Достапни линкови

Спортскиот терен - политичка преизборна арена со националистички скандирања


Навивачи на фудбалскиот клуб Шкендија скандираат „Илирида“ и Голема Албанија“ на меѓународен натпревар со Карабах во Скопје, 5 Август 2025
Навивачи на фудбалскиот клуб Шкендија скандираат „Илирида“ и Голема Албанија“ на меѓународен натпревар со Карабах во Скопје, 5 Август 2025

Пракса станува пред избори спортските трибини да се користат за политички битки со етнички предзнак, велат аналитичари за РСЕ. Според нив, на политичките партии полесно им е да дебатираат за говор на омраза отколку за спроведени локални проекти.

Во само една недела, на два различни спортски меѓународни натпревара, еден кошаркарски и еден фудбалски, на кои присуствуваа високи политички функционери одекнаа етнички скандирања од трибините исполнети со говор на омраза. Повици за осуда пристигнаа од домашните политички елити, но и од регионалните.

По скандирањата на кошаркарски натпревар во Куманово, на 2 август, каде навивачите скандираа погрдни и навредливи зборови за Албанците, нов инцидент на фудбалски терен се случи на натпреварот меѓу фудбалскиот клуб Шкендија од Скопје и Карабах од Азербејџан на 5 август, каде навивачи на Шкендија скандираа „Илирида“ и „Голема Албанија“.

Спортскиот терен како огледало на општеството во пресрет на избори станува чувствителна зона, велат аналитичарите.

Професорот Иван Атанасовски од Факултетот за физичко образование вели дека тоа стана пракса во земјава пред избори.

„Не говорам за спортската атмосфера, оти таа е нормално да е вжештена секогаш, оти спортот е ривалство. Политичката атмосфера која се пренесува на спортските трибини и притоа на некој начин, политичките партии имаат сериозен интерес да ги инволвираат навивачките групи да се скандираат пораки кои воопшто немаат спортска содржина или спортски жаргон, туку напротив да се скандираат пораки кои имаат политичка или националистичка реторика“, вели тој.

Со ваквиот став се согласува и политичкиот аналитичар Џелал Незири кој смета дека пред секои избори „на маса се приложува картата национализам“ со кои политичките партии во битката по поголем број на гласови не избираат средства.

„Етнонационализмот кај нас секогаш предизвикува и реакции, но тие реакции потоа може и да предизвикуваат и конкретни инциденти. Сето тоа мислам дека е во полза на политички партии, на политички центри на моќ коишто калкулираат за локалните избори, не само колку општини ќе добијат, туку и можеби за наредни чекори. Можеби тоа ќе биде основа за нивните наредни стратегии и сето ова е во рамки на една предвреме почната кампања“, вели Незири.

Анастасовски додава дека таквите „негативни пораки“ од спортските трибини најчесто се пренесуваат на меѓународни натпревари, кога интересот на јавноста е поголем.

„Со тоа вие не испраќате спортски жаргон или не го подигате адреналинот кај спортистите на што навистина им треба за да тие постигнат резултат“, објаснува Анатанасовски.

Незири додава дека во пресрет на локалните избори, на политичките партии полесно им е да се дебатира во јавноста за етнички говор на омраза отколку за спроведените локални проекти како недостиг на канализација, паркинг простор или асфалтирани улици.

„Овие извици станаа химни на спортските клубови, не верувам дека се директно поттикнати, но една таква атмосфера како таа на фудбалскиот натпревар Шкендија против Карабах им годи на партиите, сите лидери на партиите беа на трибините, и од власта и од опозицијата. Додека на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија, беа присутни владини функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Нивниот молк заличи повеќе на организирана претстава отколку на спонтана“, изјави Незири.

Хелсиншки комитет : Етничките скандирања потикнуваат меѓуетеничка поделба

Од Хелсиншкиот комитет реагираа дека етничките пораки се далеку од манифестирање на спортски дух и придонесуваат за поттикнување меѓуетнички поделби, ја нарушуваат меѓуетничката кохезија, а имаат потенцијал да предизвика и злосторства од омраза.

„Дополнително загрижувачки е фактот што ваквите извици не доаѓале само од навивачката група „Балисти“, туку биле извикувани од дел од публиката и тоа во присуство на високи државни функционери“, се вели во рекацијата на Хелсиншкиот комитет.

Фудбалскиот натпревар го следеа владини функционери вицепремиерот Изет Меџити, претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за економија Бесар Дурмиши, но и опозиционерите Али Ахмети и Арбен Таравари.

Премиерот Христијан Мицкоски и други функционери на кошаркарски натпревар во Куманово, Северна Македонија
Премиерот Христијан Мицкоски и други функционери на кошаркарски натпревар во Куманово, Северна Македонија

Додека во публиката на кошаркарскиот натпревар во Куманово меѓу македонската и романската репрезентација на 2 август беа присутни премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кои следниот ден ги осудија навредливите скандирања.

Сиљановска - Давкова : Сеопштата осуда на навивачкиот примитивизам

По меѓународниот натпревар меѓу фудбалските клубови Шкендија и Карабах, со реакција во јавноста доцна синоќа се огласи претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Таа во објава на Фејсбук на 7 август, насловена како „Ненаучена лекција“ испрати порака за сеопштата осуда на навивачкиот примитивизам.

„Просветителски звучеа апелите за ставање крај на националистичките и шовинистички повици од трибините. Но, вчерашните сцени од меѓународниот натпревар Шкендија – Карабах беа реприза на кумановската трагична приказна. Хипокризија и цинизам е селективното реагирање на неспортскиот вандализам“, напиша Давкова.

Претходно претседателката реагираше и на скандирањата на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово во саботата, посочувајќи дека е неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза и навредување.

Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА остро го осуди и отвори истрага за ксенофобичното скандирање против Албанците на кошаркарскиот напревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Романија што се одржа на 2 август во Куманово.

„Ова е тема која за ФИБА е од највисока важност. Ве известуваме дека настаните на кои се повикувате во моментов се предмет на отворена истрага од страна на FIBA“, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа.

Во меѓувреме Основниот кривичен суд донесе пресуда со која на условна казна од две години осуди германски државјанин за предизвикување на омраза на фудбалски натпревар. Оваа пресуда е донесена откако Министерството за внатрешни работи изврши идентификација и поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство кое по итна постапка покренало обвинение.

„Против него беше поднесено обвинение, бидејќи на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“, со истакнување и веење знаме на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. Тоа го забележале полициски службеници, кои го лишиле од слобода“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.

Во него е наведено дека врз основа на обезбедените докази Основниот кривичен суд Скопје изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и го осуди на условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во следните 5 години.

Претходно Министерството за внатрешни работи велат дека врз основа на снимениот и документиран материјал полицијата презема мерки во координација со јавен обвинител.

„До Обвинителството е доставено писмено известување врз основа на веќе утврдениот материјал, по што МВР ќе постапува согласно своите надлежности во координација со ОЈО и за какви било утврдени законски прекршувања ќе следуваат соодветни поднесоци, за што јавноста благовремено ќе биде информирана“, соопшти МВР

И од обвинителството велат дека се работи заедно со другите државни органи за расветлување на случајот.

Во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 2 август во Спортската сала во Куманово, во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор. Едно лице е приведено и против него ќе следи соодветен поднесок.

Во тек е истрага на МВР и за инцидентите на фудбалскиот натпревар Шкендија - Карабах кој се одржа на 5 август на арената Тодор Проески во Скопје.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG