Вести
Пронајден сопственикот на бродот со амониум нитрат од Бејрут

Кипарската полиција, по барање на Интерпол, го пронашла и го сослушала 43-годишниот Русин, поранешен сопственик на бродската компанија, која во Бејрут пренесла амониум нитрат.
Портпаролот на полицијата на Кипар, Христос Андреу, за кипарската новинска агенција ЦНА рекол дека по комуникацијата со Интерпол во Либан и „во рамките на меѓународната полициска соработка беше пронајден 43-годишнниот жител на Кипар во врска со карго бродот конфискуван на пристаништето во Бејрут во 2014 година“ и бил повикан да даде одредени информации за конкретниот брод, јави МИА од Атина.
Портпаролот на кипарската полиција демантирал дека 43-годишниот има кипарско државјанство.
види ги сите денешни вести
Утре се очекува да се формира Комисија за селекција на кандидати за претседател на ДКСК

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утре ќе одржи седница на која се очекува да формира Комисија за селекција на кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Како што стои на календарот на активности на веб-страната на Собранието, седницата е закажана за 12 часот.
Собранието на 5 август го распиша Огласот за нов претседател на Антикорупциска. Како што се наведoa тогаш од Собранието, рокот за пријавување ќе трае 10 дена, а понатамошните фази од постапката ќе се спроведат согласно роковите и процедурите утврдени во член 12 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Собранието на 1 август донесе Предлог на одлука за објавување на јавен оглас за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата откако сега веќе поранешната претседателка на ДКСК Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинувањата на Обвинителството за гонење организиран криминал и обвиненијата за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.
Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во членот 14 предвидува во случај на оставка на претседател или член на ДКСК, Собранието да констатира престанок на фукцијата. Во ставот 6 од овој член се наведува и дека во случај на престанок на функцијата или разрешување на претседателот на ДКСК до изборот на нов претседател на комисијата, функцијата на претседател ја врши заменик-претседателот на Државната комисија, со сите должности и овластувања кои ги имал претседателот.
Во членот 7, пак, се наведува дека во случај на разрешување, односно претстанок на функцијата на претседателот, односно мандатот, Собранието најдоцна во рок од десет дена започнува постапка за избор на нов претседател, односно член на Државната комисија.
Врз основа на членот 12 став 2 од Законот, во случај на разрешување, односно престанок на функцијата на претседателот, односно член на ДКСК пред истекот на мандатот, Собранието започнува постапка за избор на нов претседател, односно член на ДКСК во рок од десет дена од престанокот на мандатот.
Постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија започнува со објавување јавен оглас за избор на претседател и членови на Државната комисија, а ја спроведува Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието. Собранието го објавува огласот во „Службен весник“ и во најмалку три дневни весници. Рокот за пријавување на кандидати за огласот е десет дена од денот на објавувањето на огласот во „Службен весник на Република Македонија“.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието во рок од десет дена од објавувањето на огласот формира Комисија за селекција на кандидати за претседател и за членови на ДКСК. Таа ги проверува документите и ги селектира кандидатите, и во рок од пет дена од објавувањето на листата на овој член, се организира интервју на кандидатите кои ги исполнуваат условите од членот 11 на овој закон кое се емитува на Собранискиот канал.
Во рок од три дена од спроведувањето на интервјуто, Комисијата за селекција утврдува ранг-листа на кандидатите согласно со утврдените критериуми и ја доставува на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, која во рок од два дена, најдобро рангираните кандидати му ги предлага на Собранието во единствена предлог листа за претседател и членови на ДКСК, со образложение за секој од предложените кандидати.
Во последните 24 часа во Србија регистрирани 181 пожар, објавија властите

Во последните 24 часа, во Србија е регистриран 181 пожар, изјави на 12 август Лука Чаушиќ, вршител на должноста раководител на Секторот за вонредни ситуации, објави Министерството за внатрешни работи.
„Членовите на Секторот, во соработка со Хеликоптерската единица на МВР, доброволните противпожарни друштва, индустриските единици и локалните самоуправи, се максимално ангажирани и успеваат да ги изгаснат сите пожари во рекордно време“, рече Чаушиќ, по посетата на подрачјето загрозено од пожарот во градот Костол, во општина Кладово во источна Србија.
Според него, пожарот во тоа подрачје зафатил повеќе од 100 хектари трева и ниска вегетација. Пожарникарите успеале да одбранат околу десетина куќи во тоа подрачје.
„Најважно е што нема жртви во пожарот. Изгоре една помошна зграда, а досега не е евидентирана поголема материјална штета“, рече Чаушиќ.
Тој истакна дека е потребна посебна претпазливост со претстојниот период на топло и суво време и дека претпазливоста при користење на отворен пламен е законска обврска.
Исплатите од државната каса во изборен период ќе се објaвуваат во посебна база за буџетски трошоци

Министерството за финансии согласно одредбите од Изборниот законик од денеска на својата веб-страница ќе ги објавува буџетските исплати во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.
Како што соопшти Министерството, согласно Изборниот законик Министерството за финансии од денот на донесување на Одлуката за распишување на изборите до нивното завршување има обврска во посебна база да ги објавува податоците за сите буџетски исплати, освен редовните за плати, пензии и комунални трошоци.
„Исто така, Министерството за финансии две недели по распишување на изборите има обврска да поднесе и предизборен финансиски извештај во којшто ќе биде опфатен преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки, во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесување на извештајот којшто се објавува на веб-страната на Министерството за финансии“, стои во соопштението на Министерството.
Претседателот на Африм Гаши, на 9 август 2025 година ги распиша локалните избори, коишто ќе се одржат на 19 октомври.
Додик ја откупи едногодишната затворска казна

Судот на Босна и Херцеговина одобри Милорад Додик да ја замени неговата едногодишна затворска казна со парична казна, во согласност со законот што го пропишува ова.
Судот во вторник, 12 август, соопшти дека „во согласност со законските прописи, е донесена одлука со која, по изјавата на Обвинителството на БиХ, се усвои горенаведениот предлог за одбрана и се осуди Милорад Додик на затворска казна заменета со парична казна“.
Кривичниот законик на БиХ предвидува можност за заменување на затворската казна до една година со парична казна, така што еден ден затвор чини 100 КМ (50 евра). Додик ќе плати околу 36.500 КМ (малку над 18.000 евра) за една година.
Додик е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење на каква било јавна функција поради непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ.
Откако пресудата стана правосилна, Централната изборна комисија на БиХ го поништи мандатот на претседателот на Република Српска Милорад Додик, избран на општите избори во 2022 година, на 6 август.
Адвокатскиот тим на Милорад Додик поднесе жалба на оваа одлука на Изборната комисија на 12 август, а Апелациониот оддел на Судот на БиХ ќе издаде конечно мислење за неа во рок од три дена од датумот на поднесување на жалбата.
Постапката пропишана по престанокот на мандатот поради одлуката на Судот на БиХ и ЦИК вклучува распишување предвремени избори за претседател на РС, кои можат да бидат блокирани или попречени од ентитетот РС.
Веднаш по одлуката на ЦИК, Додик најави можност за референдум во РС, на кој граѓаните би одлучувале за мандатот на претседателот на ентитетот или за отфрлање на пресудата на државниот суд.
Адвокатскиот тим, исто така, поднесе барање до Уставниот суд на БиХ, кој Додик не го признава, за привремена мерка со која се забранува извршувањето на пресудата до конечната одлука на Уставниот суд на БиХ.
Адвокатот на Додик, Горан Бубиќ, изјави дека ова е направено со цел да се создаде начин за жалба до Европскиот суд за човекови права, што е можно само откако Уставниот суд на Босна и Херцеговина ќе одлучи за случајот.
ЕУ вели дека Украина има право сама да одлучува за својата судбина

Лидерите на Европската Унија (ЕУ) во вторник (12 август) изјавија дека „Украина има природно право да ја избере својата судбина“.
Ставот на европскиот блок доаѓа три дена пред средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со неговиот руски колега Владимир Путин за да разговараат за прекинување на руската инвазија на Украина, која започна во 2022 година.
„Ние, лидерите на ЕУ, ги поздравуваме напорите на претседателот Трамп за прекинување на руската агресивна војна против Украина и постигнување праведен и одржлив мир, како и безбедност за Украина“, се вели во соопштението.
„Одржливиот мир што носи стабилност и безбедност мора да го почитува меѓународното право, вклучувајќи ги принципите на независност, суверенитет, територијален интегритет и меѓународни граници што не можат да се променат со сила“, се додава во соопштението на блокот.
Се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери да се сретнат со Трамп во среда.
Трамп беше нејасен во врска со неговите очекувања за самитот во петок со Путин во Алјаска, велејќи дека сака да „види и процени“ какви идеи има рускиот лидер за прекинување на војната во Украина.
Зеленски ја отфрли можноста Украина да ги предаде териториите окупирани со сила.
Трамп, кој јавно се судри со Зеленски за време на состанокот во Белата куќа во февруари рече дека е „малку загрижен“ за ставот на украинскиот претседател и инсистираше дека ќе мора да има размена на територии.
„Ќе има некои размени, ќе има некои промени на територија“, изјави тој.
Сепак, американскиот лидер исто така рече дека ќе му каже на Путин дека мора да ја заврши оваа војна.
Трамп и Путин ќе се сретнат во Алјаска на 15 август. Европската Унија се обидува да го вклучи Зеленски во тие разговори.
Американскиот претседател исто така изјави дека „ќе се обидеме да вратиме дел од таа територија на Украина“.
Ова не е прв пат американскиот претседател да спомене „размена на територии“, иако останува нејасно дали Русија воопшто планира да отстапи некоја територија на Украина.
Туск: Русија се обидува да ги поттикне Полјаците и Украинците едни против други

Полскиот премиер Доналд Туск денеска (12 август) предупреди дека поттикнувањето на Полјаците против Украинците и некои антиполски гестови од страна на Украинците се сценарио на рускиот претседател Владимир Путин за поделба на Киев и Варшава.
„Решението на војната во Украина се приближува и Русија прави сè за да ги подели Киев и Варшава. Антиполските гестови на Украинците и поттикнувањето антиукраински чувства во Полска се сценарио на Путин организирано од странски агенти и локални идиоти. Секогаш истите“, изјави денеска полскиот премиер на „Х“.
Туск реагираше на неодамнешниот инцидент за време на концертот на белорускиот рапер Макс Корж, кој ги критикува белоруските власти и претседателот Александар Лукашенко, на Народниот стадион во Варшава на 9 август, кога еден од обожавателите на раперот разви големо знаме на украински профашистички националисти и Бунтовничката армија од Втората светска војна со името на Степан Бандера напишано на него.
Тоа знаме, Организацијата на украински националисти и нејзината вооружена фракција, Украинската бунтовничка армија, како и водачот на украинските националисти, Степан Бандера, се симболи за Полјаците на масакрот на над 100.000 претежно полски, но и чешки и еврејски селани во Волинија, во денешна западна Украина, во 1943 година.
На стадионот за време на концертот избувнаа тепачки, а полицијата мораше да интервенира.
Претходниот ден, неколку илјади обожаватели на белорускиот рапер се собраа на нерегистрирана и нелегална прослава на улиците на варшавскиот округ Вола, а полицијата уапси шест лица за поседување дрога, додека 25 учесници на собирот беа казнети за прекршоци.
Главната команда на градската полиција објави дека 109 лица се приведени поради инцидентите на Националниот стадион за дрога, напади врз полицајци и обезбедувачи, внесување пиротехника на стадионот и упад на теренот.
Немирите на концертот, кој требаше да одбележи пет години отпор од страна на белоруската опозиција кон режимот на Лукашенко, веднаш им послужија на полските опозициски конзервативни националисти од партијата „Право и правда“ и на радикалните националисти од партијата „Конфедерација“, како и на екстремистите, дополнително да ја интензивираат антиукраинската реторика и говорот на омраза што не стивнуваат од изборната кампања на новиот полски претседател Карол Навроцки.
Новиот министер за правда, Валдемар Журек, изјави дека оние што предизвикуваат проблеми и го злоупотребуваат гостопримството на Полјаците треба да бидат казнети и дека постојат механизми за нивна депортација.
Министерството за правда ќе консултира експерти во врска со ставањето на Упатството за изборите вон сила

Премиерот Христијан Мицкоски денеска (12 август) изјави дека претставници од Министерството за правда ќе имаат средба со некои од правните експерти кои тврдат дека не може со упатство на ДИК да се регулира учество на независни кандидати на избори, како и оти потоа ќе се преземат соодветни чекори, кои, како што, истакна ќе бидат во рамки на законите.
„Министерството за правда ќе има состанок со дел од тие експерти чекаме да видиме што мислат и да повлечеме таков потег, инаку ќе се постапи секако според закон. Нема да се постапува надвор од закон“, дециден е македонскиот премиер во одговор на новинарско прашање околу тоа дали ќе се направи обид за донесување законско решение, по тврдењата на одредени прави екеперти дека не може ДИК со упатство да регулира учество на независните кандидати на локалните избори.
Вчера премиерот Мицкоски истакна дека ставањето вон сила на Упатството на ДИК од 2024 година за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик, не го нарушува изборниот процес за локалните избори.
ДИК, истакна тој, има законска обврска да донесе ново. Какво ќе биде тоа, рече Мицкоски, зависи од самата Комисија.
Тој рече дека новиот изборен законик е подготвен и оти неколку месеци е во собраниска процедура, блокиран од една опозициска партија поради барање членот во ДИК кој е од нивните редови да става вето на одлуката на комисијата и на Општинските избирачки одбори.
„Со други зборови не сакаат да се донесе овој изборен законик. Но, доколку постои политичка волја, ние како владина коалиција сме апсолутно подготвени утре да се стави оваа точка на дневен ред и да се заврши со тоа“, изјави вчера премиерот Мицкоски.
ДИК на седницата во саботата усвои заклучок да се става вон сила Упатството на ДИК од 2024 за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик.
Како што рече претседателот на ДИК Борис Кондарко, тоа упатство за регулирање на постапката за собирање потписи се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со која се укинати членови 61 и 62 од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи.
Судир меѓу полицијата и демонстрантите пред судот во Нови Пазар

Дел од студентите на Државниот универзитет во Нови Пазар (ДУНП) и граѓани се обидоа да ги блокираат влезовите во зградата на правосудните органи во вторник наутро, а во еден момент дојде до конфликт меѓу насобраните и полицијата.
Во таа прилика неколку граѓани и студенти добија полесни повреди, јавува агенцијата Бета.
Демонстрантите се собраа пред почетокот на работното време, обидувајќи се да ги спречат вработените да влезат во зградата, пред која беа припадници на полицијата.
Во еден момент, кога дојде до судир, полицијата им дозволи на вработените да влезат низ спореден влез. Потоа, пред зградата беше формиран полициски кордон.
Учесниците на протестот се собраа на покана на студентите што го блокираа ДУНП.
Тие бараат ослободување на двајца млади мажи кои се уапсени под сомнение за наводен напад врз полицијата за време на протестот пред Државниот универзитет во Нови Пазар на 29 јули.
Според неофицијални информации, во тек е одлука за укинување на притворот.
Тие беа уапсени со уште осум други мажи кои оттогаш се пуштени да се бранат од слобода.
Во ноќта помеѓу 27 и 28 јули, група маскирани мажи насилно ги избркале студентите што го блокираа Државниот универзитет во Нови Пазар (ДУНП). Тие беа придружувани од ректоката Зана Доличанин.
По ова следуваше протест на стотици студенти и граѓани, а имаше и судири со полицијата и апсења.
Трамп ја продолжи суспензијата на царините за кинески производи за уште 90 дена

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се продолжува примирјето во трговската војна со Кина за дополнителни 90 дена, објави функционер на Белата куќа.
Наредбата дојде откако Трамп даде нејасен одговор на прашањето на новинар дали ќе ги продолжи пониските царини еден ден откако го повика Пекинг четирикратно да ги зголеми своите нарачки на американска соја.
Примирјето во трговската војна меѓу Пекинг и Вашингтон требаше да истече една минута по полноќ по локално време во вторник(12 август).
Наредбата спречува американските царини за кинескиот увоз да се зголемат на 145 проценти, што би ги зголемило кинеските царини за американските стоки на 125 проценти, што ефикасно би довело до трговско ембарго.
„Ќе видиме што ќе се случи. Тие се однесуваат доста пристојно. Имам многу добри односи со кинескиот претседател Си Џинпинг“, рече Трамп на прес-конференција кога новинарите го прашаа дали има намера да го продолжи рокот.
Во моментов има царини од 30 проценти за увоз од Кина, вклучувајќи основна стапка од 10 проценти и 20 проценти за фентанил, што Вашингтон го воведе во февруари и март.
Кина одговори со деескалација, односно со намалување на царините за увоз од Соединетите Држави на 10 проценти.
САД ја прогласија Ослободителната армија на Балучистан за терористичка организација

Соединетите Држави ја означија пакистанската сепаратистичка Ослободителна армија на Балучистан (БЛА) за странска терористичка организација, соопшти Стејт департментот.
„Денешната акција преземена од Стејт департментот ја покажува посветеноста на администрацијата на Доналд Трамп во борбата против тероризмот“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
БЛА е најмоќната од голем број бунтовнички групи кои долго време дејствуваат во регионот што се граничи со Авганистан и Иран, кој е богат со минерали и дом на кинески инвестиции во пристаништето Гвадар и други проекти.
„БЛА неодамна ја презеде одговорноста за киднапирањето на пакистанскиот воз Џафар Експрес од Квета до Пешавар во март, при што загинаа 31 цивил и безбедносни сили и беа земени повеќе од 300 патници како заложници“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио во соопштението.
Со означувањето на БЛА како странска терористичка организација, САД воведуваат ограничувања за финансиска помош и друга поддршка за групата.
Националистите и сепаратистичките групи во Балучистан сè уште не се изјаснија за оваа одлука на Вашингтон.
Бунтовите во Балучистан траат со години, а за нив најчесто се обвинуваат групи како Ослободителната армија на Балучистан. Оваа покраина е исто така област на активност на милитантите поврзани со пакистанските талибанци.
Сепаратистите во Балучистан се спротиставуваат на експлоатацијата на природните ресурси од страна на пакистанските и странските компании и ги нападнаа пакистанските безбедносни сили и кинеските државјани кои работат на проекти вредни повеќе милијарди долари поврзани со економскиот коридор меѓу Кина и Пакистан.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете