Достапни линкови

Пред „големата изјава“ за војната во Украина, Трамп вети испраќање на системи „Патриот“ во Киев


Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе испрати дополнителни системи за воздушна одбрана „Патриот“ во Украина - најверојатно преку Европската Унија - додека Киев, Москва и остатокот од светот ја чекаат, како што рече, „голема изјава“ за долгиот конфликт.

Трамп не даде детали за планираните испораки на „Патриот“ до Киев - кој долго време се залага за системите што ги смета за клучни за одбрана на своите градови од честите ноќни руски воздушни напади.

Тој, исто така, го критикувашеВладимир Путин, што е најновото во низата негативни забелешки кон рускиот претседател.

„Ќе им испратиме „Патриот“, кои очајно им се потребни, бидејќи Путин навистина изненади многу луѓе. Тој зборува убаво, а потоа ги бомбардира сите навечер... Не ми се допаѓа тоа“, им рече Трамп на новинарите во американската воена база надвор од Вашингтон и додаде:

„Европската Унија плаќа за тоа. Ние не плаќаме ништо за тоа, но ќе ги испратиме“, рече Трамп, без да ги именува земјите од ЕУ што би биле вклучени во таква трансакција.

„Во основа ќе им испратиме разни парчиња многу софистицирана воена опрема. Ќе ни платат 100 проценти за тоа, така сакаме“, рече Трамп.

Вашингтон на 2 јули објави дека ги запира испораките на оружје за Киев.

Сепак, Трамп оттогаш изрази растечко разочарување од одбивањето на Путин да се согласи на прекин на огнот и на 10 јули изјави дека САД ќе испратат дополнително оружје во Украина преку земјите од НАТО или други европски сојузници.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, во телефонски разговор со Трамп на 4 јули, ја покрена можноста Берлин да купи „Патриот“ од Вашингтон, а потоа да ги обезбеди софистицираните системи на Киев. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус треба да пристигне во Вашингтон на 14 јули на разговори со американски претставници.

САД испорачаа три ракетни батерии „Патриот“ на Украина, сите за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден.

„Патриот“ е еден од најнапредните системи за воздушна одбрана во светот, способен да пресретнува балистички и крстосувачки ракети.

Украина, исто така, доби уште четири батерии „Патриот“: три од Германија и една од група европски земји.

„Големата изјава“ на Трамп, која се очекува на 14 јули, ќе дојде во услови на релативно затишје во руските напади врз Украина по рекордно високите нивоа на воздушни напади во претходните недели.

Axios, повикувајќи се на две лица запознаени со планот, доцна на 13 јули објави дека Трамп ќе објави голема промена во својата стратегија кон војната во коментарите, поставувајќи „агресивна“ политика што ќе вклучува офанзивно оружје за Украина. Белата куќа не го коментираше веднаш извештајот.

Исто така, на дипломатскиот фронт, шефот на НАТО, Марк Руте, треба да се сретне со Трамп на 14 јули за да разговара за Украина и други прашања.

Руте, исто така, треба да се сретне со државниот секретар Марко Рубио, министерот за одбрана Пит Хегсет и членови на Конгресот за време на неговата дводневна посета, според соопштението на западната воена алијанса.

Одделно, специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Кит Келог, треба да ја посети Украина почнувајќи од 14 јули.

Украинското Министерство за надворешни работи потврди дека Келог ќе ја посети, но не објави детали. Специфичните распореди за ваквите посети често се чуваат во тајност од безбедносни причини.

Еден од најсилните сојузници на Трамп, сенаторот Линдзи Греам, додаде веродостојност на шпекулациите дека Трамп би можел да го зголеми снабдувањето со оружје за Киев, изјавувајќи за Си-Би-Ес њуз дека „во наредните денови ќе видите оружје кое ќе тече на рекордно ниво за да ѝ помогне на Украина да се одбрани“.

„Една од најголемите погрешни проценки што ги направи Путин е да го изигра Трамп. А вие само гледајте, во наредните денови и недели, ќе има огромен напор да се доведе Путин на маса. Ова е навистина „чекан во рацете на претседателот Трамп за да ја заврши оваа војна“, рече Греам.

Украинска единица, под оган, чека испораки на американско оружје
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:10 0:00

Демократскиот сенатор Ричард Блументал, кој се појави со Греам за време на интервјуто за Си-Би-Ес, рече дека постои и растечки двопартиски консензус во Конгресот и меѓу европските сојузници во врска со искористувањето на дел од 300-те милијарди долари руски средства замрзнати од земјите од Г7 на почетокот на војната за да му се помогне на Киев.

„Време е да се направи тоа“, рече Блументал.

Откако претходно беше обвинет од многумина дека е поблаг кон Русија и покрај нејзината неиспровоцирана, целосна инвазија на Украина, Трамп во последните недели станува сè покритичен кон Москва, бидејќи Русија ги засили воздушните нападии ги отфрли неговите напори да обезбеди прекин на огнот.

„Добиваме многу глупости од Путин. Тоа е многу убаво поголемиот дел од времето, но е бесмислено“, рече Трамп - кој разговараше со Путин по телефон шест пати од неговата инаугурација од 20 јануари - до 8 јули.

Поострите критики на Трамп кон Путин се значајни затоа што тој има историја на давање позитивни и ласкави коментари за рускиот лидер.

Трамп го нарече „паметен“ и минатата година рече дека има „многу добар однос“ со Путин. Трамп навести дека ќе може да го искористи тој однос за да обезбеди прекин на огнот.

Русија ги засили своите ракетни и беспилотни напади оваа година, чиј број се зголемува секој месец од декември, и ги интензивираше баражните напади врз Киев и другите градови во последните недели, а истовремено напредува на фронтовските линии - иако со огромни жртви меѓу своите војници.

„Темпото на воздушните напади на Русија бара брзи одлуки, а сега може да се ограничи со санкции“, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм на 12 јули.

XS
SM
MD
LG