Вести
Пронајдени 30 тела по израелски напад во централен Либан

По израелскиот напад врз станбена зграда во градот Барја, либанските спасувачи извлекоа 30 тела од урнатините, соопшти либанската цивилна одбрана на 6 ноември.
Останува нејасно дали има преживеани или сè уште заробени тела под урнатините по воздушниот напад во вторник вечерта (5 ноември), кој дојде без предупредување.
Немаше изјава од израелската армија, а не се знае и целта на нападот.
Барја, град северно од пристанишниот град Сидон во централен Либан, досега не бил цел на конфликтот. Официјален претставник на цивилната одбрана Мостафа Данај изјави дека некои од соседите пријавиле дека луѓето сè уште се водат како исчезнати.
Израелските сили и милитантната група Хезболах се судираат повеќе од една година, откако Хезболах почна да истрелува ракети преку границата кратко по смртоносниот напад на Хамас врз јужен Израел што пак ја предизвика тековната војна во Газа во октомври минатата година.
Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.
Војната на либанскиот фронт значително ескалира од средината на септември, кога Израел започна масовно воздушно бомбардирање и копнена инвазија.
На 5 ноември, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отпушти министерот за одбрана Јоав Галант во изненадувачка објава што предизвика протести низ целата земја. Галант беше заменет со министерот за надворешни работи Израел Кац, долгогодишен лојалист на Нетанјаху и ветеран во кабинетот.
Додека Нетанјаху повика на континуиран воен притисок врз Хамас, Галант рече дека воената сила ги создала неопходните услови за привремен дипломатски договор што би можел да ги врати дома заложниците кои ги држела милитантната група.
Војната меѓу Израел и Хамас започна откако палестинските милитанти го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1200 луѓе, главно цивили, додека 250 луѓе беа заробени во Газа.
Израел одговори со воен напад врз Газа, при што загинаа повеќе од 43.000 луѓе, според палестинските здравствени власти. Тие не прават разлика меѓу цивили и борци, но велат дека повеќе од половина од убиените се жени и деца.
Од избувнувањето на конфликтот меѓу Израел и Хезболах во 2023 година, најмалку 3000 луѓе се убиени, а околу 13500 се ранети во Либан, од кои околу четвртина се жени и деца, соопшти Министерството за здравство.
Во извештајот на либанската единица за одговор на кризи се вели дека 361 300 Сиријци и над 177 800 Либанци преминале во Сирија меѓу 23 септември и 1 ноември за да ги избегнат борбите.
Во меѓувреме, Хезболах продолжува да испраќа десетици ракети и беспилотни летала кон Израел. Ракетите досега убиле 72 лица во Израел, од кои 30 војници, соопшти канцеларијата на израелскиот премиер Нетанјаху.
види ги сите денешни вести
Пластичен хирург утре ќе ги посети повредените во одморалиштето на Пониква

Експерт за пластична хирургија утре ќе ги посети повредените од пожарот од Кочани кои се на рехабилитација во Пониква за да види какви потреби имаат и како ќе може да им се помогне - најави денеска (22 јуни) министерот за здравство, Азир Алиу.
„Таму 45 граѓани се дел од таа програма во Пониква. Имаме пет вработени, двајца лекари и три медицински сестри. Имаме програма која е во тек од сабота. Денеска на пример таму температурата е фантастична 17 степени. Надвор се, играат кошарка и такви активности имаат“, изјави Алиу на денешната прес конференција.
Што се однесува до Кочани и последиците од пожарот во дискотеката „Пулс“, тој кажа дека се планира долгогодишна програма за градот не само за граѓаните и за настраданите.
Претходно, на брифинг со новинарите тој најави дека Кочани ќе добие модерен и иновативен центар, каде повредените ќе може да развиваат креативни идеи.
„Верувам дека од таков тип на центар ќе излезат можеби и старт-ап компании со нови идеи во здравството и во други решенија. Тие млади се многу креативни, само им треба инфраструктура и менторирање за да реализираат креативни идеи во проекти, компании и така натаму“, истакна министерот.
Првите пациенти од трагедијата во Кочани пристигнаа во одморалиштето на Пониква вчера, а во меѓувреме се подобруваат условите и во болницата во Кочани.
Доктор Катерина Паниќ - Мирчовска, в.д. директор на Општата болница - Кочани, во петокот информираше дека веќе ги добиле потребните креми за апликација на изгорениците. Таа рече дека е стигната и тура од 95 лепенки кои како што додаде, пациентите долго ги барале.
„Support Kocani“ обезбеди 4.070 силиконски лепенки за повредените
Попладнево пак, граѓанската иницијатива Support Kocani соопшти дека во Кочани пристигнале 407 кутии со силиконски лепенки Atrauman Silicone, со вкупно 4.070 лепенки, како дел од континуираната хуманитарна помош за повредените од трагичниот настан во клубот „Пулс“.
Овие медицински лепенки, во кои секоја кутија содржи 10 парчиња, како што посочуваат, се специјално наменети за третман на изгореници и чувствителни повреди на кожа. Тие претставуваат донација од хумани сограѓани и компании кои живеат и работат во Словенија, кои великодушно се приклучија на нашата мисија за помош.
-Лепенките наскоро ќе бидат донирани на Општата болница во Кочани, во координација со здравствените служби и потребите на пациентите. Оваа донација е уште еден потсетник дека вистинската поддршка понекогаш доаѓа таму каде што најмалку ја очекуваме - од срцата на обичните луѓе, преку граници и без големи зборови, велат од иницијативата.
Нагласуваат дека Support Kocani очекува нови пратки со медицински материјали и од други земји, меѓу кои Австралија и Данска, каде како што велат, македонски иселеници и пријатели на Кочани активно се вклучуваат со поддршка.
Зеленски: Москва не гледа кого праќа, место украински, примивме тела на руски војници

Киев прими тела на најмалку 20 руски војници, наместо на украински, во текот на неодамнешната размена на загинати во војната со Москва – изјави претседателост Володомир Зеленски, обвинувајќи ја Русија дека „не проверува кого праќа“.
„Нам ни дадоа мртви тела на свои граѓани. Тоа е нивниот став кон војната, кон своите војници. И тоа е веќе документирано. Понекогаш овие тела дури имаат и руски пасоши“, истакна Зеленски,
Тој посочи дека руската страна инсистирала дека сите загинати се Украинци.
Зеленски разговараше со новинарите во Киев на 20 јуни, покажувајќи им руски пасош и лична карта за кои украинските власти сметаат дека му припаѓаат на еден од дваесетмината загинати Руси.
Според надлежните, човекот бил од околината на Москва, но тие не го открија неговиот идентитет.
Репатријациите беа спроведени по двете рунди директни мировни преговори во Истанбул на почетокот на јуни, кои резултираа со договор за враќање на затвореници и тела на загинати, но не донесоа видлив напредок во заокружувањето на руската војна против Украина.
За време на втората рунда преговори, Украина и Русија се согласија да разменат тела на по 6000 војници. Меѓутоа, Киев изрази загриженост дека бројот е преголем и дека немало доволно време за форензички прегледи и проверка на идентитетот на загинатите.
Десетина илјади војници беа убиени на двете страни од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022. Ниту една од двете земји не објавува редовни информации за воените жртви.
Украина бара поддршка од Западот за зголемување на производството на оружје. Зеленски исто така, изјави дека Украина почнала да користи домашни дронови-пресретнувачи за да се спротивстави на руските дронови. При тоа, побара од западните сојузници на Украина да издвојат 0,25 проценти од својот бруто домашен производ (БДП) за да му помогнат на Киев да го зголеми производството на оружје.
Тој додаде и дека Украина преговарала со Данска, Норвешка, Германија, Канада, Велика Британија и Литванија за отпочнување на заедничко производство на оружје.
„Украина е дел од европската безбедносна мрежа и сакаме 0,25 проценти од бруто домашниот производ на одредени земји да се издвои за нашата одбранбена индустрија и домашното производство“, исткна Зеленски.
Тој посочи дека Украина оваа година обезбедила 43 милијарди долари за финансирање на домашното производство на оружје.
Шефовите на државите членки на НАТО ќе имаат средба на претстојниот самит во Хаг идната недела за да разговараат за поголеми издатоци за одбраната.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте предложи секоја земја да потроши пет проценти од својот БДП за одбранбени и безбедносни мерки.
Обезбедени 300 паркинг места во „Лимак“ за вработените во Клиничкиот центар

Министерството за здравство потпишало меморандум за соработка со компанијата ЛИМАК ДОО Скопје, со што ќе се обезбеди паркинг простор за 300 возила, наменет за вработените во здравствените установи кои функционираат во рамки на Клиничкиот центар.
За ова денеска (22 јуни) на прес конференција информираше министерот за здравство, Азир Алиу кој рече дека „во услови кога над 6.000 луѓе секој ден минуваат низ комплексот, а повеќе од 2.500 од нив се вработени, прашањето на паркирањето не може да биде оставено на импровизација“.
Тој посочи дека од 1 јули, овој паркинг простор ќе биде ставен во функција и достапен 24 часа.
„Се наоѓа на оддалеченост од приближно пет минути пешачење од било која клиника. Со пренасочување на возилата на вработените надвор од срцето на кампусот, го ослободуваме најблискиот простор за пациентите“, рече Алиу.
Според него, ова е само прв чекор во решавање на проблемот, а во меѓувреме здравствените власти почнуваат и со системска анализа на просторот.
„Ќе го мапираме секој агол, ќе знаеме точно колку возила може да се паркираат, кои се пиковите во текот на денот и каде се најкритичните точки на застој. На основа на тие податоци, ќе создадеме модел за управување со просторот, кој нема да се темели на навика и хаос, туку на бројки, потреби и логистика“, истакна министерот.
Во процесот, ќе бидат вклучени и самите клиники, директорите и вработените, бидејќи секое практично решение мора да доаѓа со знаење од неговите корисници.
Информативни табли за полесен пристап на пациентите
Во следната фаза, рече тој, ќе се подобри и движењето на пациентите во рамки на Клиничкиот центар.
„Во тек се подготовките за поставување на дигитални информативни табли на влезовите од комплексот, како и на клучните точки во внатрешноста на Клиничкиот центар, со што ќе овозможиме полесна ориентација, побрз пристап до клиниките“, порача Алиу.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со ѕидот што се урна кај Детската клиника, Алиу рече дека процедурата е веќе почната, како и дека ќе има повлекување од еден метар и половина за да може патот над Клиниката да биде проширен.
Во однос на проблемот со клиничката Перална, кажа дека во моментов се анализира состојбата и дека за кратко време ќе се изнајде решение.
„Знаете дека институцијата е подолг период во финансиска криза, но исто така мора да најдеме начин и процеси за да се исплатат бараните сервиси кои таа институција ги нуди. Малку е покомплексен проблемот. Заедно со Владата, директорот на институцијата и со мене како министер за здравство ценам дека брзо ќе најеме решение како институцијата да се ослободи од таков тип на финансиски притисоци“, рече Алиу.
Наредната недела тој има состанок и со претставниците на компанијата која стопанисува со Клиничката перална.
Министерот за здравство на прес-конференцијата соопшти дека мора да се направи нова методологија и анализа за потребите на здравството и на пациентите врз основа на понови податоци поврзани со демографијата, нови болести, потреби на пациентите, на здравствените установи за вработени.
Евакуацијата на странски државјани преку аеродромот во Тел Авив засега е невозможна, соопшти Македонската амбасада

Амбасадата на Северна Македонија во Израел денеска соопшти дека воздушниот простор на Израел како и аеродромот, се затворени, а планот за евакуација на странски државјани преку аеродромот Тел Авив засега не е возможен.
Има најава за отворање на аеродромот, денес 22 јуни, од 14:00 часот - се наведува во информацијата што Амбасадата ја објави на Фејсбук.
-Од Министерството за туризам на Израел сме информирани дека функционира морска рута од Ашдод до Лимасол (Кипар) (компанијата "Mano Shipping"). Следниот брод со слободни места "Crown Iris" планирано е да отпловува од Ашдод на 27 јуни (петок) – велат од Амбасадата.
Оттаму информираат дека картите може да се купат директно од веб страната на компанијата.
Македонските државјани кои немаат никаков валиден пасош, молиме да се обратат до Амбасадата за добивање на Патен лист – додаваат од Амбасадата.
Во објавата се посочува и информација од Министерството за туризам на Израел во врска со патувањето со брод.
Инаку, првата група македонски државјани кои побараа евакуација од територијата на Израел пристигнаа на скопскиот аеродром во средата (18 јуни).
„Со ова, станавме една од првите земји во Европа што успешно организираше и реализираше повраток на своите граѓани од зоната на конфликт“, објави на социјалните мрежи министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
До понеделникот (16 јуни) поддршка за евакуација по ескалацијата на Блискиот Исток побарале 28 македонски државјани.
Министерот Муцунски тогаш на прес-конференција изјави дека вкупно 28 лица се пријавиле да бидат евакуирани од Израел и оти евакуацијата ќе се врши со владиниот авион. Тогаш најави дека осум наши државјани, од кои четири деца, ќе заминат во Египет и со авион на Владата, придружени од безбедносен конвој ќе пристигнат во Скопје.
Министерот во понеделникот најави дека втората група се очекува да го напушти Израел и да замине кон нашата држава веднаш по воспоставување редовен авионски сообраќај од Тел Авив.
Стотици граѓани на протест во Белград побараа да се распишат нови избори

Неколку стотици граѓани од повеќе белградски општини протестираа вчера (21 јуни) пред зградата на Републичката изборна комисија (РИК) во центарот на Белград барајќи да се распишат вонредни парламентарни избори.
Распишувањето на изборите е дел од барањата на студентите во блокада кои отпочнаа со протести низ цела Србија по падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година.
Граѓаните на вчерашниот протест побараа власта да ја „признае победата“ на опозицијата на локалните избори во Косјериќ, како и поништување на резултатите од изборите во Заечар.
Според официјалните резултати, на изборите во Заечар на истокот на Србија на 8 јуни, највеќе гласови освои владеачката Српска напредна странка (СНС), но опозицијата тврди дека имало големи изборни манипулации.
„Притисокот мора да продолжи“, изјави на протестот во Белград студент од Заечар и додаде дека се поднесени критивчни пријави против оние кои „учествувале во купувањето гласови“.
Студентка од Косјериќ пак, изјави дека СНС ги изгубила изборите во ова место и дека граѓаните „кажале што мислат“.
Владеачката СНС според официјалните резултати, во Косјериќ освои 14 места, а опозициската листа „Обединети за Косјериќ“ 13.
Полиција околу пионерскиот парк
Набљудувачката мисија на Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) во прелиминарниот извештај оцени дека изборниот ден во Косјериќ не бил ниту слободен ниту чесен, додека резултатот во Заечар не ја изразува волјата на граѓаните затоа што дури на 19 отсто од избирачките места се забележани тешки облици на неправилности.
Протестот на граѓаните кој се одржа под слоганот „Циркусот мора да си замине“, се одржа во непосредна близина на Пионерскиот парк каде од март има камп на луѓе кои се против протестите и блокадите.
Таму, граѓаните кои протестираа побараа од надлежните да ги отстранат оградите кои се поставени околу паркот и да овозможат слободен пристап.
Околу Прионерскиот парк пред самиот протест беше распоредена полицијата, а група од импровизираниот камп на разглас пушташе националистички песни.
По шести пат Парада на гордоста во Скопје

Под мотото „Ќе (оп)стоиме заедно!“, денеска во Скопје се одржа шестата Парада на гордоста, со фокус на заедништвото, отпорот и борбата за човекови права.
Годинешниот настан беше најавен како протест, а не прослава, поради, како што беше истакнато од организаторите, зголемениот говор на омраза, институционалното молчење и назадувањето на правата на ЛГБТИ+ заедницата.
Маршот започна во Паркот „Жена борец“, а потоа од Собранието, се упатија пред Министерството за образование и наука и Владата.
-Државата се распаѓа под тежината на сопствената корупција и неспособност. Но, ние – ЛГБТИ+ заедницата – одбиваме да соучествуваме во таа тишина. Ние не сме ниту мирни, ниту невидливи. Нашето постоење е отпор, доказ дека постојат и други начини на соживот – базирани на радикална грижа, на солидарност, на колективно ослободување, беше посочено на Парадата на гордоста.
Претходно, најавувајќи го овој настан, активистот Стефан Петровски реагираше дека образовниот систем го „брише секое спомнување на идентитетите и приказните на ЛГБТИ+ заедницата“.
„Зголеменото насилство, омразата и исмевањето во училиштата не се случајни – тие се последица на институционален срам и молк. Наместо заштита, образовните политики нудат невидливост“, додаде Петровски на прес конференцијата во неделата (15 јуни).
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права пак, Уранија Пировска посочи дека секоја година при одржувањето на Парадата на гордоста се соочуваат со сериозен говор на омраза.
„МВР го следи говорот на омраза, а ќе ги следиме и ние сите овие појави и ќе известуваме за сите случувања. Секоја година Министерството за внатрешни работи покажува високо ниво на професионалност во обезбедувањето на учесниците на Прајдот, полициските службеници успеваат да не предизвикаат страв и тензија кај учесниците“, кажа Пировска.
Пакистан ќе го номинира Трамп за Нобелова награда за мир

Пакистан денеска (21 јуни 2025) објави дека ќе препорача американскиот претседател Доналд Трамп да ја добие Нобеловата награда за мир, награда за која тој повеќепати кажа дека ја сака за неговите напори да го реши неодамнешниот конфликт меѓу Индија и Пакистан.
Трамп во петокот ја презеде заслугата за мировниот договор меѓу Конго и Руанда, но се пожали дека нема да ја добие Нобеловата награда за мир за тоа, ниту за, како што рече, спречување војна меѓу Косово и Србија, одржување на мирот меѓу Египет и Етиопија и спречување војна меѓу Индија и Пакистан.
Некои аналитичари во Пакистан веруваат дека предлогот на земјата може да го поттикне Трамп да ја преиспита можноста да му се придружи на Израел во нападот на иранските нуклеарни постројки. Пакистан ги осуди акциите на Израел како кршење на меѓународното право и закана за регионалната стабилност.
Трамп ненадејно објави прекин на огнот во мај со кој заврши четиридневниот судир меѓу Индија и Пакистан, две земји со нуклеарно оружје. Оттогаш, тој постојано тврдеше дека спречил нуклеарна војна, спасувајќи милиони животи, но не добил никаква заслуга за тоа.
Пакистан се согласува дека американската дипломатска интервенција ги прекина борбите, додека Индија тврди дека тоа е договор меѓу војските на двете земји.
Истрага за помагање на сторителите на убиството на Вања и Панче

Основното јавно обвинителство Скопје итно постапи за проверка на наводите изнесени од обвинет во текот на вчерашното рочиште од судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
По наредба на јавен обвинител едно лице е лишено од слобода и против него е поведена истрага за – Помагање на сторител по извршено кривично дело согласно член 365 став 3 од Кривичниот законик, соопштија од Обвинителството денеска (21 јуни).
Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор.
По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата.
Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени, посочуваат од Обвинителството.
Со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбеди и судски наредби со кои беа извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија.
Со цел обезбедување на осомничениот до завршување на постапката, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање, како и да се определи повремено да се јавува кај службено лице во судот.
Истрагата против ова лице претставува посебен предмет кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства која е во завршна фаза и во рамките на која Јавното обвинителство го поткрепи обвинението со огромен број вербални и материјални докази за сторените дела – се додава во соопштението.
Малолетната Вања од Скопје и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а на 2 декември истата година, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Пленковиќ до Мицкоски: Имате поддршка од Хрватска, заслужувате влез во ЕУ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на социјалната мрежа „Х“ информираше дека имал телефонски разговор со македонскиот премиер Христијан Мицкоски и јавно даде поддршка за нашата држава на патот кон членство во ЕУ.
„Со премиерот Христијан Мицкоски разговарав за понатамошната динамика на европскиот пат на Северна Македонија, за претстојниот Извештај на Европскиот парламент за напредокот и состојбата во Југоисточна Европа. Хрватска ќе продолжи силно да ја поддржува Северна Македонија, која заслужува членство во ЕУ“, напиша Пленковиќ на социјалната мрежа.
Овој став доаѓа во пресрет на новиот извештај на Европскиот парламент за земјите од Западен Балкан, каде што ќе се оценува напредокот на државите кои сакаат членство во Унијата.
И премиерот Мицкоски објави дека разговарал со неговиот хрватски колега.
„Имав телефонски разговор со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ. Во пресрет на извештајот на Европскиот парламент, продолжувам да ги користам сите контакти за да ја раскажам македонската вистина – за нашиот напредок, за вредностите што ги браниме и за иднината што ја заслужуваме. Хрватска е докажан пријател на нашата држава, а нејзината гласна поддршка во клучни моменти претставува голем поттик и охрабрување за сите нас“, објави Мицкоски на Фексбук.
Тој додава дека „Македонија заслужува влез во ЕУ, но со крената глава“.
Туристите заминуваат од хрватското крајбрежје додека пожарите излегуваат од контрола

Шумски пожар кој беснее на хрватското крајбрежје предизвика масовно заминување на туристите, објави агенцијата ДПА.
Повеќе туристички дестинации долж крајбрежјето се погодени од пожарот, а дел од патиштата се затворени за сообраќај – пренесоа хрватските медиуми денеска (21 јуни).
За сега, нема соопштенија за жртви поврзани со пожарот.
Огнената стихија изби на триесетина километри јужно од Сплит, во близина на приморските населби Писак и Марушиќ кои се популарни меѓу туристите.
Пожарот изби на подрачјето на Писак и Марушиќ источно од Омиш, а пожарникарите не можат а го контролираат, па спасуваат куќи кои се загрозени, наведоа пожарникарите од Омиш, пренесува Хрватска радиотелевизија.
ХРТ пренесе дека во претходните два дена избиле пожари на 17 места од Омиш до Макарска, но со брзото интервенирање на пожарникарите тие пожари биле изгасени во рок од неколку часа.
Пожарникарите наведуваат дека дел од жителите на местата зафатени со пожарите се евакуирани.
Сушата, високите температури и силниот ветер придонесуваат за ширење на пожарите низ густите борови шуми на таа област. Засега не е позната причината за пожарите кои уништија бројни куќи и автомобили.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете