Достапни линкови

Вести

Папата ги повика „сите луѓе од сите народи“ да ги надминат поделбите

Папата Франциско во божиќното обраќање, Ватикан, 25 декември 2024 година.
Папата Франциско во божиќното обраќање, Ватикан, 25 декември 2024 година.

Во својата традиционална божиќна порака во средата, папата Франциск ги повика „сите луѓе од сите народи“ да најдат храброст да ги „замолчат звуците на оружјето и да ги надминат поделбите“ што го мачат светот, од Блискиот Исток до Украина до Африка до Азија.

Во своето божиќно обраќање, Френциск директно се осврна на украинскиот конфликт и повика на „храброст потребна да се отвори вратата за преговорите“.

Папата, кој неодамна стана покритичен кон воената кампања на Израел во Појасот Газа, исто така го обнови својот повик за прекин на огнот во војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас и за ослободување на преостанатите израелски заложници држени од Хамас - што САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.

Обраќањето на поглаварот на Римокатоличката црква послужи како резиме на проблемите со кои светот се соочува оваа година. Бидејќи Божиќ се совпадна со почетокот на прославата на Светата 2025 година, која ја посвети на надежта, Францис повика на широко помирување „дури и (со) нашите непријатели“.

Франциск, исто така, рече дека треба да е време да се „урнат сите ѕидови на одвојување“.

Во вторник на Божиќ, Папата ги отвори Светите двери на базиликата Свети Петар во Ватикан, со што започнува јубилејната година на Католичката црква, која ќе трае до 6 јануари 2026 година. Католичката света година, позната и како Јубилејот, се смета за време на мир, простување и помилување.

За војната во Украина, која беше предизвикана од инвазијата на Русија, Франциск рече: „Нека се замолчи звукот на оружјето во Украина разурната од војна!“ и повика на „гестови на дијалог и средба, со цел да се постигне праведен и траен мир“.

Франциск, кој е Папа од 2013 година, оваа година беше критикуван од украинските власти кога рече дека Украина треба да има храброст на „бело знаме“ за да преговара за крај на војната со Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно го отфрли учеството во мировните преговори без воспоставување на предвоените граници на Украина.

Сепак, во пресрет на враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, Зеленски покажа зголемена подготвеност за преговори и во декември ја претстави идејата за дипломатско решение што ќе повлече „замрзнување“ на сегашните борбени линии и распоредување на странски војници во Украина.

Во врска со војната во Појасот Газа, Франциск рече дека хуманитарната ситуација на таа палестинска територија е „исклучително сериозна“ и побара „да се отвори вратата за дијалог и мир“.

Во војната во Газа, според властите на таа територија што ја контролира Хамас, загинале повеќе од 45.000 луѓе, додека речиси целото население на енклавата, која е во урнатини, е раселено. Војната избувна откако милитантите предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа 250 заложници во Газа, според израелските власти.

види ги сите денешни вести

Над 600 странци избегале од Иран во Азербејџан

илустрација
илустрација

Повеќе од 600 странски државјани преминале од Иран во соседен Азербејџан откако Израел започна со напади врз земјата минатиот петок, изјави за АФП, владин претставник во Баку.

„Од почетокот на воената ескалација меѓу Израел и Иран, повеќе од 600 граѓани од 17 земји се евакуирани од Иран преку Азербејџан“.

Евакуираните, кои ја преминале границата преку контролниот пункт Астара на брегот на Каспиското Море, се транспортираат до аеродромот во Баку и „се превезуваат во нивните матични земји со меѓународни летови“, рече изворот.

Меѓу евакуираните има граѓани на Русија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан, како и Германија, Шпанија, Италија, Србија, Романија, Португалија, САД, Обединетите Арапски Емирати, Кина и Виетнам.

Азербејџан ги затвори своите копнени граници во 2020 година поради пандемијата Ковид-19 и оттогаш ги држи затворени.

„Со оглед на потребата од евакуација, Азербејџан привремено ја отвори својата граница за оние што го напуштаат Иран“, рече функционерот.

Жителите на Техеран сведочат за животот под оган Жителите на Техеран сведочат за животот под оган
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Министерството за надворешни работи на Полска соопшти дека ќе евакуира дел од персоналот на својата амбасада во Техеран преку Баку.

„Одлучивме да евакуираме или да го поддржиме заминувањето на персоналот кој не треба да остане во земјата, таканаречениот персонал кој не е неопходен“, изјави за новинарите заменик-министерката за надворешни работи Хенрика Мосчичка-Дендис.

„Нашите колеги ќе се обидат да стигнат до границата со Азербејџан“, рече таа, без да прецизира за колку луѓе станува збор.

Туркменистан, една од најзатворените земји во светот соопшти дека дозволил и транзит на околу 120 лица евакуирани од Иран преку нејзина територија, главно граѓани на земјите од Централна Азија.

Израел започна невидени напади врз Иран од петокот (13 јуни), велејќи дека има за цел да го спречи Техеран да развие нуклеарно оружје - цел што Иран негира дека ја остварува.

Во израелските напади загинаа најмалку 224 лица, а повеќе од 1000 се повредени, според официјалниот број објавен во неделата.

Според канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Иран извршил повеќекратни напади во кои од петокот загинале најмалку 24 лица во Израел.

Мицкоски: Софија има можност да го докаже тоа што го зборува со повлекување на амандманите во ЕП

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ
Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека тоа што го зборуваат претставници на Бугарија ќе имаат можност да го докажат на 24 јуни со повлекување на амандманите во Европскиот парламент, и да ја прифатат иницијативата за средба во рамки на состанокот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов.

„Пристигнуваат многу различни пораки од официјална Софија. Нашите стари рекле „помалку слушај што зборуваат, повеќе гледај што работат“. Има таква можност да го покажат ова што го зборуваат. На 24 јуни на Комисијата за надворешни работи при ЕП (АФЕТ) се наоѓа извештајот во којшто очекувам бугарските членови на ЕП да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или „present“, и во рамките на тој дух да биде усвоен тој извештај и потоа и патоказот за малцински права којшто многу скоро ќе биде на дневен ред. Така што имаат можност ова што го збруваат да го покажат и на дело“, изјави Мицкоски прашан да ја искоментира вчерашната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев.

Бугарскиот претседател Радев синоќа (16 јуни) од Тирана порача дека не станува збор за нерешени билатерални односи, за наметнување вето или за запирање на процесот на интеграција, туку за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Република Северна Македонија.

„Има Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и во него има два протокола. Има преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји членки и од власта на Северна Македонија, така што Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи“, рече Радев.

Мицкоски изрази очекување Софија да ја прифати средбата во рамки на состанокот на НАТО во Хаг, и како што истакна, „да се разговара и за Коридорот 8, да биде и тоа приоритет кај нашиот источен сосед и како добри соседи да ги градиме нашите меѓусебни односи“.

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски вчера изјави дека дека се работи на засилување на динамиката на средби со официјална Софија и оти сме подготвени за изнаоѓање на рационални решенија во рамките на европските вредности, но како што рече, наше е да ставиме јасна црвена линија по однос на одредени прашања поврзани со идентитетските атрибути.

Премиерот Мицкоски викендов информираше дека е остварена комуникација со Канцеларијата на Европската Комисија во државава по иницијативата за средба со бугарската страна и оти има предлог термин, за кој се чека да се изјасни Бугарија.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, во петокот кажа дека иако е правило да има средба со нејзиниот колега, не е проблем да разговара за деблокирање на нашите евроинтеграции со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг, со оглед на тоа дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев нема да дојде во Хаг.

Вучиќ: Српската напредна партија нема да организира контрамитинг на 28 јуни

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека владејачката Српска напредна партија (СНС) нема да организира контрамитинг на 28 јуни, денот кога Србија го слави Видовден, а во период кога студентите кои веќе неколку месеци ги блокираат факултетите најавија собир во Белград.

„Размислуваме за Нови Сад, без разлика дали е на 28 јуни или на 5 јули. Секако сакаме да избегнеме конфликт, бидејќи сме одговорни луѓе“, рече Вучиќ.

Тој рече дека за три месеци ќе биде еден од оние „кои физички ќе ги штитат блокадите од нападите на обичните луѓе“.

Претставниците на властите во Србија го користат терминот „блокатори“ за студентите и граѓаните кои протестираат неколку месеци барајќи одговорност за смртта на 16 лица при падот на настрешницата во Нови Сад.

Во врска со повеќемесечните протести и блокади во Србија, Вучиќ рече дека „сите одговорни ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, обвинувајќи ги студентите во блокадата и учесниците во протестите за „колапс на државните универзитети и државните институции“.

Во врска со неодамнешното протерување на припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија од Косово, Вучиќ рече дека „нема крај на тензиите“, но дека „Србија ќе победи“.

На 14 и 15 јуни, властите во Косово протераа четворица припадници на Министерството за внатрешни работи на Србија кои живеат во Косово, под сомнение дека претставуваат закана за националната безбедност на Косово. Според одлуката на Министерството за внатрешни работи на Косово, тие беа лишени од косовското државјанство. Властите во Белград го нарекоа потегот на косовските власти „антисрпска политика“.

Осврнувајќи се на актуелниот конфликт меѓу Израел и Иран, српскиот претседател Александар Вучиќ за РТС изјави дека Србија „сака да ја смири ситуацијата“.

„Имаме пријателски односи со двата народа“, рече Вучиќ и додаде дека Србија продава муниција „и на муслиманските земји и на еврејската држава и на католичките, протестантските и православните земји, ние продаваме муниција на сите земји“.

„Тоа е нашата работа, од тоа живееме“, додаде Вучиќ.

Израелско-иранскиот конфликт започна на 13 јуни со израелски напад врз Иран и неговите воени и нуклеарни постројки. Потоа Иран започна напади со балистички ракети врз Израел, а врховниот лидер на Иран вети дека ќе „зададе тешки удари“ како одмазда. Следеше меѓусебно гранатирање, кое сè уште трае.

Земјите од регионот на Блискиот Исток го осудија нападот на Израел, додека лидерите од целиот свет повикаа на итен прекин на воените дејствија од двете страни.

update

Четиринаесет мртви во руски напад врз станбени области во Киев

Последици од руски напад врз Киев, 17 јуни 2025
Последици од руски напад врз Киев, 17 јуни 2025

Во комбиниран руски напад со беспилотни летала и ракети во Киев рано утрото на 17 јуни загинаа најмалку 14 лица, вклучувајќи еден американски државјанин, а беа повредени најмалку 44 лица, соопштија украинските власти.

Официјалните лица изјавија дека руските сили користеле дронови и ракети во нападот, кој погоди неколку области на главниот град.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека девет лица се ранети во градскиот округ Свјатошински, а уште 11 во округот Соломјански. Шест лица се хоспитализирани, а пожари избувнаа во два други киевски округа како резултат на паѓање на остатоци.

Шеесет и двегодишниот Американец „починал во куќа во населбата Соломјански, спроти местото каде што медицинските лица им помагале на повредените“, напишал Кличко на Телеграм.

Последици од рускиот ноќен напад на Киев, 17 јуни 2025 година
Последици од рускиот ноќен напад на Киев, 17 јуни 2025 година

„Киев се соочи со еден од најстрашните напади“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалните мрежи.

Зеленски рече дека Русија лансирала вкупно повеќе од 440 дронови и 32 ракети во нападот во текот на ноќта на 17 јуни, кој ги таргетирал и регионите Чернигов, Житомир, Кировоград и Николаев.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле 402 од дроновите и 26 од ракетите.

„Сè уште не е јасно колкумина се заробени во урнатините на зградата што беше делумно уништена“, рече Зеленски на X, додавајќи дека куќите во осум области на Киев се оштетени и дека најмалку 75 лица се ранети во нападите низ Украина.

„Ваквите напади се чист тероризам. И целиот свет, САД и Европа конечно мора да одговорат како што цивилизираното општество реагира на терористите. Рускиот претседател Владимир Путин го прави ова само затоа што може да си дозволи да ја продолжи војната. Тој сака војната да продолжи. Погрешно е кога моќните на овој свет замижуваат пред тоа“, напиша Зеленски.

Тимур Ткаченко, началник на градската воена администрација, потврди дека избувнале пожари во различни делови на Киев. Други делови од земјата беа исто така нападнати, вклучувајќи го и југоисточниот град Запорожје, каде што регионалниот гувернер пријави најмалку четири напади.

Во меѓувреме, Русија објави дека нејзината воздушна одбрана соборила два украински беспилотни летала што се движеле кон Москва.

Руските единици за воздушна одбрана, исто така, уништиле 51 украински дрон над граничниот регион Белгород во период од три и пол часа, соопшти Министерството за одбрана.

Нападот извршен од руските сили е најновиот во серијата масовни напади со беспилотни летала и ракети врз Киев и други градови во земјата.

Ова се случи во пресрет на закажаната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на Групата седум (Г7) во Канада.

Но, доцна на 16 јуни, состанокот беше откажан, откако Белата куќа објави дека Трамп ќе се врати во Вашингтон порано поради тензиите на Блискиот Исток. Се очекува да се одржат и други средби еден на еден на Зеленски со светските лидери.

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, остро ги осуди новите руски напади врз Киев, велејќи дека Москва „продолжува со војната против цивилите“.

Москва продолжи со нападите врз Украина и покрај напорите на САД да посредуваат во постигнување на прекин на огнот. Малку напредок е постигнат во преговорите, освен размената на затвореници. Москва го отфрли барањето на Киев за безусловно примирје, додека Украина ги отфрли руските барања како „ултиматуми“.

Димитриоска-Кочоска: Горивата се берзански производ, не можеме да влијаеме на цената

илустрација
илустрација

Горивата се берзански производ на кој не можеме да имаме апсолутно никакво влијание, изјави министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска, по најавите за зголемување на цените на бензините и дизелот.

Владата, вели таа, ќе ја следи ситуацијата, а како што додаде, засега цените не се премногу високи.

„Ќе следиме што се случува. Сме имале години кога сме имале многу високи цени, сега немаме премногу висока цена на горивата, но да видиме што ќе се случува. На берзанските производи Владата не може да има влијание зашто станува збор за цени кои се формираат на светските берзи, нагласи министерката, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на Договорот за финансирање на заедничките активности што ја организираа Министерството за финансии (МФ) и Канцеларијата на ООН во Скопје.

Во врска со планот за мерки што го најави премиерот пред два дена, Димитриоска-Кочоска истакна дека би оставила Владата да информира кога ќе има нешто официјално.

„МФ не е одговорно во овој дел, си има одговорни министерства. Ова се производи од енергетика, тука е Министерството за економија и труд, да ги оставиме да ги сработат, а потоа како Влада ќе излеземе со став по ова прашање“, објасни министерката.

Регулаторната комисија за енергетика денеска (16 јуни) соопшти дека поскапуваат бензините и дизелот. Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од полноќ ќе се зголемат за 1,50 денари по литар.

Неодамна претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски изјави дека војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија, но дека не очекува влијание на цените на останатите продукти. Тој изрази надеж дека по пикот цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.

Ердоган: Турција е подготвена да помогне за продолжување на нуклеарните преговори

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор со својот ирански колега Месуд Пезешкијан изјавил дека Турција е подготвена да вложи напори за олеснување на продолжувањето на нуклеарните преговори, објави Дирекцијата за комуникации на турското претседателство.

Како што се наведува, турскиот и иранскиот претседател разговарале за меѓународната ситуација, ситуацијата на Блискиот Исток и меѓусебната размена на напади меѓу Иран и Израел.

Во разговорот, Ердоган ја истакнал важноста што Турција ја придава на мирот и стабилноста во регионот.

Турскиот претседател денеска (16 јуни) исто така разговарал со неговиот руски колега Владимир Путин. Како што соопшти неговиот кабинет, Ердоган го обвинил Израел дека ја загрозува безбедноста на Блискиот Исток, за кој рекол дека не може да толерира уште една војна.

„Спиралалата на насилство што започна со нападите на Израел врз Иран ја стави во опасност безбедноста на целиот регион, а беззаконскиот став на владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претставува јасна закана за меѓународниот систем, а регионот не може да толерира нова војна“, рекол турскиот претседател.

Во меѓувреме Израел и Иран ги продолжуваат меѓусебните напади.

Израел им се закани на жителите на Техеран, велејќи дека тие ќе „платат цена“ откако иранските ракетни напади ги погодија израелските градови Тел Авив и Хаифа, при што загинале осум лица.

Националните служби за вонредни ситуации на Израел соопштија дека 23 лица загинале во иранските напади врз Израел од 13 јуни, кога Израел започна воздушни напади врз нуклеарни и воени цели низ Иран поради нуклеарната програма на земјата. Иранските власти велат дека во израелските напади загинале најмалку 224 лица во истиот временски период.

ОН со остри критики до светските лидери за хуманитарната катастрофа во Газа

Високиот комесар за човекови права при Обединетите Нации, Волкер Тирк
Високиот комесар за човекови права при Обединетите Нации, Волкер Тирк

Високиот комесар за човекови права при Обединетите Нации, Волкер Тирк, ги повика светските влади да преземат итни мерки поради влошувањето на хуманитарната ситуација во Појасот Газа.

„Сите во власта мора да се разбудат и да сфатат што се случува во Газа. Сите што имаат влијание мора да извршат максимален притисок врз Израел и Хамас за да се стави крај на оваа неподнослива состојба“, рече Тирк на отворањето на сесијата на Советот за човекови права во Женева.

Тој нагласи дека траен мир е возможен само преку решение за две држави, со Газа како дел од идната палестинска држава.

Тирк остро ја осуди израелската воена кампања против Хамас, наведувајќи дека методите што се користат предизвикуваат „ужасно и нечовечко страдање на Палестинците“.

Тој ја осуди и „деградирачката реторика“ на израелски функционери, како и блокадата на испораките на хуманитарна помош од ОН, која е во сила од март, пренесува ДПА.

Комесарот побара истрага за смртните случаи поврзани со испораката на храна преку Фондацијата за хуманитарна помош во Газа (GHF), иницијатива поддржана од Израел и САД. Многу цивили, според него, се принудени да пешачат низ активни борбени зони до мал број центри, при што десетици загинале.

ЕУ ќе соработува со САД за да се спречи нагло зголемување на цените на енергијата

Знамиња на САД и ЕУ (илустрација)
Знамиња на САД и ЕУ (илустрација)

Европската Унија има за цел да соработува со Соединетите Држави за да спречи нагло зголемување на цените на енергијата предизвикано од конфликтот меѓу Израел и Иран, пренесува ДПА.

Зборувајќи пред официјалниот ден на отворање на самитот на Групата седум (Г7) водечките индустријализирани демократии во Канада, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера изјави дека разговарала за ова прашање со американскиот претседател Доналд Трамп и дека тие се подготвени да се координираат со партнерите за да се обезбеди стабилност на пазарот.

Таа рече дека ЕУ е внимателна во врска со влијанието на конфликтот врз меѓународните енергетски пазари.

Фон дер Лајен не прецизираше какви мерки се разгледуваат за справување со големите ценовни флуктуации. Теоретски, стратешките резерви на нафта би можеле да се ослободат или да се побараат разговори со клучните земји извознички на нафта. Ефектите од конфликтот веќе се чувствуваат на германските бензински пумпи, каде што цените на бензинот и дизелот значително се зголемија во текот на викендот.

Зголемувањата доаѓаат во време на извештаи од Иран дека израелските воздушни напади се насочени кон клучната нафтена и гасна инфраструктура, поттикнувајќи стравувања од пошироки прекини во снабдувањето.

Уапсен е осомничениот за убиствата на американска политичарка и нејзиниот сопруг

илустрација
илустрација

Полицијата во американската среднозападна држава Минесота го уапси осомничениот сторител на фаталното пукање во саботата врз демократска политичарка и нејзиниот сопруг, изјави вчера (15 јуни) гувернерот на Минесота, Тим Волц.

Американските медиуми претходно објавија дека 57-годишниот маж е приведен. „Њујорк тајмс“ објави дека е обвинет за убиство од втор степен и обид за убиство од втор степен за убиството на двојката во нивниот дом и обидот за убиство на друг демократски политичар и неговата сопруга во нивниот дом.

Осомничениот беше приведен вчера вечерта во округот Сибли, во јужна Минесота, објавија неколку американски медиуми, повикувајќи се на полициски службеници.

Наводниот сторител, според истрагите на американските медиуми, работи во индустријата за обезбедување. Пред апсењето на осомничениот, во близина бил пронајден автомобил за кој се сомневало дека му припаѓал. Мажот избегал по злосторството во саботата, што предизвика голема потера по него.

Рано наутро во саботата, вооружениот напаѓач ги уби демократската претставничка Мелиса Хортман, членка на државното собрание на Минесота, и нејзиниот сопруг Марк во нивниот дом во градот Бруклин Парк. Во одделен напад во блискиот Чамплин, демократскиот државен сенатор Џон Хофман и неговата сопруга Ивет беа застрелани и сериозно повредени.

Властите веруваат дека нападите биле политички мотивирани.

Самит на лидерите на групата Г7, во фокус новата криза на Блискиот Исток

Американскиот претседател Доналд Трамп пристигнува на самитот на лидерите на Г7 во Канада, 15 јуни 2025 година
Американскиот претседател Доналд Трамп пристигнува на самитот на лидерите на Г7 во Канада, 15 јуни 2025 година

Израел и Иран ги продолжија меѓусебните напади, додека лидерите на Групата седуммина почнаа да се собираат во Канада на самит за кој се очекува да се разговара за борбите и начините за спречување на понатамошна ескалација на конфликтот.

Војната во Украина, исто така, ќе биде на дневен ред на тридневниот состанок на лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД во Кананаскис, Канада.Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да присуствува и се очекува да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Пред да замине од Вашингтон за самитот на 15 јуни, Трамп беше прашан какви чекори презема за деескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран.

„Се надевам дека ќе има договор. Мислам дека е време за договор“, рече Трамп.

Трамп ја пофали офанзивата на Израел, додека ги негираше иранските обвинувања дека САД учествувале и го предупреди Техеран да не ја проширува својата одмазда и да вклучи американски цели.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека во телефонски разговор на 15 јуни му рекла на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека дипломатијата е најдобриот пат до решение.

Зборувајќи на прес-конференција на самитот на Г7, фон дер Лајен го обвини Иран за новото насилство, посочувајќи на наодот на Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН претходно оваа недела дека не ги почитува своите обврски.

„Во овој контекст, Израел има право да се брани. Иран е главен извор на регионална нестабилност“, рече фон дер Лајен.

Таа рече дека самитот на Г7 треба да разговара за кризата во Иран заедно со Украина, која беше погодена од беспилотни летала продадени на Русија од страна на Техеран.

„Истиот тип беспилотни летала и балистички ракети дизајнирани и произведени во Иран неселективно ги погодуваат градовите во Украина и во Израел. Како такви, овие закани треба да се решат заедно“, рече таа.

Фон дер Лајен, исто така, рече дека мора да се изврши поголем притисок врз Русија за да се обезбеди прекин на огнот во Украина.

Израел соопшти дека ги започнал нападите за да го спречи Иран да развие нуклеарно оружје. Убиени се врвни команданти и научници во својот првичен изненадувачки напад на 13 јуни.

Оттогаш, иранското Министерство за здравство соопшти дека се убиени 224 лица. Портпаролот Хосеин Керманпур изјави дека 1277 други лица се хоспитализирани, а повеќе од 90 проценти од жртвите се цивили.

Најмалку 10 лица во Израел, вклучувајќи деца, се убиени досега, според тамошните власти.

Во почетните бранови напади, Израел се чинеше дека избегнува да ја напаѓа енергетската инфраструктура на Иран, но иранското Министерство за нафта рано на 15 јуни соопшти дека израелските напади погодиле две складишта за гориво во Техеран.

Израел соопшти дека неговите напади на 15 јуни го погодиле Министерството за одбрана на Иран, местата за лансирање ракети и фабриките што произведуваат компоненти за воздушна одбрана.

Иранските државни медиуми потврдија дека имало експлозии и пожари што произлегле од нападот врз ирански авион за полнење гориво во Машхад, длабоко во североисточниот дел на земјата.

Израел пак, соопшти дека ирански ракети го погодиле Тел Авив и пристанишниот град Хаифа рано на 16 јуни, уништувајќи куќи. Израелските медиуми објавија дека три лица се убиени во центарот на земјата, додека десетици други се ранети во ноќните напади.

Во услови на страв дека конфликтот би можел да ескалира, министерот за надворешни работи Абас Аракчи за државните медиуми изјави дека продолжувањето на нуклеарните преговори со САД би било неоправдано, а иранскиот генерал Есмаил Косари рече дека Техеран размислува за затворање на Ормутскиот теснец, еден од најважните светски бродски патишта.

Постојат стравувања дека насилството би можело да се прошири низ целиот Блиски Исток, регион кој е во криза откако Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври 2023 година, а Израел возврати со обид да го уништи Хамас во Појасот Газа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG