Вести
Двегодишно девојче загина, 20 повредени во најновиот руски напад на Днепар

Двегодишно девојче загина, а 22 лица се повредени, меѓу кои пет деца, кога руска ракета го погоди градот Днепар во централна Украина, изјави во неделата регионалниот гувернер.
„Во текот на ноќта, телото на двегодишното девојче беше извлечено од под урнатините на една куќа“, напиша Сергеј Лисак на апликацијата за пораки Телеграм.
Седумнаесет лица се во болница по нападот со крстосувачки проектил со краток дострел „Искандер“ врз станбена зона, рече Лисак.
Никола Лукашук, претседател на Советот на Днепропетровската област, рече дека 17 деца загинале во регионот откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.
„Ниту еден збор не може да ја смири болката на родителите кои го изгубиле најскапоценото нешто во нивните животи“, рече Лукашук.
Во војната во Украина, најмалку 485 деца загинаа, а речиси 1500 беа повредени, објави во неделата на Телеграм канцеларијата на главниот обвинител во земјата.
Ракетата паднала меѓу две двокатни станбени згради во населбата Пидородненска, делумно уништени и оштетени бројни куќи, автомобили и инфраструктура.
„Русија уште еднаш докажува дека е терористичка држава“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски по првите извештаи за експлозии.
Москва и Киев негираат дека нивните воени сили целат цивили.
По нападот на Днепар, Русија во текот на ноќта започна нов бран воздушни напади врз земјата. Украинските воздухопловни сили во неделата објавија дека уништиле повеќе од половина од воздушните цели.
Четири од шест крстаречки ракети и три од пет беспилотни летала Шахед од иранско производство, лансирани од Русија се соборени, објави Военото воздухопловство на Телеграм. Градската воена управа на Киев претходно соопшти дека биле пресретнати „сите цели“ кои Русија ги лансирала кога се приближувале до главниот град.
Од мај, Русија постојано го напаѓа главниот град на Украина, главно ноќе, пред долгоочекуваната украинска контраофанзива за враќање на територијата, во, како што велат украинските власти, обид да се нанесе психолошки проблем на цивилите, пишува Ројтерс.
види ги сите денешни вести
Почнува собраниската расправа за ребаланс на државната каса

Расправата во Собранието по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година, во второ читање, почнува денеска (2 јули) на седницата на Комисијата за финансирање и буџет.
Десет дена трае општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и буџет. Според информациите објавени на собранистака страница, за Предлог-буџетот се поднесени над 200 амандмани од овластени предлагачи.
Со Предлог ребалансот што го усвои Владата на 19. месецов вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а капиталните расходи се планирани во висина од 47,5 милијарди денари. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата се очекува понатаму да се стабилизира и е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП.
„Економската активност добива на динамика и забрзува, таквиот тренд ќе го одржиме и во наредниот период со политиките кои се планирани со Ребалансот. Дисциплинираниот пристап во управувањето со јавните финансии ќе продолжи, буџетскиот дефицит останува непромент и во апсолутен износ и како процент од БДП и е понизок од остваренито дефицит минатата година, внимателен и сериозен пристап применуваме и во управувањето со јавниот долг, а за тоа најважен показател е намалувањето од 36 милион евра регистрирано во првиот квартал од 2025 година“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференцијата на која го претстави Предлог ребалансот на Буџетот.
Во објавениот коментар за ребалансот на Буџетот, институтот Фајнанс тинк го реафирмира ставот дека проектираниот раст на даночните приходи од 12,6 проценти, односно повеќе од двојно повисоко од збирот на проектираната реална стапка на раст на БДП и (ревидираната) стапката на инфлација, е амбициозен.
„Во таа насока, говори и реализацијата на даночните приходи во првите пет месеци од годинава која изнесува 37,6 проценти (споредено со пропорционален процент на остварување од 41,7 проценти), слично со остварувањето кај приходите од ДДВ (36,9 проценти), акцизите (34,4 проценти) и увозните давачки (36,6 проценти) кои претставуваат директен одраз на пулсот на економијата“, посочуваат од Институтот.
Според Фајнанс тинк, сепак, вредно за обележување е дека неданочните приходи се зголемуваат во износ од 4,2 милијарди денари, кои во значаен дел се остварени од финансискиот резултат на Народната банка, обезбеден преку законски измени порано во текот на годинава со кои се овозможи 85 проценти од финансискиот резултат на Народната банка да се уплаќа во Буџетот на државата.
Со ваквото зголемување на буџетските приходи се овозможи зголемување на буџетските расходи, и тоа најмногу кај платите на јавната администрација (830 милиони денари), стоките и услугите (1,8 милијарди денари) и пензиите (2,5 милијарди денари).
Израел се согласи на 60-дневен прекин на огнот во Газа, објави Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел се согласил со условите за конечен договор за 60-дневен прекин на огнот во Газа, во кој ќе се вложат напори за завршување на војната во палестинската енклава.
„Моите претставници денеска имаа долг и конструктивен состанок со Израелците за Газа. Израел се согласи на потребните услови за постигнување на 60-дневен прекин на огнот, за време на кој ќе работиме со сите страни за да ја завршиме војната“, објави Трамп преку социјалните мрежи.
„Катарците и Египќаните, кои работеа многу напорно за воспоставување мир, ќе го поднесат овој последен предлог. Се надевам, за доброто на Блискиот Исток, дека Хамас ќе ја прифати оваа понуда бидејќи нема да биде подобро - ЌЕ СТАНЕ САМО ПОЛОШО“, заклучи американскиот претседател.
Амбасадорот на Израел во Обединетите Нации, Дени Данон, изјави дека Израел е „апсолутно“ подготвен за прекин на огнот, но не беше веднаш јасно дали Хамас ќе ги прифати условите од предложениот договор.
Најавата на Трамп доаѓа пред средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху закажана за следната недела, каде што американскиот претседател, како што самиот рече, ќе биде „многу цврст“.
На 30 јуни, американскиот претседател изјави дека верува оти Нетанјаху сака да ги прекине непријателствата во Газа.
„Тој го сака тоа. Можам да ви кажам дека го сака тоа. Мислам дека ќе имаме договор следната недела“, додаде Трамп.
Исто така, на 30 јуни, израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер беше на пат да се сретне со специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, државниот секретар на САД, Марко Рубио, и потпретседателот Џ.Д. Венс во Вашингтон.
Зборувајќи за каналот на Би-Би-Си њуз, Данон рече дека Хамас, палестинската група која е прогласена за терористичка група од САД и Европската Унија, „игра тврдоглаво“.
„Вршиме притисок врз Хамас, и ако не дојдат на преговарачка маса, единствената опција што ќе ја имаме за да ги вратиме заложниците е да примениме поголем воен притисок“, рече Данон.
„Војната ќе заврши кога заложниците ќе се вратат дома“, додаде тој.
Околу 50 израелски заложници се уште се во Газа, од кои се верува дека најмалку 20 се живи.
Минатата недела, висок функционер на Хамас за Би-Би-Си изјави дека медијаторите ги засилиле напорите за посредување во нов прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците во Газа, но дека разговорите со Израел остануваат во застој.
Израел изјави дека конфликтот може да заврши само кога Хамас ќе биде целосно распуштен. Хамас долго време повикува на траен прекин на огнот и целосно повлекување на Израел од Газа.
Коментарите на Трамп доаѓаат кратко откако Израел нареди евакуација во северна Газа пред зголемување на воената акција. Најмалку 20 Палестинци беа убиени во израелски воздушен напад врз кафуле на плажа во градот Газа на 29 јуни, според лекари и очевидци.
Израел започна воена кампања во Газа по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1200 луѓе. Според Министерството за здравство управувано од Хамас, оттогаш во Газа се убиени најмалку 56647 луѓе.
Во март, претходниот договор за прекин на огнот пропадна кога Израел започна нови напади врз Газа. Израелската војска ја опиша акцијата како „превентивни напади засновани на подготвеноста на Хамас да извршува терористички напади, да акумулира сила и да се вооружува“.
Претходниот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кој стапи на сила на 19 јануари, беше планиран во три фази, но не помина првата.
Втората фаза вклучуваше воспоставување траен прекин на огнот, враќање на преостанатите заложници живи во Газа во замена за Палестинците затворени во Израел и целосно повлекување на израелските сили од Газа.
Тројца убиени во украински напад со дронови врз фабрика за оружје, соопштија руските власти

Украински беспилотен авион во нападот во понеделникот во текот на ноќта погоди објект во рускиот индустриски град Ижевск, на повеќе од 1.000 километри источно од Москва, при што загинаа три лица, а 35 беа сериозно повредени, изјави гувернерот на руската Удмуртска Република.
Александар Бречалов рече дека нападот бил насочен кон индустриски објект во регионалниот главен град, но не прецизираше кој.
Тој потврди дека ранетите добиваат медицинска помош во градската болница и дека психолози работат со жртвите и нивните семејства.
Извори во Украина ја презедоа одговорноста за нападот, велејќи дека целта била електромеханичката фабрика „Купол“ во Ижевск.
Фабриката е клучен елемент во руската одбранбена индустрија, позната по производството на ракетниот систем земја-воздух „Тор“ и борбениот дрон „Гарпија-А1“, што ја прави многу вреден воено-индустриски комплекс во регионот.
Каналите на социјалните медиуми објавија видеа наводно со кои се снимени моментот на ударот на дронот и последователната експлозија.
Како одговор на инцидентот, Росавијација, руската федерална агенција за воздухопловство, објави привремено затворање на аеродромот во Ижевск, како и на аеродромите во Саратов, Казан, Уљановск и Нижнекамск.
Ижевск е главен центар на руската одбранбена индустрија. Тој е дом на компании како што е производителот на оружје „Калашников“ и игра клучна улога во рускиот синџир на снабдување со војска.
Според руското Министерство за одбрана, нападот во Ижевск бил дел од поголема украинска офанзива со беспилотни летала што се случила преку ноќ.
Министерството соопшти дека соборило 60 беспилотни летала во неколку региони, вклучувајќи го Крим, кој Русија го анектираше, како и Ростов, Курск, Саратов, Белгород, Воронеж, Орјол и териториите околу Азовското Море и Црното Море.
Министерството соопшти дека беспилотните летала биле пресретнати и не дало проценки за штетата.
Жителите на регионот Саратов, кој се граничи со Казахстан, пријавија дека слушнале експлозии во текот на ноќта. Гувернерот на Саратов, Роман Бусаргин, ја потврди заканата од беспилотни летала во областа.
Регионот Саратов е дом на стратешка инфраструктура, вклучувајќи ја и воздухопловната база Енгелс-2.
Една од најголемите руски рафинерии за нафта, Танеко, се наоѓа во блискиот град Нижнекамск во Татарстан.
Исто така, во Татарстан се наоѓа Специјалната економска зона Алабуга во градот Јелабуга, каде што се склопуваат беспилотните летала Шахед што ги користи Русија во Украина.
Овие локации претходно биле цел на беспилотни летала, што укажува на украинска стратегија за таргетирање на руските воено-индустриски објекти длабоко на нејзината територија.
По 40-ти пат неуспешен обид за конституирање на Собранието на Косово

40-ти пат по ред, на 1 јули, членовите на Косовското собрание не успеаја да го формираат парламентарниот состав што произлезе од изборите на 9 февруари.
Ова е трет пат пратениците да не успеат да постигнат напредок во формирањето на Собранието откако Уставниот суд на Косово донесе одлука на 26 јуни со која се бара од нив да го формираат Собранието во рок од 30 дена - рок кој истекува на 26 јули.
Демократската партија на Косово (ДПК), Демократската лига на Косово (ЛДК), Алијансата за иднината на Косово (АИК) и Социјалдемократската иницијатива, како и Српската листа, одбиваат да номинираат членови за комисијата што ќе го надгледува тајното гласање за новиот претседател од 1 мај.
Партиите тврдат дека промената од отворено на тајно гласање е неуставна и тврдат дека ова е наведено и во одлуката на Уставниот суд. Движењето „Самоопределување“ инсистира дека тајните гласања се дозволени.
По одлуката на Уставниот суд, лидерот на Самоопределување, Албин Курти, свика состанок на лидерите на политичките партии. Но, дури и по два часа состаноци, тие не успеаја да постигнат договор за излез од ќорсокакот.
Курти рече дека понудил компромиси, но партиите што беа во опозиција во текот на претходниот мандат го нарекоа состанокот што тој го нарече „фарса“, додавајќи дека лидерот на победничката партија инсистира на претходните позиции.
За да понуди можно решение, косовската претседателка Вјоса Османи на 30 јуни изјави дека ќе ги покани лидерите на политичките партии на консултации во наредните денови по прашањето за конституирање на Собранието. Таа ги повика пратениците да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд.
„Доколку се појави потреба, претседателот останува подготвен да се обрати до Уставниот суд за дополнителни појаснувања“, рече советникот за медиуми на претседателот, Беким Купина.
Самоопределување, како победничка партија, има ексклузивно право да номинира кандидат за претседател на Собранието.
Досега, тие ја номинираа Албулена Хаџиу за позицијата - опишана од ПДК и АБК како контроверзна личност.
По одлуката на Уставниот суд, Хаџиу изјави дека ќе ја повлече својата кандидатура доколку не ги добие потребните 61 глас на тајно гласање.
За Собранието да се смета за конституирано, мора да се изберат претседател и пет потпретседатели.
Дури по тоа започнува рокот за формирање нова косовска влада.
Од 7 јули Полска ќе воведе гранични контроли со Германија и Литванија

Полска ќе воведе гранични контроли со Германија и Литванија од 7 јули, објавија светските агенции.
Ова денеска (2 јули) го објави полскиот премиер Доналд Туск. Тој објасни дека станува збор за привремена мерка.
Премиерот ја објави веста по состанокот на полската влада. Оваа одлука следеше по неодамнешното заострување на граничните контроли од страна на Германија и откако новата германска влада на канцеларот Фридрих Мерц ја презеде функцијата во Берлин.
Според германските правила, германската гранична полиција има инструкции да им забрани пристап на германска територија на нелегални мигранти, дури и на оние кои бараат азил.
Оваа мерка предизвика критики од Полска.
Германски суд пресуди дека германските власти немаат право да враќаат мигранти на границата, но германската влада одлучи да се држи до мерката што ја воведе.
Од следната учебна година учениците ќе имаат електронски свидетелства

Од наредната учебна година наместо печатени, свидетелствата од завршени одделенија во основно образование ќе бидат во електронска верзија и дигитално ќе бидат преземани од средните училишта во кои учениците ќе се пријават за упис.
Ова го најави министерката за образование Весна Јаневска и додаде дека и во овој момент тоа е овозможено преку системот е-дневник, но ќе почне да се применува од идната година откако населението ќе биде повеќе информирано и подготвено за овој дигитален процес.
„Децата и родителите де факто и немаат потреба да го имаат свидетелството во раце освен што тоа е некаков начин да се дружат, да се пофалат, да се израдуваат, па некои и да се разочараат и да вложат повеќе труд. Не го правиме тоа оваа година затоа што не можеме туку затоа што огромен број наши ученици и родители не знаат како тоа да го направат, особено во рурални средини каде нема опрема и интернет. Дигиталната писменост треба да се поткрене на повисоко ниво. Очекувам дека следната година барем над 90 проценти ќе може да се заврши така, иако системот и сега е подготвен за тоа“, рече Јаневска.
Министерката меѓудругото додаде дека е задоволна што годинава се полнат средните стручни училишта. По првото пријавување во јуни над двојно повеќе ученици се запишале во стручни училишта (9469) отколку во гимназиите (4243).
Се чекаат резултатите од второто јунско електронско пријавување што беше спроведено вчера и до крајот на денов ќе бидат соопштени резултатите од рангирањето.
Прашана за интересот, таа рече дека пријавувања има за „скопските познати гимназии“, а во една од нив веројатно ќе има и квалификациско тестирање кое според конкурсните рокови треба да се организира на 4 јули.
Квалификациско тестирање или таканаречен приемен испит се спроведува доколку има повеќе ученици со исти бодови од успехот отколку предвидените слободни места.
Банките ги разгледуваат тарифите за намалување на провизиите

По барањето што го упати гувернерот на Народната банка, Трајко Славески во Македонската банкарска асоцијација (МБА), банките почнале да ги разгледуваат тарифите за можноста за намалување на провизите на одредени услуги.
Претседателката на МБА Маја Стевкова-Штериева изјави дека тоа е индивидуална одука на органите на управување на банките, а упати и на ветувањето од Народната банка за намалување на надоместоци што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС).
„Банките веќе почнаа да си ги разгледуваат тарифите, тоа што го даде гувернерот, но како што нагласив и тогаш тоа е индивидуална одлука на секоја банка односно на органите на управување на банката. Пред се, треба да ги погледнеме тарифите, беше ветено и од Народната банка дека на долговниот промет на страната на трансакциите поврзани со МИПС ќе има ослободување од таа трансакција. Тоа се покомплексни пресметки и за едното и за другото, така што во соодветно време очекувам дека ќе реагираат“, рече Стевкова Штериева.
Гувернерот Славески на средбата со претставниците на МБА минатата недела рече дека очекува во најкус можен рок банките да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво. Најави дека на тоа ќе претходи намалување на надоместоците што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), како што се надоместоците поврзани со долговниот промет.
Славески предупреди дека високите трошоци за извршување на плаќања можат да бидат бариера за користење на официјалните канали, особено кај населението со пониски примања кое во услови на ценовно недостапни услуги ќе мора да се потпира повеќе на готовина.
„Надоместоците за одржување на платежна сметка за компаниите - иако се на слично ниво како кај матичните банки од ЕУ, сепак претставуваат висок трошок, посебно за малите и средните компании во земјата, поради што треба да се намалат. Надоместоците за користење на електронско и мобилно банкарство, во услови кога се наплатуваат надоместоци за одржување на платежна сметка, претставуваат дополнителен трошок кој би требало да се укине имајќи предвид дека оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ, а дел од нив не наплатуваат вакви надоместоци ни од компаниите. Надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката треба да се укинат имајќи предвид дека за нивно извршување не е потребно користење на платни системи кои создаваат трошоци за банките, а оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ“, рече гувернерот.
Како што дополни, треба значитено да се намалат и надоместоците за меѓубанкарските плаќања во домашната валута кои се извршуваат преку платните системи КИБС и МИПС имајќи предвид дека ваквата услуга кај матичнитеевропски банки за плаќањата во евра како национална валута во СЕПА е бесплатна или по многу ниски надоместоци за граѓаните, најмногу до 1 евро.
Славески смета дека треба да се намалат и поедностават надоместоците за подигнувањето готовина на туѓи банкомати во земјата и странство кои кај некои баки се и во вид на процент од износот. Гуверенерот рече дека и надоместоците за прифаќање картички на продажни места кај трговците кои банките ги наплатуваат од трговците треба да се намалат имајќи предвид дека меѓубанкарските провизии се ограничени со Законот за платежни услуги и платни системи и се сведени на нивоата во ЕУ.
Според последните податоци од 2024 година, нето-приходите од надоместоци учествуваат со 18 проценти во вкупните нето-приходи на банките.
Укинати граничните контроли меѓу Бугарија и Романија

Граничните контроли меѓу Бугарија и Романија денеска (1 јули) се официјално укинати по шестмесечна транзиција во спроведувањето на Шенгенскиот договор.
Со ова завршува преодниот период на зголемени внатрешни гранични контроли, кој остана во сила шест месеци по нивното пристапување во Шенген зоната по копно на 1 јануари 2025 година.
Привремениот граничен режим беше резултат на договор постигнат со Австрија, која првично се спротивстави на целосниот влез на Бугарија и Романија во Шенген, а како компромис, Австрија побара контролите на заедничката граница да бидат продолжени за половина година, дури и откако двете земји добија пристап до Шенген зоната по воздушен и морски пат на почетокот на годината.
Со завршувањето на преодниот период, Бугарија и Романија сега работат под исти услови како и другите членки на Шенген, што го одразува напредокот на двете земји во усогласувањето со европските стандарди за граници и миграција.
Отстранувањето на внатрешните контроли меѓу двете соседни земји се совпаѓа со 40-годишнината од Шенгенскиот систем, кој беше направен за да се промовира слободното движење на луѓе и стоки преку европските граници.
Додадено е дека граничните аранжмани на јужната граница на Бугарија со Грција остануваат непроменети, што значи дека иако таму не се вршат формални контроли, граничните службеници сè уште го задржуваат правото да вршат проверки кога е потребно.
Над 40 проценти од младите не веруваат во брза интеграција на Македонија во ЕУ

Повеќе од 40 отсто од младите во земјава ја доживуваат Европската Унија позитивно, 24 проценти имаат негативен став за Унијата, додека нешто над една третина или речиси 35 проценти од младите се неутрални. Ова го покажуваат резултатите од онлајн анкета спроведена на крајот на јуни 2025 година со учество на над 1000 млади лица од земјава.
Истражувањето е дел од поширока анализа за ставовите на младите кон Европската Унија и се реализира во рамки на соработката меѓу Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП Скопје), Европскиот Центар за извонредност (ECE Брисел) и германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“, а во соработка со македонската младинска платформа „Студентарија“.
Младите ја посочуваат корупцијата како најголема пречка за европската интеграција, односно 84,6 проценти од испитаниците ја избрале оваа опција. По неа следат билатералните спорови (61 процент) и ниската доверба во институциите (60 проценти).
Според анкетата, младите се изјасниле дека се доволно запознаени со вредностите и политиките на ЕУ. Оваа можност ја избрале 53 проценти, додека речиси ист број на млади испитаници рекле дека се многу (22 проценти) или, пак, малку (21.5 проценти) запознаени за ЕУ. Низок процент, односно само 3.5 проценти од младите рекле дека воопшто не се запознаени со вредностите и политиките на Унијата.
На прашањето која земја од Западен Балкан најверојатно ќе стане членка на ЕУ во следните пет години, младите од Северна Македонија најчесто го избираат одговорот дека тоа ќе биде Албанија, со над 53,2 проценти од гласовите, додека втора на листата е Црна Гора со 34,5 проценти. Следува Србија со 14,7 проценти, додека под 10 проценти се останатите земји од Западен Балкан.
Само 5 отсто од испитаниците во оваа онлајн анкета веруваат во македонската интеграција во ЕУ во следните 5 години.
На анкетата одговориле над 1000 млади луѓе од земјава од кои 81,5 процент се актуелни студенти на додипломски или постдипломски студии, а е спроведена во соработка со младинската платформа „Студентарија“ и претставува дел од тековен истражувачки процес кој ќе резултира со тематска публикација и конкретни препораки за идно дејствување на националните и ЕУ институциите, со цел правилно адресирање на евроскептицизмот меѓу младите луѓе во земјите-кандидати за членство во Европската Унија.
Данска го презема претседавањето со ЕУ

Данска денеска (1 јули) го презема ротирачкото шестмесечно претседателство со Европската Унија од Полска.
Се очекува владини претставници од Копенхаген да претседаваат со бројни министерски состаноци во текот на следните шест месеци и да дејствуваат како медијатори во споровите меѓу 27-те земји-членки на ЕУ.
Тематски, Данците сакаат да се фокусираат на заеднички проекти за вооружување против заканата што ја претставува Русија и зголемена конкурентност во рамките на ЕУ под мотото „Силна Европа во светот што се менува“. Тие, исто така, се надеваат дека ќе ги унапредат законските проекти за борба против несаканата миграција и климатските промени.
Главните предизвици за данското претседателство веројатно ќе ја вклучуваат тековната унгарска блокада на Украина во преговорите за пристапување кон ЕУ и трговскиот спор со Соединетите Држави.
Понатамошни спорови се закануваат околу финансиски прашања, бидејќи дискусиите за долгорочниот буџет на ЕУ од 2028 до крајот на 2034 година треба да започнат во наредните месеци.
Позициите на земјите-членки се многу различни. На пример, Германија, како нето придонесувач, се спротивставува на зголемувањето на својот буџет, кој неодамна изнесуваше повеќе од еден трилион евра.
Почетокот на данското претседателство ќе биде прославен в четврток во Архус, вториот по големина град во скандинавската земја. Меѓу гостите се претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и нејзиниот тим, како и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете