Достапни линкови

Бузалковска со „Прослава“ на Елдриџ премиерно во Драмски


Во Драмскиот театар Скопје, в петок, на 16 ноември во 20 часот, ќе се одржи македонската праизведба на претставата „Festen“ од Дејвид Елдриџ во режија на Зоја Бузалковска. Се работи за драма која се занимава со расчистување со хипокризијата на „здравото“, „големо“ патријархално семејство.

„Festen“ или „Прослава“ е драма која се занимава со расчистување со хипокризијата на „здравото“, „големо“ патријархално семејство, преку следење на настаните на една семејна прослава во која се одбележува шеесеттиот роденден на таткото Хелге. Прославата се одвива во мрачната сенка на самоубиството на една од ќерките на Хелге, близначка со неговиот постар син, Кристијан, настан кој се случил неодамна.

Тоа е драма на односи, на внатрешни конфликти. Сложена психолошка приказна, која овозможува возбудлива потрага по најскриените човекови мисли и чувства, потрага која ги испитува границите на издржливоста. Драма за мирната површина и за подземните води, за глазурата и за она што се крие под неа, за тоа колку е тешко да се раскринка светот обмотан во цврстата обвивка на лажниот сјај и идилична атмосфера во која семејството и иднината на децата е најважно од сѐ.

Ова во своето обраќање до публиката ќе го запише режисерката Зоја Бузалковска во пресрет на македонската праизведба на „Прослава“ од Дејвид Елдриџ, всушност адаптација на филмското сценарио со истоимен наслов, чии автори се Томас Винтерберг, Могенс Руков и Бо. Хр. Хенсен за првиот ДОГМЕ филм снимен во 1998 година.

„Малку бегаме од тоа да зборуваме за што е „Прослава“. Просто затоа што мислиме дека така е најдобро. Затоа што се работи за навистина еден брилијантно, вешто, напишан драмски текст. Со една прекрасна структура каде што работите се одмотуваат многу постепено, постапно и кадешто целиот прв чин ја заведува трагата за што воопшто е оваа драма, за што воопшто е оваа претстава“, вели Бузалковска.

Говорејќи за проектот, таа истакнува дека долго време се занимавала со „Прослава“ барајќи „куќа каде текстот да се всели, да се вдоми“. Претставата поминала низ различни фази и во неа лично како потписник на режијата, барајќи со кого и каде би ја правела. Била нудена на повеќе „не толку храбри институции затоа што се работи за многу деликатни теми што ги отвара и не секој бил подготвен да ги отвори“, за по цели три години обиди да стигне до сцената на Драмски театар, од најразлични причини и „не секогаш естетски“, еве дури сега се појавува.

Бузалковска и со дополна дека така веројатно требало да биде и дека доцнењето нејзе и дало можност да собере прекрасна екипа од актери како Александар Степанулески, Дејан Лилиќ, Соња Стамболџиоска, Диме Илиев, Лилјана Велјанова, Лазе Манасковски, со кои и досега во неколку наврати имала можност да соработува. Конечно дека со нив поминале низ еден исклучиво интересен процес на подготовка на претставата.

Од таму не случајно Степанулески, кој патем го толкува ликот на Кристијан, ќе рече дека кога почнале да го работат текстот се договориле дека ќе следат еден ДОГМЕ стил којшто е оформен во 1995 година од „нивните дански колеги“ и дека тогаш тоа им изгледало дури лесно да прават тој тип на театар.

„Да, тоа се прави така лесно, меѓутоа многу е тешко да се прави ДОГМЕ театар во „догме околина“. Кога сè околу нас е ДОГМЕ. Кога сè околу нас е веќе до срж соголено. Затоа двојно потешко е ние тоа да го направиме на сцена. Можеби во некои други времиња ќе беше многу позачудно, меѓутоа сега е само по обременето да се случи тоа. Затоа многу ми е драго што се случува и меѓу нас како екипа и како творци на претставата и меѓу нас како процес којшто го поминавме заедно“, вели тој.

Дејан Лилиќ, или Михаел во „Прослава“, истакнува дека „отсекогаш љубел да работи театар кој може малку да нè освести“ и дека театарот во својата историја и го покажувал тоа. Дека „сè изумрело, сите медиуми, дека се појавиле нови, па исчезнале, а тој, театарот, си останал каков што е“. Затоа, актерот смета дека со оваа претстава „можеби еден мал процент од луѓето ќе ги освестиме за она што се случува, затоа што колку и да мислиме дека театарот не е живот, сепак во неа животот е пресликан во театарот“.

„Ние со еден мал милион информации што ни проаѓаат забораваме некои нешта и после пет пати кога ќе се повтори една информација станува нормална, а всушност тоа не е нормално. Ова зборува за нешто што не е нормално, а што ние луѓето едноставно го чувствуваме дека еве тоа е животот. Мислам дека животот треба да се осознае малку повеќе и ако некој треба да го кажува тоа и кадешто сме одвоени од животот тоа е театарот затоа што сите вие после животот доаѓате овде и гледате нешто. Знам дека луѓето многу сакаат да се смеат и да се ослободат и да им биде многу забавно. Дека сакаат комедии зашто тоа ќе ги релаксира од напорниот живот, но од друга страна мислам дека од напорниот живот, кога ќе видат дека нешто слично се случува и тука, утре сабајле ќе размислат дали треба некому да кажат добро утро, да свират по улициве кога е гужва, дали треба да пуштат пешаци или да поминат на црвено или жолто. Мислам дека оваа претстава барем во еден сегмент ќе ги освести малку луѓето за тоа што се случува и да си го најдеме конечно зрното на човекот во нас“, вели Лилиќ.

Лилјана Велјанова, Елзе во оваа претстава, најнапред забележува дека е среќна што била ангажирана по пензионирањето, иако „не се надевала на такво нешто“. Таа е благодарна што Бузалковска, со која досега потпишале пет театарски проекти, ја повикала наново да застане на сцена. Нејзините впечатоци се дека поминале еден возбудлив и тежок процес на „една тешка материја“ која според нејзе треба да се работи подолго. Но како што ќе рече, ова време на брзање, рокови, „работи против нас како уметници“. Таа, тргнувајќи од тоа дека театарот е асоцијативна уметност, би сакала секогаш да го гледа широкиот контекст.

„Без оглед на тоа што овде тоа што се случува се случува во една фамилија кога ќе го прошириме контекстот на сите ќе ни стане јасно за што се можеме да разговараме. Јас го гледам широкиот контекст без оглед на тоа што е најтрагичното тоа што се случува во фамилијата“, појаснува Велјанова.

Инаку во „Festen“ настапува 16-члена екипа на актери во која се и Соња Стамболџиоска, ветеранот Диме Илиев (ќе рече дека ова му е веројатно последниот проект пред да замине во пензија), Емилија Мицевска, Дениз Абдула, Димитрија Доксевски, Ѓорги Тодоровски, Предраг Павловски, Лазе Манасковски, Златко Митрески, Тамара Ристоска и Анастасија Аневска.

Преводот на текстот (сценската адаптација на Елдриџ) е на Благоја Б. Бошковски, драматург е Александра Бошковска, сценографијата ја потпишуваат Тодор Дајевски и режисерката Бузалковска, а костимите се дело на Марија Пупучевска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG