Достапни линкови

Вести

ЕУ и НАТО: Сега е во рацете на политичарите во Скопје да одлучат за патот понатаму

Архивска фотографија- претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг
Архивска фотографија- претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска издадоа заедничко соопштение по повод референдумот во Македонија.

Тие повторуваат дека Договорот со Атина создаде историска шанса за Македонија да и се приклучи на трансатлантската заедница како еднаков член.

“Ова би го променил животот на луѓето во земјата и на нивните деца на подобро”, велат Туск и Столтенберг.

Тие додаваат дека на вчерашниот консултативен референдум огромно мнозинство на оние кои гласаа го поддржаа токму тој пат.

“Сега е во рацете на политичарите во Скопје да одлучат за патот понатаму. Одлуките кои ќе ги донесат во наредните денови и недели ќе ја одредат судбината на нивната земја и нивниот народ за многу генерации. Ги охрабруваме да ја зграпчат оваа историска можност”, се наведува во заедничко соопштение на Туск и Столтенберг.

види ги сите денешни вести

Репортери без граници: Македонија на 42 место според индексот за слобода на медиумите

Македонија е рангирана на 42 место во светот според Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници за 2025 година, што е пад од шест места во однос на лани кога беше 36-та.

Во однос на другите земји во регионот, Македонија е по Словенија која е на 33 место и Црна Гора 37, Хрватска е 60-та, Бугарија 70-та, Албанија е на 80 место, Босна и Херцеговина на 86, Грција на 89, Србија на 96 и Косово на 99 место.

Репортери без граници ја оценува состојбата со слобода на медиумите во Македонија како „задоволителна“.

- Иако новинарите не работат во непријателска средина, широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Исто така, владините претставници имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите, се наведува во општата оценка за Македонија.

Извештајот се однесува на изборната 2024 година, во период на поларизирана политичка клима која резултираше со засилен партиски дискурс во јавната комуникација и медиумите.

Овие наоди, според Здружението на новинари на Македонија, претставуваат јасен сигнал до институциите дека се неопходни итни и координирани реформи за зајакнување на медиумскиот сектор и подобрување на положбата на новинарите.

Класификацијата на Репортери без граници опфаќа 180 држави од целиот свет.

Норвешка е на прво место и останува единствената земја во светот која ужива „добра“ оценка за сите пет индикатори на Индексот. Таа го задржа своето прво место деветта година по ред, зголемувајќи го водството пред другите земји. Естонија се искачи на второто место, следена од Холандија, која ја престигна Шведска (сега 4-та) во првите три во светот.

Конститутивната седница на Собранието на Косово е прекината по деветти пат

Собранието на Косово во четвртокот (01.05) го прекина деветтото продолжение на конститутивната седница, откако не помина предлогот на претседавачот на седницата Авни Дехари за тајно гласање за претседател на парламентот.

Против промена на начинот на гласање се изјаснија пратениците на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово, Српската листа и Алијансата за иднината на Косово, а за тајно гласање се изјаснија и Движењето Самоопределување и дел од претставниците на малцинските заедници.

При гласањето за составот на изборната комисија, за него гласаа 55 пратеници, што не беше доволно за да се формира комисијата.

Дехари потоа ја прекина седницата и најави дека таа ќе продолжи на 3 мај во 10 часот.


Процесот е во застој со недели, бидејќи победничката партија, Движењето Самоопределување, не ги обезбеди потребните гласови за кандидатот за претседател на Собранието, Аљбуљена Хаџи.

Најголемите албански опозициски партии не го прифаќаат нивниот кандидат, туку бараат некој друг да биде номиниран, што Самоопределување одбива да го стори.

Според деловникот на Собранието, конститутивната седница завршува со избор на претседател и потпретседател, а за да биде избран претседател на Собранието потребни се 61 глас од вкупно 120 пратеници.

Парламентарните опозициски партии оценуваат дека Движењето Самоопределување кое ја предводеше Владата претходните четири години нема доволно гласови за избор и формирање нови институции.


ПССЕ: Македонија бележи напредок, но, загриженост од политизација на судството и од корупцијата

Парламентарно собрание на Советот на Европа
Парламентарно собрание на Советот на Европа

Северна Македонија е демократска држава каде што генерално се почитуваат политичките слободи, вклучувајќи ги правата на слобода на здружување, собирање и изразување, како и медиумскиот плурализам, се наведува во оценката на коизвестувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за пост-мониторинг дијалогот со земјата, Сибел Арслан и Џозеф О’Рајли.

Во оценката направена по посетата на земјата, посветена на проценка на реформата во судството и изборната рамка, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и правата на малцинствата, Арслан и О’Рајли го поздравуваат напредокот постигнат во исполнувањето на обврските што произлегуваат од членството на државата во Советот на Европа.

- Задоволни сме од напредокот постигнат од Северна Македонија од последната Резолуција на ПССЕ за пост-мониторинг дијалогот во 2019 година, наведоа двајцата коизвестувачи.

Тие сепак, посочуваат дека се уште постои „итна потреба“ од реформа на изборната рамка во согласност со препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ и Венецијанската комисија на Советот на Европа.


- Северна Македонија е мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална земја и може да послужи како модел за другите земји во промовирањето на културата и менталитетот на „заедничко живеење“. Ги повикуваме властите да продолжат на овој пат и да преземат понатамошни мерки за почитување на идентитетот, правата и потребите на сите етнички групи, потенцираат Арслан и О’Рајли.

Тие натаму оценуваат дека иако во земјава е постигнат одреден напредок во реформата на правосудството, сепак постои загриженост поради „бројните обвинувања за политизација на судството и широко распространета корупција низ целиот јавен сектор“, како и поради „недостиг на ефикасни мерки за борба против овие феномени“.

Арслан и О’Рајли во оценката ги повикуваат властите на земјава да ги засилат своите напори за справување со овие појави, преку усвојување на потребните законски измени во соработка со Советот на Европа и други меѓународни партнери.

Коизвестувачите изразуваат и загриженоста поради „лошите услови“ во некои притворски установи и ги повикуваат македонските власти без одлагање да ги спроведат преостанатите препораки на Комитетот против тортура на Советот на Европа.

- Во меѓувреме, целосно ја поддржуваме кандидатурата на земјата за членство во ЕУ и ги повикуваме сите политички партии да најдат компромис за спроведување на „францускиот предлог“ со вклучување на бугарското етничко малцинство во Уставот, заклучија Арслан и О’Рајли.


За време на минатонеделната посета на земјава, коизвестувачите имаа средби со претседателот на Собранието, Африм Гаши, со претставници на сите пратенички групи, како и со членови на повеќе собраниски комисии и на делегацијата на Северна Македонија во ПССЕ.

Арслан и О’Рајли, исто така, се сретнаа и со министрите за надворешни работи и внатрешни работи, Тимчо Муцунски и Панче Тошковски, со заменик-министерот за правда Ален Деребан, со судии на Врховниот и Уставниот суд, со претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, со народниот правобранител Насер Зибери, како и со јавни обвинители, членови на државните комисии за заштита на дискриминацијата и за спречување на корупција и на Државната изборна комисија избори, претставници на повеќе невладини организации и дипломати.

Руски беспилотни летала бомбардираа градови во Украина, има загинати во Одеса

Одеса, 01.05.2025
Одеса, 01.05.2025

Руската армија нападна неколку региони на Украина со беспилотни летала, соопштија локалните власти, наведувајќи дека најмалку две лица загинале во Одеса.

Воздушните предупредувања беа активирани во 11 региони на Украина за време на нападот доцна на 30 април и во текот на ноќта.

Нападот на црноморското пристаниште Одеса погоди станбена област, при што беа повредени пет лица, покрај двата смртни случаи, изјави гувернерот на Одеса, Олех Кипер на Телеграм.

Кипер рече дека рускиот напад на Одеса оштетил и високи згради, куќи, супермаркет и училиште.

„На некои места избувнаа пожари кои нашите спасувачи ги гаснат“, додаде тој.

Кипер претходно предупреди за заканата од напади со беспилотни летала, предупредувајќи ги жителите на Одеса и регионот да се засолнат.

„Итните и комуналните служби работат на терен за да ги елиминираат последиците од нападите и да им ја пружат потребната медицинска помош на жртвите“, рече градоначалникот на Одеса Генадиј Труханов на Телеграм.

Украинските војници скептични за 72 часовната понуда на Путин за прекин на огнот
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:58 0:00


Експлозии се слушнаа и во североисточниот град Суми, а предупредувањата за воздушни напади беа активирани на неколку места, вклучувајќи ги Суми, Киев, Харков, Чернихив, Доњецк, Днепропетровск и Запорожје.

Градоначалникот на Харков, Ихор Терехова, објави дека дрон погодил на границата на два окрузи во градот. На местото на ударот избувнал пожар, а неутврден број луѓе се повредени.

Терехова подоцна извести дека дронот удрил во бензинска пумпа во областа Киев.

Источниот град Харков исто така беше нападнат, изјави регионалниот гувернер Олех Синјехубов, повикувајќи се на прелиминарни информации. Тој додаде дека поради тоа избувнал пожар.

Нападите дојдоа кога Соединетите Американски Држави и Украина потпишаа договор за минерали за кој администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е и економско партнерство како признание за „значајната финансиска и материјална поддршка што народот на Соединетите Држави и ја обезбеди на одбраната на Украина по целосната инвазија на Русија“.

По првичното двоумење, Украина го прифати договорот како начин да обезбеди долгорочни инвестиции од Вашингтон.

Камбовски: Финансиската зависност ја уништува судската независност

Александар Камбовски, претседател на Судскиот совет
Александар Камбовски, претседател на Судскиот совет

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, предупреди дека без реална финансиска автономија, судството не може да биде вистински независно. Според него, сегашниот модел на реформирање е неефикасен, а суштински промени може да се постигнат само со нов пристап, промена на закони и кадровско зајакнување.

Во изјава за медиуми по отворањето на конференцијата „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките, Камбовски остро реагираше на тоа што, и покрај добрите закони, судството не ги добива предвидените средства и е блокирано од бирократски процедури.

„Не треба да се престане со реформи. Очигледно во минатото тие реформи не вродиле плод. Треба да се промени начинот на кој што се прават тие реформи, да се промени матрицата на размислување и конечно веќе судството да ја добие финансиската независност која што му припаѓа согласно законот. Бидејќи не можеме да зборуваме за независност на судство, доколку тоа исто судство е зависно од некоја од другите власти“, истакна Камбовски, додавајќи дека проблемот не е само во институционалните објекти, туку и во човечките и техничките капацитети.

Според него алармантно е што околу 200 вработени во судовите остануваат без продолжени договори.

„Имавме околу 200 луѓе на ниво на цела држава кои што имаа до 31 март договори на неопределено време. Меѓутоа, до денеска не им се продолжени договорите, ниту се објавени нови огласи. За секое вработување мораме да добиеме согласност од Министерството за финансии. Ако навистина сакаме финансиска независност, тогаш судството не треба да зависи од вакви одобренија, кои некогаш не ни ги добиваме“, посочи Камбовски.

Во однос на транспарентноста и довербата на граѓаните во судството, Камбовски смета дека персоналните оставки не се решение за системските проблеми.

„Оставките не се реформи. Судскиот совет е целосно променет. Впечатокот што се влече е од минатиот состав на Судскиот совет. Сега половина од судскиот совет е променет и така го замислил уставотворецот судскиот совет постојано внатре да има флуктација на нови членови, а доколку сакаме навистина да направиме некоја реформа, таа се прави на друг начин, со промена на законот, со намалување на мандат, со депрофесионализација на судски и обвинителски совет, а само персонални промени, тука нема ништо, која е гаранцијата дека новите членови што ќе дојдат ќе бидат подорбри“, рече Камбовски.

Тој меѓудругото, информираше и дека изборот за нов претседател на Врховниот суд е при крај и се очекува наскоро да биде ставен на дневен ред на некоја од наредните седници на Судскиот совет.

Истекува мерката за ограничени маржи на дел од производите

илустрација
илустрација

Денеска (30 април) истекува владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо.

Владината одлука за ограничени маржи беше донесена во февруари годинава и трае заклучно со денеска.

Според министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, мерката дала позитивен резултат бидејќи, повикувајќи се на официјални податоци, во споредба со февруари, во март има дефлација од 1,3 отсто во делот на храна и пијалаци, односно намалување на цените.

Податоците за април, исто така, како што рече, укажуваат на намалување на цените на храната и пијалаците.

Министерот најави дека од 1 мај Државниот пазарен инспекторат ќе се врши контроли на терен за да се види дали по завршување на мерката ќе има енормно зголемување на цените на производите.

Најави и воведување на поригорозни мерки доколку се утврди дека маркетите се однесуваат „девијантно“ и енормно ги зголемат цените.

Откако граѓани два пати бојкотираа маркети поради високи цени на храната, Владата го задолжи Министерството за економија и труд да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.

Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи и до 50 отсто.

Димитровска: Мојата комуникација со семеен пријател беше пред да биде обвинет во „Адитив“

Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК
Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска, која е осомничена за кривичното дело „одавање службена тајна“ во случајот „Адитив“, вели дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата со која раководи во никој случај не смее да биде оспорен.

Во соопштение до јавноста, една недела откако беше вклучена во проширената истрага за овој предмет, Димитровска тврди дека комуникацијата со лицето за кое вели дека ѝ е семеен пријател, а кое подоцна било обвинето во случајот, се водела во период пред почетокот на постапката против него.

„Од соопштението на ОЈО ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, пред да му е изречена мерка притвор. По оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот „Адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата. Ова го тврдам одговорно“, пишува Димитровска во соопштението доставено до медиумите.

Додава дека во ДКСК во моментов е во тек постапка за проверка на имотната состојба на ова лице и дека според електронската распределба на предметите, овој предмет не е распределен на постапување кај неа.

„Согласно утврдените правила, немам никаква можност да влијаам врз текот на постапката или врз исходот. Одлуките на ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови на членовите“, вели таа.

Димитровска вели дека целосно ќе соработува со надлежните правосудни органи и ќе ги почитува во целост мерките за претпазливост.

Димитровска порача дека кредибилитетот и интегритетот на Антикорупциската комисија не смеат да бидат оспорени, особено имајќи ги предвид принципот на презумпција на невиност и владеење на правото, како и фактот што останатите шест члена од Комисијата немаат поврзаност со делото за кое е осомничена.

Димитровска, минатата недела се најде на листата на осомничени со која Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја прошири истрагата за случајот „Адитив“ кој однесува на криминал во државната ЕСМ тежок 6,5 милиони евра.

Германските социјалдемократи го поддржуваат коалицискиот договор со ЦДУ

Зградата на германскиот парламент во Берлин, Германија
Зградата на германскиот парламент во Берлин, Германија

Членовите на Германската социјалдемократска партија го поддржаа коалицискиот договор со германската Христијанско-демократската унија (ЦДУ), објавија светските агенции, повикувајќи се на соопштение од партијата.

Со ова се отстранува и последната пречка за формирање нова влада во Германија.

Христијанските демократи победија на предвремените парламентарни избори во февруари, додека социјалдемократите останаа на третото место.

Крајнодесничарската Алтернатива за Германија се најде на второто место, но и демохристијаните и социјалдемократите одбија да формираат коалиција со оваа партија во идната влада.

Одобрениот коалициски договор му овозможува на лидерот на христијанските демократи Фридрих Мерц да стане канцелар на 6 мај.

Резултатите од гласањето на партијата во редовите на социјалдемократите покажуваат дека 84 проценти од членовите на партијата го поддржале коалицискиот договор.

Од 360 000 членови на партијата, во гласањето учествуваа педесет и три проценти.

Судот и наложи на УСАГМ да ослободи средства за РСЕ одобрени од Конгресот

Седиштето на Радио Слободна Европа во Прага, Чешка
Седиштето на Радио Слободна Европа во Прага, Чешка

Во време на борба за затворање на работата на голем број радиодифузери финансирани од САД, федерален суд ѝ наложи на Агенцијата на САД за глобални медиуми (УСАГМ) да исплати средства за април на Радио Слободна Европа (РСЕ) од средствата одобрени од Конгресот.

Американскиот окружен судија Ројс Ламберт издаде привремена забрана на 29 април, наведувајќи дека Конгресот „наложил спорните пари да и бидат доделени на РСЕ“ и дека претседателот Доналд Трамп потпишал буџетска резолуција со која се распределуваат средствата.

„Денешната пресуда со која се наредува УСАГМ да објави едномесечно годишно финансирање доделено од Конгресот на РСЕ значи дека нашите новинари можат да продолжат да ја вршат својата работа и да ги повикуваат диктаторите и деспотите на одговорност“, рече претседателот и извршен директор на РСЕ Стивен Капус, по пресудата.

„Се надеваме дека брзо ќе го добиеме задоцнетото плаќање за април, бидејќи РСЕ беше принудена овој месец да испрати персонал на принуден одмор и да го намали емитувањето во регионите што се критични за националната безбедност на САД.“

УСАГМ е независна владина агенција која ги надгледува РСЕ и Гласот на Америка и други радиодифузери финансирани од САД, кои заедно дистрибуираат вести и информации на речиси 50 јазици до приближно 361 милион луѓе секоја недела.

Неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба на 14 март, со која се бара намалување на буџетот за седум агенции - вклучувајќи ја и УСАГМ - „до максимален степен во согласност со важечкиот закон“, агенцијата соопшти дека ќе го намали финансирањето за РСЕ одобрено од Конгресот за буџетската 2025 година, која завршува на 30 септември.

РСЕ го нарече потегот нелегален и покрена судска постапка против Агенцијата за глобални медиуми на САД.

На 25 март, истиот американски суд го одобри барањето на РСЕ за привремена забрана (TRO), пресудувајќи дека УСАГМ дејствувала „произволно и каприциозно“ при прекинувањето на грантовите на РСЕ.

На 26 март, УСАГМ му пиша на РСЕ дека го повлекува соопштението, но дека тоа е „без да се наруши овластувањето на УСАГМ да го прекине грантот“.

РСЕ беше принудена да побара уште еден привремен судски налог во април откако средствата за тој месец не беа исплатени. Исто така, продолжува да бара забрана за да се обезбеди ослободување на преостанатите пари од грантот за буџетската 2025 година.

„Ќе останеме на суд и со нетрпение очекуваме да соработуваме со УСАГМ за да обезбедиме исплата за остатокот од фискалната година“, рече Капус.

РСЕ допира до речиси 50 милиони луѓе во земји, вклучувајќи ги Белорусија, Украина, Иран, Авганистан и Русија, додека се стреми да презентира независни и непристрасни вести и информации во 23 земји каде што емитува програма на 27 јазици.

Застапниците на медиумските права го нарекоа потегот за „уништување“ на УСАГМ „скандалозен“, велејќи дека тоа претставува победа за авторитарните режими низ целиот свет.

Комитетот за заштита на новинарите на 1 април предупреди дека тоа, исто така, ги става во опасност многу новинари кои работат за радиодифузери како што е РСЕ.

„Новинарите поврзани со УСАГМ се соочуваат со сериозни закани, затворање и прогон во нивните матични земји поради известување за политички чувствителни прашања“, напишаа тие во писмото, кое го потпишаа и ПЕН Америка, Репортери без граници и други.

Тие го повикаа Конгресот на САД да преземе „итни мерки“ за заштита на новинарите кои работат во јавно финансирани медиуми.

„Нивната заштита е морална обврска и витален став за слободата на печатот и демократските вредности.“

Вкупното барање за буџет за УСАГМ за фискалната 2025 година изнесуваше 950 милиони долари за финансирање на сите нејзини операции и капитални инвестиции.

Тука спаѓаат медиуми како што се РСЕ, Гласот на Америка, Радио Слободна Азија, Кубанската радиодифузна канцеларија (Радио Марти), Блискоисточната радиодифузна мрежа (MBN) и Фондот за отворени технологии.

Тошковски ја „преживеа“ и втората интерпелација

илустрација
илустрација

Собранието вечерва (29 април) ја отфрли интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Против“ интерпелацијата гласаа 72 пратеници, 20 беа „за“, а немаше воздржани. Интерпелацијата што ја поднесе Левица, ја поддржаа СДСМ и ДУИ.

Таа е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.

На почетокот на денешната седница, интерпелацијата ја образложи пратеникот од редовите на „Левица“, Сашко Јанчев кој рече дека министерувањето на Тошковски е проследено од низа несовесни, непрофесионални, а згора на тоа и противзаконски дејствувања, скандали и кадровски промашувања.

„За неговиот морален хабитус доволно говори и фактот што тој досега не се ни осмели да понуди оставка од морални причини, нешто што го сторувале повеќе македонски министри пред него, во ситуации на вакви хаварии и колективни несреќи! ...Се на се министерот Тошковски покажа дека е лично одговорен за пропусти кои не смеат да се дозволат од страна на МВР“, рече Јанчев и ги повика пратениците да ја поддржат интерпелацијата.

Интерпелацијата, како што посочи, била базирана на десет основи од кои пет се директно поврзани со трагичниот настан во Кочани. Првиот основ е немање никаква контрола врз дискотеката „Пулс“, што е јасна законска обврска на МВР.

Вториот основ се однесува на нелегалната употреба на пиротехнички средства, третиот на неукажувањето помош од страна на полициските службеници, потоа на непроцесуирани закани против неистомисленици на власта, што е спротивно на законот за полиција. Петиот основ за интерпелација, според Левица, се однесува на забрана за употреба на дронови - што според него, од МВР беше злоупотребено за да се повреди чл. 16 право на протест.

Останатите пет се однесуваат на уапсени граѓани во гостиварско кои чистеле црква, на непостапувањето при палењето на македонското знаме за време на прославата на Денот на албанското знаме, кражбата на марихуана која ја чувала полицијата, за случајот со апсењето и притоворањето на телохранителот на премиерот поради одавање службени тајни и на катастрофалната кадровска политика во Министерството исполнета со како што велат, непотизам и кронизам.

Во своето излагање, министерот Тошковски рече дека не се плаши од одговорност и оти останува на функцијата за да се соочи со вистината и да ги разјасни сите дилеми.

„Пред вас не стојам како министер, туку како човек кој ја разбира тежината и одговорноста што ја носи функцијата. Ќе зборувам како личност што носи одлуки, но и како татко, и како министер, и родител. Дозволете ми да кажам дека жалам за секој изгубен живот“, рече Тошковски, додавајќи дека секоја дилема заслужува одговор базиран на факти, а не на политички конструкции.

Министерот се осврна на сите точки од интерпелацијата, вклучително и трагичниот настан во дискотеката во Кочани, нагласувајќи дека во овој случај МВР нема направено пропуст.

Тој потенцираше дека лиценцата за дискотеката „Пулс“ била фалсификувана, а во однос на пиротехничките средства, нагласи дека МВР работи согласно закон.

„Во случајот со дискотеката во Кочани, такво барање за употреба на пиротехнички средства никогаш не било поднесено. МВР постапуваше во согласност со Законот, и нема законска основа да се тврди дека постои пропуст. Одговорноста е кај оние што дозвол

Миле Талески од СДСМ рече дека гласот „за“ интерпелација на министерот Тошковски не е прашање на политика, туку прашање дали ќе опстои државата, дали ќе има правда, безбедност и сигурност.

„Голем број осомничени, приведени и притворени лица од трагедијата во Кочани до денес е со цел да се разводнат сите случаи и да се одолговлекуваат до бескрај, да се создаде привид дека МВР и Владата се борат против криминалот и корупцијата. Но не е така. Ова е тежок популизам, препознатлив за ВМРО-ДПМНЕ. Но, ајде да ја почекаме истрагата за да видиме дали и кој од надлежните командири, началници и заменик-командири на полицијата ќе бидат опфатени и кој ќе понесе одговорност“, рече Талески.

Тошковски пак посочи дека институциите преземаат мерки за сите отворени случаи, меѓу кои и кражбата на марихуана во Карбинци, злоупотребата на службени документи кај припадник на полицијата и протестите поврзани со случајот со црквата во Галате.

Тој ги отфрли тврдењата за етнички предзнак и обвини одредени структури во ДУИ и СДСМ за обид за дестабилизација.

„Сѐ што видовме е лажно етикетирање. Треба да нѐ води обврската да ја кажеме вистината и да ја браниме правдата. Не бегам, не молчам, не се кријам. Останувам овде со целата тежина на обврската што ја носам. Секој ден од оваа институција ќе биде заложба вашата болка да не остане само нем сведок на незаборавот. Промените се тука, одговорноста се чувствува, правдата е реалност“, рече Тошковски во своето обраќање.

Оставка од Тошковски побара и Рина Ајдари од ДУИ која обвини за истрага по етничка линија, што исто така беше отфрлено од Тошковски, кој наведе дека 49 лица од осомничените се Македонци, 10 се Албанци, двајца се Бошњаци, еден е Ром.

Министерот ги отфрли сите обвинувања и нагласи дека МВР работи професионално, без селекција и под целосна координација со Јавното обвинителство.иле внесување и употреба спротивно на законот“, потенцираше тој.

Претходно, во тек на паузата на седницата, Тошковски оствари средба со родителите на настраданите во пожарот кои денеска одржаа марш во Скопје, а беа на средба и во Јавното обвинителство.

Славјанка Петровска од СДСМ го праша Тошковски дали и по средбата со родителите на загинатите во пожарот се уште е убеден дека не треба да си поднесе оставка.

Петровска рече дека во тек на мандатот на Тошковски се зголемил бројот на убиства, а меѓу останатото го критикуваше и дека нема резултати со драстичните мерки што ги најавил за подобрување на состојбите во сообраќајот, што ги најавил.

Против министерот за внатрешни работи беше поднесена интерпелација и во јануари заедно со уште тројца интерпелации на владини министри. Тогаш интерпелациите ги поднесе Европскиот фронт предводен од ДУИи во нив преовладуваше наративот дека се потфрлило со справување со меѓуетничките тензии. Интерпелациите не поминаа во Собрание.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG