По минатогодишното претставување на својата „Апстрактна поезија“ во Јавна соба, натурализираниот охриѓанец еве го повторно со своја самостојна изложба во родното Скопје. Овојпат во Мобилно-монтажна галерија, во Паркот на Франкофонија, од 9 до 15 мај, тој ја носи својата поставка „Барајќи се себеси“ која всушност ја чинат 34 слики од неколку серијали во различни формати, работени на хартија во текот на минатата 2018 година и во овие изминати неколку месеци.
„Минатата изложба ми беше некој миг на поезија и апстракт, а ова е поставка во која тенденцијата е делата да бидат во фокусот и одбрани се слики со фигуративна тематика затоа што фокусот ми беше човекот, односно - Кој е човекот“, вели авторот.
Попов и со дополна дека актуелната понуда насловена како „Барајќи се себеси“ е со фигуративна тематика и сликите се работени во акрилна или маслена техника, на неколку вида хартија како „Fabriano“ и „Moleskine“ и на картони за паспарту, кои потоа се лепени на медијапан.
„За оваа изложба делата коишто ги работам се на хартија, значи сите слики се на хартија, затоа што и хартијата ја одбрав како специфичен медиум – ако не ја третираш добро таа лесно може да се уништи. Да се скине. Од друга страна, ако работиш внимателно, добро ја третираш таа ќе го покаже сиот свој потенцијал, дава квалитет. Така е и со луѓето. Како ги третираме така тие ни враќаат понатаму. Затоа мислам дека оваа е поранлива во однос на минатите две изложби. Баш е лична изложба и навистина ми е мило што еве ќе можам да ги претставам овие дела“, истакнува уметникот.
Говорејќи, пак, за идејата водилка на оваа изложба, онаа што ги обединува овие слики, Тони ќе рече дека тоа е всушност човековата потрага по себеси.
„Не беше толку прашањето „Што правам?“, туку „Кој сум јас?“, „Кому му угодувам и кому му служам?“. Во денешно време ние многу лесно ги дефинираме луѓето по тоа што работат, колку произведуваат, што поседуваат. Ова беше повеќе да се задржам на човечкиот аспект или на човечкиот дел. На човековата вредност. Тоа е главниот мотив во сите слики. Сметам дека тие работи се многу поважни од она што човек го прави затоа што денес може да правиш нешто, утре да не го правиш истото. Дали тоа те прави тебе повеќе или помалку човек. Тоа во суштина беше идејата водилка, поентата на изложбава. Од таму и насловот барајќи се себеси“, потенцира авторот.
Прашан за неговиот следен исчекор, Попов со информација дека паралелно работи на уште еден сликарски проект, дека слика на рециклирани материјали и конечно се надева оти ќе има можност во догледно време да ги изложи и тие дела.
Конечно, збор-два и за уметникот. Роден 1975 година во Скопје, Тони Попов е самоук сликар кој со сликарство се занимава од 2011 година. Досега учествувал на неколку групни изложби во земјава и во странство како „Женскиот модел во ликовната уметност“ и „Несовршен простор“, обете во НУ Завод и Музеј Струмица, на Меѓународниот саем на уметност „Паратисима“, во Торино, Италија, а по „Дојди поблизу“, неговата прва самостојна изложба одржана во Националниот музеј „Куќата на Робевци“ во Охрид, во 2015 година и „Апстрактна поезија“ во скопска Јавна соба, ава му е трето авторско претставување пред ликовната публика и воошто културната јавност.
Живее во Охрид со сопругата и трите деца, а од неодамна Тони Попов е застапуван од галеријата „Нобел“ во Осло, Норвешка.
Инаку, изожбата „Барајќи се себеси“ е поддржана од Општина Центар, Град Скопје и од Министерство за култура.