Достапни линкови

Тивок протестен марш на роднините на загинатите во пожарот во Кочани


Во тишина, со фотографии од загинатите најмили во пожарот кој избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани, стотици граѓани излегоа на протестен марш по мотото „задоцнета реакција“. „Нашите ангели заслужуваат правда“, „Ова не е несреќа, ова е убиство“, „Стоп за селективна правда“, беа дел од пораките на транспарентите, кои ги носеа семејствата на загинатите млади луѓе.

Учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата во 12 часот и 5 минути, со што го искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.

Демонстрантите поминаа и покрај кафулето на сопственикот на дискитеката „Пулс“ а оттаму се упатија пред зградата на Општина Кочани каде се наоѓаат и просториите на Државниот пазарен инспекторат.


Со едноминутен молк пред Полициската станица граѓаните го искажаа незадоволството од ненавременото постапување за да се спречи катастрофата, а потоа пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство побараа информации за досегашната истражна постапка.

„Бараме отчет за сработеното“, беше единствената гласна порака што ја извикуваа пред Обвинителството, а истата беше испишана и на еден од транспарентите.

Протестот заврши во Паркот на Револуцијата, од каде што семејствата најавија дека ќе продолжат со протестите сè додека не се утврди одговорноста и не се казнат виновниците за трагичниот настан.

Проширена истрагата - опфатени и бивши министри

Во меѓувреме Обвинителството денеска соопшти дека е проширена истрагата со нови осомничени без да соопшти детали. Според неофицијалните информации приведени се нови 23 осомничени поранешни и актуелни функционери во линијата на институции надлежни за фукционирање на угостителски објекти.

Детали околу приведувањето на новите лица од институциите засега нема, но дел од медиумите повикувајќи се на извори од Министерството за внатрешни работи пишуваат дека на информативни разговори во полициски станици биле повикани и актуелниот министер без ресор кој од 2008-мата до 2017 година беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу. Според нивните информации повикан на информативен реазговор е наследникот на Салиу, Аднан Џаферовски и актуелниот директор Џеват Селами.

Според информациите од ТВ 21 во проширената истрага се опфатени поранешните министри за економија уште од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ Беким Незири, Дритон Кучи и Ваљон Сарачини, како и поранешниот директор на пазарен инспекторат Виктор Дерменџиев.

XS
SM
MD
LG