Достапни линкови

Вести

Шест месеци пандемија, СЗО загрижена оти нема солидарност

Илустрација
Илустрација

Светската здравствена организација (СЗО) се пожали на недостиг на солидарност и ги повика светските сили да го преземат водството во справувањето со пандемијата на Ковид-19.

„Она што најмногу ме загрижува е она што го зборував цело време – недостиг на солидарност. Само на овој начин ќе можеме да го победиме овој вирус“, рече синоќа генералниот директор на СЗО Тедрос Адана Гебрејесус на виртуелна прес-конференција во Женева.

Денеска се навршуваат точно шест месеци откако СЗО прогласи пандемија, иако во почетокот, таа организација го сметаше појавувањето на вирусот Ковид-19 како пандемија со неколку жаришта. Досега од Ковид-19 во светот починаа 900.000 луѓе, а бројот на заразени варира секојдневно.

види ги сите денешни вести

МНР го повика бугарскиот амбасадор на разговор поради изјавите на Георгиев

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија (фотоархива).
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија (фотоархива).

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија го повикало на разговор амбасадорот на Република Бугарија, Жељаско Радуков, за да реагира на изјавите на шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев.

Георгиев, претходно, во утринска програма на телевизијата БТВ, меѓу другото, го нарече премиерот Христијан Мицкоски „северномакедонски премиер“.

Од МНР велат на амбасадорот Радуков му бил „пренесен официјален протест“ и му било „укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада“.

„Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји“, велат од МНР.

Оттаму очекуваат официјална Софија да упати и извидување до Скопје со цел да се зачува „достоинствената и принципиелна билатерална комуникација“.

Бугарскиот министер за надворешни работи, покрај тоа што го нарече Мицкоски „северномакедонски премиер“ зборуваше и за гласањето на извештајот за напредокот на Северна Македонија во Европскиот парламент во текот на вчерашниот ден, 9 јули.

За потсетување, со амандмани кои беа усвоиени европратениците, од извештајот се отстранија формулациите македонски јазик и идентитет.

Коментирајќи го ова, Георгиев оцени дека со отстранувањето на формулациите се спречило Мицкоски да го злоупотребува Европскиот парламент за домашна политичка пропаганда.

Премиерот Мицкоски, пак, одговарајќи на новинарски прашања, повика да не се дава многу внимание на шефот на бугарската дипломатија.

„Тоа момче е пратено да привлече мое внимание. Мислам дека не треба да му дадеме можност. Апелирам и до вас медиумите, оставате го. Тоа е Влада која во заднина друг ја раководи. Тие луѓе треба да одработат. Му рекле, му дале задача ’ајде сега закачај се, тоа е исто како кога глушецот го задева лавот‘“, изјави Мицкоски.

Со коментар за користењето на „северномакедонски премиер“ од страна на Георгиев денеска излезе и лидерот на најголемата опозициска партија во земјава – СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека тоа е навредливо и недолично.

„Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции. И тоа воопшто не е во духот на добрососедските односи“, рече Филипче.

Пезешкијан: Соработката со МААЕ е можна само ако Агенцијата престане да дејствува пристрасно

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан предупреди дека Техеран ќе продолжи со соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) само ако организацијата го корегира својот „пристрасен пристап“ и ги прекине двојните стандарди.

За време на телефонскиот разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Пезешкијан нагласи дека Иран сака да го продолжи дијалогот со МААЕ, но дека тоа е условено од прекинување на двојните стандарди во врска со нуклеарната програма на Иран.

„Соработката со МААЕ е можна само ако Агенцијата престане да дејствува пристрасно“, рече Пезешкијан, додавајќи дека Иран очекува меѓународните организации да дејствуваат непристрасно.

Тој нагласи дека секоја идна агресија ќе биде дочекана со „решителен одговор од Иран“.

Дискутирајќи за неодамнешните меѓународни случувања, вклучувајќи ги конфликтите со Израел и САД, Пезешкијан нагласи дека Иран е посветен на мирот, регионалната стабилност и конструктивниот дијалог, но исто така ги осуди „криминалните дејствија на ционистичкиот режим“ и неговата улога во поткопувањето на глобалната безбедност.

Според него, Израел не можел да дејствува без поддршката на САД.

Прашан за прекинот на соработката на Иран со МААЕ, Пезешкијан нагласи дека мерките што неодамна ги усвои иранскиот парламент се реакција на пристрасното и непрофесионално однесување на агенцијата.

Тој додаде дека МААЕ го изгубила кредибилитетот поради молчењето за нападите врз иранските нуклеарни постројки и непочитувањето на меѓународното право.

„Членството во меѓународни организации, како што е МААЕ, мора да донесе избалансирани придобивки. Во спротивно, таквото членство ја губи својата вредност“, рече иранскиот претседател.

Пезешкијан, исто така, повтори дека континуираната соработка со МААЕ ќе зависи од корекцијата на нејзиното дискриминаторско однесување и му се заблагодари на Кошта за неговите напори во промовирањето на дипломатијата и ја изрази подготвеноста на Иран да ги прошири односите со Европската Унија преку почитување и дијалог.

Кошта ја потврди подготвеноста на Европската Унија да најде дипломатски решенија и да ја прошири соработката со Иран. Тој, исто така, ги осуди кршењата на човековите права од страна на Израел во Газа и ја нагласи потребата од прекин на војната и обезбедување хуманитарна помош на палестинскиот народ.

ЕУ најави дополнителни 2,3 милијарди евра помош за Украина

илустрација
илустрација

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претстави нов пакет договори со меѓународните финансиски институции за поддршка на напорите за закрепнување и обнова на Украина во вредност од 2,3 милијарди евра.

„ЕУ денеска ја потврдува својата улога како најзначаен партнер на Украина. Не само како нејзин главен донатор, туку и клучен инвеститор во нејзината иднина“, изјави Фон дер Лајен во обраќање на Конференцијата за закрепнување на Украина што се одржува во Рим.

Според Фон дер Лајен, со склучените договори од 2,3 милијарди евра, ЕУ има за цел да привлече и до 10 милијарди евра инвестиции за обнова на домовите и болниците, заживување на бизнисите и обезбедување енергија за Украина.

„Ова е солидарност на дело. Украина секојдневно се приближува кон ЕУ - во енергетиката, образованието, роамингот и културата. Европа стои зад Украина и денес и утре“, додаде Фон дер Лајен.

Пакетот договори склучени во рамките на Инвестициската рамка на Украина, предвидуваат 1,8 милијарди евра гаранции за кредити и уште 580 милиони евра грантови.

Целта на Конференцијата во Рим, што се одржува денеска и утре, е да го задржи меѓународниот фокус на закрепнувањето на Украина, како во текот на војната, така и по неа.

Таа е замислена како платформа за усогласување на политичката поддршка и мобилизирање на финансиски средства за поддршка на Украина.

Урсула фон дер Лајен останува на чело на ЕК, европратениците не и изгласаа недоверба

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен

Европскиот парламент во четврток (10 јули) гласаше против изгласување недоверба на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Оваа иницијатива беше иницирана од Георге Пипереа, конзервативен пратеник од Романија.

За недоверба на Фон дер Лајен гласаа 175 пратеници, 360 беа против, додека 18 беа воздржани.

Потписниците на предлогот за недоверба на претседателката на Европската комисија, исто така, се спротивставуваат на наводната централизација на власта, „одвојувањето“ од европските граѓани и влијанието врз националните избори.

Урсула фон дер Лајен ги нарече иницијаторите на иницијативата „екстремисти“, „антиваксерки“ и „фанови на Путин“ и се обиде повторно да го мобилизира „проевропското“ мнозинство.

Сепак, германската лидерка не избега од критиките од левицата и центарот, кои го критикуваат нејзиното премногу вертикално управување и ја обвинуваат групата на ЕНП во Европскиот парламент за негување нејасен однос со крајната десница со цел подобро да ги доведе во прашање законите за животна средина.

„Кои се вашите сојузници во овој Парламент. Европската агенда се распаѓа. Комисијата е „премногу централизирана и нефлексибилна“, рече лидерката на центристите Валери Хајер.

Во иницијативата на Пипереа, Комисијата се критикува за „недостиг на транспарентност“, а во документот се споменува и аферата „Фајзергејт“ поврзана со обвинувања против Фон дер Лајен за злоупотреба на должноста при договарањето на набавки на вакцини во време на Ковид кризата.

Урсула фон дер Лајен никогаш не ја објави размената на текстуални пораки со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурл, за време на пандемијата на Ковид-19, кога Европската Унија преговараше за купување вакцини од американската лабораторија.

Аферата предизвика критики од разни здруженија и личности против вакцинацијата, како и од „Њујорк тајмс“, кои безуспешно бараа пристап до „спорните“ пораки.

Димитриевски: Кандидатите на ЗНАМ ќе бидат поддржани таму каде што ќе постигнеме договор со коалициските партнери

Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски
Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски

Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, изјави дека партијата е во финална фаза на преговори со коалициските партнери, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, за заеднички настап на претстојните локални избори.

„Сите кандидати на ЗНАМ ќе бидат поддржани таму каде што ќе постигнеме договор со нашите коалициони партнери во владата. Во кои општини ќе биде тоа, ќе соопштиме по завршување на преговорите“, рече Димитриевски, додавајќи дека очекува ЗНАМ да има значително поширока застапеност низ целата држава, а не само во општини како Куманово и Центар.

Тој нагласи дека кандидатите на ЗНАМ се луѓе со личен авторитет, докажани во своите професии и подготвени да понудат нови решенија.

Информираше дека е во тек постапка за евидентирање на кандидати за градоначалници и советници, а конечните одлуки ќе бидат донесени од партиските органи во наредниот период.

Во однос на кандидатурата за градоначалник на Град Скопје, Димитриевски го поддржа актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

„Сметаме дека е добро решение за Скопје и мислам дека е донесена добра одлука. Очекувам дека истиот ќе ја добие поддршката од скопјани уште во првиот круг“, рече Димитриевски.

За кандидат за градоначалник на општина Центар, тој изјави дека сè уште се прават анализи и се разгледуваат повеќе имиња од различни сектори, а конечната одлука ќе ја донесе партијата.

Рокас: Идентитетот и јазикот не се дел од преговарачката рамка

Eвроамбасадорот Михалис Рокас
Eвроамбасадорот Михалис Рокас

Евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас денеска (10 јули) позитивно го оцени Извештајот на Европскиот парламент, истакнувајќи дека тој дава силна поддршка на интегративните процеси на државата и ги поддржува реформските процеси, особено реформите во правосудството, борбата против корупцијата и останатите предизвици со кои се соочува државата.

Во врска со спорните одредби во Извештајот во врска со идентитетот и јазикот, тој потсети дека Европарламентот е независна институција, која носи политички одлуки согласно свои внатрешни процедури.

„Најважно е да се истакне дека идентитетот и јазикот не се дел од преговарачките рамки. Идентитетот и јазикот најдобро се бранат со полноправно членство во ЕУ“, рече Рокас.

Инаку Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година вчера беше изгласан во Европскиот Парламент. Во него се избришани амандманите во кои се споменуваше македонски јазик и идентитет.

Одбиени беа 17 амандмани меѓу кои и тие на бугарските европратеници како и амандманот на грчкиот пратеник со кој се бараше место придавката „македонски“ да стои „на Северна Македонија“, бидејќи тоа го дозволува Преспанскиот договор.

Според бугарските европратеници, прашањата за идентитет и јазик немаат место во Извештајот за напредокот на земја-кандидат затоа што, како што велат ,„тие создаваат поделби“. Бугарските европратеници ги обвинија македонските политичари за популизам и ширење на националистичка реторика.

Извештајот го подготви известувачот Томас Вајц, кој истакна дека во него се дава целосна слика за тоа каде се наоѓа земјата и се поздравуваат некои достигнувања, но се бараат и реформи.

Според него, уставните измени за вметнување на бугарското малцинство во Преамбулата се потребни да се донесат наскоро за да може да продолжи пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ.

Одлуката за штрајк на контролорите на летање е ставена во мирување

Претседател на Струковиот синдикат на контролори на летање, Александар Тасевски
Претседател на Струковиот синдикат на контролори на летање, Александар Тасевски

Синдикатот на контролори на летање ССКЛМ ја стави во мирување одлуката за штрајк што требаше да се реализира денеска (10 јули), потврди за МИА претседателот на ССКЛМ Александар Тасевски.

„Тоа што го баравме се придвижува, одобрено е барањето за вработувања на контролорите и за спроведување на функционалната анализа која ќе определи кои се работни места и број на извршители треба да постојат“, изјави Тасевски.

Сепак, тој најавува дека ќе го оспорат последниот конкурс за вработување за кој веќе реагираа во предупредувањето за штрајкот.

„Не застануваме тука ќе продолжиме да бараме професинализам. Има неправилности и во последиот конкурс, ние повторно дадовме шанса, но очигледно УО нема намера да застане“, вели Тасевски.

ССКЛМ преку известување до раководството на М-НАВ минатиот месец побара да биде поништен последниот оглас за нови вработувања и да ги испочитува обврските од минатогодишната Спогодба која беше основа за ставање во мирување на тогашната одлука за штрајк. Повикаа да се пристапи кон итна реализација на неисполнетите точки од Спогодбата најдоцна до крајот на јуни, а во спротивно најавија реактивирање на штрајкот на 10 јули.

Синдикатот и во известувањето реагираше на последниот оглас за нови вработувања во М-НАВ, за кој оцени дека „не одговараат на реалните, итни и суштински потреби на компанијата“. Побара поништување на огласот, а евентуалното пополнување на работните позиции да се изврши преку прераспоредување на постоечки вработени во М-НАВ преку интерен оглас или со додавање на работни задачи на недоволно ангажирани вработени како и одделенски реорганизации и рационално прераспоредување на постојниот кадар.

Раководството на АД во државна сопственост за услуги во воздухопловна навигација М-НАВ, пак, пред три дена преку соопштение објави дека презема чекори за доекипирање со кадри, имплементација на нови технологии, замена на старата опрема и реорганизација.

Според М-НАВ, со планираните огласи за вработување, ќе се вработат лица, како замена на колеги кои се веќе заминати во пензија или ќе го остварат своето пензионерско право во текот на наредните неколу месеци, генерациски смени и други причини. Како што посочија, се прават огромни напори да се стабилизира компанијата која со години била предмет на несериозно и неодговорно раководење.

„Ќе се вработуваат високо образовани и стручни кадри од следните профили: четири метеоролози–прогностичари, еден метео набљудувач и еден инженер за сајбер безбедност. Дополнително заради зголемен обем на работа во Секторот за воздухопловна навигација и планирани генерациски смени во одделението за Обласна контрола на летање, М-НАВ ад Скопје ќе вработи и школува шест контролори на летање во некој од Европските центри за школување на ваков кадар кој ќе биде избран на тендер“, информират од М-НАВ.

Според раководството, резултати од реорганизацијата и промената во пристапот на менаџирање со кадрите има, а во првата половина од годината остварени се позитивни резултати со зголемување на бројот на прелети над македонското небо за над 12 проценти.

За шест месеци се реализирани 133 474 летови за разлика од истиот период лани кога се реализирале 119 972 летови вклучувајќи ги и летовите до и од Скопје и Охрид.

Трамп објави царина од 50 отсто за бакар, стапува во сила од 1 август

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави царина од 50 отсто за бакар, велејќи на социјалните мрежи дека таа ќе стапи во сила на 1 август и дека одлуката е донесена по проценка на националната безбедност.

„Бакарот е потребен за полупроводници, авиони, бродови, муниција, центри за податоци, литиум-јонски батерии, радарски системи, системи за ракетна одбрана, па дури и хиперсонично оружје, од кое ние градиме многу“, рече Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social.

Трамп претходно сигнализираше дека воведува нови царини за бакар, што доведе до рекордни максимуми на суровината на американските берзи.

Трамп сега рече дека добил „солидна“ проценка на националната безбедност во која се заклучува дека царините се неопходни за заштита на американското производство на стока што е клучна за голем број индустрии.

Соединетите Држави зависат од увоз за речиси половина од своите потреби за рафиниран бакар. Земјите најпогодени од царината се Чиле, Канада и Мексико. Трите земји изјавија дека увозот од нив не ги загрозува интересите на САД и не треба да се оданочува. Сите три имаат договори за слободна трговија со Соединетите Американски Држави.

Високите царини имаат за цел да го поттикнат производството во Соединетите Држави. Повеќе од две третини од бакарот во земјата се ископува во Аризона.

Активни девет пожари, под контрола четири

илустрација
илустрација

Активни се девет пожари на отворен простор, од вкупно 63 во текот на вчерашниот ден, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрината на 10 јули. Под контрола се четири пожари, еден е локализиран, а 49 се изгаснати.

ЦУК соопшти дека се активни пожарите во Чучер Сандево – Блаце, каде е зафатена ниска вегетација, во село Визбегово во Шуто Оризари каде гори депонја, во Прилеп – село Бешиште, место викано Бешишки рид, мешана шума. Во пожари во Македонски Брод, се зафатени дабова шума и грмушки, помеѓу селата Црешнево и Локвица, ниска вегетација од пожар проширен од фабрика „Самоков“ во село Рамне, како и мешана шума во селата Слатина и Ковче. Исто така во општина Чашка, под Солунска Глава, кај местото викано Изворите на Бабуна и Бабина Дупка, има чад во карпест дел, а гори и нискостеблеста шума во село Николиќ во Дојран.

Локализиран е пожарот во Кочани, место викано Бабиште, помеѓу селата Јастребник и Полаки, со кој се зафатени ниска вегетација и мешана шума.

Според ЦУК, под контрола се пожарите во Делчево на Градска депонија „Острец“, во Виница, село - Драгобраште во Крива Паланка -село Градец и село Лозаково и во Желино - село Ларце.

АМСМ соопшти дека сообраќајот на потегот од клучка Орман до клучка Мирковци е пуштен за редовен сообраќај, исто така и на потегот Скопје-ГП за ГР Блаце и во двата правца на експресениот пат Ранковце-Крива Паланка. Сообраќајот на овие патишта беше во прекин поради пожарите.

Поради состојбата со пожарите во Владата синоќа (9 јули) заседаваше Кризниот штаб, а активиран е и европскиот механизм за помош во справување со пожарите.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по седницата на Крзниот штаб изјави дека причина за ширење на пожарите во најголема мера биле неповолни временски услови и силен ветер, но посочи дека за дел има основи на сомнение дека се подметнати од човечки фактор близу клучни инфрастриктурни капацитети, патишта, густо населени области и приватни објекти.

САД воведуваат санкции против специјалната известувачка на ОН за палестинските територии

Специјалната известувачка на Обединетите Нации за палестинските територии, Франческа Албанезе
Специјалната известувачка на Обединетите Нации за палестинските територии, Франческа Албанезе

Американскиот државен секретар Марко Рубио најави дека САД ќе воведат санкции против специјалната известувачка на Обединетите Нации за палестинските територии, Франческа Албанезе, поради нејзините обиди да го ангажира Меѓународниот кривичен суд (МКС) против американски и израелски функционери и компании.

„Незаконските и срамни обиди на Албанезе да го охрабри МКС да преземе дејства против официјални претставници и компании од САД и Израел повеќе нема да се толерираат“, напиша Рубио на социјалната мрежа X (поранешен Твитер).

Портпаролот на Албанезе засега не даде коментар. Италијанската правничка неодамна повика на оружено ембарго против Израел и прекин на трговските и финансиските односи, обвинувајќи ја израелската држава за „геноцидна кампања во Газа“.

Во нејзиниот извештај објавен овој месец, Албанезе именува над 60 компании, вклучително и производители на оружје и технолошки фирми, како поддржувачи на израелската воена политика, како и политиката за ширење на доселеничките населби на Западниот брег.

Таа повика да биде запрено водењето бизнис со Израел и правна одговорност за тие што, според неа, ги прекршуваат меѓународните закони.

Албанезе е една од десетици независни експерти за човекови права именувани од ОН. Нивните мислења не ја претставуваат позицијата на Обединетите Нации.

Откако Доналд Трамп повторно ја презеде функцијата претседател на 20 јануари, неговата администрација ги прекина врските со Советот за човекови права на ОН и го продолжи замрзнувањето на финансирањето за Агенцијата на ОН за палестинските бегалци.

Минатиот месец, САД воведоа санкции за четворица судии на МКС, како реакција на наредбата за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и претходната истрага за наводни воени злосторства на американски војници во Авганистан.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG