Вести
Половина милион штрајкувачи во Велика Британија бараат повисоки плати поради инфлацијата

Во Британија денеска се одржува најголемиот штрајк во последната деценија, а околу половина милион луѓе штрајкуваат поради платите, работните места и условите за работа. Во штрајкот се вклучени членови на седум синдикат, а од протестот се погодени училиштата, универзитетите, возовите и автобусите. Штрајкуваат повеќе од 100.000 членови на синдикатот за јавни и комерцијални услуги (ПЦС), вклучувајќи го и персоналот на граничните служби на пристаништата и аеродромите.
Во меѓувреме, Конгресот на синдикатите (ТУЦ) е фрустриран од контроверзните планови на владата за нов закон за минимално ниво на услуги за време на штрајкови. Петицијата против законот, потпишана од повеќе од 200.000 граѓани, ќе биде доставена до кабинетот на премиерот. Генералниот секретар на ТУЦ, Пол Новак, изрази надеж дека денешните протести и штрајкови ќе испратат силна порака до владата за зголеменото незадоволство меѓу работниците.
види ги сите денешни вести
Русија вели дека украински дронови нападнале центар за обука во нуклеарната централа Запорожје

Украински беспилотни летала нападнаа центар за обука во нуклеарната централа Запорожје на 11 септември, соопшти администрацијата на нуклеарната централа во Украина, инсталирана во Москва, јави агенцијата Ројтерс.
Нема жртви, а информациите за потенцијална штета се утврдуваат, соопшти администрацијата на централата.
Ројтерс не можеше независно да го потврди ова тврдење.
Руските сили ја зазедоа централата Запорожје во првите недели од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
И едната и другата страна меѓусебно се обвинуваат за пукање или преземање други дејствија што би можеле да предизвикаат нуклеарна несреќа.
Ирска се закани дека ќе се повлече од Евровизија ако учествува Израел

Ирската државна телевизија РТЕ објави дека нема да учествува на евровизискиот натпревар во 2026 година „доколку Израел учествува“.
РТЕ наведува дека учеството на Ирска на таков настан би било „неприфатливо со оглед на континуираните и ужасни загуби на животи во Газа“.
Ирска досега го освои ова музичко натпреварување седум пати - последниот пат беше во 1996 година.
РТЕ ќе ја донесе конечната одлука откако Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која е организатор на Евровизија, ќе го презентира својот став.
Евровизијата ќе се одржи следната година во мај во Виена.
Радиотелевизија на Словенија, исто така, најави повлекување од натпреварот ако Израел учествува.
Шпанскиот министер за култура, Ернест Уртасун, изјави дека и Шпанија можеби нема да учествува доколку Израел е на натпреварот.
„RTE е длабоко загрижена за убиството на новинари во Газа, одбивањето на пристап на меѓународни новинари на територијата и ужасната состојба на преостанатите заложници“, соопшти ирскиот јавен радиодифузер.
Пред овогодинешниот евровизиски натпревар во мај, РТЕ побара од ЕБУ да расправа за учеството на Израел во натпреварот.
Во тоа време, генералниот директор на RTE, Кевин Бакхарст, изјави дека е „ужаснат од настаните на Блискиот Исток и ужасните последици за цивилите во Газа, како и од судбината на израелските заложници“.
Повеќе од 70 поранешни учесници на Евровизија потпишаа писмо претходно оваа година со кое ги повикуваат организаторите да го исклучат Израел од натпреварот во 2025 година.
Владата на Србија донесе одлука да ја зголеми минималната плата од 404 евра на 551 евро

Владата на Србија донесе одлука за зголемување на минималната плата на 64.554 динари (551 евро) од 1 јануари 2026 година, соопшти владината прес-служба по седницата на 11 септември.
Во однос на минималната плата во 2024 година, која изнесуваше 404 евра, ова би било зголемување од 36 отсто.
Во претходните денови, преговори за зголемување на минималната цена на трудот водеа претставници на Владата на Србија, репрезентативните синдикати, Обединетиот грански синдикат „Независност“, Сојузот на независни синдикати на Србија и Синдикатот на работодавачи.
Предлогот на владата беше минималната плата од 1 јануари 2026 година да изнесува 550 евра, синдикатите бараа 600 евра, додека работодавачите се залагаа истата да не биде повисока од 500 евра.
На последниот состанок, одржан на 9 септември, не беше постигнат договор за процентот на зголемување, па Владата ја донесе конечната одлука два дена подоцна.
Новиот минимум е за 75 евра повисок од минималната потрошувачка кошничка пресметана за месец мај, што се најновите податоци објавени на интернет страницата на Министерството за внатрешна и надворешна трговија на Србија.
На почетокот на септември, Владата на Србија ги ограничи маржите на трговските синџири за околу 3.000 производи со цел да се ублажи влијанието врз зголемувањето на цените, првенствено на храната, врз семејниот буџет на српските граѓани.
Експертите, сепак, го оценија тој потег како маркетиншки трик без значајни и долгорочни ефекти врз куповната моќ на населението.
Ихар Лосик, новинар на Радио Слободна Европа, ослободен по повеќе од 5 години брутален затвор во Белорусија

Ихар Лосик, новинар на Радио Слободна Европа (РСЕ), е ослободен по повеќе од пет години брутален затвор во Белорусија по измислени обвиненија, во рамки на најновото ослободување политички затвореници во услови на затоплени односите меѓу Минск и Соединетите Американски Држави (САД).
Лосик пристигна во соседна Литванија на 11 септември заедно со уште 51 лице, неколку часа откако го напушти затворот во северна Белорусија.
„Неизмерно сме му благодарни на претседателот [Доналд] Трамп за обезбеденото ослободување на уште еден храбар новинар на РСЕ/РС, неправедно приведен од белоруските власти“, изјави Стив Капус, претседател и извршен директор на РСЕ/РС од Вилнус, главниот град на Литванија.
Капус ја пофали улогата што ја одиграа американскиот државен секретар Марко Рубио, заменик-специјалниот претставник Џон Коул, литванската влада и заедницата за слобода на печатот за „нивната доследна поддршка на затворените новинари на РСЕ/РЛ“.
„Ихар ужасно страдаше затоа што беше новинар кој работеше за РСЕ/РЛ. Оваа фаза од неговото мачно и целосно неправедно искушение, кое се протегаше повеќе од пет години, конечно заврши“, додаде Капус.
Лосик(33 години) беше осуден на 15 години затвор во декември 2021 година за „организирање масовни немири, учество во масовни нереди, поттикнување социјална омраза“ и неколку други неодредени обвиненија поврзани со немирите што следеа по спорните претседателски избори во Белорусија во август 2020 година.
Меѓу ослободените е и Алена Цимашчук, која работеше во седиштето на РСЕ/РЛ во Прага во рамки на стипендијата за новинарство „Вацлав Хавел“.
Таа беше уапсена во септември 2023 година под обвинение за екстремизам и беше осудена на пет години затвор, одлука што предизвика критики од застапниците на слободата на медиумите.
„Алена е млада жена на почетокот на нејзината кариера на која ѝ се украдени две години од животот“, рече Капус.
Лосик, РСЕ/РС и западните влади постојано повторуваа дека обвиненијата се политички мотивирани.
Тој беше суден заедно со популарниот блогер и потенцијален противник на Лукашенко, Сјархеј Цихануски, кој изгледаше подготвен да му се спротивстави на претседателот.
Цихануски беше ослободен од затвор во јуни заедно со 13 други затвореници - вклучувајќи уште еден поранешен новинар на РСЕ/РС, Ихар Карнеи.
Ослободувањето на Лосик следуваше по помалку од еден месец откако Трамп му се јави на авторитарниот лидер Александар Лукашенко - првпат актуелен претседател директно му се јави на белорускиот лидер во текот на неговите 31 години на власт - за да му се заблагодари за ослободувањето на затворениците во јуни.
Трамп го опиша повикот како „многу добар“, додека рече дека било разговарано за ослободување на дополнителни затвореници. Во февруари беше ослободен Андреј Кузнечик, друг новинар од Белоруската служба на РСЕ/РЛ, откако беше задржан повеќе од три години за слични обвиненија.
Во повеќе од петте години откако беше првпат приведен, Лосик, кој работеше за Белоруската служба на РСЕ/РЛ, локално позната како Радио Свабода, издржа изолација и значителни физички и психолошки притисоци.
За Лосик не се слушна ништо околу две години, освен една парада пред камера во пропагандна програма на белоруската државна телевизија во јануари, во која беа обвинети затворените новинари на Радио Слободна Европа за „обид за запалување на Белорусија“.
Во 2020 година, десетици илјади луѓе излегоа на улиците за да протестираат против резултатот од претседателските избори, кои меѓународните набљудувачи ги сметаа за наместени. Белоруските безбедносни сили одговорија со брутална репресија, апсејќи над 30.000 луѓе, од кои многумина пријавија тортура и малтретирање додека беа во притвор.
Репресијата ги натера повеќето опозициски политичари да ја напуштат Белорусија плашејќи се за својата безбедност и слобода.
Многу западни влади одбија да ги признаат резултатите од изборите во 2020 година и не го сметаат Лукашенко за легитимен лидер на земјата.
Лосик го помина поголемиот дел од затворот во колонијата Наваполатск, каде што, година и пол, администрацијата не му дозволи каква било комуникација со неговото семејство и пристап до пакети за нега.
Според исказите на поранешни затвореници, Ихар често бил казнуван со сместување во казнена ќелија.
Сите четворица адвокати на одбраната на Ихар Лосик или ја напуштија земјата или им беа одземени лиценците.
Семејството на мета
Дарја Лосик, сопругата на Ихар, беше осудена на две години затвор во јануари 2023 година под обвинение за олеснување на екстремистички активности. Таа беше ослободена со амнестија во јули 2024 година.
Во меѓувреме, неговиот помлад брат избега од Белорусија во јули откако беше осуден на три години за „екстремистички активности“ за испраќање фотографии од руска воена опрема до каналот на Телеграм „Беларуски Хаџун“.
Околу 1.200 политички затвореници сè уште се наоѓаат зад решетки во земјата, вклучувајќи ја и Марија Калесникава, една од најистакнатите политички лидерки во Белорусија.
Калесникава, осудена на 11 години затвор откако се спротивстави на присилната депортација и ги предводеше опозициските напори против Лукашенко, беше клучен лидер на кампањата на Свјатлана Циханускаја кога таа ја започна кампањата за соборување на белорускиот лидер откако Цихануски, нејзиниот сопруг, беше затворен.
Ослободувањето на затворениците на 11 септември вклучуваше 14 странци - шест Литванци, двајца Летонци, двајца Полјаци, двајца Германци, еден француски државјанин и еден британски државјанин, според прес-службата на белоруското претседателство.
Фицо ја условува поддршката за ЕУ за санкции против Русија

Словачка не може да ги поддржи новите санкции на Европската Унија(ЕУ) против Русија сè додека не добие предлози од Унијата што ќе ги усогласат климатските цели со потребите на производителите на автомобили и на тешката индустрија, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо.
Фицо побара и мерки за решавање на цените на електричната енергија во ЕУ.
Тој исто така привремено го блокираше претходниот пакет санкции, барајќи гаранции против можни загуби поради посебен план на ЕУ за целосно прекинување на увозот на руски гас и нафта до 2028 година.
„Уште колку пакети санкции треба да усвоиме за да го промениме пристапот на Русија кон војната?“, рече Фицо.
Унијата дебатира за 19 пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Дипломати на ЕУ изјавија дека новиот пакет веројатно ќе вклучи дополнителни кинески компании, руски банки и бродови од „флотата во сенка“ што ги избегнува санкциите, како и забрана за трансакции со руска нафта.
Фицо, кој се дистанцира од европските сојузници поради неговиот проруски став и се сретна со рускиот претседател Владимир Путин три пати од минатата година, долго време тврди дека санкциите не функционираат.
Западот воведе десетици илјади санкции врз Русија поради војната во Украина како и поради руската анексија на Крим во 2014 година, со цел да ја ослаби руската економија.
Владата на Словенија му забрани влез на Додик

Владата на Република Словенија му забрани влез на Милорад Додик. Причината не беше објавена, но беше кажано дека станува збор за „тајна“.
Ова го објави вицепремиерот на Словенија, Матеј Арчон, по владината седница.
Додик повеќе не е претседател на босанскиот ентитет Република Српска (РС), по пресудата на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) со која му беше одземен мандатот.
На почетокот на август, Додик беше законски осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции во Босна и Херцеговина поради непочитување на одлуките на Кристијан Шмит, висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина.
Од април, на Додик му е забранет влез во Австрија и Германија поради сецесионистички потези и поткопување на Дејтонскиот мировен договор.
Постапки за забрана за влез за Додик покренаа Полска и Естонија.
Кон средината на јули, членовите на Европскиот парламент, исто така, побараа воведување санкции во Извештајот на Европската комисија за напредокот на БиХ, поради „реторика на поделба и сецесионистичка политика“.
Досега, Европската Унија не можеше да се согласи за санкции против Додик, поради противењето на унгарскиот лидер Виктор Орбан.
Додик, заедно со неколку други функционери од РС, е на американската „црна листа“ од минатата година поради поткопување на Дејтонскиот договор и загрозување на интегритетот на Босна и Херцеговина. Санкциите беа воведени откако парламентот на РС усвои закони со кои се отфрлаат одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и на високиот претставник.
Шведска вети уште 7,5 милијарди долари воена поддршка за Украина

Шведска планира уште 70 милијарди круни (7,47 милијарди долари) за воена поддршка на Украина во текот на следните две години, изјави шведскиот министерот за одбрана Пал Џонсон, јави агенцијата Ројтерс.
Голем дел од трошоците ќе бидат распределени преку набавки управувани од шведската агенција за одбранбен материјал, на пример дополнителни артилериски системи „Арчер“, тип што веќе го користат украинските трупи во војната со Русија.
Џонсон на прес-конференција рече и дека, по сомневањето за упад со руски беспилотни летала во Полска на 10 септември, Шведска се солидаризирала со Полска и е подготвена да придонесе со воени средства доколку тоа ѝ е потребно на земјата.
Полска, поддржана од авиони од сојузниците на НАТО, на 10 септември собори неколку сомнителни руски беспилотни летала во својот воздушен простор.
Москва негираше одговорност за инцидентот, а висок дипломат во Полска рече дека беспилотните летала дошле од правец на Украина. Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините беспилотни летала извршиле голем напад врз воени објекти во западна Украина, но не планирале да погодат никакви цели во Полска.
Британскиот амбасадор во САД разрешен поради поврзаност со Епштајн

Британскиот амбасадор во Соединетите Држави, Питер Манделсон, е разрешен поради неговите врски со покојниот американски сексуален престапник Џефри Епштајн, објави британското Министерство за надворешни работи во четврток (11 септември), само неколку дена пред официјалната посета на Доналд Трамп на Лондон.
Електронската пошта помеѓу 71-годишниот ветеран од Лабуристичката партија и американскиот финансиер кој, како осомничен за сексуална експлоатација на, претежно девојчиња, почина во притвор под сомнителни околности, беа откриени оваа недела, пишува АФП.
Овие е-пораки „покажуваат дека длабочината и ширината на односот на Манделсон со Епштајн значително се разликуваат од она што беше познато во времето на назначувањето“ на амбасадорот, соопшти Министерството за надворешни работи.
„Во светлината на ова, и од почит кон жртвите на злосторствата на Епштајн, тој е отстранет од позицијата како амбасадор, со непосреден ефект“, се вели во соопштението.
Во САД се води политичка и правна битка околу поврзаноста на Трамп и други со трговијата со сексуални услуги, делумно со деца, што беше бизнис на финансиерот и филмски продуцент Епштајн (1953 - 2019), популарен во високите кругови.
Трамп негира постоење на список на клиенти на Епштајн, додека други тврдат дека властите го имаат и мора да го објават за да може истрагата да продолжи.
Германија ги оцени изјавите на Додик како навредливи и неприфатливи

Говорот на Милорад Додик во Москва на 9 септември повторно содржи неприфатливи и навредливи историски споредби. Ова е наведено во соопштението за медиумите на германската амбасада во Босна и Херцеговина на 11 септември, по средбата меѓу Додик и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва.
Додик поголемиот дел од своето обраќање до медиумите му го посвети на високиот претставник Кристијан Шмит.
„Високите претставници разрешија над 900 избрани претставници во Босна и Херцеговина, од кои две третини од Република Српска. Република Српска остана посветена на „буквата“ од Дејтонскиот договор, додека Западот го користеше таканаречениот дух на договорот. Со години имаме неименуван странец по име Шмит преку кого тие наметнуваат одлуки“, рече Додик.
Од Германската амбасада ги повикаа „сите во Босна и Херцеговина да се дистанцираат од овој начин на изразување на г-дин Додик и да соработуваат со Меѓународната заедница на пристоен начин“.
Амбасадата потсетува дека високиот претставник Шмит беше номиниран од Германија, а избран од Управниот комитет на Советот за спроведување на мирот во целосна согласност со меѓународното право и релевантните резолуции на Советот за безбедност на ООН, почнувајќи од Резолуцијата 1031 (1995).
„Како последен орган за донесување обврзувачки одлуки за потребните мерки за спроведување на Дејтонскиот мировен договор, неговите овластувања произлегуваат од Анекс 10 од Општиот рамковен договор за мир (GFAP) и редовно се потврдуваат од Советот за безбедност на ООН од 1998 година, вклучително и Резолуцијата 1144. Уставниот суд на Босна и Херцеговина, исто така, експлицитно ги призна овластувањата на високиот претставник“, се вели во соопштението на Амбасадата.
Инаку, на средбата во Москва, Лавров и Додик, ги повторија своите претходни ставови дека „комплицираните односи во Босна и Херцеговина се резултат на грубо мешање на Западот во внатрешните работи на Босна и Херцеговина“.
Заврши постапката по јавниот тендер за трет мобилен оператор, конечната одлука по изборите

Агенцијата за електронски комуникации објави дека заврши постапката по јавниот тендер за доделување радиофрекфенции за трет мрежен оператор во државава, на кој што единствен понудувач е „Оне Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор-ај-џи“.
По одлуката за завршување на постапката директорот на АЕК, по завршување на Локалните избори закажани за 19. следниот месец, треба да донесе одлука за избор на најповолен понудувач.
„По јавното отворање на понуди на 22 август, Комисијата за спроведување на јавен тендер со јавно наддавање изготви извештај со соодветен предлог со директорот на АЕК. Согласно Законот за електронски комуникации во рок од три дена од приемот на извештајот директорот носи одлука за завршување на постапката по јавен тендер со јавно нададвање. Следен чекор е по завршување на изборниот процес директорот да донесе одлука за избор на најповолен понудувач“, информираа за МИА од АЕК.
Потенцијалниот нов мобилен оператор во земјава, според условите од тенедерот, треба да почне со работа на крајот на 2026 година.
Писмото со намери за влез на македонскиот телекомуникациски пазар кое на 6 август лани го испрати унгарската компанија „4IG“ прерасна во Меморандум за разбирање, на кој заеднички потпис на 2 септември 2024 ставија претседателот на групацијата Гелерт Жасзаи и министерот за транспорт и врски Александар Николовски.
Од унгарската групација, лани за Радио Слободна Европа, за меморандумот соопштија дека е првиот чекор од можна долгорочна соработка.
„Всушност, тоа покажува заемна посветеност „4iG“ да влезе на македонскиот пазар. Групацијата „4iG“ е присутна во Албанија и Црна Гора со брендот ОНЕ и е дел од долгорочната деловна стратегија за проширување на мрежата во регионот. Значи, Македонија е една од пресвртниците во оваа експанзија“, одговорија од „4IG“ за РСЕ.
Ви минатото, опозицискиот СДСМ предупредуваше на можна опасност од влезот на унгарскиот „4IG“ на македонскиот телекомуникациски пазар поради соработката со кинески „Хуавеи“.
Во октомври 2020 година, владите на Соединетите Држави (САД) и Северна Македонија потпишаа потпишаа Меморандум за разбирање и за безбедност на 5Г технологијата. Со меморандумот, Северна Македонија се обврза дека нема да користи 5Г технологија од „непроверени и некредиблни“ производители, меѓу кои спаѓаат кинеските „Хуавеи“ и „ЗТЕ“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете