Вести
Дојче веле објави дека Талибанците убиле член на семејството на свој репортер

Германската медиумска куќа Дојче веле (ДВ) објави дека Талибанците застрелале и убиле еден од членовите на семејството на својот известувач во Авганистан и тешко раниле друг член на семејството. ДВ објави дека Талибанците извршиле претрес во домот на новинарот и го барале во западниот дел на Авганистан. Тој додава дека некои членови на семејството успеале да избегаат.
Талибанците го блокираат пристапот до аеродромот во Кабул
Оваа медиумска куќа додаде дека репортерот, чие име не се соопштува, веќе бил префрлен во Германија, од каде што исто така работи. ДВ не даде детали за убиениот и повредениот член на неговото семејство, ниту пак наведе каде и кога тоа се случило. Директорот на ДВ Петер Лимбург остро го осуди убиството, додавајќи дека тоа е доказ за непосредната опасност на вработените и нивните семејства во Авганистан. „Талибанците очигледно спроведуваат организирана потрага по новинари во Кабул и провинциите“, рече Лимбург, додавајќи дека Талибанците ги претресоа домовите на уште тројца други новинари на ДВ во последните денови.
види ги сите денешни вести
Партиски вработувања повторно ја брануваат М-НАВ

Обвинувања за нови партиски вработувања повторно ја брануваат компанијата Македонска навигација (М-НАВ) откако во јавноста излегоа информации дека на оглас за вработување се примени луѓе блиски до владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицискиот СДСМ побара итно да се поништи спорниот оглас и да се вратат професионалните критериуми за вработување, а да има и „оставки од сите кои го овозможија овој срам“.
И социјалдемократите преку соопштение реагираат на лицата за кои претходно повеќе медиуми објавија дека се нововработени во М-НАВ.
„Избрани се лица кои од квалификации единствено имаат партиска книшка. Во М-НАВ, место професионалци кои знаат англиски и имаат стручни лиценци, ВМРО-ДПМНЕ вработува, сопруг на директорка на Централен регистар, сопруга на Игор Југ — осуден за нападот на Собранието на 27 април и потпретседател на младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ“, реагираа од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, исто така се јави со реакција. Но, не ги демантираше вработувањата туку ја обвини претходната власт дека таа вршела партизација на Македонската навигација.
„СДС и ДУИ ја претворија М-НАВ во партиска филијала напикаа роднини, деца, внуци и коалициски партнери за плати неколкупати поголеми од просечните. За време на СДС и ДУИ само што не настана огромен безбедносен проблем, откако контролорите за летање беа тепани од активисти на ДУИ“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
Во јуни, поради партиски вработувања контролорите на летање во М-НАВ се заканија со штрајк.
Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) бараше да се поништи последниот оглас за нови вработувања и да се испочитуваат обврските од минатогодишната Спогодба која беше основа за ставање во мирување на тогашната одлука за штрајк.
Првично најавија дека ќе штрајкуваат од 10 јули, но дента кога требаше да отпочне штрајкот од синдикатот соопштија дека одлуката ја ставаат во мирување бидејќи имало придвижување во исполнувањето на нивните барања. Меѓу барањата беа да се вработи кадар каков што навистина е потребен во М-НАВ односно контролори на летање, како и да се направи функционална анализа со која ќе се определи кои се работните места и бројот на извршители што треба да постојат во компанијата.
Собранието ја изгласа ратификацијата на Договорот за стратешка соработка со Унгарија

Со 60 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ пратениците во македонското Собрание денеска, 17 јули, го изгласаа Законот за ратификација на Договорот за стратешка соработка меѓу владите на Северна Македонија и Унгарија.
Координаторот на пратеничката група на најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во обраќањето на собраниската седница оцени дека договорот треба да се поздрави како „како чекор во вистинска насока, насока на конкретна надворешна политика, продуктивна економска дипломатија и визионерска посветеност кон иднината на државата“.
Според власта, договорот е јасна порака дека Северна Македонија гради „стабилни, долгорочни и доверливи партнерства со вистински пријатели“.
„Партнерството ќе овозможи унапредување на соработката во многу важни сфери – инфраструктура, енергетика, транспорт, информатичка технологија, сајбер безбедност и одбрана. Овие области се двигател на секој сериозен развој и гаранција за економска и безбедносна стабилност, што е од особено значење во моменталната геополитичка состојба во Европа. Договорот нуди можности за домашната економија преку активно вклучување на македонскиот приватен сектор и внесување на странски инвеститори во реализацијата на стратешките проекти“, рече пратеникот Мицевски.
Договорот за стратешко партнерство со Унгарија, беше потпишан на 13 јуни за време на официјалната посета на шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто на Скопје, чиј домаќин беше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
ВМРО-ДПМНЕ важи за блиска со унгарската владејачка партија Фидес на премиерот Виктор Орбан и беа сестрински партии во Европската народна партија. По враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија во мај лани, покрај потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство, владите на двете земји досега одржаа и две меѓувладини седници – едната во септември 2024 во Охрид, а другата во Будимпешта во март 2025 г.
Владата предводена од Христијан Мицкоски се задолжи и со кредит од една милијарда евра од Унгарија. Половина од милијардата беше земена со цел раздолжување на еврообврзница, додека 250 илјади евра беа наменети за поддршка на бизнис секторот, а останатите 250 илјади за проекти во општините.
Опозицскиот СДСМ, пак, обвинуваше дека тоа е најлошиот можен договор за кредит со скриени трошоци, премиерот Мицкоски го прозиваше дека станува најголем „поданик на Унгарија“, а изразуваше и сомнежи дека ова задолжување ќе се рефлектира и со унгарско влијание врз политичките одлуки во Северна Македонија и стратешката ориентација на земјата.
Во Косово уапсен полицаец под сомнение дека бил шпион на српските разузнавачки служби

Во заедничка операција на безбедносните служби во Косово уапсен е полицаец под сомнение дека шпионирал за српските безбедносни структури, објави в.д. министерот за внатрешни работи, Џелал Свеќала.
Полицаецот Бојан Јевтиќ, рече косовскиот министер, е шестото лице уапсено за случаи на шпионажа порачувајќи дека „истата судбина ќе го снајде секој што ќе се обиде да ја поткопа работата и улогата што ѝ е доверена на полицијата“.
„Професионализмот, соработката и координацијата на безбедносните институции на Република Косово се неопходни за постигнување резултати во борбата против нелегалните активности, особено оние со висок ризик кои често имаат извор во српските разузнавачки структури“, изјави тој.
Специјалното обвинителство на Косово го потврди апсењето на полицаецот кој се сомничи за сторено кривично дело „шпионажа“ и посочи дека за лицето е одреден притвор од 48 часа.
„За време на претресот на куќата на осомничениот во село во Каменица, запленети се материјални докази, како што се: доверливи документи на косовската полиција, неколку паметни телефони, USB мемориски стик, пиштол, муниција, готовина во вредност од 10.000 евра, два милиони српски динари, 600 швајцарски франци и други докази што ќе бидат испитани за време на истрагата“, се вели во соопштението на обвинителството.
Оттаму додаваат дека уапсениот полицаец ја извршувал функцијата началник на операции во граничната полиција на преминот „Бела земја“, како и дека Инспекторатот препорачал негово суспендирање.
Акцијата се спроведува во соработка меѓу Инспекторатот на косовската полиција и Косовската разузнавачка агенција.
Оваа акција доаѓа откако во претходниот период беа уапсени неколку Срби и Албанци под сомнение за шпионажа за српските разузнавачки служби.
Во Косово, под шпионажа се подразбираат тајни активности на собирање, пренесување или дистрибуција на чувствителни информации до друга држава, организација или група.
Според Кривичниот законик на Косово, шпионажата се смета за сериозно кривично дело и се казнува со најмалку пет години затвор.
На почетокот на јуни, Основниот суд во Приштина го осуди Александар Влајиќ на пет години затвор, откако тој се изјасни за виновен по обвиненијата дека се занимавал со шпионажа како член на Српската безбедносно-разузнавачка агенција (БИА).
Во меѓувреме, жена од српската заедница во северно Косово, исто така беше уапсена за шпионажа на почетокот на март оваа година.
Таа беше вработена во ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа) во Косово, додека медиумите објавија дека била „шпион“ на БИА. Српската безбедносно-разузнавачка агенција не коментираше за ова прашање.
Претходно, на 20 февруари, Специјалното обвинителство на Косово, исто така, подигна обвинение против двајца косовски Албанци, Бедри Шабани и Мухарем Ќерими, за сторено кривично дело шпионажа. Тие се изјаснија за невини по обвиненијата дека дале информации на српската БИА за безбедносните институции на Косово, Ослободителната војска на Косово и масакрот во Рачак.
БИА негираше каква било поврзаност со овие притвореници во Косово, додавајќи дека ова е „обид за ширење лажни вести“ од страна на Приштина.
Поранешниот главен инспектор на Косовската разузнавачка агенција, Бурим Рамадани, претходно за РСЕ изјави дека шпионажата е една од главните закани за националната безбедност на Косово.
„Со штетата што се обидува да се направи целта е да се прикаже Косово во лошо светло однадвор и да се држи под тензија однатре“, рече Рамадани.
Јулија Свириденко е нова премиерка на Украина

Украинските пратеници ја именуваа Јулија Свириденко, поранешната министерка за економија и прва замениничка на премиерот, за нова премиерка на земјата во рамки на реконструкцијата на Владата насочена кон зајакнување на односите со САД и кон давање нов импулс на земјата разурната од војната.
Свириденко ги водеше клучните преговори со САД за договорот за минерали.
Таа беше избрана за премиерка со 262 гласа „за“, 22 „против“ и 26 „воздржани“.
39-годишната економистка, позната во Вашингтон по нејзината клучна улога во посредувањето за договорот за минерали, доаѓа на премиерската функција на местото на Денис Шмихал, најдолгогодишниот премиер на Украина.
Во реконструираната влада, Шмихал ќе биде на чело на Министерството за одбрана додека претседателот Володимир Зеленски се стреми да го зголеми домашното производство на оружје со оглед дека војната што ја започна Русија влегува во својата четврта година.
Во обраќањето пред парламентот, Свириденко порача дека нејзин приоритет е „да се обезбеди одбраната и безбедноста на Украина и стабилноста на државата“.
„Државниот апарат нема право да ги уништува ресурсите и потенцијалот на земјата“, додаде Свириденко.
Колку и потезите на украинскиот претседател да се насочени кон оживување на воените напори на Украина, промените на функциите, во кои се очекува досегашниот министер за одбрана Рустем Умеров да стане амбасадор на Киев во Вашингтон, се сметаат за обид на претседателот да ја подобри комуникацијата и соработката со Белата куќа.
Серија настани што датираат од 2019-та, вклучително и постапката за импичмент на Трамп иницирана по телефонскиот разговор со Зеленски во јули истата година, го налутија Трамп во однос на прашањето со Украина, а целосната поддршка на Вашингтон за Киев се смета за сè друго освен за стабилна.
Договор за минерали
Свириденко, кој беше министерка и прва вицепремиерка од 2021 година, ги водеше преговорите со САД за договорот со кој им се овозможува на американските компании пристап до украински минерали и ретки земјини елементи.
Трамп го промовираше договорот како клучен дел од неговата политика кон Украина, инсистирајќи дека со него САД треба да добијат компензација за помошта што ја даваат на Киев од февруари 2022 година, а којашто достигна околу 175 милијарди долари.
Во април, Свириденко отпатува во Вашингтон каде што потпиша договор со американскиот секретар за финансии Скот Бесент за основање на Фондот за обнова и инвестиции на Украина, кој им дава право на САД на дел од профитот од новите украински проекти во енергетскиот и рударскиот сектор.
Трамп го претстави договорот како механизам за заштита на американските интереси во обновата и одбраната на Украина.
Додека Трамп изрази незадоволство од ненапредокот во мировните разговори со Русија, Украина се обиде да го искористи моментот за да ги зацврсти договорите за оружје и друга помош од Вашингтон.
Трамп оваа недела објави дека ќе продава оружје на НАТО за понатамошен трансфер во Украина, што досега е неговиот најјасен показател за поддршка на Украина откако ја презеде функцијата во јануари.
Муцунски и Лами ја потпишаа Декларацијата за стратешко партнерство

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и британскиот секретар за надворешни работи Дејвид Лами денеска (17 јули) во Форин офисот во Лондон потпишаа Декларација за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Шефот на македонската дипломатија на Фејсбук објави дека со ова се отвора ново поглавје во односите меѓу двете земји и се зајакнуваат билатералните односи со Обединетото Кралство.
„Овој документ ќе ги зајакне и унапреди стратешките односи меѓу двете земји, вклучително и соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, особено во рамките на НАТО. Разговаравме и за неодамнешниот договор „влада со влада“, кој ќе ја зголеми трговијата, ќе го поттикне економскиот раст и ќе овозможи реализација на низа инфраструктурни проекти. Разговаравме и за нашето сојузништво во рамките на НАТО, како и за соработката во мултилатералните организации, наведува Муцунски во објавата на Фејсбук.
Претходно, македонското собрание го донесе Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти.
Со Договорот на земјава ќе и се обезбеди кредитна линија од пет милијарди фунти на располагање за големи инфраструктурни железнички, транспортни, здравствени и енергетски проекти.
Северна Македонија е прва земја на Балканот која склучува Договор за стратешко партнерство со Велика Британија.
Согласност за стратешко партнерство беше постигната на средбата на премиерите на Северна Македонија и Обединетото кралство, Христијан Мицкоски и Кир Стармер на маргините на самитот во Тирана на 16 мај.
Како што информираше владата, целта на договорот, што ќе биде во сила 10 години, е да воспостави партнерство за поддршка на реализација на инфраструктурни проекти, во секторите транспорт, здравство, технологија, енергетика и други критични сектори во државата.
Студентите во блокада по поканата за средба со опозицијата: „Акцијата ја насочуваме кон граѓаните“

Студентите во блокада најавија дека ги насочуваат своите акции кон граѓаните, одговарајќи на прашањето на Радио Слободна Европа (РСЕ) зошто не учествувале на состанокот на опозицијата и граѓанското општество на 16 јули во Белград.
„Не веруваме дека парламентарното мнозинство ќе направи нешто во насока на подобри изборни услови, ја обиколуваме Србија, се грижиме за притворените и правиме сè што е во наша моќ да ги распишеме изборите“, изјавија за РСЕ, студентите во блокада.
Тие изјавија дека ги сметаат за важни разговорите за подобрување на изборните услови.
„Режимот направи сè за да ги спречи изборите под нивна власт да бидат фер и слободни, во ова повторно нè убедија со срамниот процес на избор на новиот Совет на Регулаторното тело за електронски медиуми, кампањата на функционерите и корупцијата во Заечар и Косјериќ“, изјавија студентите во блокада.
Состанокот за подобрување на изборните услови во Србија го иницираше претседателот на Народното движење на Србија (НДС), Мирослав Алексиќ, кој изјави дека дијалогот е отворен за сите општествени актери.
Тој додаде дека на состанокот во Белград на 16 јули било разговарано за ревизијата на избирачкиот список.
Покрај иницијаторите, на состанокот присуствуваа претставници на Зелено-левичарскиот фронт, Движењето на слободни граѓани, Еколошкото востание, Центарот Србија и Партијата за слобода и правда.
Невладините организации Биро за социјални истражувања (BIRODI), Граѓански иницијативи, Центар за истражување, транспарентност и отчетност (CRTA) и Центар за слободни избори и демократија (CESID) исто така одговорија.
Поканата беше одбиена од иницијативата „Проглас“, која ги обединува група интелектуалци, Демократската партија и движењето „Крени-промени“, додека коалицијата НАДА, која ја сочинуваат Новата демократска партија на Србија и Движењето за обнова на Кралството Србија, не даде соопштение.
Студентите во блокада во мај побараа свикување вонредни парламентарни избори. Властите одбија да ги објават.
Повеќе од осум месеци низ целата земја во Србија се одржуваат студентски и граѓански протести и демонстрации, со кои се бара кривична и политичка одговорност од владејачката Српска напредна партија (СНС) за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Претходните парламентарни избори се одржаа кон средината на декември 2023 година.
Според извештаите на домашните и меѓународните набљудувачи, на нив биле забележани голем број неправилности, а опозицијата ги окарактеризира како неправедни и украдени.
Судењето против Раде Трајковски - Штекли одложено, бил неспособен да го следи

Почетокот на судскиот процес против Раде Трајковски-Штекли и уште 9 лица обвинети за трговија со дрога е одложен за 7 август поради хоспитализација на обвинетиот Трајковски.
Трајковски утрово бил неконтактибилен и дезориентиран, поради што требало итно да биде пренесен во Клиничкиот центар, рече судијата Илија Трпков. Такви напади, како што дополни судијата, обвинетиот имал и во текот на вчерашниот ден.
По одложувањето, обвинителката Верица Бержецка-Крстева информираше дека во меѓувреме Штекли доставил психијатриско мислење дека не е способен да ги следи судењата. Таа рече дека и Јавното обвинителство ќе направи вештачење по таа околност и ќе бара подготвително рочиште за да се соочат вештачењата.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение против 10 лица за продажба на дрога. Истрагата траеше речиси една година и вклучуваше посебни истражни мерки. Првично беа опфатени 16 лица, но 7 од нив склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 години до 3 години и 6 месеци.
Како што соопштија претходно од ОЈО ГОКК, групата била добро организирана, со јасно поделени улоги - од набавка до продажба на кокаин и марихуана.
Во 2024-та година имаше три обиди за убиство на Раде Трајковски - Штекли во скопскиот трговски центар „Ист Гејт“ и неговата семејна куќа. Ккао што пишуваа медиумите, Штекли се смета за близок до криминалната група „Беланоца“.
Претходно во декември минатата година Обвинителството почна истрага против 18 припадници на криминалната банда позната во јавноста како „Беланоца-Барон“ за сторени најмалку осум убиства, рекет, лихва и опожарени спортски обложувалници. Дел од уапсените се сомничат дека наплаќале од 10 до 250 илјади евра за убиство.
Собранието го констатираше престанокот на функцијата Народен правобранител на Насер Зибери

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на почетокот на денешната седница (17 јули) соопшти дека на 12 јули 2025 година му престанала функцијата Народен правобранител на Насер Зибери, поради исполнување на условите за старосна пензија.
„Ве известувам дека Народниот правобранител Насер Заибери на 12.07.2025 година исполни услови за старосна пензија. Констатирам дека врз основа на член 9 став 1 од точка 3 од Законот за Народниот правобранител на Народниот правобранител Насер Зибери му престанува функцијата Народен правобранител на 12 јули 2025 година поради исполнување на условите за старосна пензија“, рече Гаши.
Претходно, народниот правобранител Зибери обвини дека Собранието го прекршило Законот за народен правобранител, бидејќи не распишало оглас за нов мандатар во предвидениот рок, односно најдоцна три месеци пред истекот на мандатот. Токму поради тоа, оваа институција сега останува без Омбудсман.
Пратениците кои го поднесоа барањето до Собранието за распишување на оглас за избор на нов, на само два дена пред тој да замине во пензија, рекоа дека не биле известени навремено кога се исполнува условот за старосна пензија.
Мандатот на Зибери започна во јануари 2021-ва и завршува по 4 и пол години, иако според законот треба да трае 8 години. На изборите 2020-тата, ДУИ го промовираше како кандидат за премиер -Албанец, а тогашната опозициска партија од албанскиот блок поради тоа го оспоруваше неговиот избор за Омбудсман.
Дополнително на оваа институција и недостигаат уште најмалку петмина заменици, чии мандати истекоа во изминативе три години, а пратениците од последните два пратенички состава не ги разгледаа понудените кандидати за пополнување на нивните позиции.
Инаку Зибери го депонирал потписот на еден од тројцата заменици кои се уште имаат активен мандат, Илбер Руфати од Кичево, затоа што неговата колешка од Битола, Лилјана Илиевска за неколку дена заминува во пензија, а колешката од скопската канцеларија Соња Трифуновска одбила.
Минчев: Администрацијата ќе работи во служба на јавниот интерес, а не под нечиј диктат

Граѓаните можат да бидат сигурни дека јавната администрација ќе биде поодговорна, поискусна и ќе работи во служба на јавниот интерес, а не под ничиј личен или партиски диктат. Ова денеска го изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Во обраќање на сесијата на Националната конвенција за ЕУ на Работната група 6-Антикорупција на тема „Административни капацитети за унапредување на вредноста на потрошени јавни средства: Што можеме да научиме од искуствата на ЕУ? “, Минчев рече дека отчетноста на администрацијата е клучен предуслов за враќање на довербата на граѓаните и оти реформата на јавната администрација претставува важен предуслов во процесот на европската интеграција на државава.
Министерот потсети дека согласно новата Методологија за пристапни преговори, реформата на јавната администрација за првпат конкретно се дефинира како област која е опфатена со процесот и е дел од првиот Кластер-Основи, кој е од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина.
„Јавната администрација претставува еден од клучните столбови на евроинтегративниот процес. Без ефикасна, стручна и одговорна администрација, која е во состојба да ги спроведе реформите и да обезбеди усогласеност со европските стандарди, невозможно е успешно да го затвориме ниедно од преговарачките поглавја“, истакна Минчев.
Тој додаде дека предизвик останува континуираното работење на модерна и ефикасна јавна администрација, базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти.
Во рамки на тековната Стратегија за реформа на јавната администрација, посебен фокус е ставен на професионализацијата на администрацијата, рече Минчев.
Во таа насока минатата недела Собранието ги усвои новите законски решенија за административни службеници, за вработените во јавниот сектор, за стручно усовршување и обука на административните службеници и за инспекциски надзор.
Овие реформи се темелат на принципите на стручност, заслуги и интегритет. Тие гарантираат дека секој административен службеник ќе биде избран, унапреден и оценуван според својот професионален капацитет и личен квалитет – а не според политички или други влијанија, потенцира тој.
Појасни дека во законските решенија се воведуваат механизми за континуирано стручно усовршување, модернизација на човечките ресурси и деполитизација на администрацијата.
Наведе и дека реформите предвидуваат заштита од корупција и политички влијанија, преку конкретни мерки, меѓу кои граѓаните добиваат подеднакви шанси за вработување, базирано на компетенции, без потреба од „врски“ или партиски позадини.
Меѓу останатите мерки ги наведе и тоа што унапредувањата и оценувањата сега ќе се засноваат на реален учинок, редовно следени преку индикатори за перформанси и професионално однесување.
Најмалку 60 загинати во пожар во трговски центар во Ирак

Најмалку 60 лица загинале во пожар во хипермаркет во градот ал-Кут во источен Ирак, додека 11 лица се водат како исчезнати, соопштија локалните здравствени власти, пренесе Ројтерс.
„Имаме повеќе тела кои не се пронајдени и се под урнатините на пожарот“, изјави за Ројтерс градскиот службеник Али ал-Мајахи.
Причината за пожарот сè уште не е позната, но гувернерот на покраината изјави дека прелиминарните резултати од истрагата ќе бидат објавени во рок од 48 часа, објави државната новинска агенција ИНА.
„Покренавме тужби против сопственикот на зградата и трговскиот центар“, рече гувернерот, според агенцијата ИНА.
Пожарот во трговскиот центар, кој беше отворен пред само пет дена, избувна во среда навечер и оттогаш е ставен под контрола.
Како што пишува Би-Би-Си, амбулантните возила продолжиле да ги транспортираат жртвите до болницата во градот, кој се наоѓа на околу 160 километри од Багдад, во текот на ноќта.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете