Вести
ОЛАФ бара Северна Македонија да врати 2,2 милиони евра поради злоупотреби

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот 2016-2018 година.
Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 по е-пошта пратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Северна Македонија со барање за поврат на парите. Овој месец (март) Агенцијата примила известување и дека одлуката е конечна.
За случајот на 28 март на прес-конференција зборуваше и директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски, а за злоупотребените европски пари предистрага води и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК.
Обвинителство: Поради тајност на постапката не можеме да споделиме детали
Од ОЈО ГОКК на 18 март за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврдија дека е отворена предистрага, но детали не споделија „поради тајност на постапката“.
„По добиено известување од Управата за финансиска полиција и реализирани работни средби со претставници на ОЛАФ, предметен јавен обвинител од ОЈО ГОКК активно спроведува предистражна постапка. Согласно меѓусебниот договор, ОЛАФ достави Извештај до обвинителството, кој извештај е предмет на анализа и содржи информации што се неопходни за расчистување на случајот и донесување на мериторна јавнообвинителска одлука. Со оглед на тајноста на постапката не можат да се споделат повеќе детали“, рекоа од Обвинителството.
РСЕ се обрати и до ОЛАФ од каде посочија дека вообичаено не даваат коментари „со цел да се заштити доверливоста на сите можни истраги и евентуални судски постапки кои би следувале потоа“, како и за да се обезбеди „почитување на личните податоци и процедуралните права“.
Неправилности во проектните досиеја на 22 корисници на грантови
Повикувајќи се на тајноста на постапката што се води пред истражните органи во земјава, дополнителни детали на прес-конференцијата на 28 март не даде ниту директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски.
Но, откри дека во известувањето што го добиле од ОЛАФ е наведено дека има неправилности во проектите на 22 корисници што зеле грантови од европски пари.
„Во известувањето бевме информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија. Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2.276.212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година“, рече Ѓоргиевски.
Кога било добиено известувањето за конечноста на одлуката дека државата треба да врати пари, на крајот на минатата година од Националната агенција имале состаноци со МОН, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на ЕУ во Скопје, а седница на оваа тема имала и Владата.
Потоа Агенцијата го контактирала Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија и побарала дополнителни информации поврзани со извештајот на ОЛАФ со цел, како што рече Ѓоргиевски, „да ги дефинира следните чекори и се што е потребно да се преземе како институција во однос на нивните наоди, но и да побара насоки како ќе се спроведува повратот на средствата доколку барањето се финализира“.
Во меѓувреме, Националната агенција пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ.
„Откако сме информирани за случајот, заедно со Владата се обидуваме преку интензивна комуникација и координација со релевантни европски институции да се најде најсоодветно решение како да се реализира овој поврат и како да не се повторуваат вакви случаи во иднина“, истакна директорот на Агенцијата.
Ѓоргиевски нагласи дека Агенцијата е отворена за соработка и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање и на Обвинителството и на Управата за финансиска полиција.
види ги сите денешни вести
Трамп воведува 50 проценти царина за увоз од Индија

Претседателот на САД, Доналд Трамп (Трамп), во среда потпиша извршна наредба со која се воведува дополнителна царина од 25 проценти за Индија за купување руска нафта, со што вкупниот број на царини што САД ги наметнаа на нивниот сојузник ќе достигне 50 проценти.
Царините треба да стапат во сила 21 ден по потпишувањето на наредбата, што значи дека и Индија и Русија би можеле да имаат време да преговараат со администрацијата за царините за увоз.
Потезите на Трамп би можеле да ја нарушат економијата на Индија, која до неодамна се сметаше за алтернатива на Кина од страна на американските компании кои сакаат да го преместат своето производство. Кина, исто така, купува нафта од Русија, но тоа не беше вклучено во наредбата потпишана од американскиот претседател.
За време на преговорите со Пекинг, Трамп воведе царини од 30 проценти за стоки од Кина, што е помалку од вкупните царини за увоз со кои се закани Њу Делхи.
Трамп им објави на новинарите во вторник дека царините ќе бидат воведени, велејќи дека САД во среда имале состанок со Русија, додека неговата администрација се обидува да ја заврши војната во Украина.
„Ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп за неговите планови за царини. „Потоа ќе донесеме одлука“.
Американскиот специјален претставник Стив Виткоф се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ во среда, објави прес-службата на рускиот шеф на државата, без дополнителни детали за состанокот. Беше наведено само дека состанокот траел околу три часа.
САД имаа трговски дефицит од 45,8 милијарди долари во стоки со Индија во 2024 година, покажуваат американските статистики.
Со население од 1,4 милијарди луѓе, Индија е најголемата земја во светот и е начин САД да се спротивстават на влијанието на Кина во Азија. Сепак, Индија не ги поддржа санкциите што ги воведоа САД и нивните сојузници врз Москва во врска со Украина, иако индиските претставници тврдеа дека сакаат мир.
Децата кои се на долготрајно лекување ќе следат настава во болнички услови

Децата кои се на долготрајно лекување на Клиниката за детски болести во Скопје, ќе можат да следат настава откако и официјално беше соопштено дека ќе се воведе формално основно образование во болнички услови. Ова беше најавено од министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за здравство Азир Алиу и Марија Вук, претседателка на НВО САНО - (Здружение кое им помага на децата со канцер).
Како што беше појаснето, МОН со поддршка од граѓанскиот сектор, воведува формално основно образование за децата кои се на подолгорочно лекување на Клиниката за детски болести во Скопје.
„Направени се измени на законска и подзаконска регулатива и училиштата каде се запишани децата кои се на лекување на Клиниката, треба да ги вклучат во настава од септември – директно, односно онлајн додека траат часовите, или преку асинхрона комуникација (наставникот му испорачува материјали на ученикот, му задава задачи, оценува знаење...). Наставникот може да организира и индивидуална настава за ученикот, преку некоја дигитална алатка, беше речено на Клиниката и истакнато дека сето ова ќе зависи и од здравствената состојба на детето.
Целта е децата да немаат застој во воспитно-образовниот процес и по завршување на лекувањето, полесно да се ресоцијализираат, да се вратат во училиштето и меѓу другарчињата. Беше нагласено дека ниедно дете не смее да биде лишено од образование само затоа што се лекува и дека болеста не значи изолација, прекин или заборавеност. Во тек биле обуки за ефективна работа на далечина на наставниците со овие деца.
Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди, истакна дека образованието не е само средство за учење, туку и клучна алатка за емоционална стабилност и зачувување на самодовербата на децата, па според тоа, додаде, вклучувањето на децата од болница во формалното образование значи половина здравје, бидејќи доброто ментално здравје кај овие мали пациенти значи дека многу полесно и помотивирано ќе го поминат долготрајниот пат на лекување.
Министерот за здравство Азир Алиу пак, најави дека ќе бидат изработени методологија и материјали што децата ќе треба да ги поминат, со цел да ги добиваат здравствените, но и образовните услуги.
Тој најави дека од утре (7 август) ќе се креира работна група, со цел обезбедување на квалитетен соодветен кадар за работа. Во моментов, на конкретниот оддел во Клиниката се лекуваат околу 20 деца, но тој број се менува. Како што соопштија надлежните кај децата со малигни заболувања, понекогаш третманот траел и до две години, зависно од самата патологија. Првите шест месеци, биле принудени цело време да бидат на Клиниката.
Изборната комисија на БиХ му го одзеде мандатот на Милорад Додик

На седницата во Сараево, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК БиХ) донесе одлука за одземање на мандатот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, по потврдената конечна пресуда на Судот на Босна и Херцеговина.
Одлуката за одземање на мандатот беше едногласно усвоена.
Судот на Босна и Херцеговина го осуди Додик на една година затвор и забрана за вршење на таа и други политички функции во земјата во следните шест години, поради непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.
Мандатот ќе биде одземен по истекот на рокот за жалба.
Жалбата се поднесува до Апелациониот оддел на Судот на Босна и Херцеговина во рок од два дена од денот на приемот на одлуката преку Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина, во согласност со Изборниот закон на Босна и Херцеговина.
Потоа, се очекува да се распишат предвремени избори за претседател на ентитетот Република Српска во рок од 90 дена.
Редовните општи избори се планирани за октомври 2026 година.
Според Изборниот закон на Босна и Херцеговина, мандатот на избран функционер завршува „на денот на правосилност на судската пресуда со која е осуден на казна затвор од шест месеци или подолго“.
Според пресудата на Судот на Босна и Херцеговина, Додик нема да има право да се кандидира за никаква политичка функција сè додека не истече шестгодишната забрана.
Тој претходно изјави дека нема да се повлече од функцијата претседател на РС и покрај конечната пресуда.
Додик и неговата партија, Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), ја отфрлија пресудата и ја повикаа опозицијата на „влада на национално единство“ во РС, како и заедничко дејствување во институциите на Босна и Херцеговина сè додека статусот на РС не се врати во „гарантирана уставна рамка“.
Одбраната на Милорад Додик најави жалба до Уставниот суд на Босна и Херцеговина, со цел да се обиде да ја оспори пресудата.
Владата на РС објави дека не ја прифаќа второстепената пресуда на Судот на Босна и Херцеговина.
Тие ја оценија пресудата како „правно ништовна, неуставна и политички мотивирана“.
Во низата заклучоци донесени на специјална седница во Бања Лука во вторник, 5 август, меѓу другото, се нагласува дека „неуставниот Суд и Обвинителството на Босна и Херцеговина спроведоа политички монтиран процес против претседателот“, кој, како што е наведено, дејствувал исклучиво во согласност со своите уставни и законски овластувања.
Додик беше прогласен за виновен за потпишување на указот за донесување на законите што високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, претходно ги отфрли.
Со тие закони, законодавните тела во РС се обидоа да го спречат спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и високиот претставник на територијата на ентитетот Босна и Херцеговина.
Кообвинетиот во случајот, вршителот на должноста Милош Лукиќ, директор на Службениот весник на РС, беше законски ослободен од обвиненијата.
Националистички скандирања на навивачите на Шкендија за „Голема Албанија“ и „Илирида“

Навивачите на Шкендија синоќа (5 август) во повеќе наврати за време на натпреварот со Карабах на Националната арена скандираа „Илирида“ и „Голема Албанија“. Тие и покрај сите апели за фер и спортско навивање, извикуваа националистички пораки.
Навивачката група „Балисти“ го почна скандирањето кое потоа беше прифатено од најголемиот дел од гледачите на стадионот.
Натпреварот на трибините на Арената „Тодор Проевски“ го следеа влaдини фунционери, вицепремиерот Изет Меџити, претседателот на Собранието Африм Гаши и министерот за економија Бесир Дурмиши.
По завршувањето на натпреварот, спикерот Гаши им честиташе на навивачите за, како што напиша на Фејсбук, достоинственото однесување на трибините.
„Им честитам на навивачите кои беа подеднакво достоинствени примери за нашите национални вредности, внатре и надвор од стадионот. Со доверба и оптимизам го очекуваме резултатот од реваншот, убедени дека Спарк ќе се бори до крај“, пишува во својот статус Гаши.
Денеска на прашањето на телевизија Телма за коментар за скадирањата „Илирида“ од страна на навивачите на Шкендија, тој изјави дека додека бил на натпреварот не слушнал такво нешто, но дека ако се случило, го осудува.
Навивачите на Шкендија и пред неколку месеци за време на едноминутниот молк на натпреварот против Брера, а во чест на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани, упатуваа свирежи и скандираа за УЧК.
Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека ќе ги санкционира евентуалните националистички испади, како што реагираше брзо по испадите на мала група навивачи на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово, кога навивачите скандираа погрдни и навредливи зборови за Албанците додека македонските државни функционери беа присутни на трибините.
Денеска и Хелсиншкиот комитет за човекови права го осуди националистичкото и политизирано скандирање за време на фудбалскиот натпревар Шкендија-Карабах , што се одигра вчера на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје во рамките на квалификациите за Лигата на шампионите.
„И покрај апелите од јавноста и институциите за фер и спортско навивање, од трибините се слушаа повици ‘Голема Албанија‘, ‘Чамерија‘ и ‘Илирида‘, пораки кои придонесуваат за поттикнување меѓуетнички поделби, ја нарушуваат меѓуетничката кохезија и имаат потенцијал да предизвикаат злосторства од омраза. Загрижувачки е фактот што ваквите извици не доаѓале само од навивачката група ‘Балисти‘, туку и од дел од публиката, во присуство на високи државни функционери“, велат од Хелсиншки комитет.
Хелсиншкиот комитет критикува и што ниту еден од високите функционери кои присуствувале на натпреварот не реагирал за навредувачките скандирања. Наведуваат дека покрај Гаши и Меџити на натпреварот присуствувале и партиските лидери Али Ахмети и Арбен Таравари.
„Особено е дискутабилна изјавата на Гаши, кој од една страна вели дека не ги слушнал повиците, а од друга страна јавно им честитал на навивачите, нарекувајќи ги ‘достоинствен пример за националните вредности‘. Овие контрадикторни ставови испраќаат опасна порака за толеранција на говор на омраза и политичко навивање на спортските терени“, соопшти Хелсиншки комитет.
Оттаму апелираат до Министерството за внатрешни работи (МВР) и надлежните институции да постапат во согласност со најавените мерки за санкционирање вакви испади.
Од основното јавно обвинителство Куманово соопштија дека постапуваат и дека до Секторот за внатрешни работи Куманово дале повеќе наредби и насоки за испитување на елементи за кривично дело при скандирањата кои „содржеле говор на омраза на кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија“.
Скандирањата на кошаркарскиот натпревар помеѓу Северна Македонија и Романија ги осудија премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и политичките партии од власта и од опозицијата во земјава, Косово и Албанија.
Истрага отвори и Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА.
Инаку, Шкендија го загуби натпреварот од Карабах со 1:0. Ова е прв пораз на Шкендија оваа сезона во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите.
Новоизбраниот претседател на Полска, Навроцки ќе ја преземе функцијата

Новоизбраниот десничарски претседател на Полска, Карол Навроцки, ќе ја преземе функцијата денеска, со што ќе започне период на можна конфронтација со проевропската влада, објави ДПА.
42-годишниот независен историчар, кој беше поддржан од опозициската партија Право и правда (ПиС), прогласи победа во вториот круг на почетокот на јуни.
Тој го победи либералниот градоначалник на Варшава, Рафал Тржасковски - голем пораз за владата на премиерот Доналд Туск.
Навроцки го наследува Анджеј Дуда, кој се повлекува по два мандати на функцијата.
Дуда, кој беше поддржан и од ПиС, честопати ја користеше својата моќ за да ја блокира реформската агенда на Туск.
Навроцки веќе предупреди дека премиерот може да очекува „силен отпор од претседателската палата“.
Традиционално, полскиот претседател положува заклетва во дводомното Национално собрание.
Полскиот шеф на државата се избира за петгодишен мандат и има широки овластувања. Претседателот е врховен командант на армијата, има право на глас во одлуките за надворешна политика и може да стави вето на законите донесени од парламентот.
Хирошима одбележува 80-годишнина од атомското бомбардирање

Градот Хирошима, во западниот дел на Јапонија, ја одбележува 80-годишнината од атомското бомбардирање на САД во 1945 година, објавија светските новински агенции.
Точно во 8:15 часот наутро по локално време, градот одржа минута молчење - моментот кога атомската бомба беше фрлена врз јапонскиот град пред 80 години.
Бомбардирањето на Хирошима на 6 август 1945 година го уништи градот и уби 140.000 луѓе. Втората бомба, фрлена три дена подоцна врз Нагасаки, уби уште 70.000.
Јапонија се предаде на 15 август, со што заврши Втората светска војна.
Атомските бомбардирања што го забрзаа крајот на Втората светска војна се единствениот пат во историјата кога нуклеарно оружје е употребено во војна.
Со брзото намалување на бројот на преживеани, а нивната просечна возраст сега надминува 86 години, годишнината се смета за последен голем настан за многу од нив.
„Ни истекува времето и се соочуваме со поголема нуклеарна закана од кога било“, се вели во соопштението од Нихон Хиданкјо, јапонска граѓанска организација на преживеани, која минатата година ја доби Нобеловата награда за мир за својата иницијатива за укинување на нуклеарното оружје. „Нашиот најголем предизвик сега е да ги промениме државите со нуклеарно оружје кои реагираат на нас со рамнодушност“, додаде организацијата.
Претставници од повеќе од 100 земји се придружија на церемониите по повод годишнината. Градоначалникот на Хирошима, Казуми Мацуи, јапонскиот премиер Шигеру Ишиба и други официјални лица положија цвеќе на споменикот за мртвите.
Преживеаните од бомбардирањето и нивните семејства почнаа да им оддаваат почит на жртвите.
Израел размислува за целосна окупација на Газа, повеќе Палестинци умираат од глад

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја поддржа целосната воена окупација на Газа за прв пат по две децении, објавија медиумите и требаше да се сретне со високи безбедносни претставници во вторник за да финализира нова стратегија во 22-месечната војна, објави Ројтерс.
Медијацијата меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас - која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка организација, пропадна и покрај силниот меѓународен притисок за прекин на огнот за ублажување на последиците од гладот и ужасните услови на опколената палестинска територија.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека уште осум лица починале од глад или неухранетост во последните 24 часа, додека уште 79 лица беа убиени во последниот израелски напад.
Нетанјаху требаше да се сретне со министерот за одбрана Израел Кац и началникот на Генералштабот Ејал Замир за да одлучи за стратегијата што ќе ѝ биде презентирана на владата подоцна оваа недела, изјави израелски функционер за Ројтерс.
На состанокот ќе присуствува и министерот за стратешки прашања Рон Дермер, близок соработник на Нетанјаху.
Израелскиот Канал 12, повикувајќи се на функционер во кабинетот на Нетанјаху, објави дека премиерот се стреми кон преземање контрола врз целата територија.
Тоа би значело поништување на одлуката од 2005 година за повлекување на израелските доселеници и војници од Газа, а воедно задржување на контролата врз нејзините граници, потег што десничарските партии го обвинуваат за доаѓањето на Хамас на власт, потсетува Ројтерс.
Сепак, не е јасно дали Нетанјаху размислува за долгорочна окупација или краткорочна операција насочена кон уништување на Хамас и ослободување на израелските заложници.
Кабинетот на премиерот не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за извештајот на Канал 12.
Палестински функционер рече дека тоа би можел да биде тактички потег за притисок врз Хамас да направи отстапки, додека палестинското Министерство за надворешни работи ги повика странските земји да обрнат внимание на извештаите.
„Министерството ги повикува државите и меѓународната заедница да ги сфатат овие информации со најголема сериозност и итно да интервенираат за да го спречат нивното спроведување, без разлика дали овие информации имаат за цел да извршат притисок, да тестираат меѓународни реакции или се реални и сериозни“, се вели во соопштението.
Коалициската влада на Израел, најдесничарската и најрелигиозно конзервативна во историјата на земјата, вклучува крајно десничарски политичари кои се залагаат за анексија и на Газа и на Западниот Брег и ги охрабруваат Палестинците да ја напуштат својата татковина.
Израел ја започна својата кампања во Газа како одговор на нападот на Хамас на југот на 7 октомври 2023 година, во кој, според израелските бројки, околу 1.200 луѓе беа убиени, а 251 заложник беа земени во Газа.
Од 251 лице киднапирано тој ден, 49 остануваат заложници во Газа, а армијата прогласи 27 мртви.
Во израелската офанзива загинаа најмалку 59.000 луѓе во Газа, претежно цивили, според бројките од Министерството за здравство на Хамас, кои Обединетите нации ги сметаат за веродостојни, пренесува АФП.
Додик го посети Орбан по конечната пресуда на Судот на БиХ

Милорад Додик, претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, го посети унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта, што е негова прва посета на странски лидер по конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина со која го осуди на една година затвор и му забрани да извршува јавни функции шест години.
Додик го посети Орбан, кој го поддржа по пресудата, заедно со српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ.
Како што објави Додик на мрежата X, тој му е благодарен на Орбан „за неговата поддршка за Република Српска и јасните пораки да се почитува она што го избира народот, а не она што го наметнуваат неизбраните“.
Орбан го поддржа Додик во неодамнешните објави на социјалните мрежи, велејќи дека „Унгарија не ја признава пресудата“ на Судот на Босна и Херцеговина.
Унгарскиот лидер претходно го поддржа Додик и ги блокираше обидите на Европската Унија да го санкционира.
Додик и неговата партија, Алијансата на независни социјалдемократи, исто така ја отфрлија пресудата и ја повикаа опозицијата да формира „влада на национално единство“ во РС, како и да соработуваат во институциите на Босна и Херцеговина сè додека статусот на овој босански ентитет не се врати во, како што велат, „гарантирани уставни рамки“.
Горан Бубиќ, адвокатот на Додик, најави жалба до Уставниот суд на Босна и Херцеговина против пресудата и барање за „привремена мерка“ што привремено ќе го запре спроведувањето на санкциите утврдени во пресудата.
Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина официјално ќе одлучи за мандатот на претседателот на ентитетот на седница во среда, 6 август.
Додик беше прогласен за виновен за потпишување на указ за донесување закон што високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, претходно го поништи.
Со овие закони, законодавните тела во РС се обидоа да го спречат спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и на високиот претставник на територијата на овој босански ентитет.
Русија ги обвини Соединетите Држави за нелегален трговски притисок врз Индија

Русија ги обвини Соединетите Држави за нелегален трговски притисок врз Индија откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани дека ќе ги зголеми увозните давачки на индиската стока поради нејзините купувања руска нафта.
„Не сметаме дека ваквите изјави се легални. Веруваме дека суверените земји треба да имаат и имаат право да ги изберат своите трговски партнери и формите на трговска и економска соработка што се во интерес на една или друга земја“, изјави денеска (5 август) портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претходно, Трамп изјави дека од петок (8 август) ќе воведе нови санкции врз Русија и против земјите што купуваат руски енергетски ресурси, освен ако Москва не преземе мерки за прекин на конфликтот во Украина.
Сепак, рускиот претседател Владимир Путин не даде никакви знаци за каква било промена во ставот на Русија за војната, забележуваат агенциите.
Њу Делхи ги нарече заканите на Трамп „неоправдани“ и вети дека ќе ги брани своите економски интереси, продлабочувајќи го трговскиот јаз меѓу Индија и САД.
Кон крајот на минатата недела, претставници на индиската влада изјавија за „Њујорк тајмс“ дека нивната земја ќе продолжи да купува нафта од Русија и покрај заканата од санкции.
Косово покрена обвинение против српскиот функционер Игор Поповиќ

Специјалното обвинителство на Косово објави дека поднело обвинение до Основниот суд во Приштина против функционерот на Владата на Србија, Игор Поповиќ.
Тој беше обвинет за „поттикнување поделба и нетолеранција“.
„И.П. се изјасни за виновен за кривичното дело за кое се товари. Врз основа на тоа, Специјалното обвинителство на Република Косово, покрај обвинението, достави и спогодба за признавање на вина до Основниот суд во Приштина“, соопшти Специјалното обвинителство.
Обвинителството додаде дека Поповиќ намерно и јавно поттикнувал и ширел омраза и нетолеранција меѓу етничките групи за време на говорот одржан во Ораховац на 18 јули.
Обвинителството објави дека во својот говор Поповиќ употребил јазик што поттикнува раздор и омраза, велејќи: „Срби умираа тука во регионот на Ораховац, Метохија, Косово и Метохија затоа што се староседелци и имаат корени тука и не дозволуваат некој да ги прогласи за окупатори- странци и да ги протера од тука, од страна на ОВК - терористичка организација“, а потоа продолжи да апелира до граѓаните, наведувајќи: „Мора да бидеме горди на храброста на жртвите и браќата што останаа тука и што се трудиме Велика Хоча и Ораховац да останат српски“, се наведува во соопштението.
По говорот во Велика Хоча, Поповиќ беше приведен од косовската полиција на граничниот премин Брњак, кој го поврзува Косово со Србија и беше приведен во полициски притвор 48 часа.
Потоа, на 20 јули, Основниот суд во Приштина му изрече едномесечен притвор. Адвокатот на Поповиќ поднесе жалба, но второстепениот суд ја потврди наредбата за притвор.
Властите во Србија го осудија апсењето на Поповиќ, нарекувајќи го „политичка одлука“ и бараат негово ослободување.
Српскиот претседател Александар Вучиќ го предупреди Косово на „непредвидливи последици“. Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, ја опиша оваа изјава како закана, повикувајќи ја Меѓународната заедница да реагира.
Ослободителната војска на Косово (ОВК) беше политичко-воена организација која се бореше за ослободување на Косово од српската власт во периодот од 1990 до 1999 година.
Специјализираните совети на Косово во Хаг истражуваат воени злосторства за кои се сомнева дека ги извршиле членови на ОВК против етнички малцинства и политички соперници од јануари 1998 до декември 2000 година.
За време на војната во Косово во 1998/99 година, повеќе од 13000 цивили беа убиени, додека илјадници други исчезнаа.
Околу 1600 луѓе, претежно Албанци, сè уште не се пронајдени.
Со текот на годините, судските институции во Косово обвинија или осудија неколку лица за воени злосторства. Курти претходно изјави дека Србија сè уште не се извинила за злосторствата извршени во Косово.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете