Достапни линкови

Вести

Бектеши: Уште 100 пати да се бара од нас, исто толку пати би одлучиле идентично за Иловица

Протест против владината одлука за спојување на концесиите „Иловица - Штука“, Струмица, 16 јули 2023
Протест против владината одлука за спојување на концесиите „Иловица - Штука“, Струмица, 16 јули 2023

Министерот за економија Крешник Бектеши се врати од пат во САД и најпрво не пред Владата туку пред медиумите на брифинг објаснуваше зошто е побарано и одобрено спојување на две концесии за експлоатација на бакар и злато од компанијата Еуромакс Ресоурцес ДОО Скопје, за рудникот Иловица. Тврди дека Министерството за економија само го почитувало законот и насоките дадени од Управниот суд.

„Уште сто пати да се повтори оваа ситуација, уште сто пати би одлучиле идентично“, дециден е Бектеши.

Тој пред новинарите го презентираше целиот процес за добивање две концесии за Иловица. За првата постапката започнала во 2005 година а завршила со потпис на концесија од тогашниот министер Зоран Ставревски во 2012 година. Но, откако фирмата во 2016 год побарала дозвола за експлоатација што е финален чекор, министерството за економија во 2019 во време на Бектеши како министер, ја одбиле фирмата со образложение дека документацијата е некомплетна.

Иницијативата за втората концесија била отпочната во 2009 год, ги поминала исто така сите фази и позитивни мислења од Министерството за животна средина, за Транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Министерството за култура, Министерството за земјоделство, Општините Босилево и Ново Село и одлуката за давање на концесија била потпишана од тогашниот премиер Никола Груевски во 2015 година. Кога повторно во Министерството за економија било побарана дозвола за експлоатација повторно во 2019 год било донесено решение дека документацијата е некомплетна.

Во меѓувреме во два наврати фирмата побарала да се спојат двете концесии и тоа во 2018 и во 2019, но по предлогот за спојување немало одлуки. Токму тоа вели Бектеши дека е причина што сега во 2023 та Управниот суд донел одлука дека мора да се одлучува по барањето за спојување на двете концесии.

Но, Министерот за економија не кажа конкретно пред новинарите, зошто на седницата на кога цела влада гласаше за соединување на концесиите тој како министер предложил итно носење на оваа одлука, а останатите како што рекоа без да знаат за што се работи, гласале.

„Не успеав да се слушнам со колегите, но целосно ги отфрлам сите тврдења кои деновиве ги видов во медиумите. Во сите документи имаа увид преку системот е-влада, ден претходно. Со никој од нив не сум во нарушени односи и во вторник на седница се ќе им презентирам, и додатно ќе им ја доставам хронологијата за тоа како е дојдено до концесии. Итноста на точката е заради други предмети кои ги имаме во моментов, а се наоѓаат пред меѓународна арбитража, но не можам да откривам детали за да не наштетам на постапките“, рече Бектеши.

Владата на 27 јуни гласаше двете концесии да бидат споени - едната концесија за експлоатација на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“ во општина Босилово, а другата исто така на локалитетот „Иловица“, но која зафаќа дел и во општина Ново Село. Ваквата одлука предизвика силни реакции во јавноста, особено од активистите кои се борат против отворање на рудник во струмичко и сметаат дека драматично ќе ја загрози животната средина, по што неколку министри од Владата најавија ревидирање на оваа одлука.

Премиерот Димитар Ковачевски и денеска повтори дека сите информации поврзани со рудникот Иловица најпрво ќе бидат доставени до Владата, а потоа министерот за економија Крешник Бектеши ќе ги сподели и со медиумите. Но, Бектеши го стори спротивното. Сепак Ковачевски повтори дека ако граѓаните не сакаат, рудник нема да има.

„Министерството за економија на наредната седница треба да достави детална информација за сите одлуки, судски и управни постапки водени од 2012 година до денес. Врз основа на таа информација потоа ќе се донесат соодветни одлуки за иднината. Притоа ќе мора да се внимава на интересот на граѓаните, јас тоа јасно сум го кажал од првиот ден, дека рудници може да има има само со согласност на граѓаните, ако се против, не може да има“, рече Ковачевски.

Сега и Бектеши тврди дека е против тоа да се отвораат рудници, но вели дека мора да ги почитува законите. Професори од правниот факултет за Радио Слободна Европа тврдат дека одлуката на Владата може да се поништи. Бектеши пак решението го гледа во давањето нова концесија после која по законот следуваат нови четири години, рок за да се добие дозвола за експлоатација.

За неформалната иницијатива „Здрава котлина“ која се противи на отворање на рудникот „Иловица - Штука“, ваквиот расплет на настаните е поврзан со тетовската интернационална компанија „Еколог“ и семејството Дестани. Активистите од иницијативата претходно објавија дека 25 насто од компанијата „Еуромакс Рисорсес“ се продадени на компанија преку холандскиот холдинг „НД Груп“, во која е дел и компанијата „Еколог“ на бизнисменот Дестани.

Се сомневаа дека станува збор за фирма што е блиска со ДУИ, што за нив остави големи сомнежи дека се случува трговија со влијание. Министерот вели дека ги познава Дестани, но дека нема никаква поврзаност со нив или пак неговата матична партија ДУИ.

види ги сите денешни вести

Иранскиот претседател во посета на Пакистан за зајакнување на односите

Архивска фотографија иранскиот претседател Масуд Пезешкијан
Архивска фотографија иранскиот претседател Масуд Пезешкијан

Пакистан го пречека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во саботата на дводневна официјална посета, бидејќи двата соседа имаат за цел да ги зајакнат своите билатерални односи во услови на зголемени тензии во регионот и пошироко, јавува германската новинска агенција ДПА.

Пезешкијан пристигна во источниот град Лахор, а локалните медиуми емитуваа снимки од слетувањето на неговиот авион.

Поранешниот премиер Наваз Шариф и главниот министер на покраината го пречекаа претседателот.

За време на неговата прва посета, иранскиот претседател треба да разговара со претседателот Асиф Али Зардари и премиерот Шехбаз Шариф, соопшти пакистанското Министерство за надворешни работи.

Во петокот, Пакистан соопшти дека ќе продолжи да ја игра својата улога во смирувањето на тензиите меѓу Иран и САД.

„Иран е наш близок пријател и братска соседска земја. Ние остануваме посветени на давање позитивен придонес за намалување на тензиите и промовирање дипломатски решенија за проблемот. Отворени сме да ја играме таа улога и ќе продолжиме да ја играме таа улога“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на неделниот брифинг за медиумите.

Претходно, американскиот државен секретар Марко Рубио изрази „благодарност за континуираната подготвеност на Пакистан да игра конструктивна улога во посредувањето во разговорите со Иран и неговата посветеност на зачувувањето на регионалната стабилност“.

Односите меѓу Пакистан и Иран честопати беа нестабилни, особено поради прекуграничната милитантност, а тензиите ескалираа во јануари минатата година кога двете страни започнаа ракетни напади од типот „очи за око“.

И покрај тензиите, двете земји ја држеа дипломатската врата отворена. Во мај, иранскиот министер за надворешни работи го посети Пакистан во услови на зголемени тензии со Индија.

За време на иранско-израелската војна, Пакистан го поддржа правото на Иран на самоодбрана и ги осуди нападите на САД врз нуклеарните постројки.

Вучиќ: Додик нема да биде уапсен во Србија, ако дојде

Архивска фотографија, претседателот на Република Српска Милорад Додик и српскиот преседател Александар Вучиќ
Архивска фотографија, претседателот на Република Српска Милорад Додик и српскиот преседател Александар Вучиќ

Пресудата против Милорад Додик, претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС), сериозно ја поткопа безбедноста во регионот, оцени Српскиот совет за безбедност на 2 август.

Додик, беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција на 1 август поради непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Српскиот претседател Александар Вучиќ по седницата на Советот на 2 август изјави дека ова е „најтешката ситуација за нас од 2008 година“.

„Прашањето е каде и како ќе заврши ова и затоа е важно нашето инсистирање на зачувување на мирот и регионалната стабилност. Донесената одлука е ништо друго освен недемократска, таа е насочена и против Република Српска и српскиот народ како целина“, рече Вучиќ и нагласи дека „Додик нема да биде уапсен во Србија, ако дојде“.

Вучиќ изјави дека на српскиот народ во Косово му претстои „тешка борба за опстанок“ и дека таму е „многу тешко“, но дека „ситуацијата во Босна и Херцеговина му предизвикува најголем страв“.

Во заклучоците на Советот се наведува дека „политичката и безбедносната ситуација во регионот е сериозно нарушена, со тенденција дополнително да се влоши и да предизвика меѓуетнички конфликти директно насочени против српскиот народ“.

Советот „ги повика сите актери во регионот да останат смирени и рационално да ја разгледаат ситуацијата“ и подвлече дека „ваквите акти директно го кршат уставниот поредок на Босна и Херцеговина, воспоставен со Дејтонскиот мировен договор“.

Примарната цел на дипломатските и правните активности на Србија по оваа пресуда, како што заклучи Советот, ќе биде „зачувување на РС во согласност со Дејтонскиот договор, со силна и активна кампања во меѓународните организации како најважни партнери“.

Србија, како што заклучи Советот, ќе „ги употреби сите дипломатски, политички и правни средства што ѝ се на располагање за да обезбеди поддршка на Република Српска и нејзините легални и легитимни претставници“.

Адвокатот на Додик, Горан Бубиќ, објави по објавувањето на пресудата дека ќе биде поднесена жалба до Уставниот суд на Босна и Херцеговина, во обид да ја оспори.

„Исто така, ќе побараме привремена мерка за замрзнување на извршувањето на пресудата до одлуката на Уставниот суд на БиХ“, рече Бубиќ на прес-конференција на 1 август во Бања Лука, наведувајќи дека ова се чекори неопходни за понатамошна жалба до Европскиот суд за човекови права.

На истата прес-конференција, Додик изјави дека не ја прифаќа пресудата ниту кривичното дело за кое е осуден.

Тој најави нови одлуки на Народното собрание на РС, кое треба да усвои „јасен план за тоа како да се излезе од ова“, без да прецизира какви би биле тие одлуки.

Американскиот пратеник на средба со семејствата на заложниците во Газа

Архивска фотографија, амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби и специјалниот пратеник на Белата куќа за Блискиот Исток, Стив Виткоф, при посета на локацијата за дистрибуција на храна и помош на Хуманитарната фондација за Газа
Архивска фотографија, амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби и специјалниот пратеник на Белата куќа за Блискиот Исток, Стив Виткоф, при посета на локацијата за дистрибуција на храна и помош на Хуманитарната фондација за Газа

Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф се сретна во Тел Авив со роднините на заложниците кои се држени во Појасот Газа во саботата и им рече дека САД ќе ги вратат нивните најблиски дома и ќе се погрижат Хамас да биде повикан на одговорност.

„Ќе ги вратиме вашите деца дома и ќе го сметаме Хамас за одговорен за сите лоши дела од нивна страна. Ќе направиме што е исправно за народот на Газа“, им рекол Виткоф на семејствата, се наведува во соопштението.

„Знаеме кој е жив и некој ќе биде виновен ако не излезат живи. САД стојат зад оваа изјава“, додаде тој.

Пратеникот на Трамп, исто така, изрази надеж дека крајот на војната е близу.

„Имаме план да ја завршиме војната и да ги вратиме сите дома“, вели тој.

За американскиот претседател Доналд Трамп, ослободувањето на сите заложници е „света мисија“. Во последниве денови, Хамас и други исламистички организации во Појасот Газа објавија видеа од двајца заложници.

Семејствата забранија ширење на видеата, иако во еден случај беа дозволени фотографии.

Снимките од ослабени заложници во тунел ги шокираа многу Израелци. Според официјалните израелски бројки, 50 заложници сè уште се во Појасот Газа, од кои се верува дека најмалку 20 се живи.

На 7 октомври 2023 година, Хамас и други исламисти киднапираа повеќе од 250 луѓе од Израел.

Приближно 1.200 луѓе беа убиени во масакрот. Нападот и земањето заложници ја предизвикаа војната во Газа.

Во текот на речиси 22 месеци војна, повеќе од 60.000 луѓе во Газа се убиени, тврдат палестински извори контролирани од Хамас.

Еден човек е повреден,а две бараки изгорени во пожар во скопско Лисиче

Илустрација, куќи зафатени од пожар
Илустрација, куќи зафатени од пожар

Две куќи се опожарени, а еден човек е повреде при пожарот кој избил во скопската населба Лисиче во Општина Аеродром. Пожарот настанал доцна во ноќта во една од бараките и се проширил кон покривот на соседната, објаснуваат од Министерството за внатрешни работи.

„На 02.08.2025 околу 01:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар во куќа на ул.„Ѓорѓе Андреевиќ-Кун“ во скопската населба Лисиче. Од пожарот целосно изгореле две куќи, во сопственост на С.С.(61) и Д.Ѓ. (30), а во делот на кровот била опожарена куќата на С.Г.(57)“, прецизираа од МВР.

Пожарот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Шеесет годишниот сопственик на изгорената куќа се здобил со повреди и со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување помош.

Турција испрати азербејџански гас во Сирија

Илустрација
Илустрација

Природниот гас од Азербејџан почна да тече кон Сирија во саботата преку гасоводот Турција-Сирија, кој поминува низ јужната турска погранична покраина Килис, помагајќи во задоволувањето на енергетските потреби на земјата, погодена од војната, објавија државните медиуми.

Турскиот министер за енергетика Алпарслан Бајрактар го поздрави потегот како „историски момент“ на церемонијата на отворање во Килис, објави државната новинска агенција Анадолу.

Катар, исто така, го спонзорира проектот, се додава во извештајот. Планирано е гасоводот да испорачува до 6 милиони кубни метри азербејџански гас дневно во Сирија.

„Се очекува првичните испораки да стигнат до Алепо во северна Сирија, а потоа да се прошират до Хомс во центарот на земјата, овозможувајќи рестартирање на електраните“, изјави министерот Бајрактар.

Тој додаде дека Турција би можела да извезува до 2 милијарди кубни метри гас годишно во првата фаза - доволно за да генерира 1.200 мегавати електрична енергија и да снабдува околу 5 милиони домаќинства.

Сирискиот министер за енергетика Мохамед ал-Башир присуствуваше на стартувањето на испораката на азербејџанскиот гас, нарекувајќи го „стратешки чекор“ кон подобрување на енергетската безбедност на Сирија.

„Гасоводот директно придонесува за подобрување на снабдувањето со електрична енергија и зголемување на работното време во електраните, што позитивно влијае на економијата и условите за живот“, рече тој, јавува сириската државна новинска агенција САНА.

Турција и Катар се клучни поддржувачи на новите владетели на Сирија откако бунтовничката алијанса предводена од исламистите го собори долгогодишниот владетел на земјата Башар ал-Асад во декември. Од падот на ал-Асад, новото раководство на Сирија побара поддршка од надворешниот свет за рехабилитација на земјата уништена од повеќе од една деценија граѓанска војна.

Украина ја таргетира руската инфраструктура во нов бран напади со беспилотни летала

Илустрација, украински напади со беспилотни летала врз Русија
Илустрација, украински напади со беспилотни летала врз Русија

Експлозии и пожари беа пријавени во неколку руски региони по бранот украински напади со беспилотни летала, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека распоредува нуклеарни подморници „поблиску до Русија“ неколку дена пред рокот што ѝ го даде на Москва да склучи мировен договор со Киев.

Украинските напади со беспилотни летала врз руските региони во текот на ноќта, предизвикувајќи експлозии во постројки за преработка на нафта, јавува германската новинска агенција ДПА.

Властите во погодените региони Самара, Пенза и Рјазан ги потврдија нападите со беспилотни летала и рекоа дека остатоците од пресретнатите беспилотни летала погодиле индустриски објекти, иако официјално не се пријавени штети или повредени.

Видео објавено на социјалните медиуми наводно прикажува масовна експлозија во нафтен постројка во близина на градот Самара, лоцирана на реката Волга.

Поради заканата од беспилотни летала, властите во регионот Самара, исто така, привремено ги прекинаа летовите на локалниот аеродром.

Во Рјазан, очигледно беше погодена нафтена постројка. Гувернерот Павел Малков потврди напад, но одби да даде дополнителни детали, повикувајќи ја јавноста да не споделува слики што би можеле да му помогнат на непријателот.

Во регионот Пенза, се вели дека е погодена фабрика за која се вели дека произведува компоненти за системи за водење ракети. Нема потврда за нападот од страна на властите.

Во Москва, руското Министерство за одбрана во саботата наутро соопшти дека се соборени повеќе од 100 украински беспилотни летала. Во соопштението на министерството, како и претходно, не се споменуваат жртви или материјална штета во погодените региони.

Во текот на повеќе од тригодишната руска инвазија, украинските власти изјавија дека нивните напади со беспилотни летала имаат за цел да ја нарушат воената логистика на Русија длабоко зад линиите на фронтот - насочувајќи се кон складишта за гориво, залихи со муниција и транспортна инфраструктура.

Претседателот на Црна Гора побара разрешување на Вицепремиерот

Архивска фотографија од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, при презентација на Платформата за ЕУ
Архивска фотографија од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, при презентација на Платформата за ЕУ

Вицепремиерот Ник Ѓељошај упатил низа закани и несоодветни пораки до претседателот Јаков Милатовиќ, соопштија од Кабинетот на црногорскиот претседател, веднаш откако беше објавено дека шефот на државата го вратил Законот за данок на недвижен имот во Парламентот на повторно разгледување.

Вечерта на 1 август, канцеларијата на Милатовиќ го повика премиерот Милојко Спајиќ веднаш да го разреши Ѓељошај. Во соопштението од Кабинетот на претседателот, заканите се должат на долгогодишните правни спорови што околу извесно (нелегалното) пресметување на данок на недвижен имот на земјоделско земјиште.

„Клучната улога во овој процес“, тврди понатаму кабинетот на Милатовиќ, „ја играше сегашниот вицепремиер и тогашен претседател на Општина Тузи, Ник Ѓељошај, против кого компанијата „Плантажи“ поднесе кривична пријава до Специјалното државно обвинителство“.

Несогласувањата меѓу Општина Тузи и Плантажи траат со години. Со формирањето на Општина Тузи, добар дел од парцелите во Плантажи паднаа под територијата на таа локална самоуправа.

Ѓелјошај, пак, во изјава за медиуми посочи дека Милатовиќ се обидува да ги искористи обвинувањата за да ја одвлече темата тоа дека тој одбил да го потпише Законот за данок на недвижен имот.

Тој наведува дека Милатовиќ одбил да го потпише Законот „поради неговите кумски врски со Небојша Вуксановиќ“, поранешниот претседател на Управниот одбор на компанијата „13. јули - Плантажи“, со цел да добие лична корист за себе и за себе“.

Небојша Вуксановиќ е поранешен функционер на Социјалистичката народна партија, за кого, од Кабинетот на претседателот ги демантираат тврдењата за кумство и дека бил вработен како соработник во Кабинетот на претседателот на Црна Гора.

Како што беше најавено во петокот, Милатовиќ го врати Законот за данок на недвижен имот поради, како што тврди, кршење на Уставот, правна несигурност и можноста 22.000 земјоделци да ги изгубат даночните олеснувања.

Српскиот совет за безбедност заседава по приведувањето на осомничени за уривањето на настрешница во Нови Сад

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ

Советот за национална безбедност на Србија на втори август ќе заседава откако 11 лица, меѓу кои и поранешен министер, беа уапсени еден ден претходно како осомничени во случајот со уривањето на настрешницата на реконструираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.

Седницата на Советот беше закажана на барање на српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Поминавме низ бројни кризи, од поплави, миграциска криза, корона, украинска војна, многу работи што беа тешки, разни провокации што беа извршени против нас во Косово, напади во Сребреница, до сè друго. Но, Србија не била во толку тешка ситуација од 2008 година како што е сега,“ изјави Вучиќ на први август.

Српското обвинителство за организиран криминал (ТОК) првично објави на 1-ви август дека шестмина осомничени се уапсени под сомнение за сторени кривични дела поврзани со корупција во врска со проектот за модернизација на железницата од Нови Сад до границата со Унгарија, вклучувајќи го и поранешниот министер на српската влада Томислав Момировиќ.

Потоа, во попладневните часови на 1 август, беше објавено дека се уапсени уште пет лица. Обвинителството соопшти дека меѓу уапсените се Ненад Игњатовиќ, одговорното лице и сопственик на компанијата „Деко тим“ д.о.о. од Бешка, Слободанка Катаниќ, која беше инвестициски менаџер на компанијата „Инфраструктура железниче Србија“ а.д. Белград и менаџер на Проектот за модернизација и реконструкција на унгарско-српската железничка врска Белград - Будимпешта, Александар Цвјетковиќ, директор и одговорно лице на Младинската задруга „Менаџер“, како и Драган Поповиќ и Зоран Мијајловиќ, одговорни лица во неколку деловни субјекти.

Како дел од тој проект, беше спроведена тригодишна реконструкција на Железничката станица во Нови Сад.

ТОК наведува дека уапсените осомничени се осомничени дека го оштетиле буџетот за 115 милиони долари преку коруптивни дејствија.
Во исто време, се сомнева дека конзорциумот на кинески компании CRIC&CCCC (China Railway International Co. Ltd и China Communications Construction Company Ltd) кој ја гради брзата железница, „стекнал материјална корист“ во вредност од најмалку 18,7 милиони долари.

Претставници на властите во Србија склучија договор со нив и овој кинески конзорциум врз основа на меѓувладиниот договор меѓу Србија и Кина, без да распишат тендер.

Несреќата на Железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 16 лица, предизвика бран масовни антивладини протести низ цела Србија.
Стотици илјади граѓани излегоа на улиците во изминатите осум месеци со клучно барање - да се утврди кривична и политичка одговорност за несреќата. Фокусот на протестите се обвинувањата дека корупцијата довела до уривање на кровот.

Индонезиски вулкан исфрли пепел во висина од 18км

Илустрација активен вулкан во Индонезија
Илустрација активен вулкан во Индонезија

Планината Левотоби Лаки Лаки, еден од најактивните вулкани во Индонезија, еруптираше втор ден по ред, исфрлајќи пепел во висина од 18 километри. Нема пријавено жртви.

Ерупцијата е регистрирана во индонезиската покраина Источна Нуса Тенгара и произведе густ облак од сиво-црна пепел. Пепелта се движеше кон југозапад, запад и северозапад, објави Центарот за вулканологија и намалување на геолошките опасности.

Ова е втора ерупција во послените 24 часа. Претходната ерупција создаде обласк од пепел во висина од 10 километри. Индонезиската геолошка агенција регистрираше лавина од облаци од жежок гас измешани со камења и лава што патуваа до 5 километри по падините на планината. Набљудувањата со дрон покажаа длабоко движење на магмата, предизвикувајќи потреси што беа регистрирани на сеизмичките монитори.

Вулкански материјал, вклучувајќи топол чакал со големина на палец, беше исфрлен до 8 километри од кратерот, покривајќи ги околните села и градови со густ вулкански остаток, соопшти агенцијата. Ги замоли жителите да бидат внимателни во врска со обилни врнежи од дожд што би можеле да предизвикаат лавински текови во реките што потекнуваат од вулканот.

Ерупцијата во саботата беше една од најголемите во Индонезија од 2010 година, кога планината Мерапи, најнестабилниот вулкан во земјата, еруптираше на густо населениот остров Јава. Таа ерупција уби повеќе од 350 луѓе и принуди стотици илјади да се евакуираат.

Исто така, се случи помалку од еден месец откако големата ерупција на 7 јули предизвика одложување или откажување на десетици летови на аеродромот Нгура Раи на Бали, а патиштата и оризовите полиња ги покри со густа, сива кал и камења.

Левотоби Лаки Лаки, вулкан од 1.584 метри на оддалечениот остров Флорес, е на највисоко ниво на тревога откако еруптираше на 18 јуни, а зоната на исклучување е двојно зголемена на радиус од 7 километри (4,3 милји) бидејќи ерупциите стануваа почести.

Индонезиската влада тогаш трајно пресели илјадници жители по серијата ерупции во кои загинаа девет лица и беа уништени илјадници домови во ноември.

Индонезија е архипелаг со повеќе од 280 милиони луѓе со честа сеизмичка активност. Има 120 активни вулкани и се наоѓа долж „Огнениот прстен“, низа сеизмички раседни линии во облик на потковица што го опкружуваат Тихоокеанскиот басен.

Најмалку 30 загинати при последниот руски напад врз Киев

Последици од рускиот ракетен и беспилотен напад во Киев
Последици од рускиот ракетен и беспилотен напад во Киев

Американскиот претседател Доналд Трамп го искоментира како „одвратен“ смртсносниот руски напад врз Киев при кој загинаа најмалку 31 лице од кои 5 деца. Тој најави нови санкции врз Москва.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалните мрежи на 1 август изјави дека спасувачките операции по „одвратниот напад“ сега се завршени, со 159 повредени други. Меѓу загинатите, додаде тој, имало и двегодишно дете.

„Уште еднаш, овој подмолен напад од страна на Русија ја покажува потребата од зголемен притисок врз Москва и дополнителни санкции. Без разлика колку Кремљ ја негира нивната ефикасност, санкциите функционираат, и тие мора да се зајакнат“, напиша Зеленски.

Претходно во Белата куќа, Трамп рече дека САД планираат да воведат нови санкции врз Москва, без да биде конкретен и додаде „не знам дали санкциите го мачат“, мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин.

Западните земји воведоа долга низа финансиски мерки против Русија, предизвикувајќи кратер на економијата додека се обидуваат да го одбијат финансирањето потребно за финансирање на војната на Кремљ.

„Русија, мислам дека е одвратно она што го прават“, им рече Трамп на новинарите.

Американскиот претседател рече дека неговиот специјален претставник, Стив Виткоф, ќе отпатува за Москва по патувањето во Израел, каде што разговара за ситуацијата во Газа со израелски претставници. Тој не даде распоред за посетата на Виткоф во Москва.

„Тој оди во Русија, верувале или не“, им рече Трамп на новинарите.
Коментарите доаѓаат неколку часа откако Зеленски повика на „промена на режимот“ во Кремљ, велејќи дека тоа е единствениот начин да се спречи Русија да се обиде да го „дестабилизира“ регионот во иднина.

Зборувајќи од далечина на настан по повод 50 години од потпишувањето на Завршниот акт од Хелсинки од времето на Студената војна, Зеленски на 31 јули рече дека верува оти сè уште е можно западните сојузници да ја „притиснат“ Русија да ја запре војната против Украина.

„Но, ако светот не се стреми да го промени режимот во Русија, тоа значи дека дури и по завршувањето на војната, Москва сè уште ќе се обиде да ги дестабилизира соседните земји“, рече Зеленски.

Денес, јасно знаеме што е потребно за да се врати мирот во Европа, да се принуди Русија на мир, да се стави крај на оваа војна“, рече тој подоцна за време на неговото вечерно видео обраќање.

„Ќе има нови санкции против Русија и нови силни чекори во поддршка на Украина. Им се заблагодарувам на сите низ целиот свет кои помагаат“, додаде тој.

Во меѓувреме, во Обединетите нации, високиот американски дипломат Џон Кели му рече на Советот за безбедност на 31 јули дека Трамп е непоколеблив во врска со објавениот рок на 8 август за постигнување договор за прекин на огнот во Украина.

„И Русија и Украина мора да преговараат за прекин на огнот и траен мир. Време е да се постигне договор. Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека ова мора да се направи до 8 август“, рече тој.

Советот за безбедност на ОН треба да разговара за ситуацијата во Украина подоцна на 1 август.

Одделно, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека, по шестмесечна дипломатија, Трамп наскоро ќе биде принуден да одлучи како активно да ги продолжи своите напори за прекин на огнот ако едната страна одбие да прифати примирје.

Рубио рече дека американските и руските претставници воделе приватни преговори за војната на Кремљ во Украина, но дека Вашингтон „нема напредок“ во разговорите.

Трамп, кој изјави дека е „многу разочаран“ од Путин затоа што одби да ја заврши војната, на 29 јули објави дека ќе го скрати претходно објавениот 50-дневен рок за рускиот лидер да постигне договор за прекин на огнот на „10-12 дена“.

Трамп изјави дека САД ќе воведат нови тарифи за Русија доколку таа одбие да прифати прекин на огнот. Зеленски изјави дека е подготвен да прифати такво примирје и предложи директна средба со Путин - што Кремљ го отфрли.

Путин не коментираше јавно за новиот рок, но на 1 август рече дека се надева оти мировните преговори би можеле да продолжат и да постигнат напредок.

Сепак, тој повторно покажа малку простор за компромис, повторувајќи дека целите на Москва остануваат исти.

Иако Путин не ги наведе целите, Русија постави неколку услови за мир во бројни прилики за кои Киев вели дека се неприфатливи.

Овие услови вклучуваат отстапување од страна на Украина на пет региони што Москва ги тврди како свои, вклучувајќи ги и деловите што нејзините сили не ги окупираат, трајна неутралност за Украина и строги ограничувања на големината на нејзината војска.

Додека напредокот кон прекин на огнот се чини дека е застојан, насилството и убиствата продолжија меѓу цивилното население во Украина.

По нападите врз Киев од 30 и 31 јули, властите на 1 август соопштија дека најмалку 11 лица се повредени во масовниот руски напад со беспилотни летала врз источноукраинскиот град Харков. Официјалните лица изјавија дека беспилотните летала погодиле област во близина на станбена зграда.

Андриј Јермак, началник на кабинетот на Зеленски, на 1 август изјави дека за време на разговорите со британски, француски, германски и италијански претставници, Киев добил „позитивни сигнали“ за зголемување на притисокот врз Москва од страна на Белата куќа.

„Партнерите потврдија присуство на позитивни сигнали од Белата куќа во врска со решителна акција против Руската Федерација, особено во врска со санкциите врз руската нафта и секундарните давачки по истекот на рокот од 10 дена поставен од претседателот Доналд Трамп“, напиша Јермак на социјалната платформа Телеграм.

Зеленски на 1 август разговараше по телефон со британскиот премиер Кир Стармер, според британската влада. Двајцата се согласија дека „беше јасно дека Русија е единствената пречка за мир“, се вели во официјалниот резиме од разговорот.

Каја Калас, највисокиот дипломат на ЕУ, ги опиша руските напади на 1 август како „изопачени“.

„Повеќе оружје за Украина и построги санкции кон Русија се најбрзиот начин да се стави крај на војната. Брзото доставување повеќе воздушна одбрана во Украина е наш приоритет“, напиша таа во објава на социјалните мрежи, во која беше објавена и слика од знамето на блокот на половина копје.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG