Градот на конзулите, посебно битолската чаршија, во наредните три дена, од 18 до 20 јули, ќе пулсира во ритамот на 13-то издание на „Локум фест – музика и традиција“, единствениот ваков фестивал во земјава кој ги спојува традиционалната и модерната музика со креативните индустрии од регионот и чија крајна цел е промовирање на живото културно наследство и развојот на културниот туризам.
Во изминатиот период на манифестацијата се извртеле преку шеесет ансамбли од дваесетина земји од регионот и од светот, а организаторите Центарот за културна деконтаминација и Здружението на граѓани „Локум фест“, продолжувајќи ја традицијата, најавуваат програма со реномирани имиња кои несомнено ќе го разбудат љубопитството на публиката. Артисти како АНСАМБЛ МАКЕДОНИЈА, Танос Ставридис и ДРОМ од соседна Грција, вокални хорови од Република Бугарија, ВИЗАНТИСКА СИЛУЕТА од Исланд, БЈОНКО И БАЛКАН БИТ од Данска, нашите ПЕРИЈА или авангардниот хармоникаш Јордан Костов со своите пријатели познатите светски уметници , перкусионистот Марко Боско од Бразил и Маки Хацкија, пијанистка и вокална солистка од Токио, Јапонија.
Маки Хацкија, Јапонија
Инаку, ова е третата и скратена програма за Фестивалот зад кој овојпат застанаа многу институции со безмалку симболични средства како Министерството за култура, Министерството за економија, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот , како и Општина Битола, во рамките на програмата на Бит фест 2019.
„Не треба да се жалиме и треба да благодариме за сите тие можности затоа што сите не добиле, но сметам дека критериумите и начинот на доделување на средства, начинот на подршка, на водење на овие политики треба драстично да се измени. Да се вклучат луѓето од културниот сектор, посебно оние од независниот културен сектор, професионалците, кои со своите сугестии и размисли ќе бидат дел од креирањето на овие политики затоа што тоа ќе ни донесе на сите нас еден поинаков однос, концепт, хармонија ... ајде да кажеме и европски однос кон културната реалност“, вели Тоше Ивановски од Здружението на граѓани „Локум фест“.
Тој притоа потсетува дека многу битен дел од проблемот во водењето на културните политики е и Законот за спонзорство и донации кој според него прво е дискутабилен во реалноста и го избегнуваат компаниите, а второ ја ставаат во ист кош културата со естрадата и популарната музика. Вели дека кога еден претприемач или бизнисмен размислува за поддршка тогаш размислува за естрадно име кое според него ќе им донесе поголема видливост на неговите комерцијални производи. Дополнува дека сето тоа влијае на нивниот професионализам и кредибилитет пред европските партнери и организатори на сродните случувања, дека сето тоа не им дава можност за долгорочно и здраво планирање на следните исчекори, но дека како потписници на една ваква значајна манифестација немаат намера да отстапат.
„Нема да отстапиме од нашата заложба, борба и притисок работите да ги менуваме за да станеме навистина квалитетни и препознатливи. Не да се занимаваме со некој паушален пристап на нештата и да импровизираме. Нешто што во крајна линија сите нас не доведува до една непријатна, неблагодарна, непродуктивна ситуација во која конечно никој нема да биде среќен, ниту пак да ги реализираме своите лични и колективни заложби, па и на крајот на краиштата пожелуваната препознатливост“, појаснува продуцентот.
Тоше Ивановски
Инаку, Ивановски и тимот на „Локум фест“ додека им се насладуваат на перформансите на уметниците од актуелното издание на манифестацијата, веќе ја проектираат и сликата за она догодина или уште повеќе на јубилејното 15-то кое е според досегашната традиција предвидено да се одржи во јули 2021. Дури храбро ќе речат дека веќе имаа договорено две навистина звучни имиња од кои едното е од интернационалната сцена кои ги надминуваат вкупните досегашни буџети и кои Фестивалот го ставаат на мапата на големите случувања во овој дел на Европа.
„Постои еден расчекор помеѓу нашите професионални заложби и идеали и она што ќе го избоксуваме во тој период од 10 месеци со Министерство за култура или со другите институции, органи или спонзори затоа што работите генерално во однос на културните политики и на бизнис секторот не се драстично променети. Но, постои еден професионален фанатизам или ако веќе сте се навлекле да работите култура или културен активизам мислам дека од тоа тешко се бега. И јас лично и тимот на Фестивалот веќе сме длабоко навлезени во тој идеал и ќе ни треба сета сила и среќа за да продолжиме сериозно. Со апел до релевантните фактори и институции да сфатат дека ние повеќе на овој начин нема да прифатиме да се дистрибуираат средствата и да се креираат културните политики. Како луѓе со интегритет кои имаат свое место во општеството и ова го работат на најпрофесионален начин со што даваме позитивен пример, ако веќе одиме во Европа и почитуваме европски стандарди, бараме ова да го работиме во реалноста. И, едноставно остануваме на тоа“, смета Тоше Ивановски.