Достапни линкови

Вести

Врховниот лидер на Иран се сретна со лидерите на Хамас

Иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи (десно) го пречека лидерот на Хамас, Калил ал-Хаја, во Техеран на 8 февруари
Иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи (десно) го пречека лидерот на Хамас, Калил ал-Хаја, во Техеран на 8 февруари

Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, денеска (8 февруари) во Техеран се состана со вршителот на должноста шеф на Хамас, Калил ал-Хаја и двајца други водачи на групата, која е прогласена за терористичка организација од САД и Европската унија, објавија иранските државни медиуми, пренесе Ројтерс.

Во извештаите нема детали за состанокот, освен што се објавени фотографии од средбата на Хамнеи со Ал-Хаја, Мухамед Дарвиш, шеф на раководниот совет на Хамас и високиот функционер на Хамас, Низар Авадалах.

Иран го поддржува Хамас во неговата војна со Израел и ја гледа палестинската група како клучен сојузник во нејзината поширока стратегија за спротивставување на израелското и западното влијание на Блискиот Исток.

Состанокот се одржа истиот ден кога Хамас ослободи уште тројца израелски заложници заробени во нападот врз Израел во октомври 2023 година.

Ели Шараби (52), Охад Бен-Ами (56) и Ор Леви (34) најпрво беа предадени на Црвениот крст, а потоа и на израелската армија. Заложниците биле држени во заробеништво 491 ден.

Пред да бидат предадени на Црвениот крст, заложниците, бледи и исцрпени, беа изведени на сцената пред толпата луѓе во Газа, потег што Израел го осуди.

„Шокантните снимки што ги видовме денеска нема да останат без одговор“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во замена за ослободените заложници, Израел ослободи 183 палестински затвореници, од кои 18 беа осудени на доживотен затвор.

Прекинот на огнот и ослободувањето на заложниците, договорен на 15 јануари по повеќемесечни преговори, е првиот чекор во повеќефазниот процес чија цел е да се стави крај на 15-месечниот конфликт во Газа.

Конфликтот избувна кога Хамас поддржан од Иран го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи 251 заложник во Газа.

Израел возврати со покренување разорна војна во палестинската енклава во која загинаа повеќе од 46.000 луѓе, според здравствените власти во Газа.

види ги сите денешни вести

„Безбеден град“ стартува од 2026, предвидено и заострување на законите

Скопје/Фотоархива
Скопје/Фотоархива

Новите измени во Законот за безбедност на сообраќајот ќе донесат забрана за користење мобилни телефони и електронски уреди не само за возачите на моторни возила, туку и за пешаците и велосипедистите.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска (28 август) рече дека новите мерки се дел од проектот „Безбеден град“.

„Со измените се предвидува забрана за употреба на телефони и електронски уреди при управување со велосипед, мопед, мотоцикл, скутер, трактор и други возила, а истовремено и за пешаците при одење, преминување на коловоз или движење по велосипедска патека“, изјави Тошковски.

Во рамките на овој проект, сообраќајните прекршоци ќе се регистрираат со помош на улични камери. Како што најави Тошковски, тој ќе почне да функционира од 1 јануари 2026 година.

„Најмалку еден месец пред официјалниот почеток ќе има тест-период, во кој граѓаните ќе бидат известувани за сторените прекршоци без изрекување казни. Со казнување ќе започнеме од 1 јануари“, рече ресорниот министер.

Системот за почеток ќе се имплементира во Скопје, Тетово и Куманово, а планирано е да опфати и делници од Коридор 8 и Коридор 10. До средината на 2026 година, според Тошковски, целата држава ќе биде покриена со камерите.

Министерот најави и заострување на законите, вклучително и измени во Кривичниот законик.

„Оние кои возат без возачка дозвола, под дејство на алкохол или дрога, или возат 90 километри на час над дозволеното, не заслужуваат да бидат дел од сообраќајот. Покрај парични казни, ќе има и затворски казни и трајно одземање на возилата“, нагласи тој.

Во 2024 година, во сообраќајни несреќи во земјава животите ги загубиле 142 лица.

Предвремени претседателски избори во Република Српска закажани за 23 ноември

Избори во Босна и Херцеговина/Архива
Избори во Босна и Херцеговина/Архива

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина распиша предвремени избори за претседател на Република Српска од редовите на српскиот народ, за 23 ноември.

Оваа позиција остана празна откако Централната изборна комисија му го одзеде мандатот на Милорад Додик на 18 август, врз основа на правосилна пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, со која е осуден на една година затвор и шест години забрана за извршување јавни функции поради неспроведување на одлуките на високиот претставник.

Додик одбива да се повлече од оваа функција.

Во меѓувреме, Собранието на Република Српска усвои низа неуставни закони и заклучоци кои се однесуваат на одржување референдум во овој ентитет, на кој граѓаните треба да се изјаснат за пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против Милорад Додик и за одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ со која му беше одземен мандатот како претседател на РС.

ЦИК донесе одлука да распише предвремени избори за претседател на Република Српска од редовите на српскиот народ, бидејќи на двајцата потпретседатели (еден Бошњак и еден Хрват) не им беше одземен мандатот.

На седницата на ЦИК беше усвоен и заклучокот централниот избирачки список да се заклучи на 27 август оваа година во 24 часот. Во тој момент, право на глас во избирачкиот список има околу 1 милион и 266 илјади избирачи.

За одржување на предвремените избори за претседател на Република Српска потребно е да се издвојат 6 милиони и 490 илјади марки (околу 3,2 милиони евра).

Објавена обука за наставници за примена на вештачката интелигенција

Училиште во Скопје, фотоархива
Училиште во Скопје, фотоархива

Наставниците од средните училишта во државата до 12 септември можат да се пријават за напредна обука за примена на вештачката интелигенција во наставата - соопшти денеска (28 август) Министерството за образование и наука.

Обуката „AI во училница“ е наменета за наставници со основно познавање на дигитални алатки и активно владеење на англискиот јазик, и има за цел да им помогне да ја интегрираат вештачката интелигенција во сите фази на наставниот процес, од подготовка на часови до оценување.

Пријавувањето е отворено до 12 септември, а потоа ќе следи селекција и тестирање на кандидатите.

Обуката ќе започне на 1 октомври, се наведува во соопштението.

Наставниците што ќе ја поминат обуката ќе добијат бесплатен пристап до осум различни курсеви месечно со најсовремена и практична содржина, како и можност за стекнување на осум дигитални сертификати месечно дополнети со печатен сертификат за успешно завршување на целата програма.

Воведувањето на вештачката интелигенција во наставата беше најавено пред два месеца од страна на ресорната министерка, Весна Јаневска.

Таа тогаш истакна дека ваквата технолошка иновација стратешки и постепено ќе биде имплементирана во начинот на учење, спроведување на наставата и генерално во развојот на човечките ресурси.

„Препознаваме дека вештачката интелигенција не треба да го замени човечкиот фактор во образованието, туку да го дополни и унапреди“, истакна Јаневска на Меѓународниот самит за образовни технологии, што се одржа во Истанбул, од 20 до 22 јуни 2025 година, во организација на Министерството за национално образование и наука на Република Турција.

Трамп предлага ограничување на времетраењето на визите за странски новинари и студенти

Доналд Трамп во разговор со новинари во Белата куќа, август 2025 година.
Доналд Трамп во разговор со новинари во Белата куќа, август 2025 година.

Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп предложи намалување на времетраењето на престојот во САД за странски студенти и новинари, како дел од заострувањето на ограничувањата за легална имиграција во земјата.

Според овој предлог, на странските државјани кои поседуваат студентски визи не би им било дозволено да престојуваат во САД повеќе од четири години, објави АФП.

За странските новинари престојот ќе биде ограничен на 240 дена, иако ќе можат да поднесат барање за обновување на истиот период. Само кинеските новинари ќе бидат ограничени на 90 дена.

Досега САД издаваа визи за времетраењето на студентската програма.

„Нелегални“ визи, како и студентските визи, не можат да важат подолго од 10 години.

Овој предлог беше објавен во Федералниот регистар, официјалното списание на федералната влада, отворајќи краток период за јавни коментари пред да стапи на сила.

„Претходните влади дозволуваа странските студенти и други носители на визи да остануваат во САД речиси неограничено долго, што претставуваше безбедносен ризик, ги чинеше даночните обврзници , непроценливи суми и ги доведуваше американските граѓани во неповолна положба“, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.

Според статистиките на Министерството за трговија, меѓународните студенти придонеле за американската економија со повеќе од 50 милијарди долари во 2023 година.

САД во академската 2023-2024 година пречекаа повеќе од 1,1 милион меѓународни студенти, повеќе отколку која било друга земја. Обично плаќајќи ја целата школарина, нивното присуство претставува клучен извор на приходи за американските универзитети.

„Овој предложен правилник испраќа порака до талентираните поединци ширум светот дека нивниот придонес не е ценет во САД“, рече Мириам Фелдблум, раководителка на група што ги претставува лидерите на американските високообразовни институции.

Во последните недели, администрацијата на Трамп го заостри спроведувањето на имиграциските закони, потсетува АФП.

На средината на август, Стејт департментот објави дека од јануари поништил 6.000 студентски визи. Околу 55 милиони носители на визи се погодени од засилените проверки.


Израел бара од глобалниот монитор за глад да го повлече извештајот за Газа

Газа, 24 јули 2025 година.
Газа, 24 јули 2025 година.

Израел бара од глобален мониторинг за глад да ја повлече проценката во која се наведува дека градот Газа и околните области страдаат од глад и дека тој веројатно ќе се прошири, отфрлајќи го извештајот како „длабоко погрешен“.

Реакцијата на Израел е откако Интегрираната класификација на фази на безбедност на храната (IPC) - глобална иницијатива на агенциите на Обединетите нации што работи на идентификување на состојбите со глад соопшти дека 514.000 луѓе, или близу една четвртина од Палестинците во Газа, се соочуваат со глад, а бројот се очекува да се зголеми на 641.000 до крајот на септември.

Речиси две години по почетокот на војната во Газа, Израел постојано ги отфрла ваквите наоди како лажни и пристрасни во корист на палестинската милитантна група Хамас.

„Извештајот е длабоко погрешен, непрофесионален и сериозно ги пропушта стандардите што се очекуваат од меѓународно тело на кое му е доверена толку сериозна одговорност“, напиша Генералниот директор на израелското Министерството за надворешни работи, Еден Бар Тал до IPC.

IPC немаше коментар за израелското писмо.

Министерството за здравство на Газа на 27 август соопшти дека уште 10 лица починале од неухранетост и глад, со што бројот на смртни случаи од такви причини се зголеми на 313 лица, вклучувајќи 119 деца, од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.

Во Глобалната иницијатива за идентификување на состојбата со глад учествуваат 21 група за помош, агенции на ОН и регионални организации финансирани од Велика Британија, Канада, Европската Унија и Германија.

Иницијативата регистрираше глад четири пати во минатото - во Сомалија во 2011 година, во Јужен Судан во 2017 и 2020 година и во Судан во 2024 година.

Повеќе европски влади и меѓународни организации го повикаа Израел да дозволи поголем пристап до хуманитарна помош во Газа.


update

Тројца мртви, вклучувајќи го и напаѓачот, во пукотница во католичко училиште во Минеаполис

САД - Пукање во католичко училиште во Минесота, 27 август 2025 година.
САД - Пукање во католичко училиште во Минесота, 27 август 2025 година.

Во пукотница во католичко училиште во американскиот град Минеаполис, Минесота, загинаа три лица, вклучувајќи го и вооружениот напаѓач, а уште 20 се повредени, потврди полицијата.

Потврдена е смртта на две деца, на возраст од 8 и 10 години.

Агенцијата Ројтерс јави дека се повредени 17 лица.

Според локалната полиција, вооружениот напаѓач бил малолетник, а мотивот за нападот сè уште не е познат. Полицијата првично соопшти дека пет лица се мртви, но подоцна го ревидираше бројот на жртви. Истрагата е сè уште во тек, а на жителите им се препорачува да ја избегнуваат училишната област.

Благовештанското католичко училиште има околу 390 ученици, од градинка до средно училиште и се наоѓа на кампус од 62 хектари. Бројни служби за итни случаи, вклучувајќи полиција, пожарникари и медицински екипи беа на местото на пукањето.

Американскиот претседател Доналд Трамп кажа дека бил информиран за пукањето и дека ФБИ е на местото на настанот.

„Ве молам, придружете ми се во молитвата за сите вклучени!“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Гувернерот на Минесота, Тони Еверс, изрази сочувство за настраданите и благодарност до службите.

„Се молиме за децата, наставниците и целата училишна заедница додека чекаме повеќе информации“, рече Еверс.

Последното е едно од речиси 490 масовни пукања што се случија во Соединетите Американски Држави оваа година, според податоците на Архивата за насилство со оружје.

Нов протест пред Филозофскиот факултет во Нови Сад, полиција пред зградата

Србија - Полиција пред Филозофскиот факултет во Нови Сад, 27 август 2025 година.
Србија - Полиција пред Филозофскиот факултет во Нови Сад, 27 август 2025 година.

Нов протестен собир е организиран пред Филозофскиот факултет во Нови Сад, еден ден откако деканот на образовната институција, Миливој Алановиќ, ја прекина студентската блокада што траеше со месеци.

Пред влезот во зградата, како што јавува репортер на Радио Слободна Европа, има и полиција во опрема за нереди, додека присутните извикуваат „Администрација надвор“.

„Тука сме додека не нè пуштат во зградата, а ќе мора да нè пуштат“, рече еден од студентите преку мегафон.

Протестите пред Филозофскиот факултет се случуваат откако студентите на 26 август објавија дека деканот Миливоје Алановиќ „влегол на факултетот со неколку професори и ја сменил бравата“ тоа утро и им се заканил на студентите со дисциплински мерки.

Поради неговите постапки, студенти, професори и граѓани се собраа пред факултетот во текот на целиот ден на 26 август, а во текот на вечерта се случи инцидент кога, на повик на деканот, полицијата пристигна на факултетот.

По тој повод, насобраните се обидоа да ја спречат полицијата да влезе во зградата на факултетот.

Министерството за внатрешни работи на Србија објави дека едно лице е уапсено под сомнение за напад врз полицијата и дека се преземаат мерки за пронаоѓање на другите кои, како што е наведено, „учествувале во нападот врз полицајците“.

Академската заедница реагираше и на најновите настани на Филозофскиот факултет во Нови Сад.

Академскиот пленум на тој факултет го повика деканот Алановиќ да поднесе оставка поради „узурпирање“ на факултетот.

Исто така, околу 60 наставници и соработници на Филозофскиот факултет во Нови Сад потпишаа петиција истиот ден со која се осудува упадот на деканот во факултетот и исклучувањето на студентите кои ја блокираат институцијата.

По несреќата во Нови Сад лани во октомври, кога се урна кровот на реконструираната железничка станица и загинаа 16 лица, студентите низ цела Србија ги блокираа факултетите.

Оттогаш тие бараат кривична и политичка одговорност за несреќата.

Филозофскиот факултет во Нови Сад беше првиот во градот што беше „окупиран“ од студенти во бран блокади што подоцна следеа и на други факултети.

Граѓаните да пријават неправилности во кардиолошките интервенции

Илустрација
Илустрација

Граѓаните да пријават евентуални неправилности поврзани со кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции, повикаа министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Апелот до граѓаните е откако кардиохирургот Сашко Кедев изјави дека на приватни клиники пациенти биле непотребно оперирани за профит.

„Секој еден граѓанин кој мисли дека му е направено и наплатено нешто што не требало да биде направено и наплатено, зборувам за кардиологија и кардиохирургија, да поднесе претставка. Дали тука, дали во Министерство за здравство, бидејќи многу би ја олеснило работата на комисијата ако имаме одредени претставки“, рече Клековски.

Министерството за здравство соопшти дека пријавите можат да се поднесат преку посебна алатка на веб-страницата на министерството при што пријавите се доверливи.

Клековски на прес-конференција кажа дека интерната комисија формирана да ги испита наводите на Кедев, располага со потребната документација.

Супервизија ќе прават тројца странски доктори за јавноста дополнително да се увери дека постапката ќе биде објективна, рече Клековски.

Сè уште се дискутира методологијата по која ќе работи комисијата - дали да биде по доставени случаи или „слепа“ контрола на избран пример.

Вкупниот буџет во 2025 година за петте специјализирани болници (Клиника за кардиологија, за кардиохирургија, СБ Охрид, Аџибадем Систина и Жан Митрев) изнесува над 2.4 милијарди или околу 40 милиони евра, а вклучувајќи ги другите надминува 45 милиони евра. Од тоа околу 26 милиони евра се во јавно здравство, а 19 милиони во приватно здравство.

Буџетот за 2025 година е поголем за околу 400 милиони денари од тој во 2022 година.

Во 2024 година биле извршени вкупно 9.404 интервенции од кои 6.876 во јавно здравство и 2.528 во приватно здравство. Во 2024 година биле извршени 418 интервенции помалку од 2023 година (тогаш имало 9.822). Ова се податоци само за услуги платени од Фондот, без приватно платени услуги.

Иако Кедев не посочи конкретна болница, „Аџибадем Систина“ му се закани со тужба и побара да каже на кого мисли, а тој врати дека „тужбата ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство“.

Изборната комисија на БиХ ќе одлучува за предвремени избори за претседател на Република Српска

Милорад Додик
Милорад Додик

Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина(БиХ) на 28 август закажа седница на која ќе биде донесена одлука за распишување предвремени избори за претседател на Република Српска (РС).

Оваа позиција стана празна откако Централната изборна комисија му го одзеде мандатот на Милорад Додик на 18 август, врз основа на конечна пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, со која го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција поради неспроведување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Додик одбива да се повлече од функцијата.

Народното собрание на Република Српска на 22 август донесе неуставна одлука за одржување референдум на кој граѓаните на тој ентитет треба да го искажат своето мислење за пресудата на Судот на БиХ против Додик и одлуката на ЦИК со која му беше одземен мандатот како претседател на Република Срска.

Референдумот ќе се одржи, како што е усвоено, на 25 октомври оваа година.

Одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина, кој не предвидува можност субјектите самостојно да распишуваат референдуми за одлуки на државните институции.

Членовите на ЦИК ќе разговараат за процедурите за одржување предвремени избори за претседател на Република Српска и ќе донесат заклучок во врска со распределбата на пари од буџетот за оваа година за одржување на овие избори.

Босна и Херцеговина сè уште не усвоила буџет.

На 19 август, Претседателството на БиХ поднесе предлог-буџет во кој се предвидени пари за одржување предвремени избори во РС.
За да стапи на сила, тој мора да биде усвоен во двата дома на Парламентот на БиХ. Спротивставување на овој буџет веќе најавија претставници на властите на РС, предводени од Алијансата на независни социјалдемократи на Додик.

И сите претходни предлози за буџетот во парламентот беа усвоени на ист начин оваа година.

Папата го повикува Израел да ја запре војната и „колективното казнување“ на Палестинците во Газа

Папата Лав XIV
Папата Лав XIV

Папата Лав XIV побара Израел да го запре „колективното казнување“ и присилното раселување на Палестинците во Газа, додека апелираше за итно и трајно прекинување на огнот на опколената територија, во услови на израелски подготовки за нова воена офанзива.

Папата двапати беше прекинат од аплауз додека гласно го читаше својот последен апел за крај на 22 месечната војна за време на неговата неделна општа аудиенција на која присуствуваа илјадници луѓе во ватиканскиот аудиториум.

Првиот американски папа во историјата, исто така, повика на ослободување на заложниците земени од Хамас, кого САД и ЕУ го означија како терористичка организација, во јужен Израел - од кои 50 се уште се во Газа - и двете страни и меѓународните сили да ја прекинат војната „која предизвика толку многу терор, уништување и смрт“, објави агенцијата АП.

„Барам да се постигне трајно прекинување на огнот, безбедно да се обезбеди хуманитарна помош и целосно да се почитува хуманитарното право“, рече Папата.

Тој рече дека меѓународното право наметнува обврска за заштита на цивилите и „забранува колективно казнување, неселективна употреба на сила и присилно раселување на населението“.

Палестинците во Газа се подготвуваат за проширена офанзива што Израел ја вети во некои од најнаселените области на територијата, вклучувајќи го и градот Газа, каде е документиран и прогласен глад.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе почне офанзива во градот Газа, а воедно ќе бара и прекин на огнот, иако Израел сè уште не испратил преговарачки тим за да го разгледа предлогот што е на маса. Тој рече дека офанзивата е најдобриот начин да се ослаби Хамас и да се вратат заложниците, но семејствата на заложниците и нивните поддржувачи се спротивставија на тоа, велејќи дека тоа дополнително ќе ги загрози.

Хамас зеде 251 заложник на 7 октомври 2023 година, во напад во кој загинаа околу 1.200 луѓе и ја предизвика војната. Повеќето од заложниците беа ослободени според претходните прекини на огнот или други договори. Од 50 што се уште се во Газа, израелските власти веруваат дека околу 20 се уште се живи.

Нетанјаху изјави дека населението на Газа треба да се пресели во други земји преку она што неговата влада го опиша како доброволна емиграција.

Групите за човекови права се спротивставија, а Палестинците стравуваат дека дури и ако привремено заминат за да избегнат војна, Израел никогаш нема да им дозволи да се вратат.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG