Достапни линкови

Лидерите на групата Г7 не успеаја да постигнат амбициозни договори за клучни прашања


Лидерите на Г7 на состанок во Канада, каде што американскиот претседател беше присутен само првиот ден, јуни 2025 година
Лидерите на Г7 на состанок во Канада, каде што американскиот претседател беше присутен само првиот ден, јуни 2025 година

Шест лидери од Групата седум (Г7) разговараа за војната на Русија во Украина и конфликтот меѓу Израел и Иран, но не успеаја да постигнат големи договори за тие и многу други важни прашања, затворајќи го самитот што се обиде да покаже како овој клуб на богати земји може да продолжи да ја обликува глобалната политика и покрај предвременото заминување на американскиот претседател Доналд Трамп.

На домаќинот на состанокот, канадскиот премиер Марк Карни и неговите колеги од Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Јапонија, вчера (17 јуни) за време на завршните сесии од самитот им се придружија украинскиот претседател Володимир Зеленски и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

„Ни треба поддршката од нашите сојузници и јас сум тука. Подготвени сме за мировни преговори, безусловно примирје. Мислам дека тоа е многу важно. Но, за тоа ни е потребен притисок“, рече Зеленски.

Лидерите на Г7, без Трамп, се согласија да се обидат заедно да се борат против она што го нарекоа непазарни политики што би можеле да го загрозат глобалниот пристап до критични минерали.

Тие, исто така, ветија дека ќе го ограничат негативното влијание на вештачката интелигенција врз работните места и животната средина, а воедно ќе го искористат нејзиниот потенцијал за „технолошка револуција“.

Немаше консензус за други прашања, и додека самитот требаше да покаже единство за главните глобални прашања, не беше издадена заедничка изјава за конфликтот во Украина.

Зеленски требаше да се сретне со Трамп на маргините на самитот на Г7 во Канада, во планинскиот град Кананаскис, но средбата беше откажана.

Соединетите Држави претходно потпишаа договор со Украина со кој на Америка ѝ се дава пристап до огромните минерални ресурси на Украина.

Висок канадски функционер им изјави на новинарите на самитот дека САД се спротивставиле на заедничката изјава за Украина, бидејќи се обидуваат да промовираат разговори со Русија.

Функционерот рече дека на првиот ден од самитот во понеделник станало јасно дека нема да има заедничка изјава, иако другите учесници посочиле дека нема сериозен договор што би бил прифатен со консензус.

Подоцна, портпаролката на канадскиот премиер Емили Вилијамс ја повлече изјавата дадена на брифингот и рече дека никаква предложена изјава за Украина не е споделена со другите лидери.

Во отсуство на Трамп, другите шест лидери одржаа проширена седница за Украина. Бидејќи немаше едногласен став, поединечните лидери се сретнаа одделно со Зеленски за да го уверат во својата поддршка.

На самитот се разговарало и за конфликтот околу нуклеарната програма на Иран, кој би можел да ескалира. На 13 јуни, Израел започна воздушна кампања против Иран за да го спречи да развие нуклеарно оружје, а Иран возврати со ракетни напади и напади со беспилотни летала врз Израел.

Францускиот премиер Емануел Макрон ги предупреди САД и другите сили да не се залагаат за промена на режимот во Иран, сугерирајќи дека тоа би можело да го дестабилизира поширокиот регион на Блискиот Исток.

„Верувам дека најголемата грешка денес би била да се инсистира на промена на режимот во Иран преку воени средства, бидејќи тоа би довело до хаос“, рече Макрон.

Пред да замине по првиот ден од самитот во понеделник, Трамп им се придружи на другите лидери во заедничка изјава во која се вели дека Иран „никогаш не може да има нуклеарно оружје“ и повика на „деескалација на непријателствата на Блискиот Исток, вклучително и прекин на огнот во Газа“.

Постигнувањето едногласна поддршка дури и за кратка и доста генерализирана изјава претставува скромен успех, проценува агенцијата АП.

Макрон откри дека канадскиот премиер Карни ја исполнил својата мисија како домаќин на Г7 со зачувување на единството на тоа мултилатерално тело.

„Не треба да бараме од канадското претседателство да го реши секое прашање во светот денес. Тоа би било неправедно“, рече Макрон, кој ќе биде домаќин на самитот на Г7 следната година.

Во своите завршни зборови синоќа, Карни рече дека предвременото заминување на Трамп се должи на „вонредната“ ситуација на Блискиот Исток, а не на нешто што се случи на самитот.

„Немаше проблем. Трамп сметаше дека е подобро да биде во Вашингтон и можам да го разберам тоа“, рече Карни.

Карни рече дека Канада ќе воведе нови економски санкции врз Русија и издаде свое соопштение во кое нуди „силна поддршка за безбедна и суверена Украина“.

На прашањето дали САД инсистирале на ублажување на евентуалната заедничка изјава на собраните лидери за Украина, Карни рече дека се консултирал со Трамп додека го подготвувал текстот што го користела неговата земја.

Сепак, заминувањето на Трамп само ја зголеми драмата во светот, каде што неколку големи конфликти се на работ на ескалација, и придонесе за тоа светскиот лидер да си замине порано.

Трамп пред заминувањето рече дека направил сè што требало да направи на самитот на Г7, но, како што пишува АП, работите биле незгодни дури и пред неговото заминување.

Потоа загриженоста за руско-украинската војна, малиот напредок во конфликтот во Газа, а сега и ситуацијата во Иран, ја направија атмосферата уште потензична, особено по воведувањето високи царини од страна на Трамп за многу земји, со што се ризикува глобална економска војна.

Членовите на трговскиот тим на Трамп останаа во Канада за да разговараат за тарифите, вклучувајќи го и секретарот за финансии Скот Бесант, кој седеше на масата додека светските лидери се среќаваа со Зеленски.

Со својот став за Украина, Трамп беше фундаментално спротивен на другите лидери на Г7 кои се јасни во својот став дека Русија е агресорот во таа војна. САД одбија да се приклучат кон санкциите против Русија, а Трамп рече:

„Кога воведувам санкции врз некоја земја, тоа ги чини САД многу, многу пари“.

Трамп на самитот изјави дека немаше да има војна во Украина доколку членките на Г7 не ја исфрлеа Русија од организацијата во 2014 година поради нејзината анексија на Крим.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Г7 сега изгледа „многу бледо и целосно бескорисно“ во споредба со, на пример, формати како што е Г20.

Покрај тоа, американскиот претседател даде поголем приоритет на изразувањето на своите забелешки кон трговските политики на другите земји отколку на соработката со сојузниците од Г7.

Тој воведе царини од 50 проценти за челик и алуминиум, како и 25 проценти за автомобили. Трамп, исто така, воведува царини од 10 проценти на увозот од повеќето земји и би можел да ги зголеми царините на 9 јули, кога ќе истече 90-дневниот преговарачки период што го дозволи.

XS
SM
MD
LG