Достапни линкови

Вести

Осмомартовски марш и посебен сообраќаен режим во Скопје

Архивска фотографија
Архивска фотографија

„Нека јадат ружи“ – е слоганот под кој Платформата за родова еднаквост денеска организира марш во Скопје по повод Денот на жената.

Организаторот повикува на женски марш и на солидарен женски бојкот за да се одбележи Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените.

-Што ќе ни се ружи кога немаме за леб? Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите. А во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената - велат од Платформата за родова еднаквост.

Оттаму ги повикуваат жените денеска да ги бојкотираат и големите маркети, ланци и трговските центри бидејќи, но повикуваат и на бојкот на домашните обврски.

-За да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 март ги повикуваме жените на бојкот на домашните обврски. Сите заедно ќе му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и ќе ги сопреме неговите запчаници, барем на еден ден - велат организаторите.

Маршот ќе почне во 13 часот пред Универзална сала и ќе заврши во паркот „Жена борец“ со завршни обраќања до јавноста и институциите.

Поради маршот, полицијата соопшти дека ќе има и посебен сообраќаен режим во главниот град.

Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.

СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

види ги сите денешни вести

Грета Тунберг на Кожуф во поддршка на борбата за Дошница

Архивска фотографија - Грета Тунберг.
Архивска фотографија - Грета Тунберг.

Познатата климатска активистка Грета Тунберг денеска е на Кожуф планина, каде што локалните еко-активисти веќе втор месец го блокираат пристапот до местото каде што се планира изградба на мала хидроелектрана на реката Дошница.

Информацијата дека Тунберг е на блокадите ја објавија активистите од движењето „Гејмчејнџерс“, кои се дел од организираниот отпор против хидропроектот, а пренесуваат и повеќе македонски медиуми.

На местото Асан чешма, на патот кон ски-центарот Кожуф, Грета била пречекана со традиционално македонско оро, на кое и самата се приклучила. Таа потоа разговарала со активистите, изразувајќи поддршка за нивната борба и интерес за причините поради кои ја бранат реката.

„Слушнав за вашата борба и решив да дојдам да ве посетам. Секоја локална борба е и глобална. Ги уништуваат екосистемите, а тоа не смее да се дозволи“, им рече Тунберг на собраните.

Активистите ѝ подарија маичка како симболична благодарност. Таа не даваше изјави за медиумите, туку времето го посвети на разговор со присутните, од кои бараше да споделат што ги мотивира да ја одбранат реката. Дел од нив истакнаа дека Дошница е единствената река од која се пие вода во тој дел од државата, и дека таа е заедничко природно добро кое мора да се заштити.

Посетата на Тунберг се случува во период кога јавноста сè повеќе се интересира за случајот со хидроелектраната.

Економиите на Западен Балкан забавуваат – растот падна на 2,3 отсто во првиот квартал

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Економскиот раст во Западен Балкан значително забави во првиот квартал од 2025 година, според извештајот на Европската комисија, пренесува новинската агенција Бета.

Реалниот раст на бруто домашниот производ (БДП) во регионот падна на 2,3 проценти, од 3,3 проценти во претходниот квартал.

Сите земји забележаа помал раст отколку во претходните три месеци, а Србија, најголемата економија во регионот, имаше најголемо забавување на растот на производството, од 3,3 на два проценти.

Северна Македонија, Албанија и Косово беа над границата од три проценти, според извештајот за економиите на земјите кандидати или потенцијални кандидати за членство во ЕУ.

Економскиот раст беше поттикнат од домашната побарувачка. Потрошувачката остана клучен придонесувач за растот во првиот квартал од 2025 година. Потрошувачката на домаќинствата беше придружена со континуиран висок раст на платите низ целиот регион. Понатаму се наведува дека трговската динамика генерално беше обележана со поголем увоз во однос на извозот, што доведе до негативни придонеси на меѓународната трговија кон растот на БДП.

Стапката на невработеност се намали во повеќето земји во регионот во првите три месеци од 2025 година. Невработеноста во регионот беше на историски најниско ниво, но сепак повисока отколку во ЕУ.

Во согласност со падот на економската активност, растот на вработеноста се забави на 0,2 проценти во Западен Балкан.

Во четирите квартали до март, нето приливот на странски директни инвестиции се намали во повеќето земји во регионот, особено во Северна Македонија и Србија, во споредба со 2024 година. Девизните резерви се намалија во некои земји во регионот.

Просечната годишна инфлација се забрза на 3,7 проценти во првиот квартал од 2025 година.

Инфлацијата на потрошувачките цени дополнително се зголеми во некои економии во вториот квартал од оваа година, движејќи се од 2,3 проценти во Албанија до 4,3 проценти во Црна Гора, според Европската комисија, објавува Бета.

И покрај силниот раст на приходите, буџетските расходи пораснаа со побрзо темпо, а фискалните биланси се влошија во речиси сите економии на Западен Балкан во првите пет месеци од 2025 година, освен во Северна Македонија.

Во некои економии - Србија и Косово - ова делумно се должи на силното зголемување на зкапиталните расходи во споредба со претходната година.

Во Турција, годишниот економски раст дополнително забави на 2 проценти во првиот квартал од 2025 година. Годишната инфлација на потрошувачки цени во земјата падна на 35 проценти во јуни, најниско ниво од ноември 2021 година, главно поради падот на цените на храната.

До утрово 29 пожари низ Македонија – 10 сè уште активни

Пожари - илустративна фотографија.
Пожари - илустративна фотографија.

До 7 часот утринава низ државата се регистрирани вкупно 29 пожари на отворен простор, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување. Од нив, 10 сè уште се активни, три се ставени под контрола, а 16 се изгаснати.

Активни пожари има во општините Василево, Радовиш, Берово, Прилеп, Македонски Брод, Штип, Зелениково, Желино и Струмица, при што се зафатени нискостеблести шуми, дабови насади, грмушки и ниска вегетација.

Под контрола се пожари во Грешница (Македонски Брод), Шуто Оризари и Јунузлија (Карбинци), додека 16 пожари се целосно изгаснати во општините Ресен, Куманово, Гостивар, Кочани, Велес, Росоман и други.

Дирекцијата најави дека нови официјални информации за состојбата со пожарите ќе бидат објавени околу 14 часот.

Масовни руски напади врз Дњепар и Харкив

Маж поминува покрај трговски центар кој беше погоден од руски ракетен напад во градот Камјанск во украинскиот Днепарски регион на 26 јули 2025 година.
Маж поминува покрај трговски центар кој беше погоден од руски ракетен напад во градот Камјанск во украинскиот Днепарски регион на 26 јули 2025 година.

Руските сили започнаа ноќен напад врз украинските региони Дњепропетровск и Харкив, при што загинаа и беа повредени неколку лица и беше предизвикана голема штета.

Во регионот Дњепропетровск, градот Дњепар и околните области беа нападнати со ракети, беспилотни летала и наведувани бомби.

Според Серхиј Лисак, началник на регионалната воена администрација, еден маж е убиен, а една жена била ранета во „масовен“ напад во ноќта кон саботата, 26 јули, во градот Дњепар. Станбени згради, индустриски постројки и паркинзи претрпеле директни удари, што се предизвикни големи пожари.

Во областа Дњепар, пожари избувнаа во трговски центар, разни бизниси и области покриени со сува трева, што резултираше со уште еден смртен случај и четири повредени.

Руските сили, исто така, ја бомбардираа населбата Покровск со наведувани ракети, предизвикувајќи дополнителни пожари.

Украинската војска соопшти дека воздушната одбрана пресретнала седум ракети и 26 беспилотни летала за време на нападот.

Харкив, исто така, беше под продолжено бомбардирање речиси три часа, со повеќе од 20 напади, вклучувајќи четири наведувани бомби, две балистички ракети и 15 дронови камикази „Шахед“, според Ихор Терехов, градоначалникот на Харков.

Седум големи пожари избувнаа во регионот на Киев. Службите за итни случаи пријавија пет повредени, вклучувајќи тројца спасувачи ранети во вториот напад додека реагирале на последиците од првиот. Пожарникарите успеаја да спасат шест лица, меѓу кои и две деца, пред да бидат уништени три од нивните противпожарни возила.

Преку границата, вршителот на должноста гувернер на рускиот Ростовски регион, Јуриј Сљусар, рече дека две лица се убиени откако напад со беспилотно летало запалил автомобил.

Во меѓувреме, во раните утрински часови на 26 јули, рускиот град Ставропол беше погоден од дронови. Мештаните рекоа дека слушнале серија гласни експлозии. Очигледна цел била воената фабрика „Сигнал“, објект што произведува системи за електронско војување за авиони и копнени сили.

Нападите се случија еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека неговата земја обезбедила финансирање за три системи за ракетна одбрана „Патриот“ и дека преговара за уште седум, по новиот договор што им дозволува на европските сојузници да купуваат американско оружје за Киев.

Објавата дојде две недели откако американскиот претседател Доналд Трамп ѝ даде на Русија 50 дена да постигне договор за војната или да се соочи со високи тарифи и сигнализираше намера да ѝ обезбеди на Украина дополнително одбранбено оружје преку европските партнери.

Според Зеленски, Германија и Норвешка ветиле системи „Патриот“, а разговорите со Холандија се во тек. Покрај тоа, Киев и Вашингтон се согласиле на договор - проценет на помеѓу 10 и 30 милијарди долари - за украински извоз на беспилотни летала во Соединетите Држави.

Откако ја презеде функцијата пред шест месеци, Трамп се обиде да посредува за завршување на конфликтот, но рускиот претседател Владимир Путин ги отфрли американските повици за прекин на огнот.

Како одговор на застојот, Трамп одобри испораки на оружје за Украина што претходно беа паузирани.

Премиерката на Италија не е за признавање на Палестина пред нејзиното основање

Премиерката на Италија Џорџа Мелони во Брисел, 28 јуни 2024 година.
Премиерката на Италија Џорџа Мелони во Брисел, 28 јуни 2024 година.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека „признавањето на палестинска држава пред да биде воспоставена може да биде контрапродуктивно“.

„Јас сум многу за палестинска држава, но не сум за нејзино признавање пред да се воспостави“, изјави Мелони за италијанскиот весник „Ла Република“, пренесува Ројтерс.

„Ако нешто се признае што не постои на хартија, проблемот може да изгледа решен, а не е“, додаде Мелони.

Одлуката на Франција да признае палестинска држава на Генералното собрание на Обединетите нации во септември предизвика осуда од Израел и САД, во услови на војна во Газа меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.

Во петокот, италијанскиот министер за надворешни работи изјави дека признавањето на палестинска држава мора да оди рака под рака со признавањето на Израел на „нов палестински ентитет“.

Портпарол на германската влада изјави во петокот дека Берлин нема планови да признае палестинска држава на краток рок и рече дека негов приоритет сега е да се постигне „долгоочекуван напредок“ кон решение за две држави.

Продолжуваат борбите меѓу Тајланд и Камбоџа и покрај повиците за мир

Тајландските војници пукаат кон камбоџанската страна, во Сурин, Тајланд, 25.07.2025 година.
Тајландските војници пукаат кон камбоџанската страна, во Сурин, Тајланд, 25.07.2025 година.

Борбите на тајландско-камбоџанската граница продолжуваат трет ден по ред, а во денеска се појавија нови жаришта, објави Ројтерс.

Двете страни побараа дипломатска поддршка, велејќи дека дејствувале во самоодбрана и повикувајќи ја другата страна да престане со борбите и да започне преговори.

Најмалку 30 лица се убиени, а повеќе од 130.000 се раселени во најжестоките борби меѓу соседите од Југоисточна Азија во последните 13 години.

Тајландската морнарица соопшти дека утрото на 26 јули избувнале борби во крајбрежната покраина Трат, нов фронт на повеќе од 100 километри од другите боишта долж спорната граница.

Двете земји го обновија конфликтот откако еден камбоџански војник беше убиен во кратка престрелка кон крајот на мај. Армиите од двете страни на границата се зајакнати поради целосна дипломатска криза што ја доведе кревката коалициска влада на Тајланд на работ на колапс.

Бројот на жртви во Тајланд до денеска остана на 19, додека портпаролот на Министерството за одбрана на Камбоџа, Мали Сочеат, изјави дека пет војници и осум цивили се убиени во борбите.

Во округот Кантралак во тајландската покраина Сисакет, на границата во близина на дел од борбите, хотелскиот работник Чиануват Талалај рече дека градот се испразнил.

„Речиси сите си заминаа, градот е речиси пуст“, изјави 31-годишникот за Ројтерс.

„Мојот хотел е сè уште отворен за оние што престојуваат поблиску до граничната област на кои им е потребно сместување.“

Амбасадорот на Тајланд во Обединетите нации на состанокот на Советот за безбедност во петокот изјави дека војниците биле ранети од новопоставени мини на тајландска територија - тврдење што Камбоџа силно го негираше - и рече дека Камбоџа потоа започнала напади во четврток наутро.

„Тајланд ја повикува Камбоџа веднаш да ги запре сите непријателства и акти на агресија и да го продолжи дијалогот со добра волја“, рече Чердчај Чаивавид во обраќање до медиумите.

Скопје одбележува 62 години од катастрофалниот земјотрес

Слика објавена на 27 јули 1963 година од земјотресот во Скопско што се случи на 26 јули, Република Македонија, тогаш дел од Југославија.
Слика објавена на 27 јули 1963 година од земјотресот во Скопско што се случи на 26 јули, Република Македонија, тогаш дел од Југославија.

Скопје денеска ја одбележува 62. годишнина од катастрофалниот земјотрес што на 26 јули 1963 година го разурна градот, однесе 1.070 човечки животи и повреди околу 3.000 лица. Над 200.000 луѓе останаа без покрив, беа урнати речиси 16.000 станови, а оштетени уште 28.000.

Во знак на сеќавање, денеска во 10 часот делегации од Собранието и од Градот Скопје положија цвеќе на Споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта Бутел. Вечерва во 20 часот, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа“, поставка од траен карактер што ќе биде достапна за сите посетители.

Земјотресот се случи во 5 часот и 17 минути изутрина, со јачина од 6 степени според Рихтеровата и 9 степени според Меркалиевата скала. Епицентарот бил на плоштадот „Македонија“. Старата железничка станица, денешен Музеј на Град Скопје, сè уште го носи трагичниот белег — часовникот е сопрен точно на 5:17.

Трагедијата предизвика глобална солидарност. Обединетите нации, Меѓународниот Црвен крст, Интерпарламентарната унија и бројни влади и организации од целиот свет испратија хуманитарна и финансиска помош.

На 14 октомври 1963 година, Генералното собрание на ОН едногласно усвои резолуција за помош на Југославија за обнова на Скопје. Тој ден остана запишан во историјата на ОН како „ден на Скопје“.

Обновата на градот беше симбол на надеж и меѓународна соработка, а дел од визијата за новото Скопје произлезе од проектите на познатиот јапонски архитект Кензо Танге.

Историјата сведочи дека ова не е првпат Скопје да биде разурнато од земјотрес. Во 518 година, римскиот град Скупи бил целосно уништен, а во 1555 година уште еден силен потрес повторно го разрушил градот. Но, секогаш по катастрофите, Скопје повторно се издигнувал.


Осомничен за кражба од пациент на онкологија заврши во притвор

Илустрација
Илустрација

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 60-годишник осомничен за кривично дело – Тешка кражба .

Кражбата ја извршил на Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде искористил невнимание на еден пациент од велешко, ја протнал раката во неговиот џеб и одзел 300 евра и 28.000 денари.

Пациентот малку подоцна забележал дека му се украдени парите и пријавил во полиција, а сторителот бил идентификуван од снимките на видео камерите во болницата.

Имајќи предвид дека сторителот бил и претходно осудуван, како и дрскоста со која делото сега го извршил во медицинска установа во која во исто време поголем број пациенти во тешка состојба, меѓу кои и оштетениот, чекале да примат терапија од која им зависи животот, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка му предложи да определи мерка притвор за осомничениот.

Кривичниот суд ја прифатил мерката притвор која ја бараше обвинителството.

Иран вели дека ќе продолжи со разговорите со европските сили по „искрените“ разговори

Европска делегација го напушта иранскиот конзулат по нуклеарните разговори во Истанбул, Турција, на 25 јули
Европска делегација го напушта иранскиот конзулат по нуклеарните разговори во Истанбул, Турција, на 25 јули

Иран соопшти дека се согласил со европските дипломати да продолжат со дискусиите за нуклеарната програма на Техеран по „сериозните, искрени и детални“ разговори, први по бомбардирањето на иранските нуклеарни и воени објекти од страна на Израел и САД, за време на состанокот во Истанбул.

Заменик-министерот за надворешни работи, Казем Гарибабади, изјави дека разговорите на 25 јули, кои траеле околу четири часа, биле водени со неговите колеги од Велика Британија, Франција и Германија, како и од Европската Унија.

Тој напиша на X кратко по состанокот дека Иранците „сериозно“ ги критикувале Европејците за нивниот став во врска со 12-дневниот конфликт со Израел минатиот месец.

„Двете страни дојдоа на состанокот со конкретни идеи, чии различни аспекти беа разгледани. Беше договорено консултациите по ова прашање да продолжат“, напиша Гарибабади.

Тој додаде дека Европејците биле информирани за „нашите принципиелни позиции“, вклучително и за заканата на Е3 да иницира враќање на санкциите на ОН против Иран.

Земјите од Е3 предупредија дека доколку не се постигне нуклеарен договор со Иран до крајот на август, тие ќе ги вратат сите санкции на ОН против Иран со активирање на таканаречениот механизам за „враќање“ од нуклеарниот договор од 2015 година.

Според договорот - Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) - долгогодишните ограничувања на ОН за продажба на оружје, банкарство и нуклеарна технологија беа укинати пред десет години.

Европските влади сè уште имаат можност да го активираат механизмот за „поврат“ од договорот пред крајниот рок на 15 октомври - чекор што би ги вратил тие санкции и би им дал тесен, но значаен извор на влијание во тековните преговори.
Европските делегати на состанокот на 25 јули не дадоа веднаш коментари за разговорите.

Европски извор минатата недела за РСЕ/РЛ изјави дека Е3 понудиле да го продолжат рокот еднаш, и тоа само ако има значаен напредок во разговорите меѓу Техеран и Вашингтон.
Иран, исто така, ќе треба да го преиспита својот потег за суспендирање на соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) - одлука донесена по нападите на САД и Израел врз неговите нуклеарни постројки минатиот месец.

Иран и САД требаше да одржат нова рунда разговори на 15 јуни, но состанокот беше откажан поради војната. Двете страни сè уште не се согласиле да се сретнат, при што Техеран вели дека не може да му верува на Вашингтон, а Белата куќа се прашува дали има некаква корист од понатамошни разговори со оглед на штетата предизвикана на нуклеарните постројки на Иран.

Мрежата за заштита од дискриминација бара независно лице за Народен правобранител

Илустрација
Илустрација

Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието да избере стручно и независно лице, кое ќе работи во интерес на граѓаните и ќе обезбеди ефикасна заштита на нивните права, на функцијата Народен правобранител.

Собранието распиша оглас за избор на нов Народен правобранител, а огласот трае до 26 јули.

„Потребна е силна, независна и непристрасна институција Народен правобранител – не само за унапредување на правата на граѓаните, туку и за исполнување на клучните европски стандарди во владеењето на правото“, посочуваат од Мрежата, повикувајќи се на препораките од Агенцијата за темелни права на ЕУ и на Европската комисија.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на 17 јули соопшти дека на 12 јули 2025 година му престанала функцијата Народен правобранител на Насер Зибери, поради исполнување на условите за старосна пензија.

Претходно, народниот правобранител Зибери обвини дека Собранието го прекршило Законот за народен правобранител, бидејќи не распишало оглас за нов мандатар во предвидениот рок, односно најдоцна три месеци пред истекот на мандатот. Токму поради тоа, оваа институција сега останува без Омбудсман.

Сега од Мрежата за заштита од дискриминација потсетуваат дека транспарентноста на процесот и назначувањето врз основа на заслуги се клучни за легитимитетот и функционалноста на оваа институција. Потсетуваат дека изборот на партиски кадар ќе претставува директно нарушување на уставната определба за независност на Народниот правобранител.

„Апелираме до сите пратеници и парламентарни партии да се воздржат од партиски договори и притисоци и да спроведат транспарентен, инклузивен и фер процес. Ова не смее да биде уште една институција во која ќе се вработуваат партиски кадри“, порачуваат од Мрежата.

Тие уште еднаш ги повикаа политичките партии да поддржат непартиски кандидат и да покажат вистинска грижа за заштитата на граѓанските права.

Мандатот на Зибери започна во јануари 2021-ва и завршува по 4 и пол години, иако според законот треба да трае 8 години. На изборите 2020-тата, ДУИ го промовираше како кандидат за премиер -Албанец, а тогашната опозициска партија од албанскиот блок поради тоа го оспоруваше неговиот избор за Омбудсман.


Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG