„Релации“ е проект во процес кој започна во 2019 година како повремена интервенција во простор од транспарентни пластични објекти и растенија, во Ботаничката градина во Скопје, додека инсталацијата со истоимен наслов што ќе биде поставена во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп реферира на човековиот однос кон природата и кон животот, воопшто во време на изолација, сепарација и време на карантин каде што запираме на определено време со своите рутински постапки.
Ова ќе го забележи уметникот Игор Таневски во пресрет на отворањето на својата поставка во Галеријата на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, планирано за овој петок напладне, на 4 јуни тековната година.
Во натамошната експликација за делото и своето обраќање до тамошната и воопшто до македонската културна јавност тој со дополна дека „инсталацијата се состои од дигитален отпечаток на интервенција во простор, објекти од транспарентна боена пластика или неколку модели на кооперација и полип-тих од Филип Ивановски Пепе, гостин во проектот кој ги претставува „Приказните од нашето секојдневие, изгубената контрола и вредности“ во објектите „Изгубени работи“.
Преку експериментирање со различни технологии и техники при реализирањето на делата, увидов дека постојано се прашувам и интересирам за прашањата, врзани со елементите, водата, просторната перцепција, како човештвото делува во сегашноста и каква иднина создаваме и, накрај, каков сушност се менува светот... Какви релации воспоставуваме едни со други, со природата, во животот, воопшто, секаде во време на паметни технологии и интернет, како пред одредени неопходности... Со визуелно и ликовно истражување во полето на инсталацијата, објектот, сликарството и дигитално обработените видео-фрејмови, уметноста ја доживувам како отворен систем кој константно го шири нашиот спектар за восприемање искуства. Преку контекстуализација на некоја мисла во естетски предмет, поставена на платформа за да биде видена и исчитана. Низ проектите специфичноста на делото ја согледувам во тоа што тоа нема само еден фиксиран јазик и смисла. Верувам дека преку естетското градиме комуникација која функционира во бранови, флуидно низ човековото уникатно процесирање на информации. Како една различна точка на внимание во бесконечениот тек на колективната свесност, забележува Таневски.
Роден 1995 година во Скопје, Игор Таневски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, во класата на професор Жанета Вангели. Добитник е на наградата за постигнат највисок просек и одлични резултати во текот на студиите од Факултет за ликовни уметности во Скопје, а од 2020 година е и Магистер по ликовни уметности од областа - сликарство.
Зад себе ги има самостојните проекти „Хоризонт“ во Музеј на град Скопје во 2019 година и „Релации“, колаборативниот проект со Александра Костадиновска во Галерија „Лазар Личеновски“ во Скопје, како и инсталацијата Blooming, NeulandNight_001NeulandxReborn.
Тука се и групните поставки како „Изложба на новата млада генерација на ДЛУМ 2017 – 2020“ во АРТ ХАБ во Скопје, Transform: Trans-form: action во Музеј на современата уметност Метелкова- Љубљана (MG+MSUM) во 2019, „Портали“, CreArt Skopje 2018, Годишната изложба на ДЛУМ каде добива Награда за сликарство одржана во Националната галерија на Македонија во објектот „Мала Станица“... а бил учесник и на XII Биенале на млади уметници насловено како „Ќе биде ли доцна ако времето запре“.
За својата уметност Игор Таневски во 2018 година беше добитник на две значајни признанија - Награда за сликарство од Друштвото на ликовните уметници на Македонија и наградата „Борко Лазески“ што му ја додели Факултет за ликовни уметности. Една година пред тоа едно од неговите дела беше откупено и наградено на изложбата „1101: СВ. КЛИМЕНТ НИЗ СОВРЕМЕНА УМЕТНИЧКА ПРИЗМА“ организирана од Националната универзитетска библиотека „ Свети Климент Охридски“ од Скопје.
Член е на ДЛУМ од 2018 година.
Филип Ивановски Пепе е млад визуелен уметник. Роден во 1993 година во Скопје. Студиите по вајарство со сценографија ги завршил во 2015година на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на Факултетот за ликовни уметности во класата на проф. Беди Ибрахим. По дипломирањето работел на сценографии во Македонскиот народен театар и учествувал на неколку групни изложби.
Во 2020 година ја реализирал првата самостојна изложба „Гоблени“, преку изложбениот концепт „Калеидоскоп III“ на Музеј на град Скопје во проектот CreArt. Учествувал и на групните изложби во Музеј на современата уметност – Скопје, на XIII Биенале на млади уметници „Страст за лутање“ и на „Портали“ во рамките на CreArt, во Музеј на град Скопје.