковите достигна 598 милиони евра.

Одмор за Украина по ретка ноќ без масовен напад од руски дронови

Пожарникари работат на местото на оштетените згради за време на руските напади со дронови и ракети во Лвив на 12 јули 2025 година.
Пожарникари работат на местото на оштетените згради за време на руските напади со дронови и ракети во Лвив на 12 јули 2025 година.

Украина ја помина првата ноќ по околу два месеца без масовен напад со беспилотни летала од страна на Русија во текот на ноќта помеѓу 12 и 13 јули, иако небото не беше сосема мирно.

Во соопштението на украинските воздухопловни сили издадено на денеска (13 јули) во 9 часот наутро по киевско време се вели дека Русија лансирала 60 дронови „Шахед“ од различни видови во претходните 24 часа.

„Во текот на денот, непријателот ги нападна задните региони со беспилотни летала, а во текот на ноќта и териториите на фронтовската линија во регионите Донецк, Суми и Дњепропетровск“, се вели во соопштението.

Размерот на нападот е многу помал од типот на бомбардирање што го претрпе Украина во последните недели.

Русија масовно ги засили нападите со дронови и ракети оваа година, а бројот се зголемува секој месец од декември, според податоците на групата за мониторинг.

Нема непосредни извештаи за жртви во ноќните напади на 12 и 13 јули, но две лица се повредени во руското гранатирање во Херсон, јужна Украина.

Руските напади редовно погодуваат цивилни цели, вклучувајќи станбени области, болници, училишта и енергетска инфраструктура.

Русија, исто така, постигна напредок на фронтовските линии - иако имаше огромни жртви меѓу нејзините војници поради жестокиот украински отпор.

Украина возврати со мали напади со дронови насочени кон она што го нарекува воени и воено-индустриски цели, вклучувајќи воздухопловни бази, погони за производство на дронови и нафтената индустрија.

Денеска руското Министерство за одбрана објави дека неговата воздушна одбрана пресретнала 36 украински дронови во различни руски региони.

Гувернерот на Белгородската област изјави дека двајца цивили се хоспитализирани откако била погодена приватна куќа.

Радио Слободна Европа не може да ги потврди тврдењата за ситуацијата на бојното поле.

Северна Кореја ветува „безусловна поддршка“ за Русија

Најновите размени доаѓаат во време на тековните дипломатски маневри. Севернокорејските државни медиуми денеска објавија дека лидерот на земјата, Ким Џонг Ун, ветил „безусловна поддршка“ за руската инвазија на Украина.

Ким зборуваше за време на посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Севернокорејскиот лидер, исто така, изрази „цврста верба дека руската армија и народот сигурно ќе победат“, објавија медиумите.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Вонсан, Северна Кореја, на 12 јули 2025 година.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Вонсан, Северна Кореја, на 12 јули 2025 година.

Исто така, денеска, јужнокорејските медиуми цитираа разузнавачки извори кои велат дека Северна Кореја обезбедила повеќе од 12 милиони артилериски гранати за Русија од минатиот октомври.

Севернокорејските војници им помогнаа на руските сили да се борат против украинските трупи откако Киев започна ненадејна инвазија на рускиот регион Курск минатиот август. Американските претставници изјавија дека повеќе од 11.000 севернокорејски војници учествувале во борбите и претрпеле големи жртви.

Северна Кореја можеби испратила повеќе војници да се борат на страната на Русија претходно оваа година, наводно согласувајќи се да испрати 6.000 воени инженери и градежни работници за обнова на регионот Курск. Исто така, испратила ракети со краток дострел, самоодни хаубици и ракетни фрлачи, според јужнокорејската војска.

Пропадна 46. обид за конституирање Собрание на Косово

Собраниската сала во Косово
Собраниската сала во Косово

Собранието на Косово не беше конституирано ниту денеска (13 јули), а пратениците го одбележаа овој 46. собир со меѓусебни обвинувања и не го финализираа процесот.

И покрај фактот што пратениците од секоја партија инсистираат на важноста на формирањето нови институции, тие сепак не се откажуваат од своите спротивставени ставови.

На денешната седница учествуваа 82 пратеници.

Демократската партија на Косово (ПДК), Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Српската листа - најголемата српска партија во Косово - одбиваат да номинираат кандидат за формирање на комисија за тајно гласање, објаснувајќи дека методот на промена на гласањето е неуставен.

Движењето Самоопределување – кое доби најголем број гласови на изборите на 9 февруари, бара за Албулена Хаџиу, предложена за претседателка на Собранието, да се гласа само еднаш со тајно гласање, додавајќи дека доколку не ги обезбеди потребните 61 глас, ќе се повлече од трката.

Таа не ги обезбеди потребните гласови на неколку последователни седници што се одржаа со јавно гласање. За некои партии, таа е контроверзна и неприфатлива фигура.

Партиите сè уште не успеваат да најдат компромис иако се приближува рокот што го постави Уставниот суд за конституирање на Собранието.

Иако судот го одреди 26 јули како рок за конституирање, не даде дополнителни детали за тоа што ќе се случи следно ако партиите не постигнат договор дотогаш.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, пред неколку дена се сретна со претставници на политичките партии, надевајќи се дека ќе најде решение, но ситуацијата не се промени.

Таа ја спомена и можноста за обраќање до Уставниот суд за дополнителни појаснувања.

Членовите на невладини организации протестираа неколку пати пред зградата на Собранието, повикувајќи ги пратениците на одговорност.

Двојно убиство и самоубиство во Прилеп

Илустрација - Полициска СТОП лента
Илустрација - Полициска СТОП лента

Татко и син се убиени, а убиецот се самоубил ноќеска во Прилеп. Според првичните сознанија, 63-годишен прилепчанец го убил својот 43-годишен внук од сестра и неговиот 13-годишен син, поради семејни недоразбирања и нерасчистени имотни прашања, а потоа се самоубил.

„Таткото и синот отишле во куќата на вујкото на улицата 'Стеван Апостолоски' околу 15 до 16 часот. Освен вујкото немало никој друг во куќата. Инаку, претходно вујкото му ја препишал куќата на внукот. Не се знае што се случувало наредните часови само се знае дека таткото и 11-годишниот син биле убиени со пиштол пред да стигне полицијата околу 22 часот. Ова е утврдено зашто соседите слушнале истрели“, соопшти јавниот обвинител Стевчо Биноски кој направи увид на местото на трагедијата.

Сопругата на убиениот викнала полиција откако се загрижила бидејќи со часови ги немало нејзиниот сопруг и син. Полицијата пристигнала пред куќата околу 22 часот.

„По наредба од јавен обвинител, полициски службеници со употреба на сила ја отвориле вратата и кога влегле во куќата едно лице фрлило бомба кон нив која почнала да чади, но не експлодирала. Откако полициските службеници излегле од куќата, било пукано кон нив, при што од полициските службеници било возвратено со пукање од службено оружје кон куќата. Денеска (13.07.2025) во 01.35 часот од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт како последица од повреди од огнено оружје кај П.Ч., П.Ѓ. и 13-годишен малолетник“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Јавниот обвинител Биноски вели дека околу еден часот по полноќ трите мртви тела биле пронајдени од припадници на единицата Тигри кои биле ангажирани од полицијата.

Наредена е обдукција на телата.

Трамп најави царини од 30 отсто за стоки од ЕУ и Мексико од 1 август

Американскиот претседател Доналд Трамп, 3 јули 2025 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп, 3 јули 2025 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе воведе царини од 30 проценти за стоки увезени од Мексико и Европската Унија почнувајќи од 1 август, откако неколку неделните преговори со клучните трговски партнери не резултираа со договор.

Овие мерки, кои означуваат ново заострување на трговската политика на Вашингтон, Трамп ги објави на социјалната мрежа Truth Social, јави Ројтерс.

Претходно, беа објавени дополнителни царини за Јапонија, Јужна Кореја, Канада и Бразил, вклучувајќи царини од 50 проценти за бакар.

Европската Унија се надеваше дека ќе постигне широк трговски договор со Америка, што би вклучувало укинување на царините за индустриски производи (договор нула-за-нула), но повеќе месечните преговори беа неуспешни.

Преговорите се дополнително комплицирани во самата Унија.

Додека Германија се залага за брз договор за заштита на индустријата, Франција и некои други членки предупредуваат дека ЕУ не смее да се согласи на договор што би бил исклучиво во интерес на Соединетите Американски Држави.

Враќањето на Трамп во Белата куќа беше обележано со низа нови трговски мерки кои веќе донесоа десетици милијарди долари месечно во буџетот на САД.

Според Министерството за финансии на САД, приходите од царина надминаа 100 милијарди долари во фискалната година што заклучно со јуни.

Во исто време, берзите реагираа негативно. Волстрит го заврши денот во минус во петокот (11 јули), поради растечката загриженост на инвеститорите за последиците што ваквите мерки би можеле да ги имаат врз глобалната економија.

Градоначалничката Арсовска доби 24-часовно полициско обезбедување

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на терен, архивска фотографија
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на терен, архивска фотографија

МВР поднесе кривични пријави против две лица, а Обвинителството поведе постапка и побара притвор за првоосомничениот и мерки за претпазливост за другото лице откако градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вчера беше физички нападната во општина Чаир вршејќи увид на дивоградба.

Министерството за внатрешни работи (МВР) одобри 24-часовно обезбедување на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, откако таа вчера беше нападната на Бит Пазар при увид на дивоградба спроти Полициската станица во Чаир.

„По вчерашниот инцидент во Општина Чаир, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во текот на денешниот ден ќе биде контактирана од надлежните служби со цел да се координираат нејзините активности во согласност со мерките за лична заштита. Со оглед на безбедносната проценка направена од АНБ, градоначалничката Арсовска, како носител на јавна функција, ќе биде под 24-часовна полициска заштита, со цел да ѝ се обезбеди лична сигурност и непречено извршување на нејзините обврски“, соопшти Министерството.

Исто така денеска МВР поднело и кривична пријава против две лица, С. Љ. и С. Љ., по член 386 став 3 од Кривичниот законик за вчерашниот напад врз градоначалничката Арсовска.

Од таму велат дека и покрај тоа што Арсовска во повеќе наврати јавно комуницира за закани преку социјалните мрежи, МВР постапува по сите добиени информации било по службена должност, било по официјална пријава согласно законот и воспоставените процедури и ги објавија хронолошки конкретните случаи.

Основното јавно обвинителство Скопје, пак, поведе постапка против две лица кои вчера ја нападнаа градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во Чаир. Осомничени се за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За првосомничениот се бара притвор, а за вториот мерки на претпазливост.

„Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата Севастополска. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да и се заканува, по што и физички ја нападнал. Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, соопшти Обвинитeлството.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вчера беше нападната во Чаир при увид на дивоградби како што потврди МВР.

По инцидентот Арсовска била примена во Ургентен центар во болницата 8 Септември видно вознемирена и со контузии од удирање со клоци и тупаници. Прегледана е од специјалисти.

„Пред очи на полицајци ме удираше со клоци и ми се закануваше дека ќе ме силува, а цело семејство ќе ми го убие“, изјави за медиумите скопската градоначалничка откако излезе од Ургентниот центар.

„Тоа лице кое направило толкава дивоградба пред сите нас се јави на 20 луѓе на високи функции во МВР и им кажуваше што сè ќе ми направел, им викаше дека ќе ме убие, ќе ги ликвидирал еден по еден членовите на моето семејство“, рече Арсовска.

Таа вчера излегла на увид на дивоградба по пријава од граѓани. Рече дека објектот кој се гради на самиот булевар нема одобрение за градба, нема платено комуналии, краде струја и вода. Кажа дека иако досега постојано пријавува ниту за една дивоградба не е постапено, ниту пак се постапува за заканите кон неа.

Државата има институции, ги повикувам да постапуваат за случајот, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со вчерашните обвинувања на скопската градоначалничка Данела Арсовска.

„Што се однесува за градоначалничката на Скопје, многу работи се кажани. Не би имал што да додадам“, одговори кусо Мицкоски по пуштањето во употреба на целосната санација на Музејот на вода во Заливот на Коските во Охрид.

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу го осуди нападот врз Арсовска и негира поврзаност со инцидентот.

„Ваквите дејствија се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество. Сметајќи дека е важно јавноста да биде точно информирана, ја појаснуваме фактичката состојба – настанот воопшто не е поврзан со нашата институција. Ниту еден вработен или функционер на Општина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот“, објави Ганиу на Фејсбук.

Хелсиншкиот комитет бара истрага за полициските службеници што не го спречиле нападот врз градоначалничката Арсовска.

„Овој напад е уште еден алармантен пример за ризиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот – насилство, навреди, закани, клевети и институционална незаинтересираност“, алармира Хелсиншкиот комитет.

Градоначалниката Данела Арсовска на 31 мај достави документи за незаконски легализации на дивоградби во Обвинителството, а на 27 јуни до до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) достави докази за нови, како што рече, криминални легализации од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Шест ин витро обиди на државна сметка и побрзо одобрување, најави ФЗО

Илустрација
Илустрација

Вкупно шест наместо како што беше досега - три обиди за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) попознато како ин витро, ќе бидат овозможени на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).

Ова една од законските измени усвоени на 10 јули годинава во Собранието, како што денеска (12 јули) соопштија генералните директори на Фондот, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов.

Според најавите, освен што БПО ќе биде вклучено во основниот пакет на здравствени услуги, ќе има и усогласување на ослободувањето од партиципација, но ќе се скрати времето на одлучување од три месеци на две седмици.

„Фондот го дигитализираше процесот во оваа фаза кон барателите, вклучувајќи го ваучерот за БПО, но и поедностави дел од адиминистративниот процес“, потенцира Клековски.

Според податоците на ФЗО, се повеќе граѓани се соочуваат со проблеми при зачнување, а успешноста на третманот често се зголемува со зголемениот број обиди.

Лани имало 1495 барања за ин витро. Најголем дел, односно 1280, биле за прво, 195 за второ, 15 за трето и 5 за четврто дете.

Максимален износ за еден обид е околу 93000 денари, а за 1106 реализирани во осумте центри во државата каде е тоа достапно, употребени се 89.547.990 денари.

Како следни чекори, од Фондот најавија финансиска поддршка на замрзнување на јајце клетки за идна употреба, како и поддршка на Клиниката за гинекологија за создавање на национална банка за реродуктивен материјал, односно јајце клетки и сперма.

Друга новина, како што информираа е и тоа што се олеснува лекувањето во странство.

„Се применуваат препораките од Државниот завод за ревизија. Второстепената комисија ќе одлучува само по жалби, не повеќе и по мислење на Првостепената комсија со што се скратува процесот и обезбедеува двостепеност. Рокот за одлучување се скратува од 45 на 30 дена, а се брише и склучување договори со странски болници поради неприменливост“, нагласи Клековски.

Инаку, тој соопшти и дека Фондот се враќа на стариот концепт што постоеше до 2007 година, па со него нема да раководат двајца директори, туку еден, кој ќе има свој заменик.

Нов руски напад на западна Украина

Станбена зграда оштетена за време на руски напади со беспилотни летала и ракети, во Черновци, Украина, 12 јули 2025 година.
Станбена зграда оштетена за време на руски напади со беспилотни летала и ракети, во Черновци, Украина, 12 јули 2025 година.

Со бран напади со дронови и ракети врз западна Украина во текот на ноќта, Русија таргетираше области далеку од фронтот, објавија украинските медиуми и официјални лица денеска (12 јули).

Експлозии се регистрирани во градовите Лвив, во близина на границата со Полска, Чернивци, во близина на границата со Романија, како и во северозападниот град Луцк, објавија медиумите.

По нападот, избувна пожар во зграда во Лвив, објави градоначалникот Андриј Садовји.

Украинската воена авијација претходно предупреди за балистички ракети и дронови лансирани од Русија, а насочени кон запад. Според официјални извори, беспилотни летала биле видени како се приближуваат кон областите Тернопол и Волињ.

Во Волињ беа активирани сирените за воздушен напад, додека властите ги повикаа жителите да останат во засолништа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG