Достапни линкови

„Анимакс Скопје Фест“ во потрага по вистинските вредности


Шеесет и два анимирани филмови во официјалната програма, од кои 12 наменети за деца, ќе бидат прикажани на осмото издание на „Анимакс Скопје Фест“, меѓународната манифестација која под мотото „Не понекогаш. Засекогаш...“ ќе се одржи од 29 ноември до 2 декември во Кинотеката на Македонија.

Во четирите фестивалски денови, од 29 ноември до 2 декември, на осмото издание на Меѓународниот фестивал за анимирани филмови „Анимакс Скопје Фест“, ќе бидат прикажани 50 краткометражни филмови и 12 филмови за деца во официјална конкуренција. Тие се избрани од рекордно пријавените 3.234 анимации од 83 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други земји. За селекцијата и овојпат се погрижи жирито на чие чело е филмскиот критичар Благоја Куновски Доре, а голем дел од филмовите кои се одбрани да се борат за „Златна тула“ и за другите признанија на манифестацијата се носители на престижни награди и победници на филмски фестивали од А категорија.

Кузман Кузмановски од продуцентската куќа Аурипигмент, организаторите на Фестивалот, истакнува дека и досега имале плодни години, но дека годинава бројот на пријавените и посебно квалитетот на селектираните дела ги надминал нивните очекувања. Згора на тоа тој забележува дека авторите во случајов го напуштиле „оној мачен, траорен поглед на светот и дека понудиле остварувања со трајна вредност“.

Ние сме дефинитивно задоволни од квалитетот на програмата на Фестивалот. Повторно внимававме да бидат застапени разни техники. Се трудевме да има колорит во програмата во сите денови и така да го задржиме вниманието на љубителите на анимираниот филм чиј број е поголем од година во година“, вели Кузмановски.

Годинава манифестацијата ќе се одвива под мотото „Не понекогаш. Засекогаш Анимакс Филм Фестивал“, а директорот на ова случување истакнува дека преку него тие како организатори секогаш стремат кон задржување и афирмирање на трајните вредности.

„Одиме на тоа да кажеме дека понекогаш има изблици на креативност навистина, има неочекувани моменти, меѓутоа дека ние како Анимакс стремиме по она што ќе остави трага засекогаш. И затоа што сметаме и сме на располагање за секогаш тука за сите љубители на анимацијата“, ќе рече Кузмановски.

Кузман Кузмановски
Кузман Кузмановски

Во овој контекст тој и со дополна дека тоа е само едното значење, а дека второто е врзано со бројката осум која асоцира на бесконечност. Сепак, тие не сакале тоа да биде пренагласено, туку само и на еден ваков начин да ја искажат својата желба и порака „за покажување и прикажување на дела коишто имаат трајни вредности“. Дела кои ќе останат запаметени во времето.

Во рамките на „Анимакс Скопје Фест 2018“ ќе бидат организирани и две работилници за анимација наменети за деца. Ментори на првата работилница на тема „Двајца се караат, сите губат“ се Илчо Симовски и м-р Марјана М. Симовска. Од друга страна Бојан Таневски, Стефан Николовски и Барбара Спасовска ќе ја водат работилницата за развој на карактери насловена како „Добар, лош, грд или убав - сè се тоа карактери“.

За ова Кузмановски со појаснување дека тие немаат податоци колкаво е нивното влијание во овој сегмент, но дека се свесни за тоа дека од година во година се поголем е бројот на пријавените за учество на нив. Дури вели дека за едната овојпат го ограничиле бројот на 40 кандидати, бидејќи се свесни дека Кинотека на Македонија во случајов нема просторни услови ако тој би бил двојно поголем. Дека притоа би се загубила нивната основна заложба правилно и на вистински начин да ги едуцираат децата.

Децата и онака постојано се пред компјутери и затоа сметавме дека кога е тоа веќе така, тогаш барем времето да го поминуваат корисно. Тие се чисти души коишто имаат неограничена фантазија, којашто ако ја насочат, ако ја канализираат тогаш ќе може да даде некое дело кое ќе биде верификација на тој труд и коешто понатака ќе ги насочи можеби во животот према ова уметност којашто има растечки подем постојано“, смета Кузмановски.

Инаку, „Анимакс Скопје Фест“ е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.

Зад него, освен продуцентската куќа Аурипигмент и филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје, овојпат како поддржувачи стојат Агенција за филм на Република Македонија, Град Скопје и Кинотека на Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG