Вести
Пакистан го осуди нападот од Иран

Пакистанското Министерство за надворешни работи остро го осуди воздушниот напад на Иран на пакистанска територија, нарекувајќи го „неиспровоцирано нарушување“ на воздушниот простор на Пакистан, во кој загинаа две деца, а три лица се повредени.
Министерството за надворешни работи на Пакистан објави соопштение во кое го осудува нападот со ракети и дронови врз планинската провинција Балучистан, каде што има постојан, иако спорадичен, бунт на националистите против централната власт и укажува дека ова „прекршување на пакистанската суверенитетот може да има сериозни последици“.
Нападот дополнително ги зголеми тензиите во поширокиот регион кој веќе го потресе израелската војна против Газа и може дополнително да ги наруши односите меѓу Иран и Пакистан кои долги години се затегнати.
Пакистан е нуклеарно вооружен, а Иран настојува да стане нуклеарна сила.
Иран тврди дека вчера во Пакистан ги нападнал базите на борците на сунитската група Џаиш ал-Адл (Армија на правдата), која дејствува главно во Пакистан и ги напаѓа иранските погранични власти со бомби и киднапира полицајци.
Иран изврши слични напади во Сирија и Ирак ден претходно. Тие напади се одговор на Иран по самоубиствениот бомбашки напад на почетокот на оваа година во Иран, каде сунитската група Исламска држава Иран и Левант уби повеќе од 90 луѓе.
Иран долго време се сомнева дека сунитскиот Пакистан е домаќин на бунтовници кои работат за неговиот главен ривал, Саудиска Арабија.
види ги сите денешни вести
ДЗР: Да се надминат системските слабости околу уплатата на донации за партиите

Навременото и соодветно менување на Изборниот закон ќе придонесе за организирање на подобри избори, смета амбасадорката на Швајцарија во земјава Вероник Хулман, која се надева дека при измените на Изборниот законик ќе бидат земени предвид препораките од Венецијанската комисија и заклучоците од Државниот завод за ревизија.
„Се надеваме дека препораките од Венецијанската комисија и заклучоците од Државниот завод за ревизија ќе бидат земени предвид при измените и дополнувањата на Изборниот законик така што соодветното и навременото менување на Изборниот законик ќе придонесе за организирање на подобри избори. Се надеваме дека тоа ќе се случи навреме“, изјави Хулман која денеска (15 јули) присуствуваше на конференцијата за финансиска отчетност на изборите организирана од Државниот завод за ревизија, Мисијата на ОБСЕ и ИФЕС.
Според Државниот завод за ревизија, остануваат системските слабости во делот на уредувањето на начинот на уплата на донациите каде што е оставена можноста донациите да бидат уплатени кај победникот на изборите, а не кај сите подеднакво.
„Нема поголеми прекршувања во претседателските и парламентарните избори. Клучната констатација на ДЗР е дека 77 проценти од платеното политичко рекламирање за претседателските избори се финансира од Буџетот на државата преку ДИК, додека за парламентарните избори е околу 67 проценти. Остануваат и понатаму состојбите кои треба да се надминат во делот на системските слабости како што е уредувањето на начинот на уплата на донации по објавување на конечните резултати. Нашето законодавство дозволува по објавување на конечните резултати, одредени правни и физички лица да плаќаат донации, а секако кога веќе ќе се знаат резултатите, останува можноста секој кој е заинтересиран, да уплати на победникот, а не на сите подеднакво“, изјави главниот државен ревизор Максим Ацевски.
Ацевски е задоволен и од отчетноста на политичките партии бидејќи од повеќе од 60 партии, само четири не ги испочитувале законските рокови за поднесување на финансиските извештаи и извештаите за донации.
„Од повеќе од 60 партии, само четири се блокирани за средствата што ги добиваат од буџетот што е огромен успех. Само неколку партии останаа блокирани со одлука на министерот за правда затоа што не ги испочитуваа законските рокови, иако беа навреме известени од страна на ДЗР дека треба да ги почитуваат законските рокови“, рече Ацевски.
Во земјава во октомври треба да се одржат редовни локални избори.
Три месеци затвор за обвинетиот за убиство на кучето Феликс

Основниот кривичен суд во Скопје ги прогласи за виновни Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски за убиство на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари 2025 година од последици на нанесените повреди.
Според обвинителниот акт, на 19 ноември 2024 година, Крстевски, користејќи тврд предмет налик на стап, во повеќе наврати го удрил Феликс во пределот на главата без оправдана причина, нанесувајќи му потрес на мозокот и хематоми. Заедно со Билбиловски, го врзале кучето со жица и го влечеле до контејнер, каде што го фрлиле, верувајќи дека е мртво.
Судот го осуди Крстевски на три месеци затвор, а Билбиловски доби парична казна од сто дневни глоби, со вредност од 10 евра по глоба, во вкупен износ од 1000 евра.
Делото е квалификувано според член 233 став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна или затвор до три години за оној што ќе усмрти животно без причина или ќе го изложи на непотребни маки и болки.
Ова е прва пресуда со затворска казна за овој вид кривично дело.
Изјавата на Трамп е сериозна и бара анализа, соопшти Кремљ

Изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за Русија се многу сериозни, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека на Русија ѝ треба време да ги анализира пораките од Вашингтон.
„Изјавите на претседателот Трамп се сериозни, некои од нив беа упатени лично до претседателот на Русија. Секако ни треба време да ги анализираме“, рече Песков, пренесен од руските медиуми.
Тој рече дека Москва е подготвена да го продолжи дијалогот со Киев, додавајќи дека Вашингтон го сака истото, а „наводно, и Европа“.
Додаде дека Путин ќе ги коментира зборовите на Трамп доколку смета дека е потребно.
„Да ја почекаме неговата одлука“, рече Песков.
Портпаролот на Кремљ, исто така, изјави дека Москва сè уште не добила никакви сигнали во врска со одржувањето на потенцијалната следна рунда преговори со Киев.
„Тешко е да се каже со што е поврзано, но ние сме подготвени да го продолжиме дијалогот“, рече Песков.
Тој оцени дека Киев не ги доживува одлуките донесени во Вашингтон и НАТО како сигнал за мир, туку за продолжување на војната.
Според Трамп, испораката на оружје ќе биде дел од договор што го вклучува НАТО и кој ќе им плати на САД за оружјето што ќе го испратат на Украина.
„Всушност, ќе им испратиме разни парчиња многу софистицирана воена опрема, а тие ќе ни платат 100 проценти за тоа“, им рече Трамп на новинарите.
Американскиот претседател повтори дека е „разочаран“ од рускиот претседател Владимир Путин.
„Путин навистина изненади многу луѓе. Зборува убаво, а потоа бомбардира ноќе“, изјави Трамп.
Трамп, кој постојано го изразуваше своето восхитување кон Путин како лидер и го опиша нивниот однос како „многу добар“, рече дека сметал дека четири пати бил блиску до постигнување договор за завршување на војната, но сите не успеале.
Вкупно 50 и пол години затвор за шестмина членови на криминалната група Грчец

Вкупно 50 и пол години затвор добија шестмина членови на криминалната група Грчец, уапсени во јануари минатата година, од кои четворица за инволвираност во неовластено купување на 15 килограми наркотична дрога-кокаин, нејзино пренесување и пуштање во промет во државава, а двајца за злосторничко здружување со цел вршење на кривично дело двојно убиство од одмазда и по порачка.
Судот ги прогласи Фадил Бајрамовски, Севди Азири, Неџати Исени и Бесим Асани за виновни за кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ од чл.215 ст.3 од Кривичен законик.
Бајрамовски, Азири и Исени се осудени на казна затвор пет години, додека Бесим Асани шест години казна затвор.
Останатите двајца Судот ги прогласи за виновни дека сториле кривични дела Злосторничко здружување од чл.394 ст.3 и Убиство од чл.123 ст.2 т.5 од Кривичен законик.
Фати Сулејмановски судот го осуди на казна затвор од една година и шест месеци за делото Злосторничко здружување и 14 години затвор за делото Убиство или на една единствена казна затвор од 14 години и шест месеци.
Шулејб Сулејмановски е осуден на казна затвор од две години за кривичното дело Злосторничко здружување и 14 години за делото Убиство или на една единствена казна затвор од 15 години.
Групата не дејствувала инцидентно, туку континуирано и тоа најмалку од јуни 2019 до март 2021 година и во истрагата биле опфатени 15 лица, меѓу кои сега дел се починати, а дел се уште се недостапни на органите на прогон.
Судијката Фанка Јанчулова-Михаиловска, при објава на пресудата рече дека околноста за постоењето на криминална група се потврдува преку континуирано повторување и организирање на набавка на наркотична дрога, а друга околност е користење на исто возило при набавка на дрога од Албанија и потоа од Белгија.
Од јуни 2019 до март 2021 година Шеваљ Муареми и други н.н. лица недостапни на органите на прогон формирале и раководеле со група за транспорт и неовластено пуштање во промет на дрога во Македонија. Групата договорила набавка на 14 килограми кокаин од Албанија по цена од 33 илјади евра за килограм и потоа организирала транспорт преку Косово во Македонија.
Судот, при објава на пресудата рече дека убиството е дел од поголем криминален план за убиство на лица кои им пречат и за што е потврда фактот дека жртвата е рационално и свесно одбрана.
Одбраната реагирала на дел од обезбедените докази преку апликацијата Скај, но Судот, како што објасни, ги прифатил бидејќи биле добиени со меѓународна правна помош од Франција.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во јануари 2024 година отвори истрага против 15 лица, а во јули 2024 до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против пет лица.
За четири лица кои се недостапни на органите на прогонот, обвинителството преку Министерството за правда ги има преземено сите неопходни активности согласно Законот за меѓународна помош во кривична материја. Така, за две лица се доставени документи за екстрадиција до Обединетите Арапски Емирати, за едно лице до Р. Хрватска и за едно лице до шпанските власти.
Постапките за екстрадиција се водат согласно процесните закони на државите во кои се наоѓаат осомничените лица и за нив истражната постапка ќе продолжи по нивното обезбедување, како и за останатите осомничени.
Салиу најави иницијатива за вработување и интеграција на Ромите за да се спречат девијантни појави

Обезбедување постојана работа и интеграција на семејствата од ранливите групи, особено од ромската заедница, ќе елиминира девијантни појави, како што се случува на крстосниците во градовите каде деца и возрасни се обидуваат да заработат со миење на ветробранските стакла на автомобилите.
Ова во одговор на новинарско прашање го истакна министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Шабан Салиу.
Преку иницијативи за преквалификација и законски измени, министерот нагласи дека, во координација со Министерството за труд и социјална политика и други надлежни органи, се планира креирање услови за вклучување на родителите на овие деца во нормалните работни процеси.
„Мораме да им обезбедиме на тие лица односно родителите на тие деца постојана работа да не доаѓаат до тие девијантни појави и да не ги пенализираме се додека не им овозможиме можности да се вклучат во интегративните процеси на државата, односно во нормалните работни процеси“, истакна Салиу.
Тој најави дека до Владата ќе поднесат иницијатива, бидејќи, според него, има начин како да се отстрани оваа, како што ја рече, девијантна појава.
На прес-конференција, министерот Салиу во отчет за сработеното во изминатата година оцени дека се отворени патиштата за директна системска интеграција на Ромите во сите сфери во живеењето.
Најголеми постигнувања, според него, има во интегрирањето во образованието, а се работело и на пристапот до здравствени услуги и конкретни проекти насочени кон обезбедување пристапно и достојно домување.
Салиу соопшти дека во образованието обезбедени се средства за поддршка на ромските образовни политики преку две буџетски програми, а вкупниот буџет наменет за имплементација на мерките од Националниот акциски план за образование изнесува 42.442.000 денари, или 60 проценти од вкупниот буџет наменет за Роми на ниво на државава.
Во делот на здравството, според него, има значајни постигнувања во подобрувањето на пристапот до здравствени услуги за ромската заедница. Во текот на 2024 година, биле ангажирани 19 здравствени медијатори преку договор за дело во различни општини, а годинава биле издвоени 6.000.000 денари за имплементација на таа мерка и ангажирани нови 20.
Светска здравствена организација: Европа заостанува во вакцинирањето на децата

Стапките на вакцинација кај децата во Европа и Централна Азија минатата година останаа под нивоата пред пандемијата, заклучува Светската здравствена организација (СЗО) во најновиот извештај, објавен на 15 јули.
СЗО и УНИЦЕФ објавија дека 89 проценти од новороденчињата ширум светот примиле барем една доза од ДТП вакцината против дифтерија, тетанус и голема кашлица, а 85 проценти ги примиле сите три дози.
Според ова, 171 000 повеќе деца примиле барем една вакцина, а еден милион повеќе биле целосно вакцинирани во 2024 година во споредба со 2023 година.
Но, извештајот го опишува зголемувањето како „скромен напредок во услови на растечки глобални предизвици“.
Сепак, во Европа и Централна Азија, просечните стапки на вакцинација кај децата останале исти или се намалиле за еден процент.
Покриеноста значително варирала меѓу земјите во регионот минатата година, при што стапките на покриеност опаѓаа за првата доза од ММР вакцината против мали сипаници, заушки и рубеола и третата доза на ДТП.
Некои земји пријавија стапки на вакцинација од само 23 проценти со ММР1 и 51 процент со ДТП3.
За да се постигне колективен имунитет и да се спречи појава на многу болести што можат да се спречат со вакцинација, потребна е покриеност од 95 проценти секоја година, потсетува ДПА.
Во европскиот регион, речиси 300 000 луѓе се разболеле од голема кашлица во 2024 година, што е повеќе од трикратно зголемување во споредба со претходната година, изјави регионалниот директор на СЗО, Ханс Клуге.
„Во меѓувреме, повеќе од 125 000 луѓе добија мали сипаници во 2024 година или двојно повеќе отколку во 2023 година. Не се само бројки, туку стотици илјади загрижени семејства затоа што нивните деца беа болни, а тоа можеше да се спречи“, рече Клуге и додаде:
„Вакцината спасува животи, а кога покриеноста се намалува, болеста се шири“, додаде тој.
Клуге ги повика земјите да инвестираат во силни локални здравствени системи, да обезбедат достапност и пристап до вакцини во секоја населба и да се борат против дезинформациите.
Невреме во САД, поплавени метро станица во Њујорк и патишта во Њу Џерси

Националната метеоролошка служба на Сединетите Држави објави дека обилните дождови на Источниот брег ќе предизвикаат проблеми во сообраќајот за милиони луѓе, особено во областа на Њујорк.
Видеата на социјалните мрежи покажуваат патници во метрото во Њујорк како се качуваат по скалите додека водата се излева врз пероните.
Во Њу Џерси синоќа (14 јули), железничката станица била целосно поплавена и непроодна.
Медиумите објавија и снимки од спасувачки екипи кои им помагаат на луѓето заглавени на поплавените патишта во Скоч Плејнс, Њу Џерси.
Поради обилни врнежи од дожд и ризик од поплави, во Њу Џерси е прогласена вонредна состојба.
Предупредувањето за поплави е на сила за сите пет општини на Њујорк, а градските власти ги повикаа граѓаните да избегнуваат подруми и ниски подрачја.
Бурата предизвика прекини во воздушниот сообраќај на најмалку шест главни аеродроми на Источниот брег. Аеродромите ЏФК и Ла Гвардија во Њујорк, како и Њуарк Либерти во Њу Џерси, добија наредба привремено да ги приземјат летовите, предизвикувајќи неколкучасовни доцнења. Слична ситуација беше забележана и на аеродромите во Филаделфија, Балтимор и Вашингтон.
Мерц ја поздрави одлуката на Трамп да испрати оружје во Украина

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги поздрави плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за снабдување на Украина со оружје.
Во понеделник, Трамп објави испраќање оружје во Украина и се закани дека ќе воведе 100-процентни царини за Русија доколку Москва не се согласи на мировен договор во рок од 50 дена, што е голем пресврт во политиката на Трамп што произлегува од неговото незадоволство од однесувањето на Москва, пишува ДПА.
„Претседателот Трамп и јас разговаравме за ова неколку пати во последните неколку дена. Го убедив дека Германија ќе игра активна улога“, напиша Мерц на X.
Во оружјето би биле вклучени противвоздушните ракети „Патриот“ што на Украина итно ѝ се потребни за да ги брани своите градови од руските воздушни напади.
„Испраќаме најсовремено оружје во НАТО, а тие ќе го испратат во Украина“, рече Трамп.
Европските членки на НАТО ќе платат за испорачаното оружје.
Мерц претходно ја изрази подготвеноста на Германија да купи ракети „Патриот“ од САД за Украина, а извештаите велат дека тоа вклучува два система. Норвешка ќе го финансира вториот.
Украина изрази потреба од вкупно десет системи.
„Го правиме тоа во наш интерес. Тоа ќе ѝ помогне на Украина да се одбрани од рускиот терор. Само на овој начин ќе го зголемиме притисокот врз Москва конечно да преговара за мир. На крајот на краиштата, покажуваме дека дејствуваме заедно како партнери во безбедносната политика“, напиша Мерц на социјалната мрежа.
Според него, деталите сега се разјаснуваат и додава дека германската влада е во контакт со партнерите.
Калас се надева на договор за 18-от пакет санкции кон Русија

Се надевам дека шефовите на дипломатиите на земјите членки на денешниот состанок ќе постигнат политичкиот договор за 18-тиот пакет санкции кон Русија, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас пред денешниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ) во Брисел.
„Многу сме блиску до тоа и се надевам дека ќе се случи денеска или утре и дека ќе го усвоиме 18-тиот пакет санкции“, рече Калас.
Таа ги поздрави најавите од САД за испорака на оружје за Украина, изразувајќи надеж дека тие ќе продолжат и дека Киев ќе го добие сето она што му е ветено.
„Добар знак е дека САД, исто така, сфатија оти Русија не сака мир. Треба да ја поддржиме Украина и треба да извршиме притисок врз Русија. Се надевам дека и Американците ќе дејствуваат со свој пакет санкции или царини, така што ќе се изврши притисок врз Русија да ја запре оваа војна“, истакна Калас.
Високата претставничка додаде дека на состанокот ќе стане збор за Газа и за договорот со Израел подобрување на хуманитарната состојба во Појасот, која, како што рече, се уште е многу лоша.
„Гледаме некои позитивни знаци кога станува збор за отворање на граничните премини. Гледаме некои позитивни знаци дека почнуваат со обнова на електричните мрежи, со снабдувањето со вода, а пристигнуваат и повеќе камиони со хуманитарна помош. Но, секако треба да видиме вистинско подобрување за луѓето на терен“, рече Калас.
Според неа, јасно е дека во ситуација кога нема прекин на огнот е многу потешко да се обезбеди помош за населението, но дека ЕУ сепак работи на тоа да им се помогне на луѓето.
Калас додаде дека на земјите членки им презентирала документ со можни опции на мерки против Израел доколку не преземе активности за подобрување на состојбата, потенцирајќи дека сепак во моментов главниот фокус е на подобрување на состојбата на луѓето на терен.
Во однос на Грузија, Калас истакна дека ЕУ нотира „сериозно назадување“ во земјата, па министрите ќе разговараат за можните чекори на Унијата, вклучувајќи санкции и можна суспензија на визната либерализација.
Романската влада го преживеа гласањето доверба

Три недели старата коалициска влада на романскиот премиер Илија Боложан го преживеа гласањето доверба, што ѝ овозможи да ги протурка непопуларните зголемувања на даноците потребни за намалување на најголемиот буџетски дефицит во Европската Унија.
Владата забрзано, преку парламентот, ги усвои зголемувањето на ДДВ, на акцизите и другите давачки од август со цел да се спречи намалувањето на рејтингот под инвестициското ниво и да го деблокира пристапот до фондовите на ЕУ.
Широката владина коалиција од четири проевропски партии ја презеде власта кон крајот на јуни, со што заврши повеќемесечниот политички ќорсокак откако претседателските избори беа откажани во декември и повторени во мај. Партиите се двоумеа за зголемувањата, кои беа критикувани од работодавачите и синдикалците, додека илјадници работници во јавниот сектор организираа протести.
Крајнодесничарската опозиција во понеделникот поднесе предлог за гласање недоверба и навести дека ќе поднесе уште предлози.
„Разбирам дека опозицијата не се согласува со мерките предложени од владата, но, тогаш кои се решенијата? Од една страна, ни беше кажано дека проблемите во економијата се сериозни, од друга страна, дека не треба да ги преземаме овие мерки. Не можеме да ги правиме и двете“, им рече Боложан на пратениците.
Иако сите четири партии во владата ги одобрија зголемувањата, социјалдемократите, најголемата партија во коалицијата без која владејачкото мнозинство не може да преживее, денес ги критикуваа.
„За солидна, континуирана политичка поддршка, мора брзо да ги исправиме некои од апсурдните работи од овој прв пакет мерки“, рече лидерот на социјалдемократите Сорин Гриндеану.
Боложан претходно овој месец изјави дека коалициската влада ќе стори сè што е можно фо крајот на годината да го намали дефицитот на околу осум проценти од БДП од минатогодишните 9,3 проценти. Тоа е повеќе од почетната цел од седум проценти оваа година, а владата ќе се стреми да го приближи буџетскиот дефицит до шест проценти во 2026 година, се додава.
Според романскиот закон, даночните мерки би можеле да бидат оспорени пред Уставниот суд, а опозицијата минатата недела изјави дека ќе се обиде да го стори тоа.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете