Вести
Уапсен осомничениот за убиство во Хром, неговата мајка во притвор за подметнување пожар

Полицијата попладнето на 1 октомври го уапсила 39 - годишниот А.Д. од Скопје, осомничен за убиство на 36-годишниот И.Ј. во скопската населба Хром, извршено на 22 септември.
Претходно, беше уапсена и мајката на осомничениот, на која и е одреден и 30 дневен притвор, а која се сомничи дека предизвикала пожар во станот на убиентиот, со цел да се прикрие убиството сторено од синот.
По пожарот во стан во зграда на улица Исаија Мажовски во скопската населба Хром на 22 септември беше пронајдено безживотното тело на 36-годишниот сопственик на станот со траги на насилство.
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека осомничениот бил уапсен на подрачјето на населбата Влае. Тој е осомничен за „убиство“ и „тешки дела против општата сигурност“.
Скопското обвинителство, претходно денеска, соопшти дек „осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото“, соопшти обвинителството.
Во соопштението се наведува дека по убиството, тој повеќепати телефонски ѝ се јавил на својата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство. Со тоа предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите кои што живеат во зградата.
види ги сите денешни вести
Четиринаесет мртви во руски напад врз станбени области во Киев

Во комбиниран руски напад со беспилотни летала и ракети во Киев рано утрото на 17 јуни загинаа најмалку 14 лица, вклучувајќи еден американски државјанин, а беа повредени најмалку 44 лица, соопштија украинските власти.
Официјалните лица изјавија дека руските сили користеле дронови и ракети во нападот, кој погоди неколку области на главниот град.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека девет лица се ранети во градскиот округ Свјатошински, а уште 11 во округот Соломјански. Шест лица се хоспитализирани, а пожари избувнаа во два други киевски округа како резултат на паѓање на остатоци.
Шеесет и двегодишниот Американец „починал во куќа во населбата Соломјански, спроти местото каде што медицинските лица им помагале на повредените“, напишал Кличко на Телеграм.
Тимур Ткаченко, началник на градската воена администрација, потврди дека пожари избувнале во различни делови на Киев. Други делови од земјата беа исто така нападнати, вклучувајќи го и југоисточниот град Запорожје, каде што регионалниот гувернер пријави најмалку четири напади.
Во меѓувреме, Русија објави дека нејзината воздушна одбрана соборила два украински беспилотни летала што се движеле кон Москва.
Руските единици за воздушна одбрана, исто така, уништиле 51 украински дрон над граничниот регион Белгород во период од три и пол часа, соопшти Министерството за одбрана.
Нападот извршен од руските сили е најновиот во серијата масовни напади со беспилотни летала и ракети врз Киев и други градови во земјата.
Ова се случи во пресрет на закажаната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на Групата седум (Г7) во Канада.
Но, доцна на 16 јуни, состанокот беше откажан, откако Белата куќа објави дека Трамп ќе се врати во Вашингтон порано поради тензиите на Блискиот Исток. Се очекува да се одржат и други средби еден на еден на Зеленски со светските лидери.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, остро ги осуди новите руски напади врз Киев, велејќи дека Москва „продолжува со војната против цивилите“.
Москва продолжи со нападите врз Украина и покрај напорите на САД да посредуваат во постигнување на прекин на огнот. Малку напредок е постигнат во преговорите, освен размената на затвореници. Москва го отфрли барањето на Киев за безусловно примирје, додека Украина ги отфрли руските барања како „ултиматуми“.
Димитриоска-Кочоска: Горивата се берзански производ, не можеме да влијаеме на цената

Горивата се берзански производ на кој не можеме да имаме апсолутно никакво влијание, изјави министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска, по најавите за зголемување на цените на бензините и дизелот.
Владата, вели таа, ќе ја следи ситуацијата, а како што додаде, засега цените не се премногу високи.
„Ќе следиме што се случува. Сме имале години кога сме имале многу високи цени, сега немаме премногу висока цена на горивата, но да видиме што ќе се случува. На берзанските производи Владата не може да има влијание зашто станува збор за цени кои се формираат на светските берзи, нагласи министерката, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на Договорот за финансирање на заедничките активности што ја организираа Министерството за финансии (МФ) и Канцеларијата на ООН во Скопје.
Во врска со планот за мерки што го најави премиерот пред два дена, Димитриоска-Кочоска истакна дека би оставила Владата да информира кога ќе има нешто официјално.
„МФ не е одговорно во овој дел, си има одговорни министерства. Ова се производи од енергетика, тука е Министерството за економија и труд, да ги оставиме да ги сработат, а потоа како Влада ќе излеземе со став по ова прашање“, објасни министерката.
Регулаторната комисија за енергетика денеска (16 јуни) соопшти дека поскапуваат бензините и дизелот. Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од полноќ ќе се зголемат за 1,50 денари по литар.
Неодамна претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски изјави дека војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија, но дека не очекува влијание на цените на останатите продукти. Тој изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.
Ердоган: Турција е подготвена да помогне за продолжување на нуклеарните преговори

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор со својот ирански колега Месуд Пезешкијан изјавил дека Турција е подготвена да вложи напори за олеснување на продолжувањето на нуклеарните преговори, објави Дирекцијата за комуникации на турското претседателство.
Како што се наведува, турскиот и иранскиот претседател разговарале за меѓународната ситуација, ситуацијата на Блискиот Исток и меѓусебната размена на напади меѓу Иран и Израел.
Во разговорот, Ердоган ја истакнал важноста што Турција ја придава на мирот и стабилноста во регионот.
Турскиот претседател денеска (16 јуни) исто така разговарал со неговиот руски колега Владимир Путин. Како што соопшти неговиот кабинет, Ердоган го обвинил Израел дека ја загрозува безбедноста на Блискиот Исток, за кој рекол дека не може да толерира уште една војна.
„Спиралалата на насилство што започна со нападите на Израел врз Иран ја стави во опасност безбедноста на целиот регион, а беззаконскиот став на владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претставува јасна закана за меѓународниот систем, а регионот не може да толерира нова војна“, рекол турскиот претседател.
Во меѓувреме Израел и Иран ги продолжуваат меѓусебните напади.
Израел им се закани на жителите на Техеран, велејќи дека тие ќе „платат цена“ откако иранските ракетни напади ги погодија израелските градови Тел Авив и Хаифа, при што загинале осум лица.
Националните служби за вонредни ситуации на Израел соопштија дека 23 лица загинале во иранските напади врз Израел од 13 јуни, кога Израел започна воздушни напади врз нуклеарни и воени цели низ Иран поради нуклеарната програма на земјата. Иранските власти велат дека во израелските напади загинале најмалку 224 лица во истиот временски период.
ОН со остри критики до светските лидери за хуманитарната катастрофа во Газа

Високиот комесар за човекови права при Обединетите Нации, Волкер Тирк, ги повика светските влади да преземат итни мерки поради влошувањето на хуманитарната ситуација во Појасот Газа.
„Сите во власта мора да се разбудат и да сфатат што се случува во Газа. Сите што имаат влијание мора да извршат максимален притисок врз Израел и Хамас за да се стави крај на оваа неподнослива состојба“, рече Тирк на отворањето на сесијата на Советот за човекови права во Женева.
Тој нагласи дека траен мир е возможен само преку решение за две држави, со Газа како дел од идната палестинска држава.
Тирк остро ја осуди израелската воена кампања против Хамас, наведувајќи дека методите што се користат предизвикуваат „ужасно и нечовечко страдање на Палестинците“.
Тој ја осуди и „деградирачката реторика“ на израелски функционери, како и блокадата на испораките на хуманитарна помош од ОН, која е во сила од март, пренесува ДПА.
Комесарот побара истрага за смртните случаи поврзани со испораката на храна преку Фондацијата за хуманитарна помош во Газа (GHF), иницијатива поддржана од Израел и САД. Многу цивили, според него, се принудени да пешачат низ активни борбени зони до мал број центри, при што десетици загинале.
ЕУ ќе соработува со САД за да се спречи нагло зголемување на цените на енергијата

Европската Унија има за цел да соработува со Соединетите Држави за да спречи нагло зголемување на цените на енергијата предизвикано од конфликтот меѓу Израел и Иран, пренесува ДПА.
Зборувајќи пред официјалниот ден на отворање на самитот на Групата седум (Г7) водечките индустријализирани демократии во Канада, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера изјави дека разговарала за ова прашање со американскиот претседател Доналд Трамп и дека тие се подготвени да се координираат со партнерите за да се обезбеди стабилност на пазарот.
Таа рече дека ЕУ е внимателна во врска со влијанието на конфликтот врз меѓународните енергетски пазари.
Фон дер Лајен не прецизираше какви мерки се разгледуваат за справување со големите ценовни флуктуации. Теоретски, стратешките резерви на нафта би можеле да се ослободат или да се побараат разговори со клучните земји извознички на нафта. Ефектите од конфликтот веќе се чувствуваат на германските бензински пумпи, каде што цените на бензинот и дизелот значително се зголемија во текот на викендот.
Зголемувањата доаѓаат во време на извештаи од Иран дека израелските воздушни напади се насочени кон клучната нафтена и гасна инфраструктура, поттикнувајќи стравувања од пошироки прекини во снабдувањето.
Уапсен е осомничениот за убиствата на американска политичарка и нејзиниот сопруг

Полицијата во американската среднозападна држава Минесота го уапси осомничениот сторител на фаталното пукање во саботата врз демократска политичарка и нејзиниот сопруг, изјави вчера (15 јуни) гувернерот на Минесота, Тим Волц.
Американските медиуми претходно објавија дека 57-годишниот маж е приведен. „Њујорк тајмс“ објави дека е обвинет за убиство од втор степен и обид за убиство од втор степен за убиството на двојката во нивниот дом и обидот за убиство на друг демократски политичар и неговата сопруга во нивниот дом.
Осомничениот беше приведен вчера вечерта во округот Сибли, во јужна Минесота, објавија неколку американски медиуми, повикувајќи се на полициски службеници.
Наводниот сторител, според истрагите на американските медиуми, работи во индустријата за обезбедување. Пред апсењето на осомничениот, во близина бил пронајден автомобил за кој се сомневало дека му припаѓал. Мажот избегал по злосторството во саботата, што предизвика голема потера по него.
Рано наутро во саботата, вооружениот напаѓач ги уби демократската претставничка Мелиса Хортман, членка на државното собрание на Минесота, и нејзиниот сопруг Марк во нивниот дом во градот Бруклин Парк. Во одделен напад во блискиот Чамплин, демократскиот државен сенатор Џон Хофман и неговата сопруга Ивет беа застрелани и сериозно повредени.
Властите веруваат дека нападите биле политички мотивирани.
Самит на лидерите на групата Г7, во фокус новата криза на Блискиот Исток

Израел и Иран ги продолжија меѓусебните напади, додека лидерите на Групата седуммина почнаа да се собираат во Канада на самит за кој се очекува да се разговара за борбите и начините за спречување на понатамошна ескалација на конфликтот.
Војната во Украина, исто така, ќе биде на дневен ред на тридневниот состанок на лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД во Кананаскис, Канада.Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да присуствува и се очекува да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.
Пред да замине од Вашингтон за самитот на 15 јуни, Трамп беше прашан какви чекори презема за деескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран.
„Се надевам дека ќе има договор. Мислам дека е време за договор“, рече Трамп.
Трамп ја пофали офанзивата на Израел, додека ги негираше иранските обвинувања дека САД учествувале и го предупреди Техеран да не ја проширува својата одмазда и да вклучи американски цели.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека во телефонски разговор на 15 јуни му рекла на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека дипломатијата е најдобриот пат до решение.
Зборувајќи на прес-конференција на самитот на Г7, фон дер Лајен го обвини Иран за новото насилство, посочувајќи на наодот на Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН претходно оваа недела дека не ги почитува своите обврски.
„Во овој контекст, Израел има право да се брани. Иран е главен извор на регионална нестабилност“, рече фон дер Лајен.
Таа рече дека самитот на Г7 треба да разговара за кризата во Иран заедно со Украина, која беше погодена од беспилотни летала продадени на Русија од страна на Техеран.
„Истиот тип беспилотни летала и балистички ракети дизајнирани и произведени во Иран неселективно ги погодуваат градовите во Украина и во Израел. Како такви, овие закани треба да се решат заедно“, рече таа.
Фон дер Лајен, исто така, рече дека мора да се изврши поголем притисок врз Русија за да се обезбеди прекин на огнот во Украина.
Израел соопшти дека ги започнал нападите за да го спречи Иран да развие нуклеарно оружје. Убиени се врвни команданти и научници во својот првичен изненадувачки напад на 13 јуни.
Оттогаш, иранското Министерство за здравство соопшти дека се убиени 224 лица. Портпаролот Хосеин Керманпур изјави дека 1277 други лица се хоспитализирани, а повеќе од 90 проценти од жртвите се цивили.
Најмалку 10 лица во Израел, вклучувајќи деца, се убиени досега, според тамошните власти.
Во почетните бранови напади, Израел се чинеше дека избегнува да ја напаѓа енергетската инфраструктура на Иран, но иранското Министерство за нафта рано на 15 јуни соопшти дека израелските напади погодиле две складишта за гориво во Техеран.
Израел соопшти дека неговите напади на 15 јуни го погодиле Министерството за одбрана на Иран, местата за лансирање ракети и фабриките што произведуваат компоненти за воздушна одбрана.
Иранските државни медиуми потврдија дека имало експлозии и пожари што произлегле од нападот врз ирански авион за полнење гориво во Машхад, длабоко во североисточниот дел на земјата.
Израел пак, соопшти дека ирански ракети го погодиле Тел Авив и пристанишниот град Хаифа рано на 16 јуни, уништувајќи куќи. Израелските медиуми објавија дека три лица се убиени во центарот на земјата, додека десетици други се ранети во ноќните напади.
Во услови на страв дека конфликтот би можел да ескалира, министерот за надворешни работи Абас Аракчи за државните медиуми изјави дека продолжувањето на нуклеарните преговори со САД би било неоправдано, а иранскиот генерал Есмаил Косари рече дека Техеран размислува за затворање на Ормутскиот теснец, еден од најважните светски бродски патишта.
Постојат стравувања дека насилството би можело да се прошири низ целиот Блиски Исток, регион кој е во криза откако Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври 2023 година, а Израел возврати со обид да го уништи Хамас во Појасот Газа.
Досега 22 лица побарале помош да се вратат од Израел во Северна Македонија

До овој момент вкупно 22 лица побарале асистенција од македонските органи за да ја напуштат територијата на Израел и да се вратат во Северна Македонија, информираше Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Станува збор за државјани на Северна Македонија, како и членови на нивните потесни семејства.
„Во тек се активности за нивна скорешна евакуација и трансфер до безбедна локација, од каде што дополнително ќе се организира нивно враќање во земјата“, велат од МНР.
Од Министерството нагласуваат дека македонската амбасада во Тел Авив е во постојана комуникација со нашите државјани и се работи активно за да се обезбедат „сите неопходни услови за нивно безбедно враќање“.
Од МНР претходно во текот на денот апелираа сите македонски државјани што се наоѓаат во Израел или Иран, за помош да се обратат преку телефонските броеви на амбасадата во Тел Авив и на СОС бројот во рамки на Министерството.
Исто така, апелираа сите останати граѓани да се воздржат од патување во земјите на Блискиот Исток поради влошување на ситуацијата.
Изминатите три дена, Израел и Иран разменуваат меѓусебни напади со дронови и ракети.
Тие започнаа со воздушен напад од израелска страна врз иранските нуклеарни и ракетни постројки на 13 јуни, како и со напади врз генерали и неколку нуклеарни научници.
Двете земји досега продолжија со меѓусебни воздушни напади кои, според информациите кои се достапни, досега зедоа десетици жртви.
Алиу најавува бесплатни лекарски проверки за граѓаните над 40 години

Секој граѓанин над 40 години ќе има право на бесплатни прегледи за рано откривање на дијабетес, хипертензија, срцеви и белодробни заболување, најавува новиот министер за здравство Азир Алиу.
„Ќе треба да се скенираат сите наши граѓани над 40 години, тоа се европски стандарди. Ќе направиме протокол, ќе има платформа каде онлајн ќе се пријават граѓаните. Европските стандарди покажуваат дека во просек од 30 до 45% се намалуваат ризиците за понатаму и лекувањето е многу поевтино. Направена е физибилити студија, знаеме како понатаму“, рече Алиу, но не прецизираше рокови од кога би почнала да се применува оваа програма.
Ова е едно од првите ветувања што тој ги дава во јавноста откако на 9 јуни беше изгласан за нов министер на чело на Арбен Таравари кој ја напушти владината коалиција.
Алиу е доктор по информатички науки, а ова нема да му биде прво министерско искуство. Тој беше министер за информатичко општество и администрација во владата на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, но по внатрепартиските поделби во Алијанса и излегувањето од тогашната Влада, беше разрешен од позиција.
За раководењето со ресорот здравство, наспроти критиките од опозицијата за неговата стручност, Алиу смета дека може да се носи со предизвикот.
„Јас не сум лекар, точно е дека сум доктор по информатички науки, но позицијата е менаџерска. Јас нема да оперирам срца туку ќе креирам системи кои ќе бидат оптимални, отчетни и навремени. Така да ќе креирам систем за да може лекарот или кардиолог да оперира срце во реално време, со добри инструменти, отчетност кон граѓаните, а не со листа на чекање. Тоа е обврска на министерот“, рече Алиу.
Еден од првите приоритети ќе му биде, како што рече Кочани и условите во тамошната болница, кое ќе го посети, а утре ќе одржи и средба со директорката на кочанската болница.
На својата прва прес-конференција, Алиу ветуваше дека ќе се посвети на дигитализација во здравство односно воведување функционална електронска здравствена картичка, дигитални рецепти и упати итн.
Министерот најави и дека ќе се напушти „слепото финансирање на болниците“ туку тоа ќе се прави според популацијата што тие ја покриваат и резултатите што ги постигнуваат, како и оти во реално време ќе се следат фондовите, лековите, договорите за набавки, донациите.
На листата столбови на кои ќе го гради здравствениот систем, тој ги наведе и професионалниот развој на лекарите и медицинските сестри и рече дека јасно ќе се разграничат клиничките од менаџерските услуги.
За честиот проблем со недостаток на лекови, конкретно и за актуелниот недостаток на терапија за онколошките пациенти, Алиу вели дека постои решение – шест месеци пред истекот на договорот за постоечкиот тендер и компанија, да мора секоја клиника да го отвори и затвори тој процес на нова набавка.
Тој зборуваше и за инфраструктурните проблеми, како и за останатите предизвици за кои рече само на првиот состанок дефинирале 57.
Алиу беше дел од крилото на Алијанса за Албанците предводено од претходниот министер Арбен Таравари. Меѓутоа, поради несогласувањата во коалицијата „Вреди“ која е дел од власта заедно со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, Таравари реши да замине во опозиција, додека Алиу остана во коалицијата.
Несогласувањата во „Вреди“ почнаа пред околу два месеци кога Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.
МНР: Поради влошената состојба, граѓаните да не патуваат на Блискиот Исток

Поради влошената состојба на Блискиот Исток, конкретно на територијата на Израел и Иран, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија издаде нов апел – македонските државјани да се воздржат од патување во земјите од овој регион.
Што се однесува до граѓаните кои веќе се таму, од МНР апелираат доколку им е потребна конзуларна помош „веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните СОС телефонски броеви“ – Амбасада на Северна Македонија во Тел Авив (+972 54 500 8566 и +972 54 967 0546) и со Министерството (+389 75 273 732 и +389 75 268 736).
„Во рамките на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција“, велат од МНР.
Вчера (14 јуни) премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања не даде информации за тоа дали евентуално македонски државјани побарале евакуација.
„Има кризен штаб во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се следи будно состојбата преку извештаите кои што ги добиваме преку службени канали, така што не би коментирал повеќе од ова што го кажав“, рече Мицкоски.
Нападите помеѓу Израел и Иран започнаа со воздушен напад од израелска страна врз иранските нуклеарни и ракетни постројки на 13 јуни, како и со напади врз генерали и неколку нуклеарни научници.
Двете земји досега продолжија со меѓусебни воздушни напади кои, според информациите кои се достапни, досега зедоа десетици жртви.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете