Сашко Костов е современ македонски музичар, поткован со многу знаења, наслушан и со немирен дух. Еден од ретките кои потпирајќи се на сопственото авторско кредо и на стекнатите свирачки вештини зад себе има пристојно долга кариера документирана во некаде петнаесеттина објави, многу театарска музика и уште повеќе концертни настапи со групите чиј предводник бил (BAD SECTOR, SASKO KOSTOV and THE WAITING WAITS), но и со дузина каде се јавува како редовен или „дописен“ член (МУГЕР ФУГЕР, ЛАСТ ЕКСПЕДИШН, ЧИСТА ОКОЛИНА, Горан Трајковски...). Притоа не е за фрлање тоа што тој е академски музичар кој својата формална наобразба за заокружи на Џез академијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Ова подразбира дека тој подеднакво е успешен како тапанар, перкусионист, вокалист, гитарист, клавијатурист, а ова, од своја страна, му овозможи со леснотија да плови во творештвото и зад себе да остава парчиња музика која е показ за неговото патешествие во кое поодамна се избришани формалните жанровски рамки што е доблест на оние кои размислуваат со универзалниот јазик и ги претпочитаат потрагите наспроти удобноста со веќе постигнатото. Еднаш веќе даденото.
Од таму, осумте песни на неговиот актуелен албум „Крик и прашина“ („Прашина“, „Еј, еј“, „Ништо посилно“, „Living“, „Неонски хаос“, „Еве ти сон“, „Здив“ и „Последна“), како што ќе биде забележано, „создаваат и проектираат слика за еден универзум полн различни предизвици и емотивни и сетилни, водени најчесто од идејата колку музиката може да биде одговорот на сите прашања“. Дека, со нив, каде патем имал исклучително плодна соработка со писателката Ана Стојановска, тој не само што отвора ново поглавје во истражувањето туку нуди и една нова, „оригинална, автентична, емотивно - експресивна приказна за едно патување низ музичките соѕвездија“. И, кога сме веќе кај објавата чисто информативно и тоа дека на неа бас гитара свирел Славчо Пеев, пијано и сајзери – Антоније Аранѓеловиќ, а на по една песна свој придонес дале и колегата по инструмент Михаил Парушев, џез гитаристот Бојан Петков – Шамба, Александар Ристовски Принц кој бил задолжен за дисторзираните гитари, Огнен Атанасовски - Окац (БЕИ Д ФИШ) и Анета Качуркова, придружни вокали во „Ништо посилно“.
Материјалот е сниман во текот на минатата 2018 година во студио „Two Points“, миксуван и ремастеризиран од Мите Димовски во студио „Тра ла ла“, сликата на корицата е на Ангел Коруновски, а за дизајнот на изданието се погрижил Владимир Лукаш.
„Ова е мој прв солистички албум безмалку комплетно отпеан на македонски јазик, ако притоа некако ја тргнеме настрана песната „Living“ која е тука веројатно да ја покаже таа врска со минатото. Не би сакал ова да звучи изветвено, но како да чувствував потреба да и се оддолжам на земјата во која живеам, на јазикот на кој говорам. Некако спонтано се случи долго да разговаравме со Ана Стојановска за човечките проблеми, за тоа што и како сакаме да изгледа светот... Што е она што треба да го елиминираме за да бидеме се* подобри и подобри и да создадеме услови за подобар живот. Од таму излегоа и сите текстови на песните. Немаше некаков посебен концепт, туку само разговаравме, нафрлавме, мисли, идеи, зборови и се родија тие за мене прекрасни стихови“, вели Сашко Костов.
Тој забележува дека „Крик и прашина“ го доживува како театарска претстава и дека, всушност, концептот му бил да направи своја авторска музика во која ќе го раскаже сиот свој живот , сета таа драматика, се* она што му се случува нему во повеќе чинови. Сакал и истражувал една песна да биде како една сцена во која ќе бидат напластени повеќе нешта. Една песна – цела една недела од животот. Следната – уште една недела и така се до крајот или цели осум недели. Дополнува дека генерално на албумот преовладува „поп музика“, иако ова овде кај нас во Македонија, како што вели, не би се нарекло „поп“ туку нешто друго - веројатно „андерграунд музика“.
„Овде кај нас, за жал, ова е „андерграунд музика“. Инаку, музички на „Крик и прашина“ има многу работи – има фанк, има поп, има алтернатива, примеси на џез, фјужн, џез-рок. Не сакам стилски воопшто да се ставам во рамка затоа што отсекогаш ми сметало тоа, а некои од новинарите најлесно да се извадат би рекле дека „творам еклектична музика“. За мене „еклектична музика“ е некако нож со две острици. Јас го разбирам терминот, но во музика некако не го поимам. Тотално“, заклучува Костов.
Музичарот и со констатација дека најголем предизвик за еден автор е да ја создаде својата димензија, својата слика... и својот светоглед како таков да и го подари на публиката.
„Најголем успех за мене е кога некој ќе рече дека авторот си создал своја оригинална димензија. Се разбира дека мора да се слуша многу музика. Да се биде во тек со современите стремежи. Разбирливо, кога човек е наслушан несомнено ќе има влијанија од лево и од десно, но тој сепак ќе биде доволно силен да ја изгради сопствената звучна визија. Да и даде своја димензија. Да изгради сопствен светоглед. Да го направи онака како што тој го замислува, гледа, чувствува. Како што тој светоглед може да пулсира во него како автор. Да го слушне она што тој сака да го чуе од себе. Инаку, доколку би правел компромис тоа би изгледало евтино, наметливо ...дека сакам уште од прва да и се допадна на публиката, а мене тоа не ми е целта. Секогаш кажувам дека ненамерно и непретенциозно создавам нешто свое. Нешто оригинално. Некогаш ќе речам дека удирам со глава во ѕид, но како што созревам ми станува јасно дека не туркам ѕид со глава, туку дека создавам некоја моја нова димензија којашто подоцна во историјата ќе биде приметена и верувам вреднувана, ќе се слуша и за која се надевам можеби и ќе се зборува“, вели Костов.
На забелешката дека неговата отвореност и подготвеност за соработки му отворила можност и нему рака да му подадат повеќемина докажани музичари од македонската современа музичка сцена, Костов со појаснување дека во случајов гостите како Парушев, Атанасовски, Петков, Принц, ги одбрал според концептот што сакал да го развива. Дури без некој разумен одговор првично мислел дека треба гитарите комплетно да ги изолира, но потоа се премислил.
„Сакав да направам некоја поинаква, друга сонична естетика. Да нема класични дисторзии. Да го нема она што вообичаено го има во рокенролот. Едноставно продукциски кога го правам миксот гитарите почнаа да ме загрижуваат затоа што кога ќе се вкрстат со тапаните, со чинелите, фусот...се создава еден „валкан“ звук кој не сакав да го имам на овој албум. Сакав сега да имам еден мек, чист албум. Да не биде напумпан какви што се на американските групи. Сакав да имам плоча која нема да биде нападна, нема да биде многу деструктивна. И затоа ги одбрав тие гости. Шамба, на пример, затоа што тој кога свири некогаш не користи дисторзии. Свири чисто, свири џез. Од друга со Принс приказната е поинаква. Е, рој свири малку подисторзично и песната си го сакаше тоа“, вели тој.
Костов истакнува дека е навистина среќен што имал така продуктивни гости на „Крик и прашина“, но вели дека за промоцијата нема да се потпре на нивното присуство туку дека си направил нов бенд во кој се Дамјан Даневски – тапани, Марио Симоновски – гитара, Кире Ацевски – бас, Симон Облешевски и Мартин Џорлев– клавијатури и со кои натаму ќе ги свири концертите.
„Одлучив да си направам нов бенд од корен. Ги сменив сите членови со кои претходно свиревме 15 години во BAD SECTOR, потоа и како САШКО КОСТОВ БЕНД , па и подоцна кога се преименувавме во SASKO KOSTOV and THE WAITING WAITS и со кои направивме една европска турнеја. Кога тоа се случи се виде кој колку може и колку му е силата и затоа одлучив да свртам нов лист. Во Македонија се* е со нервоза. Не ми е јасно зошто кај нас групите стојат зад приказната се до моментот кога треба да станат успешни, да профитираат од тоа што го работат и потоа се распаѓаат. И распадот обично се случува за ситни пари. За 500 денари. За 1000-ка . Доаѓа моментот кога бендот треба да расцета, да биде продуктивен, нешто да заработува и тогаш колапс. Секој тргнува на своја страна. И, тоа ми се чини овде кај нас трае од 1990-те. Земете ги за пример еве и АРХАНГЕЛ. Јас сега живеам со друга филозофија. Правам убави работи и не сакам да се нервирам за некои тривијални нешта. Да молам некого да дојде на проба. Разбирам дека на сите им е јасно оти овде кај нас не се живее од авторска музика, но зарем треба човек да се откаже од соништата. Од себе. Сега имам одлична екипа. Момците се помлади од мене, но се расположени за работа, вложуваат во опрема и веруваат во авторската музика. Ете затоа сега имам еден мирен процес во подготовката на промоцијата и на серијата концертни настапи што ќе дојде“, смета Костов.