Вести
Најмалку седум загинати при израелскиот напад врз Газа

Агенцијата за цивилна одбрана во Газа соопшти дека воздушен напад погодил болница на 29 декември, при што загинале најмалку седум лица, додека Израел соопшти дека цел на нападот биле милитантите кои се криеле во зградата, која повеќе не е функционална.
Според Агенцијата за цивилна одбрана во Газа, воздушниот напад ги погодил горните катови на болницата Ал-Вафа во градот Газа.
Израелската војска соопшти дека извршила „прецизен напад“ насочен кон членовите на тимот за воздушна одбрана на Хамас - палестинската група означена како терористичка организација од страна на Соединетите Американски Држави и Европската Унија - кои, како што рече, дејствувале „од команден центар лоциран во зграда која порано била болницата Ал-Вафаа“.
„Оваа зграда во моментов не работи како болница“, соопшти израелската војска.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека болницата сè уште функционира.
„Болницата Ал-Вафаа делумно работи, обезбедувајќи грижа за пациентите кои имаат телесен инвалидитет“, соопшти Министерството.
Нападот на болницата Ал-Вафаа се случи еден ден откако Израел ја заврши операцијата во болницата Камал Адван во северниот дел на Газа, напад за кој Светската здравствена организација соопшти дека ги принудил пациентите и персоналот да ја напуштат зградата.
Израелската армија го уапси и директорот на оваа болница Хосам Абу Сафије, велејќи дека е осомничен дека е член на Хамас.
Од 6 октомври, Израел ги фокусира своите воени операции на северот на Газа, велејќи дека има за цел да го спречи Хамас да се прегрупира. Меѓутоа, израелската војска изврши воздушни напади и гранатирања и во други делови на палестинската енклава.
види ги сите денешни вести
Вајц: На македонскиот европски пат има пречки со историјата и војните од минатиот век

Македонија, која ги преживеа балканските војни од 90-тите години на минатиот век без масовно насилство и во која живеат различни луѓе и различни етнички и религиски групи кои успеа да изградат мирно општество, некогаш беше предводник во регионот, кога пред 20 години заедно со Словенија го започнаа пристапниот процес кон ЕУ -изјави вечерва австрискиот европратеник, Томас Вајц.
Тој се обрати пред Европскиот парламент во текот на дебата за Неговиот извештај за земјава за 2023 и 2024 година.
„Каде е Словенија денес, а што се случи со Северна Македонија? Па, имаше некои пречки на патот. Пречки поврзани со историјата, пречки поврзани со војните од минатиот век, пречки со начинот на градење добри билатерални односи со соседите“, рече Вајц.
Тој додаде дека „добрососедските односи секогаш треба да се градат од двете страни“
„Иако Северна Македонија веќе 20 години е на европскиот пристапен пат и имплементираше доста значаен дел од европското законодавството, таа, иако требаше, се уште формално ги нема започнато преговорите за членство во ЕУ“, истакна Вајц.
Забрзан пристапен процес
Според него, треба да се разгледа забрзувањето на пристапниот процес на Северна Македонија.
Вајц нагласи и дека Извештајот дава целосна слика за тоа каде се наоѓа земјата и во него се поздравуваат некои достигнување, но се бараат и реформи, и се зборува за говорот на омраза, за злосторствата од омраза, за потребата од владеење на правото, борба против корупцијата и не само за усвојување на закони, туку и за резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните.
„Во извештајот многу се зборува за уставните измени, што се бараат за да може да започнат пристапните преговори. Уставни измени што вклучуваат и други малцинства во Уставот, меѓу кои и бугарското“, рече Вајц.
Тој потенцираше дека во документот се говори и за економската состојба, која, како што рече, има позитивни страни, но и недостатоци, како и за недоволното искористување на поддршката што доаѓа од Европската Унија, во услови кога за земјата е многу важно да инвестира во стручни кадри и да ги задржи оние кои покажаа дека умеат.
„Таа земја е полна со неверојатно природно наследство, планини, езера, културни знаменитости, но за жал, земјата е исто така полна со отпад, нелегални депонии и загадување. Да, има подобрување на ситуацијата, но сепак има и многу да се направи“, заклучи Вајц.
Тој истакна дека граѓанското општество во земјава има услови за работа, но дека е видливо и странско влијание против кое мора да се бори, без разлика дали е тоа руско, кинеско, саудиско, српско или од каде и да е, бидејќи луѓето треба сами да одлучат за својата судбина.
Во тој, контекст, според него во документот се говори и за медиумите, за потребата од транспарентност во сопственоста на медиумите, како за потенцијалот што го има земјата.
„Овој Извештај претставува важен чекор кон пристапувањето во ЕУ и се надевам дека утре на гласањето ќе го поддржат многумина од вас. Ќе го поддржат пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија или барем следниот чекор што можеме да го направиме на конструктивен, заедничка и проевропски начин“, порача европратеникот.
Мицкоски: Жално е што во 21 век во ЕП на талибански начин се оспоруваат македонскиот идентитет и јазик
Претходно денеска (8 јули), премиерот Христијан Мицкоски повторно изјави дека на „ талибански начин од Извештајот за напредокот на земјава во ЕП се сака да се извадат македонскиот идентитет и јазик“.
Тој изрази жалење што во 21 век во Европа има такви европратеници кои како што рече, „го оспоруваат идентитетот на еден малуброен народ во Европа и неговиот мајчин јазик и прават да стане предмет и камен на сопнување во Европскиот парламент, кој треба да биде лулка на демократијата во која се почитуваат човековите права“.
Во меѓувреме, претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова истакна дека била позитивно изненадена од извештајот на Вајц.
„Тој важи за почитуван пратеник кој ги познава добро балканските прилики, бидејќи истото ова што ни се случува нам, можеше и Австрија да го прави кон Словенија бидејќи и во словенечкиот Устав ги нема Австријците, Хрватите, Бошњаците, Ромите...“, додаде Сиљановска Давкова.
Таа го искоментира и говорот на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, според кого, потребни се реформи внатре во ЕУ.
„Мислам дека неговата изјава не е случајна и дека има врска и со феноменот вето, и со опасноста од билатерализација на евроинтеграцијата. Важно е за да биде ЕУ односно Европа компететивен играч на плуралната светска политичка сцена и да ги вклучи сите држави кои географски, историски и културно припаѓаат кон неа. Зошто, бидјеќи денеска прашањето на евроинтеграцијата е прашање на стабилност и безбедност“, рече претседателката.
Пристигна нова компресивна облека за повредените во „Пулс“, обезбедена со донации

Повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе добијат нова компресивна облека, која повторно е обезбедена по пат на донации. Донираната пратка е пристигната - соопшти граѓанската иницијатива „Support Kocani“ од каде информираа дека веќе е и доставена во Општата болница во Кочани.
- Во оваа пратка се вклучени 43 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 17 повредени лица. Облеката беше испорачана во Македонија во понеделник навечер, а веќе денес е доставена на Општата болница во Кочани. Фактурата за оваа пратка, во износ од 283.802 денари, е целосно исплатена од страна на Support Kocani, велат од граѓанската иницијатива.
Ова е втора по ред испорака на компресивна облека што ја обезбедува иницијативата Support Kocani откако претходно обезбеди една пратка во вредност од 923.458 денари.
Вкупниот износ на двете набавки е 1.207.260 денари, односно 23.560,37 евра, средства обезбедени преку донации од хумани граѓани, фирми и поддржувачи од земјата и дијаспората.
Вкупно 45 повредени во пожарот во Кочани веќе ја завршија првата фаза од рехабилитацијата во одморалиштето на МВР на Пониква, каде добија медицинска нега и физикална терапија.
СДСМ поднесе амандман за трагедијата во Кочани
Со цел и повредените, но и семејствата на загинатите во овој пожар да добијат финансиска поддршка, опозициската СДСМ поднесе амандман во Собранието.
„Ова е еден од клучните амандмани поднесени на ребалансот на Буџетот, со цел да се предвидат 934.340.000 денари како директна помош за погодените семејства“, информираше пратеникот на СДСМ Оливер Сапсовски на комисиската расправа за ребаланс на буџетот вчера (7 јули).
Тој рече дека средствата предвидуваат еднократен надомест за загинатите и финансиска поддршка на повредените, во согласност со степенот на инвалидност. Но откако амандманот не беше прифатен, Спасовски ја обвини власта дека не покажала слух и не понудила образложение за неприфаќањето.
„Навистина не ми е јасно како е можно народните претставници овде како пратеници во законодавниот дом, за работа за којашто се најповикани, а тоа е да покажат дека институциите, секогаш и во најтешките моменти, се тука за било кој граѓанин, а посебно за една ваква трагедија, која што ја зафати државата во претходниот период и од тоа сметам дека мораше сите ние да покажеме малку поголемо чувство на одговорност“, нагласи Спасовски на прес конференција по завршување на расправата.
Стојаноска: Владата има план како да се помогне
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска сепак од собраниската говорница порача дека Владата спроведува „координирана акција за помош и има јасен план за долгорочна поддршка на повредените и семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани“.
Таа повика на воздржаност и да ѝ се дозволи на актуелната власт да ги преземе сите надлежности.
Во пожарот што се случи на 16 март годинава животот го загубија 62 лица помеѓу кои шест деца, а над 200 беа повредени.
Прогласена кризна состојба поради зголемената појава на пожари

Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на територијата на државата заради зголемена појава на пожари, со времетраење од 30 дена – соопшти на прес конференција владината портпаролка, Марија Митева.
Таа денеска (8 јули) изјави дека оваа одлука е донесена врз основа на денешната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи поради сложената состојба на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина, имотот и безбедноста на граѓаните.
„Што значи ова на терен? Се овозможува интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции – армијата, полицијата, противпожарните единици, ЦУК, ДЗС, како и на другите ангажирани структури“, додаде Митева.
Таа најави дека ќе се овозможи брза мобилизација, вклучување на сите човечки, технички и логистички, за справување со ситуацијата и заштита на населението.
„Им изразуваме длабока благодарност на сите пожарникари, припадници на Армијата, полицијата, волонтерите и граѓаните кои веќе денови пожртвувано се борат со огнената стихија. Нивната храброст и посветеност заслужуваат највисоко почитување“, рече Митева.
На попладневната прес конференција ги повика граѓаните на максимална внимателност и почитување на сите препораки и забрани, со цел, како што рече, заеднички да се надмине оваа состојба.
Ангелов: Пожарот кај фабриката Самоков е активен, но нема опасност по објектот
Претходно директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов информираше дека под контрола се ставени три крака од пожарот кај фабриката Самоков, кој е активен втор ден.
„Директорот на фабриката и градоначалникот на Општина Македонски Брод ме известија дека нема потреба од дејство на „ер тракторот“ којшто цел ден дејствуваше на овој потег околу фабриката. Под контрола се ставени три крака на овој тежок пожар. Останува активен еден крак и за да се избегне опасност по блиското село „ер тракторот“ ќе продолжи да дејствува ова попладне се додека условите го дозволуваат тоа“, информира Ангелов во најновата изјава.
Пожарите во партиските соопштенија
Пожарите веќе станаа и тема на партиски препукувања, откако опозицијата во писмено соопштение ја искритикува Владата дека импровизира во справувањето со нив.
-Ветуваа дека ова лето ќе бидат подготвени, а денес ја гледаме истата неспособност, истата незаинтересираност и истата импровизација – се вели во соопштението на СДСМ.
Од владеачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека се реагира веднаш и оти осум возила се ставени во употреба за гаснење на пожарите.
Едно момче потешко, неколку жени полесно повредени во невремето во Белград

Дваесетгодишно момче е потешко повредено откако се урна покрив во текот на невремето во белградската населба Сурчин – информираа од Итната медицинска помош за Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Момчето се здобило со повреди на главата и веќе е во Клиничко-болничкиот центар во Земун“, наведоа оттаму.
Во Белград денеска, нешто пред 14 часот, имаше град и силен дожд, а според информациите од Итната медицинска помош неколку лица се здобиле со полесни повреди.
Педесет и деветгодишна жена е полесно повредена откако дрво паднало врз куќа во населбата Палилула. Освен неа, полесно се повредени уште две жени на 31 и 73-годишна возраст при пад на лимена настрешница. Тие исто така се префрлени во Клиничко-болничкиот центар во Земун.
Како што наведуваат од Итната медицина помош, четириесетгодишна жена е повредена при пад на предмети од покрив во белградската населба Савски венец.
Новинската агенција Бета пренесе дека поради невремето, делови од Белград останале без струја. Срушени се голем број дрвја, а некои куќи останале без покрив.
Сообраќајот на аеродромот „Никола Тесла“ е нормализиран иако претходно имаше краток застој поради невремето – пренесе Бета.
Невремето однесе и шатори, поставени во центарот на градот од приврзаниците на власта. Набргу по завршувањето на невремето таму пристигнаа работниците на Јавното комунално претпријатие расчистувајќи го нередот кој остана.
Дожд и во Нови Сад
Денеска околу 13 часот, дожд и ветер имаше и во Нови Сад, а во одредени делови имаше и град.
Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно апелираше поради лошото време, граѓаните да ги одложат патувањата. Секторот за вонредни ситуации на МВР на Србија издаде предупредување за ризик од силна бура со дожд, громови, крупен град и ветер.Граѓаните се повикани да избегнуваат движење на отворено во периодот на силно невреме, како и да не паркираат возила под дрвја и рекламни панели.
Нестабилно време и заладување, најавува УХМР
Значително заладување и силен ветер деновиве ја очекуваат и Северна Македонија, каде се очекува пад на температурите за осум до десет степени.
Ќе дува засилен северен ветер, а во северниот дел на државата се очекува повремен дожд.
Во петок ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи, но за време на викендот времето повторно ќе се стабилизира. Ќе биде сончево, со мала до умерена облачност, и со постепен пораст на дневните температури – најави Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Предложен притвор за предизвикување општа опасност со пожар

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик, бидејќи намерно иницирал пожар со кој предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери.
Синоќа, на улицата „Ѓорче Петров”, осомничениот 57-годишник со запалена хартија од табла за јајца потпалил сува трева, информираше денеска (8 јули) прес службата на Обвинителството.
Со настанатиот пожар биле зафатени и изгорени околу 200 м2 тревна површина, а постоела реална опасност огнот да излезе од контрола и да зафати неограничен круг објекти во населено подрачје.
Имајќи ја предвид заканата и тежината на кривичното дело за кое е предвидена затворска казна до пет години, јавниот обвинител оцени дека постои ризик осомничениот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, па до Судот достави предлог за определување мерка притвор, соопшти Обвинителството.
Претходно Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека до 12:30 часот регистрирани се 10 пожари на отворен простор.
ЕП го одобри воведувањето на Системот за влез и излез на надворешните граници на ЕУ

Со 572 гласа „за“, 42 „против“ и 67 „воздржани“, Европскиот парламент денеска (8 јули) го одобри постепеното воведување на Системот за влез и излез (ЕЕС) на надворешните граници на ЕУ, со што се отвора патот за старт на неговата имплементација од есен.
Според овој нов систем, граничните службеници ќе ги скенираат отпечатоците од прсти на лицата кои ја преминуваат границата за прв пат, ќе ги фотографираат и ќе ги евидентираат нивни податоци од пасошот. Овие информации ќе се чуваат во дигитална датотека, што ќе овозможи точно да се знае кој кога влегол во Шенген зоната со странски пасош и кој евентуално останува подолго од дозволените 90 дена.
Целта на системот, според ЕУ, е да се подобри безбедноста, да се забрза процесот на проверка на границите и да се намали чекањето на премините.
Постепеното воведувањето на системот ќе трае 180 дена, при што во првите 30 дена во системот ќе треба да се евидентираат најмалку 10 отсто од лицата што ја минале границата, до 90-от ден таа стапка треба да достигне најмалку 35 проценти, а до 180-от треба почне евидентирањето на сите преминување на граничните премини,
Оваа методологија на воведување на ЕЕС системот е доброволен, што значи дека земјите членки на ЕУ можат да го воведат целосно доколку сакаат уште од првиот ден.
Сега останува воведувањето на системот да го одобри уште Советот на ЕУ, по што Европската комисија треба да го одреди датумот за почеток на неговата постепена примена.
Кремљ „шокиран“ од наводното самоубиство на отпуштениот министер

Кремљ изрази шокираност поради, како што соопштија, очигледното самоубиство на поранешниот министер за транспорт Роман Старовојт, неколку часа откако беше разрешен од функцијата од претседателот Владимир Путин.
Старовојт беше министер за транспорт една година, а претходно беше гувернер на пограничниот Курски регион, каде што Украина започна упад.
Властите соопштија дека телото на Старовојт е пронајдено во московското предградие Одинцово со прострелна рана.
„Не може да не ги шокира обичните луѓе. И секако, и нас нè шокираше“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите, според руските новински агенции.
Песков рече дека „не сака да коментира“, но додаде дека „Претседателот, секако, бил веднаш информиран“, додаде тој.
Руските медиуми шпекулираа дека Старовојт требало да биде испрашуван за корупција во Курскиот регион. Неговиот наследник беше уапсен оваа пролет за проневера на средства наменети за зајакнување на утврдувањата во регионот.
Путин го назначи Андреј Никитин за вршител на должноста министер за транспорт на Русија неколку часа по разрешувањето на Старовојт.
Никитин во вторник се обрати пред рускиот парламент, Думата, пред тој да ја ратификува одлуката на Путин. Ни Никитин, ниту претседателот на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, не го споменаа сомнителното самоубиство на Старовојт во нивните воведни говори во Думата.
Никитин рече дека „безбедноста на транспортот“ ќе биде еден од неговите приоритети бидејќи е „особено важна во моментов“ со нападите со украински беспилотни летала што предизвикуваат хаос на руските аеродроми.
Неговиот претходник беше отпуштен откако стотици летови беа откажани низ Русија минатиот викенд за време на големата офанзива со беспилотни летала на Киев.
Смртта на Старовојт се случи во време кога Русија презеде мерки против воени и некои цивилни службеници за време на украинската офанзива, при што Кремљ цврсто ја контролира владејачката класа во земјата.
Обвинение за поранешниот директор на Шутка и седум затворски полицајци

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција поднесе Обвинителен предлог против осум лица вработени во КПУ Затвор Скопје.
Врз основа на прибраните докази првообвинетиот како директор на установата и двајца полициски службеници како соизвршители сториле продолжено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“. Од нив еден полициски службеник сторил и кривично дело „Несовесно работење во службата“, за кое дело се обвинети и останатите петмина полициски службеници.
Осомничените во период од март до јули 2024, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, при вршење на нивните овластувања, при што на петмина осуденици им овозможиле погодности што согласно судските одлуки не им следувале.
Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби, што е спротивно на постапката за спроведување на лица лишени од слобода вон установа.
Постапката беше отворена во февруари годинава против десет лица од кои за две лица е донесено Решение за отфрлање поради немање на докази.
Тогаш беше соопштено дека петмина осуденици од затворот во Шуто Оризари незаконски биле привремено ослободувани по 8 до 10 часа.
Жителите на Ужице протестираат поради приведување на нивни сограѓани

На 8 јули, дел од граѓаните на Ужице се собраа пред зградата на судот во тој град во југозападна Србија, барајќи ослободување на шестемината уапсени на протестот пред два дена.
Локалните медиуми известуваат дека нивното сослушување е во тек .
Некои од нив беа приведени, како што претходно објави Министерството за внатрешни работи (МВР), под сомнение за насилно однесување и напад врз службени лица за време и по обидот на група граѓани во неделата да блокираат регионален пат.
Вечерта на 6 јули, силни полициски сили ги отстранија граѓаните што седеа на главниот пат, по што демонстрантите ја обвинија полицијата за прекумерна сила при пробивање на блокадата, за удирање на некои од насобраните и употреба на бибер спреј.
Министерството за внатрешни работи потоа објави дека околу 350 граѓани го пробиле полицискиот кордон, излегле на националниот пат и го блокирале сообраќајот, дека собраните не одговориле на полициското предупредување и наредба за евакуација и дека полицијата интервенирала подоцна.
Притворот на еден од тројцата демонстранти кои беа уапсени во Чачак под сомнение за напад врз полицајци на протест пред просториите на владејачката Српска напредна партија (СНС) во тој град во југозападна Србија беше продолжен на 30 дена.
Како што објави Бета, неговиот притвор е продолжен поради сомневање дека „ги нападнал полицајците со метален телескоп“, додека двајцата се ослободени.
Поради продолжување на притворот на тој граѓанин, неколку стотици луѓе се собраа и во понеделник вечерта пред зградата на Полициската управа во Чачак, од каде што излегоа на протестна прошетка низ градот.
После тоа, неколку стотици блокираа дел од Ибарската магистрала и го запреа сообраќајот од Чачак кон Ужице.
Министерството за внатрешни работи во вторник објави дека полицијата привела 18 лица на блокади на патиштата во Србија претходната ноќ и го проверила идентитетот на 800 граѓани.
„Во Белград, Ужице и Нови Сад беа регистрирани неколку инциденти, во кои полицијата постапи во согласност со законот“, соопшти МВР.
Блокадите низ цела Србија започнаа на повикот на студентите за граѓанска непослушност на протестот во Белград на 28 јуни, кога тие повторно побараа распишување предвремени избори, за владата да ја отстрани шаторската населба на поддржувачи на владејачката Српска напредна партија што стои меѓу Претседателството и зградите на Народното собрание повеќе од три месеци - поради што нема сообраќај во центарот на главниот град, како и ослободување на притворените студенти.
Демонстрациите и студентските блокади на факултетите во Србија траат веќе осум месеци, со кои се бара одговорност од властите на Српската напредна партија (СНС) за смртта на 16 лица при падот на настрепницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Сиљановска-Давкова ќе го чека новиот закон за Судски Совет, па потоа ќе предложи нов член

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарски прашања изјави дека се уште не предложила наследник за членот на Судскиот совет Милјазим Мустафа, чиј мандат истекува утре (9 јули), бидејќи како што вели, ја критикувала работата на овој Судски совет и според неа, лошиот закон за Судски совет, во којшто критериумите за избор се несоодветни. Вели дека ќе го почека донесувањето на новиот закон за судски совет во Собранието.
„Не, не го сторив тоа, јас ја критикував работата на овој Судски совет, една од причините за Судскиот совет и за судството, е и лошиот закон за Судски совет, во којшто критериумите за избор се несоодветни, овозможуваа политизација и партизација во Судскиот совет, говорам не само за двајцата членови, кои според Уставот јас ги предлагам, туку и за оние од Собранието, како и оние коишто се избираат од самите судии“, изјави Сиљановска-Давкова.
Потсети дека по Оценската мисија на ЕУ било заклучено дека една од најважните реформи во судството треба да биуде прво разговор со експерти по уставно и казнено право.
„Сугерирано ми е, и мислам дека е тоа во ред, да го почекам донесувањето на законот, министерот тврди дека тоа ќе оди брзо, решенијата од новиот закон се многу построги, попрецизни, појасни... Работата на советот минус еден член, нема да го оневозможи одлучувањето, бидејќи знаете дека одлуките се носат со осум члена од петнаесетте. Кога мерам јас не би сакала во последниот воз или налет по стариот закон каде што не е јасно што е тоа истакнат правник, а да не говорам и за самата постапка, таа не е конкурентна, не е компетитивна, со еден кандидат е, има решенија кои што мислам дека е добро секој нов член на Судскиот совет да ги исполни за да влезе во Судскиот совет“, потенцира Сиљановска-Давкова.
Сепак оцени дека има бројни измени во законот, коишто според неа се квалитетни.
Претседателката информира дека денеска ќе го испрати писмото до претседателот на Собранието, со образложение дека ќе го почека новиот закон.
„Денеска ќе го испратам писмото до претседателот на Собранието, бидејќи Собранието го врши изборот, со причините заради кои мисолам дека кога мерите, е подобро да го почекате донесувањето на новиот закон бидејќи по него сите други ќе се регрутираат, односно избираат, одошто на некој начин да го легитимирате и законот што жестоко сте го критикувале, ама и работата на Судскиот совет која не би сакала уште еднаш да ја оценам“, рече претседателката.
Членот на Судскиот совет, Милјазим Мустафа беше избран во Собранието на 9 јули 2019 та на предлог на поранешниот претседател Стево Пендаровски.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете