„Психички добро се чувствувам. Физички уште малку, па добро ќе биде и физички. Само споро е тоа“, вели штипјанецот Александар Авукатов, еден од повредените во пожарот во Кочани кој избувна на 16 март годинава.
Александар оди на физикална терапија во својот град, откако претходно бил на лекување во Пловдив. Токму бугарските лекари и нему и на другите пациенти им дале инструкции како да се грижат за себе, да се заштитат од сонцето и да закрепнат кондиционо.
Лекување со донации
Тој е еден од педесет и осумтемина кои ќе добијат компресивна облека, а сега како што раскажува, на себе има импровизација препорачана од болницата во Пловдив.
„Ова е тешко лекување и има доста трошоци“, изјави Александар за дел од медиумите.
Облеката која всушност треба да го олесни закрепнувањето на повредените, е купена со донации кои ги собираше граѓанската иницијатива Support Kocani. Според директорката на Болницата во Кочани, д-р Катерина Мирчовска нејзината еластичност со текот на времето ќе се намали, па ќе треба да се изработи и нова.
Додека државата остави на граѓаните преку донации да соберат средства и за втората тура компресивна облека, трагедијата во Кочани и натаму е речиси секојдневно застапена во политичките препукувања.
Финални подготовки за рехабилитацијата на Пониква
Партиите со различни аргументи за (не)оправданоста на владината одлука, одморалиштето на Пониква да стане рехабилитационен центар каде повредените ќе имаат достапност до медицинска помош и поддршка 24 часа. Иако не се знае конкретно кога ќе отпочне рехабилитацијата во ова одморалиште кое е на над 1600 метри надморска височина, властите тврдат дека финалните подготовки се во тек.
Одморалиштето е веќе отстапено на Министерството за здравство, информираше пратеникот Миле Лефков.
„Се преземаат финални подготовки за уредување на просторот, вклучувајќи дезинфекција, поставување комарници и хуманизација преку социјални активности и едукативни материјали“, истакна Лефков при вчерашниот увид.
Тој за утре најави и акција за конечна хуманизација на просторот, уредување со социјални игри, книги, учебници и некои други помагала кои ќе го направат престојот уште попријатен.
Пациентите ќе пристигнуваат на Пониква по групи, а со нив ќе работат специјалисти од различни области кои со достапност од 24 часа ќе им помагаат да ги надминат не само физичките, туку и психичките последици кои кај нив несомнено ги предизвика пожарот што ја пеплоса дискотеката.
Директорката, д-р Мирчовска во своите изјави за медиумите информираше дека освен што со повредените ќе работат психолози и психотерапевти, тие ќе имаат и вежби за зајакнување на мускулатурата.
„Голем дел од нив поминале долго време во болница на иста позиција и треба да се зајакне комплетната мускулатура“, посочи директорката.
Реконструкција на Болницата во Кочани
Трагедијата во Кочани ја извади на површина и децениската занемареност на болниците од внатрешноста. Од пред неколку дена започна реконструкцијата на Одделот за физикална медицина во кочанската болница, каде пациентите сега одат на терапија во адаптирана соба на Одделението за хирургија.
Одлуката за Центарот на Пониква, според опозицијата, сепак отвора сериозни прашања околу професионалноста, одговорноста и капацитетите на институциите.
„Наместо да биде акт на грижа, оваа одлука изгледа како импровизација на сметка на здравјето на веќе трауматизирани и повредени граѓани“, обвини д-р Елена Радевска од Комисијата за здравство на СДСМ.
Таа истакна дека во државата има повеќе објекти наменети за долготрајна нега и рехабилитација: Јасеново, Отешево, Лешок, па дури и делови од постојните клиники и болници кои, како што рече, можеле да бидат пренаменети и опремени.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак, возвратија дека ставањето во употреба на одморалиштето е проценка на стручен здравствен тим од лекари.
Одморалиштето целосно подготвено ќе ги дочека првите пациенти, по направената дезинфекција, дератизација и дезинфекција од Центарот за јавно здравје од Кочани. Во тек се и градежни зафати и адаптирање на одморалиштето за потребите на пациентите – информираше партијата во своето соопштение.
Проблемите и предизвиците на повредените во Кочани ќе биде во фокусот и на новиот министер за здравство, Азир Алиу кој на вчерашната, прва прес конференција откако е на оваа функција, најави дека денес ќе има состанок со директорката на болницата, но и средби со граѓаните.
Но семејствата на загинатите, сметаат дека институциите дејствувале задоцнето. Тие секоја сабота со марш низ кочанските улици им оддаваат почит на прерано згаснатите животи, а на последниот и јавно повикаа на детално објаснување за обвинителната постапка.
„Ние не сме правници и не го разбравме обвинителниот акт што го соопшти јавниот обвинител против осомничените за трагедијата во „Пулс“, поради што бараме Основното јавно обвинителство да ни ги објасни резултатите од истражната постапка“ – порачаа родителите од маршот на 14 јуни.
Болна борба за вистина и одговорност
Нашата болка е тешка, но нашата борба е праведна и бараме одговорност и вистина – едногласни се родителите кои инсистираат на комуникација со надлежните институции.
Од Јавното обвинителство одговорија дека стојат на располагање и доколку семејствата имаат такво барање во следните денови ќе организира средба на која ќе ги информира за сите аспекти од поднесеното обвинение без да ја нaруши натамошната постапка.
-Воедно, блиските на жртвите кои беа на претходната средба во обвинителството добија и директен контакт и им беше посочено дека сите семејства на жртвите можат во секој момент во обвинителството во Кочани директно да се информираат за текот на постапката – соопштија од службата за односи со јавност при Обвинителството.
Обвинението за една од најголемите трагедии во државата, беше поднесено во петокот (13 јуни) и со него се опфатени 34 лица, кои според Обвинителството, предизвикале да се случи катастрофата.
Во обвинението се опфатени и трите фирми на сопственикот на дискотеката кој е првообвинет.
„Обвинетите делото го сториле со свесно непостапување според прописите и техничките правила за заштита, а дел од нив и со директно општоопасно средство и дејствие со кое бил предизвикан пожарот“, изјави на прес конференција државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.
Пожарот избувна два часа по полноќ на 16 март, за време на настапот на дуото ДНК во дискотеката „Пулс“. Во оваа трагедија, животот го загубија 62 лица меѓу кои шест малолетници. Над 150 млади се здобија со тешки телесни повреди, додека 54 беа полесно повредени.