Вести
Расте бројот на ковид позитивни, регистрирани нови 1.375 случаи

Во изминатите 24 часа регистрирани се 1.375 нови случаи на ковид-19 од направени 7.188 тестирања, соопшти Министерството за здравство. Во изминатото деноноќие има две починати лица, по едно од Скопје и Кавадарци. Дополнителни според Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавени се уште две лица, по едно лице од Тетово и Делчево.
Од вчера бројот на ново заразени е четирицифрен.
Од новите случаи повеќе од половина се во Скопје – 852. Во Битола има 135, Прилеп – 70, Куманово и Кавадарци – по 38, Охрид и Штип – по 25, Струмица – 21, Ресен – 18, Тетово и Гевгелија – по 14, Неготино – 13, Гостивар, Велес и Радовиш – по 10, Валандово – 9, Пробиштип, Демир Хисар и Крушево - по 8, Кичево и Богданци – по 7, Делчево и Крива Паланка – по 6, Кочани – 5, Струга, Виница, Македонски Брод и Свети Николе – по 3, Дебар, Кратово и Пехчево – по 2.
Регистрирани сe 217 оздравени пациенти.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 228.540, бројот на оздравени пациенти е 213.722, на починати е 8.000, а бројот на активни случаи изнесува 6.818.
види ги сите денешни вести
На протестот во Подгорица 14 повредени и повеќе отворени прашања за употребата на сила

Најмалку 14 лица беа повредени во конфликтот меѓу полицијата и учесниците на протестот во врска со доделувањето на највисокото државно признание - Наградата Тринаесетти Јули - на писателот кој ја негира црногорската нација, Беќир Вуковиќ.
Институтот за медицинска помош изјави за Радио Слободна Европа дека седум учесници на протестот и шест полицајци побарале нивна помош.
Дел од јавноста ја обвини полицијата за прекумерна употреба на сила.
Полицијата соопшти дека користела „најблаги средства за принуда“ - спреј со бибер - за да одговори на фрлените јајца, шишиња и остриги.
Советот за граѓанска контрола на полициската работа и Внатрешната контрола на полициската администрација не одговорија на барањето на РСЕ за однесувањето на полицајците на протестот. Причината за протестот беше доделувањето на Наградата Тринаесетти Јули на писателот Беќир Вуковиќ, негатор на црногорската нација и поддржувач на четничкото движење.
Наградата се доделува за Националниот ден и е именувана по датумот на црногорското востание против фашизмот.
Полицијата ги отфрла обвинувањата за прекумерна сила
За време на неколкучасовниот протест, граѓаните се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, кој во два наврати употреби спреј со бибер.
Веднаш по протестот, опозицијата ја обвини полицијата за брутална употреба на сила, а Факултетот за црногорски јазик и литература испрати писмо до амбасадите на Европската Унија, Соединетите Американски Држави и Велика Британија по истиот повод. Група политиколозите, претежно професори на државниот Факултет за политички науки, потоа на 9 јули ја повикаа меѓународната заедница јасно да ја осуди употребата на прекумерна сила, да го следи понатамошниот развој на настаните и да инсистира на почитување на основните човекови права и демократските принципи во Црна Гора.
А невладината организација Граѓанска алијанса ги повика Народниот правобранител и Советот за граѓанска контрола на полициската работа да истражат дали постапките на полицајците ги надминале нивните овластувања.
По протестот, полицијата тврдеше дека нивните полицајци „дејствувале исклучително воздржано, професионално и во согласност со етичките стандарди, покажувајќи висок степен на толеранција и толеранција“.
Тие додадоа дека работат на идентификување и утврдување на одговорноста на оние што ги нападнале полицајците, за што ќе користат, меѓу другото, снимки од протестот.
И на видеата може да се види дека полицијата - вклучувајќи ги и луѓето без униформи - ги прскаат учесниците на протестот, вклучувајќи голем број постари лица, со бибер спреј.
Дел од бибер спрејот завршил „врз полицајците“.
Полицијата не одговори на прашањето на РСЕ дали полициските правила им дозволуваат на лицата во цивилна облека да користат хемиски агенси против граѓаните.
Пожари беснеат на повеќе локации во земјава, има жртва од пожарот кај Крива Паланка

Близу пожарот во село Лозаново кривопаланечко денеска полициски службеници од ОВР Крива Паланка е пронајдено починато лице.
Се врши увид на местото на несреќата на кој присуствува и јавен обвинител, а според првичните информации се работи за жртва од пожарот.
Токму во овој регион беше еден од најголемите пожари кои беснеат во државата. Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски во видео на Фејсбук, повика на помош од државните институции и ги повика граѓаните да се приклучат во гансење на пожарот.
„Опасна огнена стихија се закани на градот, хероите ја спасија! Со срце поголемо од пламенот, стоеја на првата линија. Тежок ден за Крива Паланка, но ден на храброст и човечност, порача тој во својата фејсбук објава.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва по состанокот на Kризниот штаб во Владата, кажа дека сите денешни пожари се ставени под контрола. Сепак има докази дека се намерно подметнати и распламтени, рече тој. Не сака да открива детали за да не ја загрозува предистрагата, но станало симптоматично тоа што како се гасел еден, веднаш стартувал друг, па трет итн.
Во Чучер-Сандево, рече тој, вчера биле најдени запалени гуми.
„Морам да напоменам дека можеби се работи за поинакво сценарио, од случајност. Во текот на вчерашниот ден фативме лице кое со умисла палеше оган. Лицето беше пронајдено и му беше изречена најстрога мерка, притвор. Многу е симптоматично како се неутрализира еден пожар, почнува втор, а како се неутрализира втор, стартува трет пожар. Од страна на МВР сум информиран дека се сомневаат оти станува збор за одредено сценарио кое сака да се постигне во Македонија“, рече Тошковски.
Денес е активиран и механизмот за европска помош во справување со пожарите и максимално се ставаат сите капацитети на државата во функција.
Како што посочи тој, од страна на Грција, во рамките на овој механизам, веќе се дадени два противпожарни авиони канадери кои ќе бидат ставени во функција, како и два пешадиски тимови кои ќе ѝ помогнат на Македонија во гасењето на пожарите.
„Под контрола се ставени пожарите во Дојран, Николиќ, Паланка, Орман, Волково како и пожарот кај Самоков и Визбегово“, рече Тошковски.
Од 17:20 часот денеска сообраќајот кон Граничниот премин Блаце е повторно отворен, но само за патнички возила. Забраната за движење на товарни возила останува на сила.
Денеска во текот на денот сообраќајот кон граничниот премин кон Косово, како и самиот граничен премин беа затворени поради тоа што пожарот што деновиве гори во близина повторно се разгоре. Поради пожар, пак, на дива депонија во близина на Визбегово, попладнево неколку часа беше прекинат сообраќајот на скопската обиколница.
Пожарот кај Блаце избувна на 6 јули, но по два дена беше изгасен.
Центарoт за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека до 18 часот, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 се активни, а 4 се изгаснати. Од ЦУК велат дека ангажирани се припадници од Армијата, кои активно учествуваат во гаснењето на повеќе позиции.
Хеликоптер од рано утрово учествува во гаснењето на пожарот над селото Николич во околината на Дојран, а еден „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување се вклучи во гаснењето на пожарот над фабриката „Самоков“ во општина Македонски Брод.
Инаку, Владата прогласи кризна состојба и нареди формирање на кризен штаб од повеќе надлежни институции, со цел координирано и мобилизирано справување со пожарите.
Пожарите ја земаа првата жртва пред три денови кога во штала во близина на железничката станица „Ѓорче Петров“ која изгорела во пожар беше пронајдено тело на човек.
Мицкоски: Не сакам никој да ми спомнува дека бугарското малцинство било проблем

„Со овој срамен амандман светот виде со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век“, изјави денеска на вонредна прес конференција македонскиот премиер Христијан Мицкоски по изгласувањето на Извештајот за напредокот на Северна Македонија во кој со амандман беа избришани зборовите македонски јазик и идентите.
Тој посочи дека со тој амандман може комотно и на очиглед на сите, да и се каже на Европа дека вистината излегла на виделина.
Амандманите со кои се бараше да се отстрани македонскиот јазик и идентитет од европскиот Извештај за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година добија широка поддршка на пленарната седница на Европскиот Парламент.
Тие беа дел од петте амандмани кои беа изгласани на денешната пленарана седница на Европскиот парламент на кој беше изгласан Извештајот изготвен од известувачот, австрискиот европратеник Томас Вајц со 421 глас „за“ а 121 „против“.
На вонредната прес конференција од просториите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски истакна дека Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија, но не од сега, туку уште од 1990 година, со својата како што вели, јасна агенда да ги уништи македонската нација и идентитет.
„Не бевме наивни, ги знаевме односи во Унијата, ги знаевме трговските практики и начинот на одлучување. Знаеме дека во Унијата има неретко конфликт меѓу вредностите и прагматизмот на на политиката, трговијата со судбини. Сето ни беше совршено јасно, токму затоа потсетувам на признавањето на Бугарија во 90-тите како прв сосед“, изјави Мицкоски по повод гласањето на извештајот во ЕП.
Според премиерот, македонската историја е втемелана на неправди, која има корени во неодговорните македонски политичари.
„Најголемиот проблем за понижувањата низ нашата модерна историја тие имаа темели во разни структури и во корумпирани политичари и неодговорни лидери кои не водеа сметка за долгорочните цели и интереси на Македонија“, изјави Мицкоски.
Според него уставните измени не се проблем.
„Не сакам никого, никогаш и никој да ми споменува дека бугарското малцинство е проблем, тие неколку стотина луѓе кои се чувствувале како Бугари, дали биле во Уставот, или не биле не се никаков проблем. Уште утре можеме да ги внесеме, но суштината е многу подлабока од тоа. И тоа сосема јасно се виде по чекорите кои ги презеде нашиот источен сосед низ европските ходници. Ќе остане запишано дека европскиот извештај со македонски јазик и идентет помина на АФЕТ и денеска пред да се донесе оној срамен амандман се најде на маса пред сите европратеници, за прв пат во независна Македонија“, изјави Мицкоски.
Европскиот парламент денеска со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година. Пред гласањето по документот, беа усвоени амандманите предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кои се избришани делови од текстот во Извештајот каде се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“.
За Извештајот првично требаше да се гласа на 4 јуни, но, беше одложен поради интензивни политички притисоци од бугарските европратеници затоа што што на две места во предложениот текст се спомнуваше „македонскиот идентитет и јазик“.
Интерконекторот со Грција треба да донесе стабилно снабдување со гас

Денеска (9 јули) официјално беше означен почетокот на изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција која треба да чини 60 милиони евра. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека оваа стратешка инвестиција ќе ја направи земјава регионална енергетска крстосница, а тоа, како што рече, ќе значи повеќе извори на природен гас, повеќе стабилност и пониски трошоци.
„Ова не е само инвестиција во цевки и бетон, туку уште еден значаен влог во енергетската независност и стабилност на земјата, во нејзиниот целокупен економски развој и во нејзината просперитетна иднина. Преку реализацијата на овој проект, како и најавените поврзувања со гасоводните системи на останати наши соседи, стануваме значајна енергетска крстосница, што очекувам дека ќе донесе конкретни придобивки за целиот регион, а пред сè за македонските граѓани и домашната економија“, рече Мицкоски.
Премиерот информира дека со овој проект ќе бидат изградени 66,7 километри гасовод на македонска територија, со цевки со дијаметар од 700 милиметри. Почетниот капацитет е 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, кој што може да се зголеми и до 3 милијарди. Вкупната вредност на проектот е околу 3,7 милијарди денари, или околу 60 милиони евра.
Изградбата на интерконкторот, како што посочи амбасадорката на САД Анџела Агелер, е долгоочекуван проект кој демонстрира независност и ги зајакнува врските во однос на енергијата и економскиот развој.
„Стратешка ивестиција во безбедноста, просперитетот и суверентитет. Важно е да се направи енергетска диверзифкација. Важна е регионаната соработка партнерство. Како најголем производител на ЛНГ, САД сака нашиот гас да се пренесува преку овој гасовод наскоро. Сакаме да видиме економска сигурност и безедност и регионален развој што тој проток ќе го донесе за сите нас. Партнерствата со пријателите и соседите се докажува дека се многу повеќе од бирократски и политички маневри“, порача Агелер.
Изведувачот на работите, кумановската компанија „Рапид билд“ треба да ги заврши работите за 22 месеца, односно интерконкторот да биде готов во 2027 година.
Од грчка страна интерконекторот е со должина од 123 километри и е речиси готов.
По Додик, укинат притворот и на премиерот и на претседателот на Собранието на Република Српска

Судот на Босна и Херцеговина им го укина притворот на Радован Вишковиќ, премиер на Република Српска (РС) и на Ненад Стевандиќ, претседателот на Собранието на РС, објави Радио-телевизија на Република Српска.
Рочиштето се одржа во среда, 9 јули, на кое им беа изречени мерки на забрана, односно мерката за јавување кај надлежниот полициски орган на секои 14 дена, се додава во соопштението.
Пред неколку дена, оваа судска институција му го укина притворот на претседателот на РС, Милорад Додик.
Во март оваа година, Обвинителството на Босна и Херцеговина издаде налог за апсење на тројцата до судската полиција.
Во наредбата за апсење, тие се обвинети за сторено кривично дело „напад врз уставниот поредок“.
Наредбата е издадена на денот кога Народното собрание на РС требаше да го разгледа Нацрт-уставот на РС, со кој властите во РС планираат да го дефинираат тој ентитет во Босна и Херцеговина како држава на српскиот народ, да му дадат право на самоопределување, да формираат сопствена армија и да го укинат Советот на народите.
Кривичниот законик на Босна и Херцеговина предвидува казни до пет години затвор и забрана за вршење службени должности ако некој „нелегално се обиде да го промени уставниот поредок на БиХ или да ги собори нејзините највисоки институции“.
Во меѓувреме, Уставниот суд на Босна и Херцеговина донесе привремена мерка за непримена на Законот за посебен регистар и јавност на работата на непрофитните организации. Барањето го поднесе Кемал Адемовиќ, заменик-претседател на Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина.
Овој закон, кој беше усвоен од Собранието на РС, воведува строга контрола врз работата на граѓанскиот сектор во РС, моделирана според рускиот закон.
Додик рече дека законите ќе се применуваат и покрај оваа одлука.
Најновите закони наидоа на речиси целосна осуда низ целиот свет, од државниот секретар на САД, Марко Рубио, преку генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, до неколку странски амбасади во Босна и Херцеговина.
Топлотниот бран тројно го зголемил бројот на жртви во големите европски градови

Климатските промени речиси тројно го зголемиле бројот на смртни случаи поврзани со топлина во големите европски градови за време на екстремниот топлотен бран од крајот на јуни до почетокот на јули, покажува нова студија од истражувачи од Велика Британија, Данска, Холандија и Швајцарија.
Тие ги анализирале условите во 12 големи европски градови помеѓу 23 јуни и 2 јули. Според нивните проценки, околу 2300 лица починале од причини поврзани со топлина во овој десетдневен период, при што околу две третини од смртните случаи – приближно 1500 – се припишуваат на климатските промени, пренесува ДПА.
Температурите во многу градови достигнаа екстремни нивоа, често надминувајќи 40 степени Целзиусови.
Според студијата, без глобалното затоплување, кое ги зголемило дневните температури за дополнителни 1 до 4 степени Целзиусови, околу 800 лица би починале од топлина.
Истражувачите ги споредиле реалните температури забележани во градовите со моделирани вредности што би се случиле без климатски промени, пресметувајќи го очекуваниот број на смртни случаи за двете сценарија.
Топлотниот бран особено ги погоди ранливите групи, како лицата со хронични болести и постарите лица, при што 88 отсто од проценетите смртни случаи биле кај лица над 65 години.
Се шири пожарот во Визбегово, едно лице е повредено

Едно лице е повредено во пожарот што денеска (9 јули) избувна на дивата депонија во Визбегово. Во пожарот се зафатени хаварисани возила со плински боци поради што се слушаат детонации. Нема зафатено куќи.
Министерството за внатрешни работи потврди дека едно лице е повредено и пренесено за укажување лекарска помош.
„Денеска (09.07.2025) во 09.16 ч. во СВР Скопје е пријавено дека на отпад за старо железо ул. „Б. Буна“ во Скопје има пожар односно дека горат хаварисани возила, на кои имало монтирано плински уреди и се слушаат детонации од истите. До сега нема зафатено приватен имот – куќи. Се преземаат мерки за гасење на огнот и расчистување на случајот. До овој момент едно лице е повредено и е пренесено за укажување лекарска помош“, стои во информацијата од МВР.
Во гаснењето на пожарот покрај пожарникари и возила од Комунална хигиена, вклучени се и еден „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и еден хеликоптер.
Центарот за управаување со кризи (ЦУК) му укажа на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, доколку се процени дека има потреба, да го евакуира населението.
Пожарот избувна рано утрината, а во првичната изјава дадена за МИА командатот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје Звонко Томески информираше дека интервенираат со четири возила.
Густиот чад од пожарот се гледа од неколку страни на градот, а граѓаните споделуваат слики и видео на социјалните мрежи.
Тројца мажи поврзани со руската група Вагнер осудени за подметнување пожар во Лондон

Британска порота осуди тројца мажи за подметнување пожар во магацин во Лондон каде што била складирана опрема наменета за Украина, во заговор за кој обвинителите велат дека бил организиран од оперативци поврзани со руската платеничка компанија „Вагнер“.
Пресудата, донесена на 8 јули, беше најновата во серијата што го истакна она што западните разузнавачки претставници го нарекуваат тајна кампања на руски разузнавачки оперативци кои вработуваат луѓе за да вршат саботажи или надзор.
Обвинителите изјавија дека тројцата мажи - 23-годишниот Нии Менса, 23-годишниот Џаким Роуз и 20-годишниот Угниус Асмена биле осудени за пожарот во март 2024 година во магацин во сопственост на Украинец во источен Лондон.
Складиштето се користело за складирање на генератори и сателитска опрема на StarLink, што било клучно за помагање на украинските сили на фронтот.
Официјалните лица изјавија дека тројцата биле регрутирани од двајца други мажи, 20-годишниот Дилан Ерл и 23-годишниот Џејк Ривс.
Според обвинителите, Ерл и Ривс кои претходно се изјаснија за виновни по поврзани обвиненија - биле контактирани и регрутирани да го извршат палењето од страна на оперативци на „Вагнер груп“, која е најпознатата приватна воена компанија во Русија.
Истражителите рекоа дека Ерл контактирал со руските разузнавачки оперативци преку Телеграм, канал што го користел Вагнер и им понудил да извршуваат работни места или задачи.
Ерл и Ривс потоа наводно регрутирале уште тројца да го нападнат магацинот, иако не знаеле дека работат во име на Вагнер, изјавија британски официјални лица.
Операциите и угледот на „Вагнер“ делумно се намалија откако нејзиниот основач, Евгениј Пригожин, загина во мистериозна авионска несреќа во август 2023 година, два месеци откако предводеше неуспешен бунт против Кремљ. Компанијата беше во голема мера распуштена, а многу од нејзините единици беа интегрирани од Министерството за одбрана и други безбедносни агенции.
Други комерцијални субјекти поврзани со Пригожин или Вагнер продолжуваат да работат во Африка и на други места. Официјалните лица изјавија дека Ерл и Ривс, исто така, се изјасниле за виновни по обвиненијата поврзани со посебен заговор за киднапирање на Русин, кој е отворен критичар на Кремљ и палење на добро познат ресторан што го поседува во луксузниот лондонски кварт Мејфер.
Евгениј Чичваркин, беше сопственик на руска компанија за мобилна телефонија кој избега во Велика Британија во 2009 година, поради серија руски кривични истраги против него. Подоцна, тој стана гласен критичар на владата на претседателот Владимир Путин.
Украина тврди дека Русија го извршила најголемиот напад со ракети и дронови досега

Киев објави дека Русија го извршила најголемиот ракетен и беспилотен напад во нејзината повеќе од тригодишна инвазија на Украина, погодувајќи претежно западни региони.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија нападнала со 728 дронови и 13 ракети, додавајќи дека украинските системи за противвоздушна одбрана пресретнале 711 дронови и уништиле најмалку седум ракети, објави АФП.
„Ова е симболичен напад, кој се случи во време кога се вложуваат толку многу напори за постигнување мир, за постигнување прекин на огнот. Но, само Русија продолжува да ги поткопува“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи.
Тој ги повика сојузниците да ги заострат санкциите кон Русија, особено нејзиниот енергетски сектор, клучен извор на приходи за воената каса на Русија.
„Нашите партнери знаат како да извршат притисок на начин што ќе ја принуди Русија да размислува за завршување на војната, а не за извршување нови напади“, додаде Зеленски.
Префектот на западниот град Луцк, Игор Полишчук, изјави дека пожарите избувнале во „претпријатие“ и дека нема пријавено мртви или повредени лица.
Најновиот напад го надмина претходниот руски рекорд од 550 дронови и ракети лансирани претходно овој месец.
„Русија го изврши овој напад откако Соединетите Држави јавно изјавија дека ќе не снабдат со оружје“, изјави на социјалните мрежи шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Ова се случи откако Соединетите Држави го променија својот став за намалување на испораките на оружје за Украина.
Кошта: Ја зајакнавме европската одбрана, но потребно е многу повеќе

Постигнавме значаен напредок во зајакнувањето на одбраната, но можеме и мораме да направиме уште многу повеќе, дејствувајќи заедно како Европејци, порача денеска (9 јуни) претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето на дебатата во Европарламентот посветена на резултатите од јунскиот Самит на ЕУ.
„Руската инвазија на Украина беше повик за будење за Европа. Таа покажа дека мирот без одбрана е илузија. НАТО е неопходен. Но, Европската Унија има јасна додадена вредност, всушност има фундаментална улога и е подготвена да преземе поголема одговорност“, истакна Кошта.
Тој потенцира дека во вакви услови ЕУ им овозможи на земјите членки поголем фискален простор и средства за одбранбени трошоци, го подобрува трошењето, преку стандардизација и заеднички набавки и ги поттикна истражувањето и иновациите за одбрана.
Според него, заедно со зголеменото и подобреното трошење, ЕУ треба да работи и на имплементирање на заеднички одбранбен систем, инвестирајќи во стратешки капацитети како што се противвоздушната одбрана, поморската безбедност, Вселена или кибер просторот.
„Не зборувам за Европска армија. Зборувам за заеднички добра управувани од нашите национални армии, според заеднички план. Поминаа деновите на залудни дискусии за улогите на ЕУ и НАТО во градењето на „Европа на одбраната“. Сега е јасно дека зајакнувањето на европската одбрана е најдобриот начин за зачувување на стабилен трансатлантски сојуз“, рече Кошта.
Тој додаде дека паралелно со зголемување на безбедноста и одбраната на Европа, ЕУ работи и на зајакнување на нејзината конкурентност, со цел привлекување повеќе инвестиции, создавање подобри работни места, зацврстување на економската отпорност и поддршка на европскиот социјален модел.
Според него, за постигнување на овие цели, ЕУ мора да работи на воспоставување на трговски партнерства низ целиот свет, со што ќе се обезбедат иновациите, просперитет, квалитетни работни места и привлекување стручен кадар.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете