Вести
Македонски полицаец застрелал мигрантка кај гевгелиската касарна

Македонски полицаец на 19 април застрелал мигрантка кај Касарната Гевгелија откако криумчари го нападнале полицаецот во обид да му го одземат пиштолот, соопштија од МВР.
Во полицискиот билтен е наведено дека инцидентот се случил кај гевгелиската касарна, кога полицајците вршеле контрола на две патнички возила со осум мигранти кои почнале да бегаат.
„ Возилата биле запрени од страна на полициските службеници по што возачите и мигрантите се обиделе да избегаат. Притоа К. Ј. физички нападнал полициски службеник обидувајки се да му го одземе пиштолот. Полицискиот службеник испукал и погодил еден од мигрантите“, соопшти МВР.
Жената со рана во градниот кош од огнено оружје без знаци на живот била примена во Хируршкото одделение на Гевгелиската болница. Полицијата соопшти дека двајцата возачи во кои биле криумчарени мигрантите се приведени.
Известен е јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за расчистување на случајот. На лице место е извршен увид од ОЈО Гевгелија и по расчистување на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
види ги сите денешни вести
Во истрагата за трагедијата во Кочани, осомничен и газдата на фирмата за обезбедување

Со истражната постапка за пожарот во кочанската дискотека “Пулс” е опфатено уште едно лице за кое е поведена истрага за - Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
„Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази согласно кои за сега осомничениот се утврди дека е одговорно лице – реален сопственик на осомниченото правно лице – агенција за обезбедување на имот и лица од Скопје.
Согласно доказите, тој раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани.
„Тие без да имаат склучено договор со корисникот на услугата Кабаре ПУЛС Кочани, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот. Новиот осомничен во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице. Заедно со осомничените кои биле ангажирани како обезбедување, спротивно на повеќе членови од Законот за приватно обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесни повреди се здобиле 54 лица“, велат од Обвинителството.
Врз основа на судска наредба вчера (8 јуни) бил извршен претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот, при што била одземена обемна документација поврзана со правното лице и електронски уреди.
Лицето е лишено од слобода и со оглед на сите околности и законски основи, јавниот обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Кочани ќе достави предлог за определување мерка притвор.
Пожарот во Кочани избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 62 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство.
Со последното проширување истрагата опфаќа 70 осомничени.
Шест ранети во пукотница во Подгорица, осомничениот е уапсен

Дваесет и тригодишен млад човек ранил шест лица, од кои петмина полесно, а едно потешко, околу полноќ, во кафуле во центарот на Подгорица, соопшти полицијата.
Младиот човек бил уапсен.
Синоќа, околу дваесет минути по полноќ, дежурната служба на Одделот за безбедност на Подгорица добила пријава дека е употребено огнено оружје во градината на ресторанот „Зошто“ во центарот на градот, соопшти Полициската управа.
„Во таа прилика, шест лица се здобија со повреди, од кои пет беа полесни во долните екстремитети, додека едно лице доби прострелна рана во пределот на грбот и не е во животна опасност“, рсоопшти полицијата.
На повредените веднаш им е укажана медицинска помош во Клиничкиот центар на Црна Гора.
Полицијата го идентификуваше Михаил Лакушиќ од Подгорица како осомничен, кој избегал по пукањето.
Откако завршил увидот на местото на настанот, поставени биле блокади, земени изјави од десетици граѓани и видео снимки од неколку објекти, а полицијата го уапсила осомничениот.
„За краток временски период, осомничениот Л.М. беше пронајден и уапсен на улицата Фрушкогорска во населбата Мало Брдо“, информираше полицијата.
Оваа населба се наоѓа на неколку километри од кафулето на улица „Његошева“ каде што се случило пукањето.
Полицијата се сомнева дека на настанот му претходела кавга.
Вишото државно обвинителство во Подгорица е информирано за инцидентот, чиј обвинител спроведе истрага со полицијата. Лакушиќ треба да биде однесен во обвинителството во законскиот рок.
Колумбиски претседателски кандидат застрелан на предизборен митинг

Конзервативниот сенатор Мигел Урибе, кандидат за претседател на Колумбија на изборите следната година, беше ранет во Богота за време на предизборен митинг.
Видео објавено на социјалните мрежи покажува истрели додека 39-годишниот политичар држи говор на предизборен митинг западно од колумбиската престолнина, објави АФП.
Градоначалникот на Богота, Карлос Галан, изјави дека Урибе е во болница и дека „напаѓачот е уапсен“.
Осомничениот напаѓач е малолетник кој отворил оган околу 17:30 часот по локално време.
Урибе бил застрелан двапати во главата и еднаш во коленото, потврдија лекарите.
Тој успешно беше опериран по приемот во болница во критична состојба – соопшти градоначалникот на главниот град, Карлос Фернандо Галан.
– Мигел Урибе ја помина првата хируршка интервенција успешно – изјави Галан, додавајќи дека 39-годишниот сенатор од Партијата на демократскиот центар влегува во „критичните часови“ на закрепнување, кои ќе бидат клучни за неговиот живот.
Уште две лица се повредени во инцидентот.
Трамп ја испрати националната гарда во Лос Анџелес за смирување на немирите

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди 2.000 припадници на Националната гарда на САД да бидат распореди во Лос Анџелес и Калифорнија во саботата, пренесоа светските агенции.
Ова следува по два последователни дена судири меѓу демонстрантите и имиграциските власти, додека луѓето протестираа против кампањата на администрацијата на Трамп за масовни апсења на нелегални имигранти.
За време на протестите, агентите на Службата за имиграција и царина (ICE) притворија десетици имигранти за кои се сомневаше дека се нелегално во САД, што предизвика насилни немири. Демонстрантите фрлаа камења кон полицијата, која возврати со солзавец, бибер спреј и шок бомби.
Во саботата, претседателот Доналд Трамп потпиша меморандум со кој се овозможува распоредување на 2.000 припадници на Националната гарда во Лос Анџелес. Националната гарда на САД е воена структура што може да биде активирана и на ниво на поединечни држави и на федерално ниво, под одредени услови.
Администрацијата на Трамп изјави дека ова е неопходно бидејќи, според нив, „неодговорните демократски лидери во Калифорнија целосно се откажаа од својата одговорност да ги заштитат своите граѓани“.
Но, гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, ја нарече одлуката за распоредување на Гарда „намерна провокација“ и предупреди дека тоа само ќе ги влоши тензиите.
„Ова е погрешна иницијатива што ќе го поткопа јавното доверба,“ рече Њусом. Градоначалничката Карен Бас исто така се изјасни против постапките на властите.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет предупреди дека Пентагон е подготвен да мобилизира активни војници „доколку насилството продолжи“ во Лос Анџелес, пишува Ројтерс.
Тој рече дека маринците во блискиот камп Пендлтон се „во состојба на висока готовност“.
Во саботата, федералните безбедносни агенти се судрија со демонстрантите во областа Парамаунт во југоисточен Лос Анџелес, каде што некои демонстранти мавтаа со мексикански знамиња.
Втор протест во центарот на Лос Анџелес привлече околу 60 луѓе во саботата навечер, извикувајќи слогани како „ICE надвор од ЛА!“
Трамп потпиша претседателски меморандум за испраќање војници на Националната гарда за „да се справат со анархијата на која ѝ е дозволено да тлее“, се вели во соопштението на Белата куќа, пренесува Ројтерс.
Борбата против нелегалната имиграција беше едно од главните ветувања на Трамп во неговата изборна кампања. По доаѓањето на функција, презеде низа мерки во таа насока, од кои некои беа оспорени.
На пример, на почетокот на јануари, тој започна со присилна депортација на колумбиски имигранти, кои владата ги смета за нелегални. Колумбија првично одби да ги прими авионите со свои државјани, но попушти откако Трамп се закани со санкции и царини.
Најсилен руски напад од почетокот на војната врз украинскиот Харкив

Најмалку три лица загинаа, а 21 е рането во руски напад врз Харкив, вториот најголем град во Украина, кој го претрпе „најсилниот напад од почетокот на војната“ во февруари 2022 година.
Градоначалникот Игор Терехов изјави дека „најмалку 40 експлозии“ одекнале во краток временски период во овој град на североистокот на земјата со околу 1,4 милиони жители, сместен помалку од 50 километри од руската граница.
„Непријателот истовремено напаѓа со ракети, дронови Шахед и наведувани воздушни бомби“, рече Терехов, според кого биле употребени најмалку 48 дронови Шахед, две ракети и четири наведувани бомби.
Нападнати биле станбени згради со повеќе катови и приватни домови, образовни и инфраструктурни објекти.
Две лица загинале во Киевскиот округ на Харкив, а едно во Основјанскиот округ, додека околу 20 се повредени, изјави Терехов.
Брачна двојка во педесеттите години загинала во напад што погодил две згради во Херсон, според гувернерот на таа јужна област, Олександр Прокудин. Две лица се повредени, исто како и во Дњепропетровската област на истокот на земјата.
Русија изведе еден од најголемите напади од почетокот на војната во ноќта меѓу четврток и петок, со 407 дронови и 45 проектили, според украинската армија. Бројот на загинати во овој напад се зголеми на најмалку пет во саботата, откако во рушевините во Луцк, близу полската граница, беше пронајдено телото на млада жена.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека преку ноќ уништило 36 украински дронови, главно во Московската, Курската и Смоленската област. Овој напад доведе до привремено затворање на главниот московски аеродром Шереметјево, според воздухопловните власти.
Москва во петокот вети „одговор“ на претходните украински напади врз неколку руски воздухопловни бази далеку од првите линии на фронтот, во кои беа уништени неколку бомбардери.
Нападите беа извршени во услови на застој во мировните преговори по вториот круг директни разговори меѓу Русија и Украинаво Истанбул во понеделникот, кои не доведоа до прекин на огнот, туку само до договор за размена на затвореници.
Двете завојувани страни требаше овој викенд да разменат по 500 воени затвореници, по претходната размена на 1.000 лица од секоја страна во мај. Беше договорено и страните да ги предадат телата на 12.000 загинати војници.
Меѓутоа, според наводите од Русија, Украина неочекувано ја одложила размената на воени затвореници и телата на војниците до понатамошно, објави официјалниот претставник на Кремљ, Владимир Медински, пренесе „Ројтерс“.
„Русија на 6 јуни, строго почитувајќи ги договорите од Истанбул, започна хуманитарна операција за предавање на повеќе од 6.000 тела на убиени украински војници, како и размена на повредени и тешко болни затвореници, како и оние помлади од 25 години“, напиша Медински на апликацијата Телеграм.
Тој тврди дека 1.212 тела на загинати Украинци се наоѓаат во ладилници на местото предвидено за размена.
Наведе и дека Русија ѝ предала на Украина список со првите 640 затвореници од категоријата „повредени, болни и млади“ за да започне размената.
„Контакт групата на руското министерство за одбрана се наоѓа на границата со Украина“, продолжи Медински и додаде дека таму нема украински преговарачи.
Петро Јаценко од украинскиот Координациски штаб за воени заробеници изјави дека размената е поместена за следната недела.
Во знак на непопустливост на Москва, додека барањата на двете страни изгледаат непомирливи, Кремљ ја претставува инвазијата на Украина, која започна во февруари 2022 година, како „егзистенцијално прашање“.
„За нас ова е егзистенцијално прашање, еден од нашите национални интереси, нашата безбедност, нашата иднина и иднината на нашите деца“, изјави во петокот портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Руските сили, кои ја окупираат приближно една петина од украинската територија, речиси секојдневно ги бомбардираат украинските градови од 2022 година. Како одговор, Украина речиси секој ден изведува воздушни напади врз Русија.
Во ЕУ загрижени за безбедноста, на Балканот приоритет е преживувањето

Граѓаните на Европската унија и Западен Балкан имаат различни животни приоритети и погледи кон иднината, според новото истражување на Евробарометарспроведено во пролетта 2025 година.
Додека граѓаните на ЕУ и понатаму се фокусирани на безбедносни прашања поврзани со руската инвазија врз Украина, на Западен Балкан повеќе се загрижени поради поскапувањето на прехранбените производи, криминалот, корупцијата и квалитетот на здравствената заштита.
Истражувањето на Евробарометар открива и разлики меѓу земјите од Западен Балкан, особено помеѓу Србија и остатокот од регионот, кога станува збор за оптимизмот, довербата во ЕУ, недовербата кон НАТО и самата поддршка за можно членство.
Три години по ред, повеќе од една четвртина од испитаниците во 27-те земји-членки се согласуваат дека војната во Украина претставува директна закана за безбедноста на ЕУ, каде што една петтина (20 проценти) ѝ дава приоритет на одбраната и безбедноста.
Западниот Балкан, пак, е насочен кон секојдневното преживување. Во споредба со истото истражување спроведено есента, Северна Македонија бележи најголем пораст на загриженост поради криминалот, а Косово поради растот на цените.
Косово се издвојува во споредба со остатокот од Западен Балкан по оптимизмот, каде што 76 проценти од испитаниците изразиле задоволство од пазарот на труд.
Околу 40 проценти од испитаниците во другите земји сметаат дека можноста за наоѓање работа во нивната земја е добра, што е во просекот на Европската унија.
Во споредба со есенското истражување на Евробарометар, Албанија бележи најголем пораст на оптимизмот — за 17 проценти, додека Босна и Херцеговина забележува пораст на песимизмот — за 6 проценти.
Што се однесува до општата ситуација во земјата, две третини од испитаниците во Србија сметаат дека таа е лоша, што претставува и најголем пораст на негативното гледиште за состојбата во земјата — за 19 проценти.
Спротивно на тоа, речиси 80 проценти од испитаниците на Косово ја оцениле состојбата во својата земја како добра.
Песимизмот по ова прашање најмногу пораснал токму во Србија, за 19 проценти, во споредба со октомври 2024 година.
Испитаниците во Црна Гора и на Косово се оптимисти кога станува збор за иднината на нивните земји.
Во Босна и Херцеговина ист процент од граѓаните смета дека нивната земја се движи во погрешна насока, што претставува 14 проценти понегативна перцепција во споредба со истражувањето од есента 2024 година — веднаш по Србија, каде што порастот на песимизмот изнесуваше 11 проценти.
Додека мнозинството граѓани на ЕУ и Западен Балкан сметаат дека нивните животи нема значително да се променат во наредната година, оптимизмот блеска на Косово и во Албанија.
Во овие две земји, повеќето испитаници веруваат дека нивниот живот ќе се подобри, додека секој петти испитаник во Србија и Северна Македонија се плаши дека го очекува полош живот.
Во споредба со истото истражување спроведено во есента 2024 година, во Црна Гора за 20 проценти се зголемил бројот на оние што сметаат дека сè ќе остане исто, додека во остатокот од регионот резултатите се речиси непроменети.
Во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, мнозинството граѓани предвидуваат влошување на општата состојба во нивните земји во текот на наредната година.
Косово и Албанија повторно се надвор од овој тренд — таму мнозинството испитаници очекуваат подобрување во иднина, и тоа во поголем обем отколку што беше случај во есента.
Песимизмот во изминатите шест месеци најмногу пораснал во Босна и Херцеговина — за шест проценти.
Членството во ЕУ и понатаму останува привлечно за земјите од Западен Балкан — освен во Србија.
Ентузијазмот е најсилен во Албанија и Црна Гора, каде што мнозинството граѓани веруваат дека членството во Унијата би ѝ користело на нивната земја.
Во Србија, еднаков број испитаници го гледаат пристапувањето кон ЕУ како нешто добро, лошо или се изјаснуваат неутрално.
Во Црна Гора е забележан најголем пораст на оптимизмот во однос на есенското истражување — за 13 проценти.
Русите го нападнаа Киев со бараж од ракети и беспилотни летала, загинаа 4 лица, а 20 се повредени

Четири лица загинаа, а најмалку 20 беа ранети во Киев за време на напад во текот на ноќта со ракети и дронови, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко утринава на 6 јуни.
„Во главниот град е потврдено дека има четири жртви. Потрагата и спасувачките операции се во тек на повеќе локации“, објави Кличко на Телеграм.
Интензивниот напад траел неколку часа и, според извештаи, вклучувал крстосувачки ракети и „камиказа“ дронови.
Тимур Ткаченко, раководител на воената администрација на Киев, изјави дека дронови удриле во горните катови од висококатница на источниот дел од градот и предизвикале пожар.
Украинското воено воздухопловство соопшти дека градот бил цел на дронови и крстосувачки ракети „Калибр“. За време на нападот, според Ројтерс, се слушале звуци од руски „камиказа“ дронови кои зуеле над градот, придружени со украинска противвоздушна одбрана.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави на 4 јуни дека рускиот претседател Владимир Путин предупредил оти Русија ќе одговори на неодамнешниот изненаден напад врз руски аеродроми, при кој беа погодени десетици бомбардери со долг дострел.
Украинската Служба за безбедност (СБУ) го изведе нападот на 1 јуни и подоцна соопшти дека биле погодени повеќе од 40 бомбардери.
Доналд Трамп разговарал со Владимир Путин по телефон на 4 јуни и разговорот го опиша како „добар“, иако нагласи дека не бил од типот што би довел до веднашна мир.
Трамп изјави дека ненадејниот напад на Украина бил една од темите на разговорот.
„Разговаравме за нападот на украинската страна врз руските авиони што беа на земја, како и за разни други напади што ги изведуваат двете страни,“ рече Трамп.
Трамп се сретна со германскиот канцелар Фридрих Мерц на 5 јуни во Белата куќа за да разговараат за соработката во врска со Украина и други теми.
Мерц, кој стапи на функција минатиот месец, изјави пред средбата дека не очекува големи пробиви во однос на царините, НАТО или војната во Украина. По средбата, тој рече дека е „крајно задоволен“ од начинот на кој таа поминала.
Тој нагласи дека САД и Германија се согласуваат околу тоа „колку е ужасна оваа војна“, при што јасно ја стави вината на Путин за насилството и подвлече дека Германија е на страната на Украина.
„И двајцата бараме начини ова да запре што поскоро,“ рече Мерц. „Му кажав на претседателот пред да влеземе дека тој е клучната личност во светот што сега навистина може да го направи тоа со вршење притисок врз Русија.“
Зеленски повторно повика на меѓународен притисок врз Русија

Во руски воздушен напад загинаа најмалку пет лица, вклучувајќи членови на три генерации од исто семејство, во северниот украински град Прилуки, што го поттикна украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги обнови повиците до Меѓународната заедница да изврши притисок врз Москва со „сите расположливи средства“ за да се постигне прекин на огнот.
Службениците изјавија дека шест беспилотни летала погодиле станбена област во Прилуки кратко пред зори на 5 јуни, при што загинале мајка, нејзиниот едногодишен син и неговата баба додека таткото извршувал спасувачка работа на друго место погодено од нападот.
„Русија постојано се обидува да купи време за да ги продолжи своите убиства. Кога не чувствува доволно силна осуда и притисок од светот - таа повторно убива“, рече Зеленски во објава на социјалните мрежи, истакнувајќи дека 632 деца се убиени откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.
„Очекуваме акција од Соединетите Држави, Европа и од секој во светот што навистина може да помогне во промената на овие ужасни околности. Силата е важна, а војната може да заврши само со сила. Москва мора да биде притисната со сите расположиви средства и постепено да биде лишена од својата способност да ја продолжи оваа агресија“, рече Зеленски.
Нападите следеа по телефонскиот разговор меѓу претседателот Владимир Путин и неговиот американски колега, Доналд Трамп, каде што рускиот лидер „многу јасно“ предупредил за намерата на Русија да одговори на украинскиот напад со беспилотни летала за време на викендот врз воени објекти и железничка инфраструктура.
Според Трамп, повикот траел 75 минути, а ненадејниот напад со беспилотни летала на Украина, извршен од страна на Службата за безбедност на Украина (SBU) на 1 јуни, бил една од темите за кои се дискутирало.
„Разговаравме за нападот врз руските пристанишни авиони од страна на Украина, како и за разни други напади што ги извршуваат двете страни. Путин рече. и тоа многу јасно, дека ќе мора да одговори на неодамнешниот напад врз аеродромите“, додаде Трамп.
Трамп ги притиска двете страни да постигнат договор за прекин на огнот откако го направи тоа приоритет на надворешната политика за време на предизборната кампања во ноември 2024 година.
Руските и украинските делегации се состанаа на 2 јуни во Истанбул, но не успеаја да го придвижат мировниот процес напред.
Лидерите од неколку западни земји и многу воени аналитичари го обвинија Путин дека не бара мировен договор, туку го одолговлекува процесот за да ги избегне санкциите на САД, а воедно да добие предност на бојното поле.
Полковник Павло Палиса, украински воен офицер, им изјави на новинарите во Вашингтон на 4 јуни дека Русија поставила цел да воспостави тампон-зона до крајот на годината и сака да ги заземе целите Донецк и Луганск до крајот на септември.
„Интересно е, но тие имаат планови дури и за 2026 година. Планот за следната година е да се окупира целиот дел од Украина што се наоѓа на левиот брег на реката Днепар. Друга цел е да се прекине пристапот на Украина до Црното Море“, рече тој откако ги информираше американските пратеници и функционери.
Палиса, кој е заменик-шеф на канцеларијата на Зеленски, беше дел од украинската делегација што беше во Вашингтон, додека Киев врши притисок врз Москва. Тој презентираше наоди од украинското воено разузнавање.
Клековски: Можеме да го организираме третманот и рехабилитацијата на пациентите од трагедијата во Кочани

Одговорно тврдам дека Македонија има капацитет да го организира понатамошниот третман и рехабилитација на пациентите од трагедијата во Кочани, изјави директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, на трибината "Кочани е наш приоритет".
Клековски, нагласи дека според неговите информации моментално нема пациент кој има потреба да се лекува во странство.
Во однос на критиките на дел од пациентите, првиот човек на ФЗО рече дека има впечаток дека до јавноста како повеќе да стигнуваат негативните примери, отколку позитивните, нагласувајќи дека има повеќе такви.
„Друга е перцепцијата и очекувањата. Можеби треба да направиме групни средби како е направено и што е направено, бидејќи сметам дека довербата меѓу пациентите ќе биде поголема, бидејќи имаме и позитивни искуства и примери“, изјави Клековски.
Планот како што рече Клековски, е повредените да се вратат во болниците од каде потекнуваат, додека сите кои имаат потреба од преврски се третираат на Клиниката, додека а оние на кои им е потребен третман со физикална терапија се третираат во Кочани.
Клековски, изрази уверување дека во Болницата во Кочани моментално сите потреби за дополнителна нега се решени, посочувајќи дека болницата има и кадар и ресурси - двајца физијатри и четворица физиотерапевти, а буџетот за оваа година изнесува и има 249 милиони денари.
„Исто е и со ракавиците. Тие се прават по нарачка и земени се мерки. Тоа го финансира Сапорт Кочани, како што други работи ги финансираат други. Одговорно тврдам дека правиме максимум“, изјави Клековски.
Во однос на боледувањата, Клековски рече дека се решаваат во од и повика доколку има каков било проблем да се обратат во подрачната служба да се регулира.
Што се однесува пак до барањата на дел од пациентите, да направат контролни прегледи во болниците каде што биле лекувани во странство, Клековски рече дека доколку имаат потреба и сакаат да го продолжат лекувањето таму, тие нема да се противат.
Пожарот во Кочани избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 62 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство.
Со последното проширување истрагата опфаќа 69 осомничени.
ЕУ: Помошта од 175 милиони евра е јасна порака за поддршка на Сирија

Дубравка Шуица, комесар на ЕУ за Медитеранот, која е во посета на Сирија, во четврток, 5 јуни, изјави дека пакетот од 175 милиони евра за воено разорената Сирија е „јасна порака“ за поддршка на нејзината обнова.
Шуица го објави пакетот за Дамаск во среда (4 јуни), велејќи дека ќе се фокусира на сектори како што се енергетиката, образованието, здравството и земјоделството, помагањето во обновата на сириската економија, поддршката на нејзините институции и промовирањето на човековите права.
„Дојдов тука со јасна порака дека сме тука да ѝ помогнеме на Сирија да се опорави“, рече Суика во интервју за АФП во четврток.
„Сакаме реконструкцијата и закрепнувањето да бидат во рацете на Сирија и да бидат предводени од Сирија. Во иднина сакаме да ја видиме Сирија како нормална, демократска земја“, рече таа, за време на првата посета на комесарот на ЕУ откако беше претставена преодната влада на крајот на март.
Сирија минува низ деликатна транзиција откако исламистичките сили го соборија долгогодишниот владетел Башар ал-Асад во декември по речиси 14 години граѓанска војна.
Европската Унија во мај објави дека ќе ги укине економските санкции врз Сирија во обид да ѝ помогне на земјата да се опорави.
„Ова е клучен момент, ново поглавје во односите меѓу ЕУ и Сирија“, рече Суика на Платформа X, нарекувајќи ја средбата со привремениот претседател Ахмад ал-Шара „конструктивна“.
Како и соседите на Сирија, западните влади сакаат да ја насочат кон стабилност откако војната предизвика егзодус на милиони бегалци. Враќањето на бегалците треба да биде „безбедно, доброволно и достоинствено“, порача Шуица.
„ЕУ не ја прогласи Сирија за безбедна земја за враќање „затоа што не сакаме да ги принудуваме луѓето да дојдат тука, а потоа да немаат дом“, додаде таа.
Минатиот месец, ЕУ санкционираше три сириски милитантни групи и двајца нивни водачи за сериозни кршења на човековите права, бидејќи наводно извршиле секташко насилство врз алавитското малцинство, на кое му припаѓа Асад, во март.
„Не можеме да прогласиме еден дел од Сирија за безбеден, а другиот не“, рече Шуица, истакнувајќи дека прогласувањето на Сирија за безбедна земја бара „едногласен став од 27 европски земји-членки“.
Таа рече дека сирискиот министер за надворешни работи Асад ал-Шајбани ќе присуствува на министерски состанок во Брисел на 23 јуни, на кој учествуваат речиси десетина медитерански земји.
Во соопштението објавено во вчера, се наведува дека Европската комисија „активно се залага за интеграција на Сирија во неколку клучни иницијативи со своите медитерански партнерски земји“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете