Обвинението напишано на повеќе од 160 страници со огромен број доказен материјал се уште чека оценка од Кривичниот суд Скопје. Неофицијалните информации до кои дојде Радио Слободна Европа, од високи извори во Судот се дека 39 адвокати на 34 обвинети поднеле приговори, но судот се уште чека да помине и рокот од 8 денови за некој од нив да не испратил приговор по пошта.
Советот кој ќе работи на оценка на обвинението е формиран од тројца судии, од кои двајца работат во одделот за организиран криминал и тоа Илија Трпков и Софче Гаврилова, додека претседател на советот е судијката Моника Бахчовановска, велат истите извори за РСЕ.
Сепак од Судот велат дека оваа постапка ќе биде долга од причина што се работи за обемен предмет. Го споредуваат со оценката на обвинението за предметите познати како „Синџир“ и „Адитив“ на кои се чекаше по околу 4 месеци.
Официјално од Кривичниот суд Скопје велат дека се уште течат роковите за жалби.
„Станува збор за обемен обвинителен акт со голем број докази и оштетени лица и судот ги презема сите законски обврски за навремена оцена со доследно почитување на правата на странките. Судот апсолутно го разбира интересот на јавноста за оваа постапка, но укажува дека должност е да се почитуваат правата на сите засегнати како и законските рокови предвидени во Законот за кривичната постапка, се со цел да не се случат пропусти кои во иднина може да ја компромитираат целосната судска постапка“, пишуваат од судот.
Обвинителството обвинението го поднесе на 13 јуни. Во него се обвинети 34 лица и три фирми. Надлежноста ја презема Кривичниот суд откако беше утврдено дека во основниот суд во Кочани нема доволно судии и ресурси за да се води ваков голем процес.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ кој брани еден од обвинетите во постапката смета дека поднесувањето на приговори станало само формалност за судот.
„Знаејќи како постапува судот, оценка на обвинителен акт и поднесувањето на приговори за жал станаа чиста формалност. Очекуваме дека ќе бидат одбиени и ќе одиме на судење“, вели адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
Од „Коалицијата сите за правично судење“ велат дека со оглед на обемноста на предметот очекувано е подолго да трае оценувањето.
„Од досегашната пракса на работењето на судовите, бидејќи станува збор за обемен предмет во кој има триесетина обвинети очекувано е оваа фаза на постапката, односно оцената на обвинението да трае одреден период имајќи предвид дека обвинението треба да се достави до сите обвинети, а потоа истите имаат право да поднесат приговор на обвинението по што ќе следи одлуката на судот за негова оцена“, велат од коалицијата.
Од Јавното обвинителство, кое го поднесе обвинението, не сакаат да коментираат постапка која е во надлежност на Судот.
Очекувања од процесот
Судечки совет кој ќе го води предметот ќе се бара со помош на АКМИС системот. Но, веќе двајца судии побарале изземање уште при оценката поради поврзаност со дел од обвинетите или адвокатите.
Очекувањата се дека и уште неколкумина судии може да побараат изземање со оглед на тоа што имаат сопружници во Обвинителството.
За Давидовиќ е спорна и самата квалификација на делото за кое сите обвинети ќе одговараат. Тоа е „тешки дела против општата сигурност“ каде казните се движат од 3 до 20 години затвор, а резултат од делото се смртни последици.
„Нашите впечатоци се создадоа уште при претставувањето на обвинението од страна на државниот обвинител кој постојано објаснуваше кој што и како направил и зошто е таква правната квалификација. Реагиравме дека не е можно сите тие луѓе кои се обвинети да бидат опфатени со оваа правна квалификација за тоа што едноставно битието на делото никако не може да им се стави на товар односно нивните дејствија да се доведат во корелација со законското битие на ова кривично дело“, вели Давидовиќ.
Инаку во обвинението е посочен период од 13 години во кој обвинетите се товарат дека со своите постапки придонеле да се случи трагедијата или пак тоа што ништо не сториле исто така довело до неа. Ова се однесува посебно на службените лица и функционерите.
„Сите лица се обвинети во согласност со дејствијата што ги презеле или не ги презеле и со тоа придонеле за катастрофалната штетна последица. Врз основа на доказите, секој од нив го исполнил битието на наведеното кривично дело“, велат од Обвинителството.
Невладината која ги следи судските постапки вели дека е прерано да се каже кои се очекувањата од обвинението и престојното судење и покрај тоа што очите на јавноста се вперени во целиот процес.
„Можеме да очекуваме судски процес кој би траел бидејќи пред сѐ има голем број на обвинети, голем број на оштетени лица но најавени се и обемен број на докази кои треба да се изведат на главна расправа“, вели Ивана Петковска од Коалицијата сите за правично судење.
Според извори од затворот „Идризово“, најверојатно во судницата која е изградена таму ќе се води судскиот процес.
Обвинителството се уште води истраги за пожарот
Истрагата на обвинителството не е завршена за уште голем број осомничени за пожарот. Уште при поднесувањето на обвинението државниот обвинител Љупчо Коцевски рече дека истрагата ќе паузира за пејачот од групата ДНК Владимир Блажев – Панчо кој се уште е на лекување после претрпените сериозни повреди.
Истрага се уште не е завршена ниту за полицајците. Неа ја води специјализираното одделение кое е формирано во рамки на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција а се занимава само со дела кои ги сториле полициски службеници од МВР.
„За сите 27 полициски службеници е во тек и се спроведува во целост во рамките на законските рокови. Интензивно се преземаат дејствија, а штом биде донесена јавнообвинителска одлука јавноста ќе биде известена“, велат за РСЕ од Обвинителството.
Во обвинителството се уште трае и истрагата за неформалниот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ кој беше уапсен последен, речиси три месеци по трагедијата.
Дел од обвинетите се уште се во притвор додека дел се бранат или од домашен или од слобода. За осомничениот функционер, актуелниот министер без ресор Шабан Салиу има мерки за претпазливост, а и покрај тоа што премиерот Христијан Мицкоски најави дека размислува за негово разрешување тоа не го стори. Тој се уште ги користи бенефициите кои му следуваат со функцијата.
Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши исто така судењето го чека само со мерки за претпазливост и на социјалните мрежи е активно вклучен во поддршка на кандидати за градоначалници на ДУИ за претстојните локални избори.
Роднините на загинатите жртви секоја сабота со „Марш на ангелите“ кој се одржува во Кочани бараат правда за нивните деца. Не се задоволни од досегашната постапка и бараат оставки.