Достапни линкови

Вести

Русите напредуваат кон исток, Украинците го бранат Бахмут

Локалните жители стојат во близина на запалена зграда по руски воен напад во градот Касив Јар, регионот Донецк, Украина, на 28 февруари 2023 година
Локалните жители стојат во близина на запалена зграда по руски воен напад во градот Касив Јар, регионот Донецк, Украина, на 28 февруари 2023 година

Украинските сили и денеска успеваат да ги задржат своите позиции во разурнатиот источен град Бахмут. Градот е под постојан напад на руските војници кои сакаат да ја постигнат својата прва голема победа по повеќе од половина година.

Самиот Бахмут беше уништен, а таму живеат само неколку илјади од неговото цивилно население кое пред војната броеше 70 000.

Руските трупи, потпомогнати од стотици илјади резервисти повикани минатата година, напредуваат северно и јужно од градот, обидувајќи се да ги пресечат преостанатите правци кон запад што ги користи украинскиот гарнизон.

Москва, која загуби територија во втората половина на 2022 година, вели дека преземањето на Бахмут би било чекор кон заземање на остатокот од околниот регион Донбас, што е сега главната цел на Москва.

Киев вели дека градот има ограничена стратешка вредност, но е решен да го држи што е можно подолго за да ги истроши руските сили.

„Порано или подоцна, веројатно ќе треба да го напуштиме Бахмут. Нема смисла да се држиме за него по секоја цена“, рече членот на украинскиот парламент Серхи Рахманин доцна синоќа.

Во текот на ноќта руски ракети паднале во петкатница во градот Запорожје на југот на земјата, а средината на зградата се урнала. Полицијата соопшти дека загинале најмалку три лица, четворица се ранети, а 11 се спасени.

Меѓународен тим на истражители за воени злосторства во четвртокот изјави дека Русија финансирала и управувала со мрежа од најмалку 20 објекти за мачење за време на нејзината осуммесечна окупација на Херсон, која минатата година беше вратена од украинските сили.

Целта на Русија беше „да ги потчини, превоспита или убие украинските граѓански лидери и дисиденти“, соопшти тимот.

Москва негираше дека злоупотребувала цивили на окупираните територии и намерно ги таргетирала во нападите. Кремљ не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

види ги сите денешни вести

Седум активни пожари, четири под контрола и 27 изгаснати

илустрација
илустрација

До 7:30 часот денеска (11 јули) има вкупно 38 пожари на отворен простор низ државава, од кои седум се активни, четири се под контрола и изгаснати се 27 пожари.

Како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни се пожарите во: Општина Чучер Сандево - помеѓу селата. Блаце и Горњани, место викано Рамна шума (шумски пожар); Општина Прилеп - село Бешиште, место викано Бешишки Рид (приземен во мешана шума); Општина Македонски Брод - помеѓу селата Црешнево и Локвица (деградирана дабова шума и грмушки); Општина Македонски Брод - село Крапа (нискостеблеста шума); Општина Дојран: село Николиќ (нискостеблеста шума); Општина Чашка - под Солунска Глава, помеѓу Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (само чад, карпест терен) и во Општина Тетово: кај бензинска пумпа „Окта Петрол“ (нива).

Од четирите пожари што се ставени под контрола, три се на територијата на Општина Македонски Брод: село Рамне – село Ковче (ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков); село Слатина (мешана шума); и Слатина (нискостеблеста мешана шума), како и во Општина Делчево - Градска депонија Острец (депонија).

За справување со пожарите во летниот период, Владата овој месец најави вработување на 400 пожарникари.

Во функција се ставени 38 стари армиски и полициски возила кои биле неупотребливи и расходовани, за да се интервенира на тешко пристапни места.

Почнува судењето на поранешниот директор на Онкологија, Васев и тројца онколози за несовесно лекување

Клиника за радиотерапија и онкологија
Клиника за радиотерапија и онкологија

Во Основен кривичен суд Скопје треба да почне судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и тројца лекари онколози за несовесно лекување на пациенти.

Првиот обвинет, Васев како директор на Клиниката, во соизвршителство со друг лекар на истот оддел, се товари дека извршил продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни“.

Во обвинителниот акт стои дека со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил очигледно неподобен начин на лекување и спротивно на тековните онколошки упатства, со отстапувања во дозирањето и во фазата на лекување, давал лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија со што тешко го нарушил здравјето на пациентите. Во дел од случаите ова му било овозможено од втората обвинета која му ставила на располагање свој факсимил со кој одобрувал и препишувал терапија и свое корисничко име и лозинка со кои радолжувал терапија во ХИС системот на Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија.

Другите двајца лекари се товарат за основното кривично дело „несовесно лекување болни“, сторено како продолжено кривично дело.

Врз основа на медицинските истории за овие двајца обвинети лекари е утврдено дека одредувале терапија со лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија во фаза на лекувањето кога било многу очигледно дека пациентите од таквиот лек воопшто нема да имаат корист поради лошиот перформанс статус и немањето време да се развие механизмот на дејство, без да биде наведена телесна тежина и висина на пациентите, со отстапувања во дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба.

Во случајот „Онкологија“, обвинителство поднесе уште едно обвинение кое се уште е на оценување во Кривичниот суд, и се однесува за економското работење на Клиниката, во кое првообвинет, исто така, е поранешниот директор Васев, заедно со поранешниот економски директор на Клиниката. Двајцата директори се обвинети за злоупотреба на службена положба, измама и проневера во периодот од 2018 до 2022 година, при што со незаконски постапки за набавка на лекови му нанеле штета на државниот буџет од над 2,2 милијарди денари. На Васев и Нухи, за овој случај им беше определен 30 дневен притвор на 20 јуни годинава.

Во обвинителниот акт стои дека тие, спротивно на законите и без валидна документација, овозможувале исплати од Фондот за здравствено осигурување, со што добавувачите прибавиле корист од над 430 милиони денари. Дополнително, медицинскиот директор фиктивно раздолжувал лекови и присвоил дел од нив, со што лично прибавил имотна корист од најмалку 13 милиони денари.

Предметот „Онкологија“ беше оформен во јануари годинава по допрен глас врз основа на повеќе новинарски истражувања, кои укажуваа на определени неправилности, констатирани и во извештајот на Државниот завод за ревизија во врска со работењето на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје.

Истрагата ОЈО Скопје ја заврши на 22 мај годинава и до Кривичен поднесе две обвиненија за предметот „Онкологија“.

Триесет години од геноцидот во Сребреница

илустрација
илустрација

Во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари денеска (11 јули) се одбележува 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците извршен од српските сили во јули 1995 година. На комеморацијата ќе бидат погребани посмртните останки на седум жртви од Сребреница, пронајдени на различни локации, меѓу кои и две 19-годишни момчиња, најмладите меѓу денешните погребани.

Претходно беше објавено дека се очекува повеќе од 150 000 луѓе да присуствуваат на одбележувањето на 30-годишнината од геноцидот.

Пристигнувањето во Поточари го најавија бројни делегации, а во Босна и Херцеговина пристигна висока делегација на американскиот Стејт департмент, предводена од вршителот на должноста помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија Брендон Ханрахан, војвотката од Единбург Софи Хелен Рис-Џонс, шефовите на дипломатиите на Шведска и Данска, како и потсекретарот на Обединетите Нации за политички и мировни прашања.

Досега, во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се погребани 6765 лица, додека на други локации, според желбите на семејствата на жртвите, се погребани околу 250 жртви на геноцидот.

Во јули 1995 година, силите на војската на Република Српска убија околу 8000 мажи и момчиња во и околу Сребреница, што беше окарактеризирано како геноцид пред меѓународните и домашните судови.

Геноцид низ очите на дете: „Остани со мене, не се одвојувај ни за секунда“ Геноцид низ очите на дете: „Остани со мене, не се одвојувај ни за секунда“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:54 0:00

Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2007 година утврди дека во јули 1995 година, во Сребреница, која тогаш беше заштитена зона на ООН, војската на Република Српска изврши геноцид.

Истиот суд ја прогласи Србија за виновна за неспречување на геноцидот и дека ја прекршила обврската за казнување на сторителите на геноцидот.

Во мај минатата година, Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Пред разни судови, повеќе од 50 лица се осудени за геноцид и воени злосторства во Сребреница, на повеќе од 700 години затвор.

Меѓу другите, воениот претседател на Република Српска и командантот на војската на тој ентитет, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, беа осудени на доживотен затвор.

За време на војната во 1990-тите, во Босна и Херцеговина беа убиени повеќе од 100 000 луѓе, повеќе од 32 000 исчезнаа, а потрагата по останките на 7600 луѓе сè уште е во тек, вклучувајќи уште околу илјада жртви кои не беа пронајдени по геноцидот во Сребреница.

Поради пожарите, Србија прогласи природна катастрофа во 16 градови и општини

Последици од пожарите во Србија, 9 јули 2025 г.
Последици од пожарите во Србија, 9 јули 2025 г.

Српските власти прогласија природна катастрофа во пет градови и 11 општини, на чии територии пожарите во јули предизвикаа големи штета, беше објавено по одржување на седница на Владата на 10 јули.

На 7 јули стотина пожари ги зафатија јужните и централните делови на Србија – бројни села беа евакуирани, а домаќинствата беа оштетени или целосно уништени во пожарот.

Во соопштението, српската Влада наведе дека одлуката е донесена откако „по долготрајна суша и недостаток на врнежи, екстремно високи температури и ветрови со сила на ураган, големи пожари зафатија дел од територијата на Србија, предизвикувајќи огромни штети“.

Конкретно, природна катастрофа во Србија е прогласена во градовите Прокупље, Крушевац, Чачак, Крагуевац и Бор, како и во општините Бојник, Лебане, Ивањица, Алексинац, Рача, Книќ, Житораѓа, Блаце, Куршумлија, Голубац и Мионица.

Исто така, Владата усвои и уредба со која се утврдува програма за државна помош и реконструкција на изгорени и оштетени куќи.

На ова му претходеше и владина одлука од Буџетот да се обезбедат околу три милиони евра за оваа намена.

Пожари беснеат и во Северна Македонија. Само во текот на вчерашниот ден – 9 јули, биле изгаснати 66 пожари, информираше Дирекцијата за заштита и спасување.

Според пресекот во 18:30 часот што го направи Центарот за управување со кризи (ЦУК), денеска – 10 јули, имало вкупно 29 пожари на отворен простор од кои девет се сè уште активни, четири се под контрола, а изгаснати се 16.

Активните пожари се на териториите на општините Чучер Сандево, Прилеп, Македонски Брод, Дојран, Василево, Чашка, Крива Паланка, Тетово и Делчево.

Поради ситуацијата со пожарите, Владата на Северна Македонија на 8 јули прогласи кризна состојба во траење од 30 дена.

Османи: Трамп спречи можна ескалација на ситуацијата од Србија во Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во Вашингтон, 10 јули 2025 г.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во Вашингтон, 10 јули 2025 г.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, тврди дека има „сигурни информации“ дека американскиот претседател Доналд Трамп неодамна спречил можна ескалација на ситуацијата од Србија во Косово.

Османи изјавата ја даде за време на предавање во Вашингтон на 10 јули, посочувајќи дека тоа се случило „неодамна“ оваа година, но не даде дополнителни детали.

„Според безбедносните информации што ги добивам секојдневно, разбравме дека претседателот Трамп неодамна спречил можна ескалација на ситуацијата – ако можам така да ја наречам. Не зборуваме за 2023 година, не зборуваме за 2020 година, зборуваме за многу, многу неодамнешни случувања“, рече Османи.

Таа се потсети и на нападот во Бањска во септември 2023 година, опишувајќи го како „чин на агресија“ извршен од Србија којшто, како што изјави, бил „целосно подготвен во Србија“.

„Значи, не треба да ја негираме таа можност, бидејќи тоа се случувало и претходно“, рече Османи, осврнувајќи се на тогашниот вооружен напад од група Срби врз косовската полиција, во кој беше убиен началникот Африм Буњаку.

„Бидејќи се случило и претходно, превенцијата и одвраќањето се неопходни. А понекогаш, превенцијата и одвраќањето бараат повеќе од само присуство на војската. Тие бараат и политичко водство. Потребен е телефонски повик, предупредување, и токму тоа се случува кога Америка ја презема водечката улога“, рече косовската претседателка.

Трамп постојано го наведува своето посредништво во односите меѓу Косово и Србија како пример за улогата на САД во спречувањето на конфликти.

Косово и Србија го потпишаа Вашингтонскиот договор за економска нормализација во септември 2020 година, за време на првиот мандат на Трамп, во негово присуство во Белата куќа.

Тој договор, кој исто така вклучуваше и признавање на независноста на Косово од Израел, не е целосно спроведен.

МНР го повика бугарскиот амбасадор на разговор поради изјавите на Георгиев

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија (фотоархива).
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија (фотоархива).

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија го повикало на разговор амбасадорот на Република Бугарија, Жељаско Радуков, за да реагира на изјавите на шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев.

Георгиев, претходно, во утринска програма на телевизијата БТВ, меѓу другото, го нарече премиерот Христијан Мицкоски „северномакедонски премиер“.

Од МНР велат на амбасадорот Радуков му бил „пренесен официјален протест“ и му било „укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада“.

„Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји“, велат од МНР.

Оттаму очекуваат официјална Софија да упати и извидување до Скопје со цел да се зачува „достоинствената и принципиелна билатерална комуникација“.

Бугарскиот министер за надворешни работи, покрај тоа што го нарече Мицкоски „северномакедонски премиер“ зборуваше и за гласањето на извештајот за напредокот на Северна Македонија во Европскиот парламент во текот на вчерашниот ден, 9 јули.

За потсетување, со амандмани кои беа усвоиени европратениците, од извештајот се отстранија формулациите македонски јазик и идентитет.

Коментирајќи го ова, Георгиев оцени дека со отстранувањето на формулациите се спречило Мицкоски да го злоупотребува Европскиот парламент за домашна политичка пропаганда.

Премиерот Мицкоски, пак, одговарајќи на новинарски прашања, повика да не се дава многу внимание на шефот на бугарската дипломатија.

„Тоа момче е пратено да привлече мое внимание. Мислам дека не треба да му дадеме можност. Апелирам и до вас медиумите, оставате го. Тоа е Влада која во заднина друг ја раководи. Тие луѓе треба да одработат. Му рекле, му дале задача ’ајде сега закачај се, тоа е исто како кога глушецот го задева лавот‘“, изјави Мицкоски.

Со коментар за користењето на „северномакедонски премиер“ од страна на Георгиев денеска излезе и лидерот на најголемата опозициска партија во земјава – СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека тоа е навредливо и недолично.

„Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции. И тоа воопшто не е во духот на добрососедските односи“, рече Филипче.

Пезешкијан: Соработката со МААЕ е можна само ако Агенцијата престане да дејствува пристрасно

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан предупреди дека Техеран ќе продолжи со соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) само ако организацијата го корегира својот „пристрасен пристап“ и ги прекине двојните стандарди.

За време на телефонскиот разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Пезешкијан нагласи дека Иран сака да го продолжи дијалогот со МААЕ, но дека тоа е условено од прекинување на двојните стандарди во врска со нуклеарната програма на Иран.

„Соработката со МААЕ е можна само ако Агенцијата престане да дејствува пристрасно“, рече Пезешкијан, додавајќи дека Иран очекува меѓународните организации да дејствуваат непристрасно.

Тој нагласи дека секоја идна агресија ќе биде дочекана со „решителен одговор од Иран“.

Дискутирајќи за неодамнешните меѓународни случувања, вклучувајќи ги конфликтите со Израел и САД, Пезешкијан нагласи дека Иран е посветен на мирот, регионалната стабилност и конструктивниот дијалог, но исто така ги осуди „криминалните дејствија на ционистичкиот режим“ и неговата улога во поткопувањето на глобалната безбедност.

Според него, Израел не можел да дејствува без поддршката на САД.

Прашан за прекинот на соработката на Иран со МААЕ, Пезешкијан нагласи дека мерките што неодамна ги усвои иранскиот парламент се реакција на пристрасното и непрофесионално однесување на агенцијата.

Тој додаде дека МААЕ го изгубила кредибилитетот поради молчењето за нападите врз иранските нуклеарни постројки и непочитувањето на меѓународното право.

„Членството во меѓународни организации, како што е МААЕ, мора да донесе избалансирани придобивки. Во спротивно, таквото членство ја губи својата вредност“, рече иранскиот претседател.

Пезешкијан, исто така, повтори дека континуираната соработка со МААЕ ќе зависи од корекцијата на нејзиното дискриминаторско однесување и му се заблагодари на Кошта за неговите напори во промовирањето на дипломатијата и ја изрази подготвеноста на Иран да ги прошири односите со Европската Унија преку почитување и дијалог.

Кошта ја потврди подготвеноста на Европската Унија да најде дипломатски решенија и да ја прошири соработката со Иран. Тој, исто така, ги осуди кршењата на човековите права од страна на Израел во Газа и ја нагласи потребата од прекин на војната и обезбедување хуманитарна помош на палестинскиот народ.

ЕУ најави дополнителни 2,3 милијарди евра помош за Украина

илустрација
илустрација

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претстави нов пакет договори со меѓународните финансиски институции за поддршка на напорите за закрепнување и обнова на Украина во вредност од 2,3 милијарди евра.

„ЕУ денеска ја потврдува својата улога како најзначаен партнер на Украина. Не само како нејзин главен донатор, туку и клучен инвеститор во нејзината иднина“, изјави Фон дер Лајен во обраќање на Конференцијата за закрепнување на Украина што се одржува во Рим.

Според Фон дер Лајен, со склучените договори од 2,3 милијарди евра, ЕУ има за цел да привлече и до 10 милијарди евра инвестиции за обнова на домовите и болниците, заживување на бизнисите и обезбедување енергија за Украина.

„Ова е солидарност на дело. Украина секојдневно се приближува кон ЕУ - во енергетиката, образованието, роамингот и културата. Европа стои зад Украина и денес и утре“, додаде Фон дер Лајен.

Пакетот договори склучени во рамките на Инвестициската рамка на Украина, предвидуваат 1,8 милијарди евра гаранции за кредити и уште 580 милиони евра грантови.

Целта на Конференцијата во Рим, што се одржува денеска и утре, е да го задржи меѓународниот фокус на закрепнувањето на Украина, како во текот на војната, така и по неа.

Таа е замислена како платформа за усогласување на политичката поддршка и мобилизирање на финансиски средства за поддршка на Украина.

Урсула фон дер Лајен останува на чело на ЕК, европратениците не и изгласаа недоверба

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен

Европскиот парламент во четврток (10 јули) гласаше против изгласување недоверба на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Оваа иницијатива беше иницирана од Георге Пипереа, конзервативен пратеник од Романија.

За недоверба на Фон дер Лајен гласаа 175 пратеници, 360 беа против, додека 18 беа воздржани.

Потписниците на предлогот за недоверба на претседателката на Европската комисија, исто така, се спротивставуваат на наводната централизација на власта, „одвојувањето“ од европските граѓани и влијанието врз националните избори.

Урсула фон дер Лајен ги нарече иницијаторите на иницијативата „екстремисти“, „антиваксерки“ и „фанови на Путин“ и се обиде повторно да го мобилизира „проевропското“ мнозинство.

Сепак, германската лидерка не избега од критиките од левицата и центарот, кои го критикуваат нејзиното премногу вертикално управување и ја обвинуваат групата на ЕНП во Европскиот парламент за негување нејасен однос со крајната десница со цел подобро да ги доведе во прашање законите за животна средина.

„Кои се вашите сојузници во овој Парламент. Европската агенда се распаѓа. Комисијата е „премногу централизирана и нефлексибилна“, рече лидерката на центристите Валери Хајер.

Во иницијативата на Пипереа, Комисијата се критикува за „недостиг на транспарентност“, а во документот се споменува и аферата „Фајзергејт“ поврзана со обвинувања против Фон дер Лајен за злоупотреба на должноста при договарањето на набавки на вакцини во време на Ковид кризата.

Урсула фон дер Лајен никогаш не ја објави размената на текстуални пораки со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурл, за време на пандемијата на Ковид-19, кога Европската Унија преговараше за купување вакцини од американската лабораторија.

Аферата предизвика критики од разни здруженија и личности против вакцинацијата, како и од „Њујорк тајмс“, кои безуспешно бараа пристап до „спорните“ пораки.

Димитриевски: Кандидатите на ЗНАМ ќе бидат поддржани таму каде што ќе постигнеме договор со коалициските партнери

Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски
Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски

Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, изјави дека партијата е во финална фаза на преговори со коалициските партнери, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, за заеднички настап на претстојните локални избори.

„Сите кандидати на ЗНАМ ќе бидат поддржани таму каде што ќе постигнеме договор со нашите коалициони партнери во владата. Во кои општини ќе биде тоа, ќе соопштиме по завршување на преговорите“, рече Димитриевски, додавајќи дека очекува ЗНАМ да има значително поширока застапеност низ целата држава, а не само во општини како Куманово и Центар.

Тој нагласи дека кандидатите на ЗНАМ се луѓе со личен авторитет, докажани во своите професии и подготвени да понудат нови решенија.

Информираше дека е во тек постапка за евидентирање на кандидати за градоначалници и советници, а конечните одлуки ќе бидат донесени од партиските органи во наредниот период.

Во однос на кандидатурата за градоначалник на Град Скопје, Димитриевски го поддржа актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

„Сметаме дека е добро решение за Скопје и мислам дека е донесена добра одлука. Очекувам дека истиот ќе ја добие поддршката од скопјани уште во првиот круг“, рече Димитриевски.

За кандидат за градоначалник на општина Центар, тој изјави дека сè уште се прават анализи и се разгледуваат повеќе имиња од различни сектори, а конечната одлука ќе ја донесе партијата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG