Ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласување со правната квалификација. Ова е реакцијата на Јавното обвинителство откако претходно Демократската Унија за интеграција изнесе наводи дека еден јавен обвинител што бил дел од предметот за истрагата за пожарот во Кочани се повлекол поради несогласувањата околу квалификација на делото, истовремено трпејќи политички притисоци од страна на партии во Владата.
Од обвинителството тврдат дека ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласување со правната квалификација.
„Обвинителскиот тим постапува целосно синхронизирано и непрекинато презема дејствија“, велат од Обвинителството.
Од ДУИ денеска побараа Обвинителството да одговори на три прашања поврзани со случувањата и истрагата за Кочани, од кои првото е дали е вистина дека обвинител се повлекол поради политички водена истрага. Потоа прашаа дали Обвинителството ќе дозволи да стане инструмент за политичка одмазда кон опозицијата, како и кои се критериумите според кои едни се пуштени, а други остануваат во притвор без доволно докази и со нејасна истрага.
Инаку, во истрагата за Кочани постапува само еден обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а другите се од Основното јавно обвинителство во Кочани, Штип и Скопје.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на 24 март соопшти дека тимот на обвинители кои постапуваат во истрагата за несреќата во Кочани е проширен на 11 јавни обвинители. Првично, на 16 март, веднаш по несреќата, јавниот обвинител формираше обвинителски тим во кој беа вклучени петмина обвинители од Кочани, Штип и Скопје. Ден подоцна, обвинителскиот тим беше проширен на девет обвинители и го сочинуваа двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани, двајца јавни обвинители од ОЈО Штип и пет јавни обвинители од ОЈО Скопје.
Вкупно 52 лица и три фирми се опфатени со проширената истрага на Обвинителството за системски пропусти кои доведоа до тешки последици од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Истрагата уште не е готова, а според најавите на државниот обвинител Љупчо Коцевски таа ќе трае уште најмалку два месеца.
Пожарот избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 61 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство.