Безбедносно - разузнавачка агенција на Хрватска оценува дека односите меѓу Косово и Србија остануваат нестабилни и дека во такви околности ескалацијата на тензиите во Косово претставува постојан ризик.
Во својот годишен извештај, агенцијата фрла светлина не само врз безбедносната состојба во Хрватска, туку и врз настаните во Западен Балкан - регион кој, според нејзината проценка, продолжува да се соочува со длабоки политички и безбедносни предизвици, тесно поврзани со нерешени меѓудржавни прашања.
Иако Европската Унија и Соединетите Американски Држави остануваат вклучени во напорите за стабилизација, извештајот нагласува дека решавањето на овие прашања останува тешко.
Оваа клима на неизвесност, според хрватската агенција, директно влијае врз процесот на европска интеграција на регионот, кој напредува бавно.
Хрватска гледа постојани закани на северот од Косово
Во својата проценка на ситуацијата во Косово,хрватската агенција посочува на постоењето на групи кои се стремат да ја дестабилизираат ситуацијата на северот од земјата, каде што мнозинството од населението се Срби.
Пример е вооружениот напад на српски групи врз косовската полиција во селото Бањска на 24 септември 2023 година, во кој беше убиен еден полицаец.
Приштина го обвини Белград за овој напад, додека српските власти негираа каква било одговорност.
Извештајот укажува дека сè уште не е јасно како била организирана таа паравоена формација и како дошла во посед на тешко оружје од воено потекло.
Се вели дека Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за организацијата на нападот и учествуваше во него, се повлекол во Србија, каде што бил испрашуван, но кривичната постапка против него сè уште е во тек.
Во извештајот, исто така, се споменуваат напорите на косовските власти да ги затворат паралелните српски институции на северот од земјата, со цел зајакнување на државниот суверенитет и ограничување на влијанието на Белград во таа област.
„Во такви околности, ескалацијата на тензиите во Косово останува постојана закана. Затоа, меѓународното воено присуство продолжува да игра клучна улога во гарантирањето на безбедноста“, заклучува агенцијата.
Стратешко балансирање на Србија
За северниот сосед на Косово, Србија, хрватската агенција нагласува континуитет на политиката на балансирање меѓу Западот, Русија и Кина.
Оваа стратегија вклучува и промоција на концептот „српски свет“, кој има за цел да ги обедини Србите во соседните земји - особено во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово - под единствената политичка рамка на официјален Белград.
На домашен фронт, забележува дека Србија доживеала неколку бранови антивладини протести, претежно организирани од студенти, кои бараат демократизација на општеството, деполитизација на државните институции, зајакнување на слободата на медиумите и борба против корупцијата.
Извештајот нагласува дека - во таква сложена ситуација, со растечка социјална поларизација - медиумите блиски до властите го зајакнуваат наративот што ги идентификува внатрешните и надворешните непријатели. Според извештајот, ова создава атмосфера на национална ранливост и се користи за дискредитација на студентските протести.
Во овој контекст, Република Хрватска се споменува како „постојан антисрпски фактор“.
Други предизвици
Безбедносно - разузнавачката агенција на Хрватска, исто така, забележува дека во Босна и Херцеговина сè уште постои политичка нестабилност, предизвикана од несогласувања меѓу ентитетите и заедниците во врска со уставните аранжмани и надворешната политика.
Главниот конфликт е меѓу раководството на Република Српска и високиот претставник околу надлежноста.
Проценува дека раководството на Република Српска отворено го поддржува распадот на Босна и Херцеговина и бара политичка поддршка од Русија - што, како што е наведено, ќе продолжи да создава сериозни политички и безбедносни предизвици.
Во Црна Гора, според извештајот, продолжува социо-политичката поделба помеѓу проевропската опција и српската опција, која е истовремено проруска и антизападна.
Радикалните српски партии се дел од сегашната владејачка коалиција, и иако црногорската влада се обидува да покаже европска посветеност, влијанието на националистичките и антизападните политики на српската опција може да ја забави европската интеграција и негативно да влијае на односите со ЕУ, оценува СОА.
Во извештајот се споменува и Српската православна црква, која, покрај својата религиозна улога, има силно политичко влијание - и на национално и на регионално ниво.
Водачите на Српската православна црква го промовираат концептот на „српски свет“, вклучувајќи ги особено Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово како дел од тој простор, се истакнува во извештајот.
Исто така, се предупредува дека криминалните организации од Западен Балкан, особено оние од Србија и Црна Гора, се многу активни во шверцот на кокаин од Јужна Америка во Европа.
Дестабилизирачката улога на Русија
Во еден дел од извештајот, се истакнува континуираното, дестабилизирачко влијание на Русија врз Западен Балкан.
Според извештајот, Москва користи широк спектар на средства - особено традиционалните врски со Србија - за да го зачува и прошири своето влијание во регионот.
Агенцијата, исто така, укажува на активното присуство на руските разузнавачки служби во Србија, што, според неа, вклучува обезбедување засолниште на агенти протерани од западните земји.
Во извештајот се нагласува дека руските хибридни алатки дејствуваат и од територијата на Србија, а конкретно се споменуваат RT и Sputnik.
Овие медиуми, според извештајот, „служат за ширење на прорускиот и антизападниот наратив во Западен Балкан“.
„Безбедна демократија“
За самата Хрватска, агенцијата оценува дека е „безбедна и стабилна демократија во предизвикувачка безбедносна средина“.
Се нагласува дека брзите глобални промени, технолошкиот развој и последиците од војната во Украина придонесоа за влошување на безбедноста во Европа.
Сепак, Хрватска во моментов не се соочува со сериозни, директни закани за националната безбедност или демократскиот уставен поредок, заклучува извештајот Безбедносно - разузнавачка агенција на Хрватска.